Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали флертувањето е само забава?

Дали флертувањето е само забава?

 Што е флертување?

 Некои луѓе мислат дека флертувањето е начин да му покажеш на некој од спротивниот пол дека ти се допаѓа. Дали е погрешно да покажеш дека се интересираш за некого? Не секогаш. Една девојка по име Ен вели: „Ако сакаш да започнеш врска и некој ти се допаѓа, како на друг начин ќе дознаеш дали и тој го чувствува истото?“

 Сепак, во оваа статија ќе зборуваме за флертувањето со кое некој дава сигнали дека е заинтересиран за некого, но нема сериозни намери.

 „Едно е да му обрнуваш посебно внимание на некого со цел да започнеш врска, но сосема друго е да наведеш некого да развие чувства кон тебе а потоа да го откачиш бидејќи не си ни планирал нешто со него“ (Дијана).

 Зошто некои флертуваат?

 Некои флертуваат само за да си ја зголемат самодовербата. „Кога ќе сфатиш дека можеш да привлечеш нечие внимание, почнуваш да сакаш такво внимание и од други“, вели една девојка по име Хејли.

 Но, ако на некого намерно му оставаш лажен впечаток дека ти се допаѓа, покажуваш дека воопшто не ти е гајле за неговите чувства. А со тоа покажуваш и дека не си доволно зрел. Библијата вели: „Неразумниот ѝ се радува на глупавоста“ (Изреки 15:21).

 Хејли со право вели: „Флертувањето може да почне како обична забава, но на крајот да нанесе голема штета“.

 Кои се опасностите?

  •   Ако флертуваш, ќе бидеш на лош глас.

     „Личноста што флертува изгледа несигурно и незрело. Јасно ти е дека не е искрена, туку само сака да добие нешто од тебе“ (Џереми).

     Библијата вели: „Љубовта... не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5).

     Размисли: Кои зборови или постапки би можеле да ти „помогнат“ да си стекнеш име како личност што флертува?

  •   Ако флертуваш, ќе го повредиш другиот.

     „Ако сретнам некој што флертува, веднаш сакам да се тргнам што подалеку од него. Испаѓа дека сака да зборува со мене само затоа што сум женско. На тој што флертува не сум му важна јас, туку тоа го прави само за да се чувствува подобро“ (Жаклина).

     Библијата вели: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

     Размисли: Ти се случило ли некој да ти покаже дека му се допаѓаш, но по некое време да сфатиш дека тоа ни оддалеку не било точно? Како се чувствуваше? Како може тоа да ти помогне да не повредиш некого и ти?

  •   Ако флертуваш, ќе си ги намалиш шансите да започнеш сериозна врска.

     „Со некој што флертува не би сакала да бидам ни во врска, а камоли во брак. Како може вистински да запознаам или да му верувам на некој што цело време се прави нешто што не е?“ (Оливија).

     Псалмистот Давид во Библијата запишал: „Не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4).

     Размисли: Какви личности се оние на кои им се допаѓаат луѓе што флертуваат? Дали би сакал ти да им се допаднеш на такви личности?