Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како може да ми помогне Библијата? — втор дел: Уживај во читањето на Библијата

Како може да ми помогне Библијата? — втор дел: Уживај во читањето на Библијата

 „Може да ти се чини дека Библијата не е интересна“ вели еден тинејџер по име Вил, но додава „само ако не знаеш како да ја читаш“.

 Сакаш ли повеќе да уживаш во читањето на Библијата? Оваа статија ќе ти помогне во тоа.

 Оживеј ги настаните

 Внеси се во она што го читаш. Еве како би можел да го направиш тоа:

  1.   Избери библиски извештај што би сакал да го проучуваш. Тоа може да биде некој библиски настан, дел од евангелијата, или пак, некоја снимка со драмско читање на Библијата достапна на jw.org.

  2.   Прочитај го извештајот. Би можел да го читаш сам или читај го наглас со пријателите или со членовите на твоето семејство. На пример, поделете го текстот во улоги — еден нека биде раскажувач, а другите нека го читаат текстот што го кажуваат разните ликови.

  3.   Пробај некои од следниве предлози:

    •   Нацртај го настанот што го читаш. Или, пак, преку неколку слики хронолошки прикажи го редоследот на настаните. За секоја слика накратко опиши што се случува.

    •   Направи графички приказ. На пример, додека читаш за некој верен Божји слуга, поврзи ги неговите постапки и убави особини со благословите што ги добил.

    •   Библискиот извештај претвори го во новинарска репортажа. Раскажи го од повеќе агли, и вклучи „интервјуа“ со главните ликови и со очевидците.

    •   Ако некој од ликовите во извештајот донел погрешна одлука, обиди се да замислиш поинаков крај. Да го земеме за пример настанот кога Петар се одрекол од Исус (Марко 14:66-72). Како можел Петар поинаку да се справи со притисокот?

    •   Ако имаш желба да бидеш креативен, обиди се да напишеш текст за драма која ќе се темели на тој библиски извештај. Вклучи ги и поуките кои може да се извлечат (Римјаните 15:4).

      Можеш да ги оживееш библиските настани!

 Истражувај!

 Ако обрнеш внимание на деталите во некој извештај, можеби ќе пронајдеш некои скриени бисери. Понекогаш само еден или два збора во некој библиски извештај може да направат голема разлика.

 На пример, спореди го Матеј 28:7 со Марко 16:7.

  •    Зошто Марко запишал дека Исус наскоро ќе им се појави на учениците „и на Петар“?

  •  Мала помош: Марко не бил очевидец на овие настани; очигледно, оваа информација ја добил од Петар.

  •  Скриениот бисер: Зошто можеби било утешно за Петар да чуе дека Исус сакал повторно да го види? (Марко 14:66-72). На кој начин Исус покажал дека му е вистински пријател на Петар? Како можеш да го следиш примерот на Исус и да им бидеш вистински пријател на другите?

 Ако ги оживуваш настаните, обрнуваш внимание на деталите и истражуваш, повеќе ќе уживаш во читањето на Библијата!