Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали сум спремен да се отселам од дома?

Дали сум спремен да се отселам од дома?

 Помислата да се отселиш од дома може да ти биде привлечна, но истовремено може и да те плаши. Како ќе знаеш дали си спремен да водиш самостоен живот?

 Преиспитај се зошто сакаш да се отселиш

 Има многу причини зошто би можел да решиш да се отселиш од дома, а некои од нив не се баш најмудри. На пример, еден млад човек по име Марио си признава: „Сакав да се отселам за да побегнам од обврските што ги имав дома“.

 Всушност, ако решиш да се отселиш, ќе имаш помала слобода. Ања, која има 18 години, вели: „Ако си заминеш од дома, ќе мора сам да чистиш, сам да готвиш и сам да плаќаш сметки, а родителите нема да бидат во близина за да ти притрчаат на помош!“

 Заклучок: Добро размисли зошто сакаш да се отселиш од дома. Тоа ќе ти помогне да сфатиш дали си спремен на тој чекор.

 Пресметај го трошокот

 Исус рекол: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ (Лука 14:28). Како можеш да го „пресметаш трошокот“ ако сакаш да се отселиш од дома? Преиспитај се на следниве неколку полиња.

ДАЛИ ОДГОВОРНО РАКУВАМ СО ПАРИТЕ?

 Библијата вели: „Парите се заштита“ (Проповедник 7:12).

  •  Дали ми е тешко да штедам?

  •  Дали се расфрлам со пари?

  •  Дали често позајмувам пари од другите?

 Ако одговори потврдно на кое и да било од овие прашања, може да се случи твојот сон за самостоен живот да се претвори во ноќна мора!

 „Брат ми си замина од дома кога имаше 19 години. За една година ја потроши сета своја заштеда, остана без колата бидејќи не можеше да ги отплаќа ратите и ниту една банка не сакаше да му даде кредит. На крајот мораше да ги моли мама и тато пак да се врати дома“ (Даниела).

 Што можеш да направиш сега: Прашај ги родителите колку отприлика изнесуваат нивните месечни трошоци. Какви сметки мора да плаќаат и како успеваат да ги подмират? Како ги распоредуваат парите за да им стигнат до крајот на месецот? Како успеваат да тргнат нешто на страна?

 Заклучок: Ако научиш добро да ракуваш со парите додека сѐ уште живееш дома, тоа ќе ти помогне полесно да се соочиш со реалноста и со финансиските проблеми кога ќе се отселиш.

ДАЛИ СУМ ДИСЦИПЛИНИРАН?

 Библијата вели: „Секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5).

  •  Дали имам навика да одолговлекувам?

  •  Дали родителите мора да ме потсетуваат да ги завршам работите низ дома?

  •  Дали често се враќам дома подоцна од договореното време?

 Ако одговори потврдно на кое и да било од овие прашања, ќе ти биде уште потешко да постапуваш одговорно кога ќе се отселиш од дома.

 „Кога живееш сам, има работи за кои мора да најдеш време иако баш не сакаш да ги правиш. Бидејќи никој нема да те тера да ги завршиш, ќе мора сам да се организираш и да стекнеш одредена рутина“ (Џесика).

 Што можеш да направиш сега: Во текот на еден месец, постави си цел да завршиш што е можно повеќе работи низ дома. На пример, исчисти ја целата куќа, испери ја својата облека, оди да пазаруваш, секој ден зготви нешто и потоа измиј ги садовите. Така ќе стекнеш појасна претстава за она што те чека кога ќе се отселиш од дома.

 Заклучок: Ако сакаш да живееш самостојно, мора да бидеш одговорна личност.

Ако заминеш од дома без да си спремен за такво нешто, тоа е како да скокнеш од авион без да знаеш како се отвора падобранот

ДАЛИ СУМ ЕМОЦИОНАЛНО СТАБИЛЕН?

 Библијата вели: „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор“ (Колошаните 3:8).

  •  Дали ми е тешко да се сложувам со другите?

  •  Дали лесно избувнувам?

  •  Дали секогаш сакам да биде по мое?

 Ако одговори потврдно на кое и да било од овие прашања, веројатно ќе ти биде тешко да живееш со цимер — или, подоцна, со својот брачен другар.

 „Додека живеев со цимерки, моите маани излегоа на површина. Сфатив дека не можам да очекувам другите да имаат разбирање за моето променливо расположение кога сум под стрес. Морав да најдам подобар начин да се справам со стресот“ (Хелена).

 Што можеш да направиш сега: Научи како добро да се сложуваш со родителите и со браќата или сестрите. На крајот на краиштата, начинот на кој сега се справуваш со туѓите несовршености покажува како подоцна ќе се носиш со несовршеностите на оној со кого ќе живееш.

 Заклучок: Самостојниот живот не е бегство од одговорностите. За да се отселиш од дома, мора да се подготвиш за тој чекор. Зошто не разговараш со некои што веќе се отселиле од дома? Прашај ги што би направиле поинаку кога би можеле да го вратат времето назад или кои работи сметаат дека би им биле од помош ако ги знаеле порано. Всушност, би било добро да се посоветуваш со некого секогаш кога треба да донесеш некоја важна одлука.