Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Треба ли да си го проширам кругот на пријатели?

Треба ли да си го проширам кругот на пријатели?

„Најубаво ми е кога сум со моето друштво. Стварно ми е тешко да се дружам и со други“ (Ален).

„Имам тесен круг на пријатели, и баш ми е убаво. Не сум личност што лесно склопува нови пријателства“ (Сара).

Дали можеби и ти си како Ален и Сара? Дали имаш тесен, затворен круг на пријатели и не ти е лесно да стекнуваш нови?

Ако да, тогаш оваа статија е за тебе!

 Лошите страни на затворениот круг пријатели

Нема ништо лошо во тоа да имаш потесен круг на пријатели. Тоа може да ти даде чувство дека припаѓаш некаде и дека си прифатен онаков каков што си — со сите свои маани.

„Убаво е да знаеш дека другите те сакаат и дека си дел од друштво. Кога си млад, сакаш да бидеш прифатен“ (Карен, 19).

Дали си знаел? Меѓу многуте пријатели на Исус биле и 12-те апостоли. Но, тој бил најблизок со тројца од нив — Петар, Јаков и Јован (Марко 9:2; Лука 8:51).

Сепак, ако се дружиш само со одредена група, можеш да наидеш на некои проблеми. На пример:

  • Би можел да ја пропуштиш шансата да стекнеш нови, добри пријатели.

    „Ако се дружиш само со оние што се слични на тебе, ќе пропуштиш да искусиш нови работи и да запознаеш и други интересни луѓе“ (Еван, 21).

  • Би можел да изгледаш арогантно.

    „Кога имаш ’твое‘ друштво, другите може да помислат дека не ти треба никој друг“ (Сара, 17).

  • Би можел да бидеш соучесник во малтретирање.

    „Можеби ти лично не малтретираш никого, ама ако твоите пријатели го прават тоа, тогаш не само што ќе ти изгледа ОК туку може да ти биде и забавно“ (Џејмс, 17).

  • Би можел да си направиш проблеми — особено ако по секоја цена сакаш да припаѓаш на одредено друштво.

    „Доволно е само еден од друштвото да има луди идеи, и сите да почнат да прават нешто што не треба“ (Мартина, 17).

 Што можеш да направиш

  • Размисли кои се твоите вредности.

    Прашај се: „По кои вредности се трудам да живеам? Дали пријателите ми олеснуваат или ми отежнуваат да се држам до тие вредности? Дали би го задржал друштвото по секоја цена?“

    Библиско начело: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).

    „Кога некои од твоето друштво имаат поинакви вредности, лесно може да почнеш да правиш работи што инаку никогаш не би ги направил“ (Елена, 14).

  • Размисли што ти е најважно.

    Прашај се: „Дали сум толку приврзан за пријателите што сум спремен да си ги погазам мерилата само за да останам во нивното друштво? Како ќе постапам ако некој од другарите направи нешто лошо?“

    Библиско начело: „Ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам“ (Откровение 3:19).

    „Ако некој од твоето друштво направи некоја глупост а тебе ти е најважна лојалноста кон пријателите, би можел да се чувствуваш како предавник ако откриеш што направил“ (Мелани, 22).

  • Прошири го кругот на пријатели.

    Прашај се: „Зошто е добро да се спријателам и со други?“

    Библиско начело: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).

    „Децата што не им се интересни на другите можеби имаат проблеми дома. Ама ако се потрудиш да ги запознаеш, ќе видиш дека и тие се интересни на свој начин“ (Брајан, 19).

Заклучок: Нема ништо погрешно во тоа да имаш свое друштво. Но, тоа не значи дека не треба да се дружиш со никој друг. Всушност, тоа може многу да ти користи. Библијата вели: „Давајте, и ќе ви се даде“ (Лука 6:38).