Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како полесно да го поминам пубертетот?

Како полесно да го поминам пубертетот?

 „Пубертетот воопшто не е забавен за девојките. Тоа е тежок, болен и хаотичен период!“ (Оксана).

 „Еден момент бев среќен, а веќе следниот тажен. Не знам дали е така кај сите, ама со мене беше така“ (Брајан).

 Кога си во пубертет е како да се возиш на тобоган. Во исто време е и возбудливо и страшно. Како можеш да ги надминеш подемите и падовите?

 Што е тоа пубертет?

 Едноставно кажано, пубертетот е период од животот кој брзо те води до физичка и емоционална зрелост. Во оваа фаза од твојот живот, минуваш низ брзи физички и хормонални промени што го подготвуваат твоето тело за репродукција и раѓање.

 Се разбира, самото тоа не значи дека си спремен да бидеш родител. Но, пубертетот е знак дека твоето детство завршува, поради што можат да ти се јават чувства и на исчекување и на тага.

 Тест: Според тебе, на која возраст е нормално да почне пубертетот?

  • 8

  • 9

  • 10

  • 11

  • 12

  • 13

  • 14

  • 15

  • 16

 Одговор: На секоја од наведените возрасти е нормално да започне пубертетот.

 Тоа значи дека нема потреба премногу да се грижиш ако си во средните тинејџерски години а сѐ уште не си влегол во пубертет, или, пак, ако имаш помалку од десет години а веќе си во пубертет. Пубертетот си има свој биолошки часовник врз кој ти не можеш да влијаеш.

Кога си во пубертет е како да се возиш на тобоган. Може да биде и возбудливо и страшно. Но, можеш да научиш да се справиш со подемите и падовите

 Физички промени

 Најочигледната промена што веројатно ти се случува за време на пубертетот е наглиот раст. Проблемот е што секој дел од твоето тело не расте со еднаква брзина. Затоа, нека не ти биде чудно ако си малку трапав. Со текот на времето, работите ќе си дојдат на свое место.

 За време на пубертетот се случуваат и некои други физички промени.

 Кај момчињата:

  •   Раст на половите органи

  •   Раст на влакна под пазувите, на интимните делови и на лицето

  •   Промена на гласот

  •   Несакана ерекција и ноќни излевања

 Кај девојчињата:

  •   Раст на градите

  •   Раст на влакна под пазувите и на интимните делови

  •   Прва менструација

 Кај двата пола:

  •   Мирис од телото, предизвикан од пот измешана со бактерии.

     Предлог: За да спречиш телото да ти мириса, туширај се често и употребувај дезодоранс или антиперспирант.

  •   Акни, предизвикани од бактерии насобрани во лојните жлезди.

     Предлог: Иако појавата на акни не се спречува лесно, ќе ти помогне тоа што често ќе го миеш лицето и ќе употребуваш средства за чистење лице.

 Емоционални промени

 Хормонскиот бран што води до физички промени во пубертетот може да се одрази и врз твоите емоции. Како резултат на тоа можеби ќе доживуваш и нагли промени во расположението.

 „Еден ден плачеш, другиот ден си супер. Еден момент си лута, а веќе следниот си тажна и се затвораш во собата“ (Оксана).

 Многу од младите што се во пубертет исто така стануваат многу несигурни во себе и се чувствуваат како секој да гледа во нив и да ги проценува. А згора на сѐ, мора да го прифатат фактот дека нивниот изглед од ден на ден се менува!

 „Кога почнав да се развивам, намерно одев подгрбавено и носев широки маици. Иако знаев зошто ми се менува телото, се чувствував многу непријатно и засрамено. Како да ми се случуваше нешто неприродно“ (Џенис).

 Можеби најголемата емоционална промена што ќе ја доживееш е кога ќе почнеш да гледаш поинаку на спротивниот пол.

 „Веќе не мислев дека момчињата се досадни. Одеднаш дури некои ми станаа симпатични, и почна да ми се допаѓа мислата да бидам заљубена во некого. Всушност, ,кој на кого му се свиѓа‘ стана омилена тема на разговор“ (Алексис).

 Некои што се во пубертет чувствуваат привлечност кон млади од истиот пол. Ако е така и со тебе, немој веднаш да заклучиш дека си хомосексуалец. Во многу случаи, таквите чувства со текот на времето се губат.

 „Толку многу се споредував со другите момчиња што почнаа да ме привлекуваат. Дури при крајот на пубертетските години почнаа да ме привлекуваат девојки. Хомосексуалните чувства сега се само дел од моето минато“ (Ален).

 Што можеш да направиш

  •   Пробај да гледаш позитивно. Реално кажано, физичките и емоционалните промени што ги носи пубертетот ти се потребни. Зборовите на псалмистот Давид можат да ти ја зголеми самодовербата. Тој напишал: „Те фалам, полн со страхопочит, зашто сум чудесно создаден“ (Псалм 139:14).

  •   Немој да се споредуваш со други и труди се што помалку да се оптоваруваш со својот изглед. Библијата вели: „Човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7).

  •   Редовно вежбај и доволно одморај се. Ако спиеш доволно ќе бидеш помалку раздразлив, напнат или депресивен кога си буден.

  •   Не верувај на сите негативни работи што ќе ги помислиш за себе. Дали навистина секој те анализира тебе? Дури и ако некој коментира нешто околу промените што ги забележува кај тебе, премини преку тоа. Библијата вели: „Не земај го присрце секој збор што ќе го кажат луѓето“ (Проповедник 7:21).

  •   Научи да ги контролираш сексуалните нагони за да не водат до постапки. Библијата вели: „Бегајте од блуд!.. Кој прави блуд, греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18).

  •   Зборувај со еден од твоите родители или со друг возрасен во кого имаш доверба. Во почетокот ова можеби ќе ти изгледа чудно. Но, кога ќе видиш колку многу ќе ти помогнат, ќе сфатиш дека трудот се исплатил (Изреки 17:17).

 Заклучок: Пубертетот си има свои предизвици. Но, тој ти дава и една убава можност — да созрееш, и тоа не само физички туку и ментално, емоционално и духовно (1. Самоилова 2:26).