Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да направам кога ќе згрешам?

Што треба да направам кога ќе згрешам?

 Што би направил ти?

 Прочитај што ѝ се случило на Карина и размисли што би направил ти да си на нејзино место.

 Карина: „Еднаш, додека возев накај школо, ме сопре еден полицаец и ми пиша казна за брзо возење. Многу се изнервирав! Ѝ кажав на мама за тоа, а таа ми рече дека мора да му кажам и на тато. Ми се стемни пред очи“.

Што би направил ти?

  1.  А: Ќе се правам како ништо да не се случило, надевајќи се дека тато нема да дознае.

  2.  Б: Ќе му ја кажам вистината на тато.

 Можеби попрво би ја избрал опцијата под А. На крајот на краиштата, можеби мајка ти ќе си мисли дека си му кажал на татко ти за она што се случило и нема да му спомне ништо. Но, има добри причини зошто треба да си ги признаеш грешките, сеедно дали станува збор за некој сообраќаен прекршок или за нешто друго.

 Зошто е добро да си ги признаеш грешките?

  1.  1. Затоа што тоа е исправно и чесно. Христијаните треба да живеат во склад со следниве зборови од Библијата: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).

     „Многу се трудам да бидам искрена, да ги сносам последиците за моите постапки и да ги признаам грешките што ќе ги направам“ (Алексис).

  2.  2. Затоа што другите се поспремни да им простат на оние што ги признаваат своите грешки. Во Библијата пишува: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13).

     „Потребна е храброст за да се признае некоја грешка, но така се стекнува довербата на другите. На тој начин ќе покажеш дека си искрен. Кој си признава, пола му се простува“ (Ричард).

  3.  3. Затоа што тоа го радува Јехова. Ова е најважната причина зошто треба да си ги признаваме грешките. Во Библијата стои: „На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изреки 3:32).

     „Откако направив една сериозна грешка, сфатив дека, ако сакам Јехова да ме благослови, морам да ја признаам“ (Рејчел­).

 Што направила Карина? Наместо да му ја признае грешката на татко ѝ, се обидела да ја скрие казната што ја добила. Но, вистината излегла на виделина. Таа вели: „Една година подоцна, татко ми ги прегледуваше документите за осигурување и виде дека сум добила казна. Со тоа си направив уште поголема беља — дури и мајка ми беше лута што не сум ја послушала!“

 Поука: Карина вели: „Ако ги криеме грешките, уште повеќе ќе заглавиме. Кога-тогаш, ќе мора да поднесеме сметка за она што сме го направиле!“

 Учи од своите грешки

 Нема човек кој не прави грешки (Римјаните 3:23; 1. Јованово 1:8). Но, ако веднаш ги признаваме, ќе покажеме дека сме понизни и зрели личности.

 Сепак, не е доволно само да признаеме дека сме згрешиле. Треба и да учиме од своите грешки. За жал, некои млади ја пропуштаат оваа можност. Тие можеби се чувствуваат исто како Присила, која вели: „Порано многу ми паѓаше тешко кога ќе направев некоја грешка. Бидејќи имав лошо мислење за себе, секоја грешка ме фрлаше во длабок очај. Се чувствував бедно и мислев дека сум изгубен случај“.

 Ако и ти понекогаш се бориш со слични чувства, имај го на ум следново: Ако постојано размислуваш за грешките што си ги направил во минатото, тоа е исто како постојано да гледаш во ретровизорот додека возиш. Ако се концентрираш на минатото, ќе се чувствуваш безвредно и ќе немаш сила да се соочиш со предизвиците што ги носи иднината.

 Наместо тоа, обиди се да гледаш на своите грешки од еден поинаков агол.

 „Одвреме-навреме потсети се на своите грешки, учи од нив и труди се да не ги повториш. Но, немој цело време да си ги вртиш во глава за да не се обесхрабриш“ (Елиот).

 „Се обидувам од секоја грешка да научам како да бидам подобра личност и како да постапам во слична ситуација. Тоа ќе ми помогне да станам позрела“ (Вера).