МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како да не им попуштам на искушенијата?
Апостол Павле напишал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21). Дали и ти си се чувствувал така? Ако да, оваа статија ќе ти помогне да им се спротивставиш на искушенијата и да не им подлегнеш на погрешните желби.
Што треба да знаеш
Каде што има притисок од врсниците, обично има и искушенија. Всушност, Библијата вели дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Притисокот од другите или, пак, од телевизијата и интернетот, може во твоето срце да разгори желби кои ќе те стават на искушение да постапиш погрешно, па дури и да те натера да се поведеш „по мнозинството за да правиш зло“ (2. Мојсеева 23:2).
„Тоа што сакаш да бидеш прифатен од другите може да те наведе да правиш сѐ што прават тие, само за да им се допаднеш“ (Џереми).
Размисли: Зошто може да ти биде потешко да се спротивставиш на некое искушение ако ти е премногу важно што мислат другите за тебе? (Изреки 29:25).
Заклучок: Не дозволувај притисокот од врсниците да те наведе да ги спуштиш своите мерила.
Што можеш да направиш
Држи се цврсто за своите уверувања. Ако немаш цврсто изградени ставови, би можел да станеш како марионета во рацете на другите. Многу подобро е да го послушаш библискиот совет: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро“ (1. Солуњаните 5:21). Ако си сигурен дека она во што веруваш е за твое добро, тогаш ќе ти биде полесно да се држиш за своите уверувања и да му се спротивставиш на искушението да ги погазиш.
Размисли: Зошто сметаш дека Божјите морални мерила се за твое добро?
„Сфатив дека другите повеќе ме почитуваат кога цврсто се држам за моите уверувања и кога не попуштам на искушенијата“ (Кимберли).
Библиски пример: Даниел. Веројатно, додека уште бил многу млад, Даниел одлучил во своето срце да им биде послушен на Божјите закони (Даниел 1:8).
Ако немаш свој став, можеш да станеш нечија марионета
Биди свесен за своите слаби точки. Библијата зборува за „желбите на младоста“, кои се особено силни (2. Тимотеј 2:22). Овој израз не се однесува само на сексуалните нагони туку и на желбата да бидеш прифатен од другите и самостојно да донесуваш одлуки уште пред да бидеш спремен за тоа.
Размисли: Библијата вели дека „секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами“ (Јаков 1:14). Која желба тебе ти е најголемо искушение?
„Признај си искрено на кои искушенија би можел најлесно да паднеш. Најди статии што ќе ти помогнат да се бориш против нив, и запиши си некои мисли што ќе ти користат. На тој начин, кога следен пат ќе се најдеш пред искушение, ќе знаеш како да му се спротивставиш“ (Силвија).
Библиски пример: Давид. Понекогаш тој попуштал на притисокот од другите, па дури и на сопствените желби. Сепак, учел од своите грешки и се трудел да се подобри. Во молитва, Давид му рекол на Јехова: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Псалм 51:10).
Преземи ги работите во свои раце. Библијата вели: „Не дозволувај да те надвладее злото“ (Римјаните 12:21). Ова значи дека ти можеш да се избориш со искушението. Од тебе зависи како ќе постапиш.
Размисли: Како можеш да ги преземеш работите во свои раце и да постапиш исправно кога си на искушение да направиш нешто погрешно?
„Размислувам како ќе се чувствувам ако попуштам на некое искушение. Ќе ми биде ли убаво? Можеби, но само кратко. А ќе се чувствувам ли убаво на долги патеки? Не, ќе ми биде полошо. Тогаш, дали вреди да попуштам? Не!“ (Софија).
Библиски пример: Павле. Иако признал дека има лоши склоности, Павле не дозволил тие да управуваат со него. Тој напишал: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Коринќаните 9:27).
Заклучок: Ти одлучуваш како ќе постапиш кога ќе се најдеш на искушение.
Имај на ум дека искушенијата се привремени. „Многу од работите што ми претставуваа големо искушение во средно училиште, сега ништо не ми значат“, вели Мелиса (20). „Кога размислувам за ова, сфаќам дека и сегашните искушенија ќе поминат и дека, кога еден ден ќе помислам на нив, ќе бидам среќна што не сум им попуштила“.