Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали родителите мора да ми поставуваат правила?

Дали родителите мора да ми поставуваат правила?

Дали те нервираат правилата од родителите? Оваа статија и работниот лист ќе ти помогнат да разговараш со нив на оваа тема.

 Како да гледаш на правилата

Можеби мислиш: Ако еден ден живеам одделно од моите, нема да мора да живеам според правила.

Факт: Дури и да си заминеш од дома, пак ќе има правила што ќе мора да ги почитуваш. Секогаш ќе има некој пред кого ќе бидеш одговорен, на пример, пред твојот работодавач, пред сопственикот на станот во кој ќе живееш или, пак, пред власта. „Мислам дека младите што не ги почитуваат правилата дома, ги чека голем шок кога еден ден ќе се осамостојат“, вели Даниела, која има 19 години.

Библијата вели: „[Бидете им] подложни и покорни на властите“ (Тит 3:1). Ако научиш да бидеш послушен на правилата од родителите, тоа ќе те подготви за животот како возрасен.

Што можеш да направиш: Научи да ја гледаш добрата страна на правилата. „Правилата од моите родители ми помогнаа да научам да избирам добри пријатели и добро да си го планирам времето“, вели Џереми. „Освен тоа, бидејќи не смеев да претерувам со гледањето телевизија и со видеоигрите, ми остануваше повеќе време за корисни работи. Некои од нив сѐ уште ги правам со задоволство.“

 Како да добиеш поголема слобода

Но, што ако некое правило ти нема логика? На пример, една девојка по име Тамара вели: „Родителите еднаш ми дозволија да отидам во друга земја, а сега не ми дозволуваат да отидам со колата до еден град што е на само 20 минути од нас!“

Ако и ти си во слична ситуација, дали е во ред да разговараш со твоите родители за правилото што ти го поставиле? Се разбира! Но, важно е да одбереш кога и како да зборуваш.

Кога. „Може да преговараш околу правилата со родителите само откако си стекнал доволно голема доверба кај нив“, вели една тинејџерка по име Аманда.

И Дарја го мисли истото. Таа вели: „Мама смени едно правило дури откако виде дека секогаш го почитувам она што сме се договориле“. Не заборавај, довербата не се бара, таа се заслужува.

Да живееш во семејство во кое не се почитуваат правилата од родителите е исто како да сакаш да слеташ на аеродром на кој не се почитуваат правилата за воздушен сообраќај

Библијата вели: „Држи ја заповедта на татка си и не оставај ги упатствата на мајка си“ (Изреки 6:20). Ако го послушаш овој совет, и ти ќе им дадеш основа за доверба на твоите родители и ќе ти биде полесно да побараш нешто од нив.

Како. „Секогаш е подобро да покажеш почит и да бидеш смирен кога зборуваш со родителите, отколку да цимолиш или да викаш“, вели Стивен.

Со тоа се согласува и Дарја, која беше спомната погоре. „Кога се расправав со мајка ми, ништо не постигнував“, вели таа. „Напротив, понекогаш ќе го направеше правилото уште построго.“

Библијата вели: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11). Ако научиш да се контролираш, тоа многу ќе ти користи, не само дома туку и на училиште, на работа и на кое било друго место.

Што можеш да направиш: Мисли пред да зборуваш. Ако само еднаш се развикаш, можеш да ја уништиш довербата што долго време си ја градел. Библијата со право вели: „Кој е бавен на гнев, многу е разборит“ (Изреки 14:29).

Предлог: Употреби го работниот лист за подобро да размислиш околу правилата и, ако е потребно, разговарај за тоа со родителите.