Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 52

Помагај им на другите полесно да се справат со неволјите

Помагај им на другите полесно да се справат со неволјите

Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа (ИЗР. 3:27)

ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Како Јехова честопати одговара на молитвите на своите слуги?

 ДАЛИ си знаел дека Јехова може да те користи за да одговори на нечија сесрдна молитва? Ти можеш да помогнеш на ваков начин сеедно дали си старешина, слуга-помошник, пионер или објавител, и сеедно дали си помлад или постар, или пак брат или сестра. Кога некој што го сака Јехова ќе побара помош од него, нашиот Бог честопати ги користи старешините и други верни слуги за да го зајакне и утеши тоа лице (Кол. 4:11). Колку голема чест е да им служиме на Јехова и на нашите браќа на ваков начин! Тоа можеме да го правиме во случај на заразна болест, катастрофа или прогонство.

ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ КОГА ИМА ЗАРАЗНА БОЛЕСТ

2. Зошто може да биде предизвик да им помагаме на другите кога има заразна болест?

2 Ако се рашири некоја заразна болест, може да ни биде предизвик да им помагаме на другите. На пример, можеби сакаме да ги посетиме нашите пријатели, но тоа не е безбедно. Можеби сакаме да поканиме на ручек некои што немаат многу во материјален поглед, но тоа исто така не е можно. Можеби сакаме да помогнеме некому, но и тоа може да биде предизвик ако членовите на нашето семејство се болни или во финансиска криза. И покрај сето тоа, имаме желба да им помагаме на нашите соверници, и Јехова се радува кога гледа дека правиме сѐ што можеме (Изр. 3:27; 19:17). Што може да правиме?

3. Што може да научиме од старешините од собранието на Деси? (Еремија 23:4).

3 Што можат да прават старешините. Ако си старешина, добро запознај ги овчичките од стадото. (Прочитај Еремија 23:4.) Деси, која беше спомната во претходната статија, рекла: „Старешините од мојата група за проповедање уште од порано одеа со мене и со другите во служба, а и се дружеа со нас“. b Поради тоа, на овие пастири им било полесно да ѝ помогнат на Деси за време на пандемијата со КОВИД-19, кога таа изгубила неколку членови на семејството поради вирусот.

4. Зошто старешините можеле да ѝ помогнат на Деси, и која е поуката од тоа?

4 Деси вели: „Бидејќи старешините веќе ми беа пријатели, ми беше полесно да им кажам како се чувствувам и што ме загрижува“. Која е поуката за старешините? Покажувајте пастирска грижа кон оние што ви се доверени пред да настане некоја неволја. Бидете пријатели со нив. Ако не можете лично да ги посетите браќата и сестрите поради тоа што се раширила заразна болест, останете во контакт со нив на други начини. Деси вели: „Понекогаш, во ист ден ќе ми се јавеа или ќе ми испратеа порака неколку старешини. Иако стиховите што ги споделуваа со мене ми беа добро познати, сепак ме допираа до срце“.

5. Како можат старешините да дознаат што им е потребно на браќата и сестрите и да им помогнат?

5 Старешини, еден начин да дознаете што им е потребно на браќата и сестрите е така што ќе им поставувате тактични прашања (Изр. 20:5). Дали имаат доволно храна, лекови и други неопходни работи? Дали се во опасност да ја изгубат работата, па дури и да останат без покрив над главата? Доколку државата нуди некаква помош, дали им е потребно да им помогнеме да поднесат барање за тоа? Деси добила материјална помош од соверниците. Но, најмногу ѝ помогнало тоа што старешините покажале грижа кон неа и ја охрабрувале со помош на Библијата. Таа вели: „Старешините се молеа со мене. Иако не се сеќавам што точно кажаа, добро знам како се чувствував. Како Јехова да ми велеше: ’Не си сама‘“ (Иса. 41:10, 13).

Еден брат кој води точка на состанок се радува на охрабрувачките коментари од мнозинството присутни во салата, како и од еден болен брат чии околности налагаат да учествува преку видеоконференција (види во пасус 6)

6. Што можат да прават сите од собранието за да им помагаат на другите? (Види ја сликата.)

6 Што можат да прават другите. Ние со право очекуваме старешините да предводат во грижата за собранието. Но, Јехова сака сите ние да ги охрабруваме другите и да им помагаме (Гал. 6:10). Дури и кога ќе направиме нешто мало за некој што е болен, тоа може многу да го охрабри. На пример, едно дете би можело да му испрати картичка или цртеж на некој брат. Некој од помладите би можел да испазари или да заврши друга работа за некоја сестра. А некој би можел да зготви храна за некој што е болен и да му ја однесе. Се разбира, ако се раширила заразна болест, на сите во собранието им е потребно охрабрување. Без оглед на тоа дали сме на состанок со физичко присуство или преку видеоконференција, дали би можеле да останеме малку подолго по состанокот за да поразговараме со браќата и сестрите? И на старешините им е потребно охрабрување. Некои им напишале зборови на благодарност на старешините, кои обично се уште позафатени кога ќе се рашири заразна болест. Колку е убаво кога даваме сѐ од себе да го применуваме советот: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг“ (1. Сол. 5:11).

ПОМАГАЈ ИМ НА ДРУГИТЕ КОГА ЌЕ СЕ СЛУЧИ НЕКОЈА КАТАСТРОФА

7. Што може да се случи кога ќе настане некоја катастрофа?

7 Кога ќе се случи некоја катастрофа, нечиј живот може да се промени за миг. Луѓето може да ги изгубат своите лични работи, својот дом, па дури и некои од најблиските. За жал, вакви трагедии доживуваат и нашите браќа и сестри. Како може да им помогнеме?

8. Што можат да прават старешините и семејните поглавари пред да дојде до катастрофа?

8 Што можат да прават старешините. Старешини, помагајте им на другите да бидат подготвени уште пред да се случи некоја катастрофа. Осигурајте се дека сите од собранието знаат што треба да направат за да се заштитат и како да стапат во контакт со старешините. Маргарет, која беше спомната во претходната статија, вели: „Во точката Потреби на собранието, старешините нѐ предупредија дека во нашата област сѐ уште има опасност од појава на шумски пожари. Тие рекоа дека, ако властите издадат наредба да се евакуираме или ако ситуацијата стане опасна, мора веднаш да заминеме“. Тие упатства биле навремени бидејќи пет седмици подоцна избил страшен шумски пожар. Во текот на Семејната вечер, семејните поглавари можат да разгледаат што треба да прави секој член на семејството во случај на катастрофа. Ако вие и вашите деца сте подготвени, веројатно ќе ви биде полесно да реагирате смирено во една таква ситуација.

9. Како можат старешините да помогнат на организиран начин пред и по некоја катастрофа?

9 Ако си надгледник на група за проповедање, погрижи се да ги имаш точните телефонски броеви и адреси на сите од твојата група, и тоа пред да дојде до некоја катастрофа. Направи си список и редовно ажурирај го. Така, во случај на катастрофа, ќе можеш да стапиш во контакт со секој објавител за да видиш какви потреби има. Тие информации веднаш пренеси му ги на координаторот на старешинството, кој потоа ќе стапи во контакт со покраинскиот надгледник. Кога браќата вака соработуваат, можат да помогнат на најдобар начин. Во случајот на Маргарет, нејзиниот покраински надгледник останал буден 36 часа по пожарот за да ја организира работата на старешините. Тие се обидувале да стапат во контакт и да се погрижат за околу 450 браќа и сестри кои морале да ги напуштат своите домови (2. Кор. 11:27). Благодарение на тоа, биле згрижени сите оние на кои им било потребно засолниште.

10. Зошто на старешините им е важно да покажуваат пастирска грижа? (Јован 21:15).

10 Старешините имаат одговорност да ги охрабруваат браќата и сестрите на темел на Библијата и да им помагаат на оние кои минуваат низ тежок период (1. Пет. 5:2). Во случај на катастрофа, старешините најпрво треба да се осигураат дека сите браќа и сестри се на безбедно и дека имаат храна, облека и покрив над главата. Но, и со месеци подоцна, на оние што преживеале катастрофа ќе им биде потребна духовна и емоционална поддршка. (Прочитај Јован 21:15.) Харолд, кој служи како член на одбор на подружница и кој разговарал со многу браќа и сестри кои биле погодени од некоја катастрофа, вели: „Потребно е време за човек да закрепне. Можеби животот ќе им се врати во нормала, но спомените од некој што им починал, од некој предмет што многу им значел или од опасната ситуација која ја преживеале можат да останат долго време. Ваквите спомени можат одново и одново да будат чувства на силна тага. Нормално е човек да се чувствува така. Тоа не е знак за недостиг на вера“.

11. Какви потреби може да имаат семејствата дури и некој период по катастрофата?

11 Старешините го применуваат советот: „Плачете со оние што плачат“ (Рим. 12:15). Тие треба да ги уверат оние што преживеале некоја катастрофа дека Јехова и браќата и сестрите сѐ уште ги сакаат. Старешините ќе им помогнат на семејствата да си ја задржат духовната рутина — да продолжат да се молат, да проучуваат, да присуствуваат на состаноците и да учествуваат во службата. Исто така, тие можат да ги поттикнат родителите да им помогнат на своите деца да се концентрираат на оние работи кои ниту една катастрофа не може да ги уништи. Родители, потсетувајте ги вашите деца дека Јехова секогаш ќе им биде пријател и дека секогаш ќе им помага. Исто така, објаснете им дека секогаш ќе бидат дел од едно семејство кое го сочинуваат браќа и сестри од целиот свет кои се спремни да им помогнат (1. Пет. 2:17).

Ако се случила катастрофа во местото каде што живееш, дали можеш да се ставиш на располагање да помогнеш? (види во пасус 12) e

12. Како можат да помогнат другите од собранието во случај на катастрофа? (Види ја сликата.)

12 Што можат да прават другите. Ако се случи некоја катастрофа во твоја близина, прашај ги старешините како би можел да помогнеш. Можеби ќе можеш да им понудиш привремено сместување на оние кои морале да го напуштат својот дом или на доброволците за изградба. Или можеби ќе можеш да им однесеш храна и други потребни работи на браќата и сестрите на кои тоа им е потребно. Дури и ако се случила катастрофа на некоја подалечна локација, сепак можеш да помогнеш. Како? Така што ќе се молиш за оние кои биле погодени од катастрофата (2. Кор. 1:8-11). Можеби ќе можеш да ја поддржиш акцијата за помош така што ќе приложиш за меѓународното дело (2. Кор. 8:2-5). Ако си во можност да отпатуваш до погоденото подрачје, прашај ги старешините како можеш да се ставиш на располагање. Ако бидеш повикан, најверојатно ќе добиеш обука за да можеш да помогнеш на најдобар можен начин.

ПОМАГАЈ ИМ НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ ДА ИСТРААТ ПОД ПРОГОНСТВО

13. Со какви предизвици се соочуваат нашите соверници во земјите во кои нашето дело е под забрана?

13 Во земјите каде што нашето дело е под забрана, прогонството многу им го отежнува животот на нашите соверници. И таму браќата се соочуваат со економски проблеми, болести и смрт на најблиските. Но поради забраната, можеби старешините нема да можат да ги посетат оние на кои им е потребно охрабрување или слободно да разговараат со нив. Во таква ситуација се нашол Андреј, кој беше спомнат во претходната статија. Една сестра од неговата група за проповедање имала финансиски проблеми, а доживеала и сообраќајна несреќа. Требало да ѝ се направат неколку операции и не можела да работи. Делото било под забрана и имало пандемија, но Јехова будно внимавал што се случува и ги поттикнал браќата да ѝ помогнат.

14. Како можат старешините да дадат добар пример со тоа што ќе се потпираат на Јехова?

14 Што можат да прават старешините. Андреј се молел и го правел она што можел. На кој начин помогнал Јехова? Тој поттикнал различни браќа и сестри од собранието кои имале поголема слобода на движење да ѝ помогнат на сестрата. Некои ѝ понудиле превоз за да може да оди на лекар. Други ѝ помогнале финансиски. Јехова ги поттикнал браќата и сестрите да ѝ помогнат и преку нив се погрижил таа да го добие она што ѝ е потребно (Евр. 13:16). Старешини, кога делото е ограничено, замолете ги другите да помогнат (Ерем. 36:5, 6). И најважно од сѐ, потпирајте се на Јехова. Тој ќе ви помогне да се погрижите за потребите на браќата и сестрите.

15. Што ќе ни помогне да останеме обединети во време на прогонство?

15 Што можат да прават другите. Кога делото е под забрана, можеби ќе треба да се собираме во помали групи. Тогаш ќе биде особено важно да бидеме во мир со сите. Нашиот непријател е Сатана, а не соверниците. Преминувај преку нивните грешки, или брзо решавај ги несогласувањата (Изр. 19:11; Еф. 4:26). Спремно помагај им на другите (Тит 3:14). Тоа што другите ѝ помагале на сестрата кога тоа ѝ било потребно, имало позитивно влијание врз целата група за проповедање. Тие се зближиле и станале како семејство (Пс. 133:1).

16. Во склад со Колошаните 4:3, 18, како можеме да им помагаме на браќата и сестрите кои се прогонувани?

16 Десетици илјади браќа и сестри му служат на Јехова и покрај ограничувањата од властите. Некои од нив се затворени поради својата вера. Можеме да се молиме за нив, за нивните семејства и за оние што си ја ризикуваат својата слобода за да им пружат духовна, материјална и правна помош. c (Прочитај Колошаните 4:3, 18.) Никогаш не ја потценувај моќта на твоите молитви! (2. Сол. 3:1, 2; 1. Тим. 2:1, 2).

Како можеш да го подготвиш твоето семејство за прогонство уште сега? (види во пасус 17)

17. Како може уште сега да се подготвите за прогонство?

17 Ти и твоето семејство можете уште сега да се подготвите за прогонство (Дела 14:22). Не се обидувај да ги замислиш сите лоши работи кои би можеле да се случат. Наместо тоа, зајакнувај си го пријателството со Јехова и помагај им и на твоите деца да го прават тоа. Ако понекогаш се чувствуваш вознемирено, излевај му го срцето на Бог (Пс. 62:7, 8). Како семејство, зборувајте за тоа од кои причини можете да имате доверба во него. d Исто како во случај на катастрофа, тоа што самиот ќе бидеш подготвен и ќе имаш доверба во Јехова ќе им помогне и на децата да бидат храбри и да чувствуваат мир.

18. Каква иднина нѐ очекува?

18 Мирот Божји ни помага да се чувствуваме сигурно (Фил. 4:6, 7). На тој начин, Јехова го смирува нашето срце дури и кога се соочуваме со заразни болести, катастрофи и прогонство. Тој ни пружа пастирска грижа преку трудољубивите старешини. И на сите нас ни дава можност да си помагаме едни на други. Мирот во кој уживаме сега може да го користиме за да се подготвиме за поголемите испити кои ќе дојдат во иднина, па дури и за големата неволја (Мат. 24:21). Тогаш ќе биде потребно да си го зачуваме мирот и да им помагаме и на другите да го прават истото. Откако ќе помине тој настан, повеќе нема да се соочуваме со неволји поради кои би се чувствувале вознемирено. Конечно ќе уживаме во она што Јехова отсекогаш сакал да го имаме — вистински мир кој ќе трае засекогаш! (Иса. 26:3, 4).

ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!

a Јехова честопати ги користи своите верни слуги за да им помогне на оние кои минуваат низ тежок период. Тој може да те користи и тебе за да бидеш извор на охрабрување за твоите браќа и сестри. Да видиме што може да правиме ние кога на другите им е потребна помош.

b Некои имиња се сменети.

c Не постои можност подружниците или главното седиште да препраќаат писма од браќа и сестри наменети за соверниците кои се во затвор.

d Види ја статијата „Подготви се за прогонство уште сега“, која излезе во Стражарска кула од јули 2019.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар му носи храна на едно семејство во местото во кое е привремено сместено откако доживеало катастрофа.