Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50

„Ќе бидеш со мене во Рајот“

„Ќе бидеш со мене во Рајот“

Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот (ЛУКА 23:43)

ПЕСНА 145 Бог ни ветил живот во рај

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што му рекол Исус на еден од злосторниците кратко пред својата смрт? (Лука 23:39-43).

 ИСУС и двајцата злосторници кои биле приковани покрај него доживувале големо страдање додека животот во нив постепено гаснел (Лука 23:32, 33). И двајцата злосторници го исмевале Исус, што покажува дека не биле негови ученици (Мат. 27:44; Мар. 15:32). Но, едниот од нив си го променил ставот. Тој рекол: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство“. Исус му рекол: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“. (Прочитај Лука 23:39-43.) Ништо не покажува дека злосторникот ја имал прифатено пораката за „небесното царство“, која Исус ја проповедал во текот на својата служба. И, Исус никогаш не рекол дека овој човек ќе биде во „небесното царство“ (Мат. 4:17). Наместо тоа, Исус зборувал за рајот што во иднина ќе дојде на Земјата. Од каде го знаеме тоа?

Што може да заклучиме во врска со злосторникот кој зборувал со Исус и во врска со она што го знаел? (види во пасуси 2-3)

2. Што укажува на тоа дека злосторникот кој се покајал бил Евреин?

2 Злосторникот кој си го сменил ставот веројатно бил Евреин. Тој му рекол на другиот злосторник: „Зарем не се боиш од Бог? И ти ја трпиш истата казна“ (Лука 23:40). Евреите обожавале само еден Бог, но луѓето од другите народи верувале во многу богови (2. Мој. 20:2, 3; 1. Кор. 8:5, 6). Ако злосторниците не биле Евреи, тогаш прашањето веројатно би гласело: „Зарем не се боиш од боговите?“ Исто така, Исус не бил испратен кај луѓето од другите народи, туку кај „загубените овци на домот Израелов“ (Мат. 15:24). Во минатото, Бог им открил на Израелците дека ќе има воскресение на мртвите. Злосторникот кој се покајал можеби знаел за ова и, како што се гледа од неговите зборови, тој претпоставил дека Јехова ќе го воскресне Исус за да владее во Божјето Царство. Очигледно, тој се надевал дека Бог ќе го воскресне и него.

3. На што веројатно помислил злосторникот кога Исус го спомнал рајот? Објасни (1. Мојсеева 2:15).

3 Како Евреин, овој злосторник сигурно би знаел за Адам и Ева, како и за рајот во кој ги сместил Јехова. Според тоа, веројатно тој верувал дека рајот што го спомнал Исус ќе биде овде на Земјата и ќе биде сличен на прекрасната градина Еден. (Прочитај 1. Мојсеева 2:15.)

4. На што треба да нѐ поттикнат зборовите што Исус му ги кажал на едниот од злосторниците?

4 Зборовите што Исус му ги кажал на едниот од злосторниците треба да нѐ поттикнат да размислуваме каков ќе биде животот во рајот. Всушност, можеме да дознаеме нешто повеќе за рајот од мирот кој владеел додека Соломон бил цар. Библијата вели дека Исус е поголем од Соломон. Може да очекуваме дека тој и неговите совладетели ќе се погрижат Земјата да биде претворена во прекрасен рај (Мат. 12:42). Сосема јасно е дека „другите овци“ треба да бидат живо заинтересирани за тоа што треба да направат за да можат да живеат вечно во рајот (Јован 10:16).

КАКОВ ЌЕ БИДЕ ЖИВОТОТ ВО РАЈОТ?

5. Како си го замислуваш животот во рајот?

5 Какви сцени ти доаѓаат на ум кога размислуваш за животот во рајот? Можеби си замислуваш еден прекрасен парк како градината Еден (1. Мој. 2:7-9). Можеби ти доаѓа на ум пророштвото запишано во Михеј дека „секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква“ (Мих. 4:3, 4). А можеби помислуваш и на некои стихови од Библијата од кои дознаваме дека ќе има изобилство храна (Пс. 72:16; Иса. 65:21, 22). Според тоа, можеби си замислуваш како седиш во една прекрасна градина покрај маса преполна со вкусна храна. Воздухот е чист и исполнет со пријатниот мирис на разни билки и цвеќиња. Ја слушаш смеата на членовите на твоето семејство и пријателите, вклучувајќи ги и оние кои воскреснале, додека уживате во меѓусебното дружење. Ова не е само сон. Може да бидеме сигурни дека ваквите глетки ќе бидат реалност, и тоа по целата Земја. Освен тоа, во рајот ќе уживаме и во работа која ќе нѐ исполнува.

Во рајот ќе имаме важна задача да ги поучуваме воскреснатите (види во пасус 6)

6. Што ќе правиме во рајот? (Види ја сликата.)

6 Јехова нѐ создал со способност да уживаме во работата (Проп. 2:24). Особено во текот на илјадагодишното владеење на Христос ќе имаме полни раце работа. На оние што ќе ја преживеат големата неволја, како и на милионите што ќе воскреснат, ќе им бидат потребни храна, облека и место за живеење. Ќе треба многу работа за да се обезбеди сето тоа, но со задоволство ќе го правиме својот дел. Исто како што Адам и Ева имале задача да ја прошират градината Еден, така и ние ќе имаме задача да ја претвориме Земјата во рај. Исто така, замисли си колку ќе уживаме додека ги поучуваме милионите воскреснати кои нема да знаат многу за Јехова и за неговата намера. Освен тоа, ќе им помагаме на верните Божји слуги кои живееле долго пред Исус да дознаат што сѐ се случило по нивната смрт.

7. Во што можеме да бидеме уверени, и зошто?

7 Можеме да бидеме уверени дека во рајот ќе живееме во мир, ќе имаме сѐ што ни е потребно и ќе бидеме добро организирани. Зошто? Бидејќи Јехова веќе ни помогнал да си претставиме каков ќе биде животот под власта на неговиот Син. Тоа го гледаме од извештајот за владеењето на цар Соломон.

ВЛАДЕЕЊЕТО НА СОЛОМОН НИ ПОМАГА ДА СИ ГО ПРЕТСТАВИМЕ РАЈОТ

8. Како зборовите од Псалм 37:10, 11, 29 се исполниле во минатото? (Види ја статијата „Прашања од читателите“, која се наоѓа во овој број.)

8 Цар Давид бил вдахновен да напише каков ќе биде животот во иднина кога ќе владее еден мудар и верен цар. (Прочитај Псалм 37:10, 11, 29.) Кога разговараме со другите за рајот што ќе дојде, честопати го читаме стихот од Псалм 37:11. Имаме добра причина да го користиме тој стих, бидејќи Исус го цитирал во својата Проповед на гората, укажувајќи дека ќе се исполни во иднина (Мат. 5:5). Меѓутоа, зборовите на Давид исто така откриле каков ќе биде животот во времето на цар Соломон. Кога Соломон владеел со Израел, Божјите слуги уживале во изобилен мир и благосостојба во земја во која течело „мед и млеко“. Бог ветил: „Ако живеете според моите одредби... ќе ѝ дадам мир на земјата, така што ќе почивате и никој нема да ве плаши“ (3. Мој. 20:24; 26:3, 6). Ова ветување се исполнило за време на владеењето на Соломон (1. Лет. 22:9; 29:26-28). Освен тоа, Јехова ветил дека „злиот ќе го снема“ (Пс. 37:10). Значи, зборовите од Псалм 37:10, 11, 29 се исполниле во минатото, но ќе имаат и идно исполнување.

9. Што рекла царицата од Сава за владеењето на цар Соломон?

9 Царицата од Сава слушнала за мирот и за материјалното изобилство во кои уживале Израелците под власта на Соломон. Таа допатувала во Ерусалим од далечна земја за да го види сето тоа со свои очи (1. Цар. 10:1). Откако го разгледала царството на Соломон, таа рекла: „Ни половина не ми беше кажано... Среќни се твоите луѓе, среќни се овие твои слуги што стојат секогаш пред тебе и ја слушаат твојата мудрост!“ (1. Цар. 10:6-8). Но, условите за живеење под власта на Соломон се само пример за тоа што ќе направи Јехова за човештвото под власта на неговиот Син, Исус.

10. Во кои работи Исус е подобар од Соломон?

10 Исус е подобар од Соломон во секој аспект. Соломон бил несовршен човек кој направил сериозни грешки поради кои Божјиот народ трпел последици. Но, Исус е совршен Владетел кој не прави грешки (Лука 1:32; Евр. 4:14, 15). Тој му останал верен на Бог и покрај тешките испити од Сатана. Христос докажал дека нема никогаш да згреши и дека нема да направи ништо со кое би им наштетил на своите верни поданици. Тој е најдобриот Цар што би можеле да го имаме.

11. Каква помош ќе има Исус?

11 Заедно со своите 144.000 совладетели, Исус ќе се грижи за човештвото и ќе ја исполни Јеховината намера со Земјата (Отк. 14:1-3). Помазаниците поминале низ многу испити и страдања додека живееле на Земјата, и затоа ќе бидат полни со разбирање и сочувство кон луѓето. Каква улога ќе имаат овие совладетели?

КАКВА УЛОГА ЌЕ ИМААТ ПОМАЗАНИЦИТЕ?

12. Каква задача ќе им даде Јехова на 144-те илјади?

12 Исус и неговите совладетели ќе имаат многу повеќе работа отколку што имал Соломон. Овој израелски цар требало да се грижи за неколку милиони луѓе во само една земја. Но, оние кои ќе владеат со Божјето Царство ќе се грижат за милијардите луѓе кои ќе живеат по целата Земја. Јехова навистина им дал огромна чест на 144-те илјади!

13. Меѓу другото, каква посебна задача ќе извршуваат Исусовите совладетели?

13 Исто како Исус, и 144-те илјади ќе служат како цареви и свештеници (Отк. 5:10). Кога Израелците биле под Мојсеевиот закон, свештениците им помагале на луѓето да имаат добро физичко здравје, додека истовремено се грижеле и за нивното духовно здравје. Со оглед на тоа што Законот бил „само сенка на идните благослови“, разумно е да заклучиме дека Исусовите совладетели ќе му помагаат на Божјиот народ да има добро физичко, но и духовно здравје (Евр. 10:1). Останува да видиме како овие цареви и свештеници ќе комуницираат со луѓето на Земјата кои ќе бидат поданици на Царството. Без разлика како Јехова ќе го организира ова, може да бидеме уверени дека оние што ќе живеат во рајот на Земјата ќе го добијат потребното водство (Отк. 21:3, 4).

ШТО ТРЕБА ДА ПРАВАТ „ДРУГИТЕ ОВЦИ“ ЗА ДА МОЖАТ ДА ЖИВЕАТ ВО РАЈОТ?

14. На кој начин „другите овци“ и Христовите браќа се обединети?

14 Исус ги нарекол „мало стадо“ оние што ќе владеат заедно со него (Лука 12:32). Исто така, тој спомнал уште една група која ја нарекол „други овци“. Овие две групи сочинуваат едно стадо (Јован 10:16). Тие веќе соработуваат заедно, а ќе продолжат да соработуваат и кога ќе биде воспоставен рајот на Земјата. Тогаш, оние што го сочинуваат „малото стадо“ ќе бидат на небото, а „другите овци“ ќе имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата. Но, има одредени услови што „другите овци“ треба да ги исполнат за да можат да живеат во рајот.

Уште сега може да покажеме дека се подготвуваме за животот во рајот (види во пасус 15) b

15. а) Како другите овци соработуваат со Христовите браќа? б) Како можеш да го следиш примерот на братот кој пазарува? (Види ја сликата.)

15 Злосторникот кој се покајал умрел пред да има можност да покаже ценење за она што Христос го направил за него. За разлика од него, ние, кои сме од „другите овци“, имаме многу прилики да покажеме ценење за Исус. На пример, нашата љубов кон него се гледа од начинот на кој постапуваме со неговите помазани браќа. Исус рекол дека токму на темел на тоа ќе пресуди кои се овци (Мат. 25:31-40). Ние ги поддржуваме Христовите браќа кога ревносно им помагаме во делото на проповедање и поучување (Мат. 28:18-20). Затоа, сакаме добро да ги користиме публикациите за проучување на Библијата, како што е книгата Радувај му се на животот засекогаш. Ако во моментот не водиш библиски курс со некого, зошто не си поставиш за цел да им понудиш на колку што е можно повеќе луѓе да ја проучуваат Библијата?

16. Како можеме уште сега да се подготвиме за животот во новиот свет?

16 Не треба да чекаме да дојде рајот за да станеме личности какви што Јехова сака да живеат таму. Уште сега може да се трудиме да бидеме чесни во говорот и во постапките и да водиме урамнотежен начин на живот. Исто така, треба да покажуваме лојалност кон Јехова, кон нашиот брачен другар и кон соверниците. Ако сме му послушни на Јехова сега, додека живееме во овој злобен свет, ќе ни биде уште полесно да го правиме тоа кога ќе живееме во рајот. Освен тоа, може да развиваме различни вештини и особини, и така да покажеме дека се подготвуваме за животот во новиот свет. Види ја статијата „Дали си спремен да ја наследиш Земјата?“, која се наоѓа во овој број.

17. Дали треба да се чувствуваме скршено поради гревовите што сме ги направиле во минатото? Објасни.

17 Исто така, треба да се трудиме да ги отфрлиме чувствата на вина кои можеби ги имаме ако сме направиле сериозни гревови во минатото. Се разбира, никогаш не би сакале да ја користиме откупнината како изговор за намерно да грешиме (Евр. 10:26-31). Но, ако вистински сме се покајале за она што сме го направиле, ако сме побарале помош од Јехова и од старешините и ако сме го промениле нашето однесување, може да бидеме сигурни дека Јехова великодушно ни простил (Иса. 55:7; Дела 3:19). Да не заборавиме што им рекол Исус на фарисеите: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците“ (Мат. 9:13). Откупнината има многу голема моќ и може да ги покрие сите наши гревови.

ТИ МОЖЕШ ДА ЖИВЕШ ВЕЧНО ВО РАЈОТ

18. За што би сакал да зборуваш со злосторникот кој бил прикован покрај Исус?

18 Можеш ли да се замислиш себеси во рајот како разговараш со злосторникот кој бил прикован покрај Исус? Без сомнение, и двајцата ќе покажете колку сте благодарни за жртвата на Исус. Можеби ќе го замолиш да ти раскаже нешто повеќе за тоа што се случувало во текот на последните неколку часа од животот на Исус на Земјата и за тоа како се почувствувал кога Исус му рекол дека ќе биде во рајот. Од друга страна, можеби тој ќе те праша каков бил животот за време на последните денови од светот на Сатана. Колку голема чест ќе биде да ја проучуваме Божјата Реч со луѓе како тој човек! (Еф. 4:22-24).

Во текот на илјадагодишното владеење, еден брат ужива додека развива една вештина која отсекогаш посакувал да ја има (види во пасус 19)

19. Зошто животот во рајот нема да биде досаден? (Види ја сликата на насловната страница.)

19 Животот во рајот никогаш нема да биде досаден. Секогаш ќе има интересни луѓе кои ќе можеме да ги запознаеме и постојано ќе имаме работа која ќе нѐ исполнува. А најубаво од сѐ е тоа што ќе можеме сѐ подобро да го запознаваме нашиот небесен Татко и да уживаме во сето она што ни го обезбедил. Секогаш ќе има нешто ново што ќе можеме да го научиме за него, а ќе има и толку многу работи што ќе ги учиме за неговото творештво. Како што ќе изминува времето, ќе чувствуваме сѐ посилна љубов кон Бог. Колку сме им благодарни на Јехова и на Исус за ветувањето за вечен живот во рајот!

ПЕСНА 22 Царството е родено — нека дојде!

a Дали често си размислуваш за тоа каков ќе биде животот во рајот? Убаво е да го правиме тоа. Колку повеќе размислуваме за она што Јехова ќе го направи за нас, толку повоодушевени ќе бидеме кога ги поучуваме другите за новиот свет. Оваа статија ќе ни помогне да бидеме уште поуверени дека навистина ќе има рај, како што ветил Исус.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат кој има надеж дека во иднина ќе ги поучува воскреснатите, уште денес учествува во делото на поучување.