Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се препознаат вистинските обожаватели во времето на крајот

Да се препознаат вистинските обожаватели во времето на крајот

Седумнаесетто поглавје

Да се препознаат вистинските обожаватели во времето на крајот

1. Според Даниел, 7. поглавје, кои несекојдневни искуства требало да ја снајдат една мала, беспомошна група луѓе во наше време?

 ЕДНА мала, беспомошна група луѓе злобно е нападната од една моќна светска сила. Тие преживуваат неповредени, па дури доживуваат и обновување — не заради својата сила туку затоа што Јехова Бог ги цени. Даниел, 7. поглавје, ги прорекол овие настани кои се случиле на почетокот на 20 век. Но, кои се овие луѓе? Истото поглавје од Даниел се осврнува на нив како на „светиите на Севишниот“, Јехова Бог. Тоа открива и дека тие поединци на крајот ќе бидат совладетели во Месијанското царство! (Даниел 7:13, 14, 18, 21, 22, 25—27).

2. а) Што чувствува Јехова за своите помазани слуги? б) Што би било мудро да се прави во овие времиња?

2 Како што научивме од Даниел, 11. поглавје, на северниот цар ќе му дојде конечниот крај откако ќе ја загрози безбедната духовна земја на овие верни луѓе (Даниел 11:45; спореди Језекиил 38:18—23). Да, Јехова е многу заштитнички настроен кон своите верни помазаници. Псалм 104:14, 15 ни вели: „[Јехова] и царевите за нив ги караше: ‚Не допирајте се до моите помазани, на Моите пророци не правете им зло!‘“ Тогаш, зарем нема да се согласиш дека во овие бурни времиња би било мудро за растечкото ‚големо мноштво‘ колку што е можно поблиску да се дружи со овие свети? (Откровение 7:9; Захарија 8:23). Исус Христос препорачал луѓето слични на овци да го сторат токму тоа — да се дружат со неговите помазани духовни браќа така што ќе ги поддржуваат во нивното дело (Матеј 25:31—46; Галатјаните 3:29).

3. а) Зошто не е лесно да се пронајдат Исусовите помазани следбеници и да се остане во блиска врска со нив? б) Како ќе ни помогне во тој поглед Даниел 12. поглавје?

3 Меѓутоа, Божјиот непријател, Сатана, води тотална војна против помазаните. Тој унапредил лажна религија, делотворно исполнувајќи го светот со лажни христијани. Како резултат на тоа, многу луѓе се заведени. Други едноставно губат секаква надеж дека некогаш ќе ги најдат оние кои ја претставуваат вистинската религија (Матеј 7:15, 21—23; Откровение 12:9, 17). Дури и оние кои го нашле ‚малото стадо‘ и се дружат со него мораат да се борат за да ја одржат верата, бидејќи овој свет постојано сака да им ја поткопа (Лука 12:32). А како е со тебе? Дали си ги нашол „светиите на Севишниот“ и дали се дружиш со нив? Дали си свесен за цврстиот доказ дека тие што си ги нашол се навистина оние кои Бог ги избрал? Таквиот доказ може да ти ја зацврсти верата. Исто така може да те опреми да им помогнеш на другите да проѕрат во религиозната збрка на денешниов свет. Даниел, поглавје 12, содржи цело богатство од ова животоспасувачко спознание.

ГОЛЕМИОТ КНЕЗ СТАПУВА ВО АКЦИЈА

4. а) Кои две различни работи во врска со Михаел се претскажани во Даниел 12:1? б) На што често се мисли кога во книгата Даниел се вели дека царот „стои“?

4 Даниел 12:1 гласи: „Во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани [стои во корист на, NW] синовите на твојот народ“. Овој стих ги претскажува следниве две различни работи во врска со Михаел: првата, дека тој „стои“, што укажува на состојба на работите која се протега низ еден временски период; и другата, дека тој „ќе се крене“, што укажува на еден настан во текот на тој временски период. Како прво, сакаме да знаеме кој е периодот кога Михаел „стои во корист на синовите на [Даниеловиот] народ“. Да се потсетиме дека Михаел е име што му е дадено на Исус во неговата улога на небесен Владетел. Освртот на ова ‚стоење‘ нѐ потсетува на начинот на кој се употребува овој термин на други места во книгата Даниел. Тоа често се однесува на дејствувањето на еден цар, како кога тој ја презема својата царска моќ (Даниел 11:2—4, 7, 20, 21).

5, 6. а) Во текот на кој временски период стои Михаел? б) Кога и како „ќе се крене“ Михаел и со каков резултат?

5 Очигледно е дека ангелот тука укажува на временски период кој е конкретно спомнат на друго место во библиското пророштво. Исус го нарекол тоа своја „присутност“ (на грчки: парусија), кога ќе владее како цар на небото (Матеј 24:37—39). Овој временски период исто така е наречен „последните денови“ или „времето на крајот“ (2. Тимотеј 3:1; Даниел 12:4, 9NW). Уште откако почнал тој период во 1914, Михаел стои како Цар на небото. (Спореди Исаија 11:10; Откровение 12:7—9.)

6 Меѓутоа, кога „ќе се крене“ Михаел? Тогаш кога ќе се подигне за да преземе посебна акција. Исус ќе го стори тоа во иднина. Откровение 19:11—16 пророчки го опишува Исус како моќен месијански цар кој јава на чело на ангелска армија и ги уништува непријателите на Бог. Даниел 12:1 продолжува: „И ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сѐ до денес“. Како Јеховин Главен Погубител, во текот на претскажаната „голема неволја“, Христос ќе му стави крај на целиот злобен систем на ствари (Матеј 24:21NW; Јеремија 25:33; 2. Солунјаните 1:6—8; Откровение 7:14; 16:14, 16).

7. а) Каква надеж имаат сите верни поединци во претстојното „време тешко“? б) Што е Јеховината книга, и зошто е животоважно човек да се најде запишан во неа?

7 Што ќе се случи со луѓето кои практикуваат вера во текот на овој мрачен период? На Даниел понатаму му било кажано: „Ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во книгата“. (Спореди Лука 21:34—36.) Каква е оваа книга? Во суштина, таа го претставува сеќавањето на Јехова Бог за оние кои ја вршат неговата волја (Малахија 3:16; Евреите 6:10). Оние кои се запишани во оваа книга на животот се најбезбедните луѓе во светот, затоа што уживаат божествена заштита. Сеедно каква штета може да им биде нанесена, таа ќе може и ќе биде поништена. Дури и ако ги снајде смрт пред да дојде ова „време тешко“, тие остануваат на безбедно во Јеховиното неограничено сеќавање. Тој ќе се сети на нив и ќе ги воскресне во текот на Илјадагодишното владеење на Исус Христос (Дела 24:15; Откровение 20:4—6).

СВЕТИТЕ СЕ ,РАЗБУДЕНИ‘

8. Кој прекрасен изглед ни го нуди Даниел 12:2?

8 Навистина е утешна надежта за воскресение. Во Даниел 12:2 во врска со неа се вели: „Многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат — едни за живот вечен, а други за укор и срам“. (Спореди Исаија 26:19.) Овие зборови можат да нѐ потсетат на трогателното ветување на Исус Христос за општо воскресение (Јован 5:28, 29). Каква само возбудлива надеж! Замисли си само како на саканите пријатели и роднини — кои сега се мртви — во иднина им е дадена шанса да живеат повторно! Но ова ветување во книгата Даниел се однесува главно на еден друг вид воскресение — она што веќе се одиграло. Како е можно тоа?

9. а) Зошто е разумно да се очекува дека Даниел 12:2 ќе се исполни во текот на последните денови? б) На каков вид воскресение се однесува пророштвото, и од каде го знаеме тоа?

9 Земи го предвид контекстот. Првиот стих на 12. поглавје, како што видовме, се однесува не само на крајот на овој систем на ствари туку и на целиот период на последните денови. Всушност, повеќето поглавја наоѓаат исполнување, не во идниот рај на Земјата, туку во времето на крајот. Дали имало воскресение во текот на овој период? Апостол Павле напишал дека воскресението на „сите што се Христови“ ќе се одигра „за време на неговата присутност“ (NW). Меѓутоа, оние кои се воскреснати за живот на небото се подигнати „нераспадливи“ (1. Коринтјаните 15:23, 52). Никој од нив не е подигнат „за укор и срам“ проречени во Даниел 12:2. Постои ли и друг вид воскресение? Во Библијата, за воскресение понекогаш се зборува и во духовна смисла. На пример, и Језекиил и Откровение содржат пророчки делови кои се однесуваат на духовното оживување, односно воскресение (Језекиил 37:1—14; Откровение 11:3, 7, 11).

10. а) Во која смисла се воскреснати членовите на помазаниот остаток во времето на крајот? б) Како некои помазаници кои оживеале сепак се разбудиле „за укор и срам“?

10 Имало ли такво духовно оживување на Божјите помазани слуги во времето на крајот? Да! Историски факт е тоа дека во 1918 еден мал остаток од верни христијани беше изложен на несекојдневен напад кој ја наруши нивната организирана јавна служба. Тогаш, иако изгледаше невозможно, во 1919 тие се вратија во живот во духовна смисла. Овие факти се вклопуваат во описот на воскресението претскажано во Даниел 12:2. Некои ‚се разбудија‘ духовно во тоа време, а и подоцна. Сепак, за жал, сите не останаа во духовно жива состојба. Оние кои, откако беа разбудени, избраа да го отфрлат месијанскиот Цар и ја напуштија Божјата служба ги заслужија ‚укорот и срамот‘ опишани во Даниел 12:2 (Евреите 6:4—6). Меѓутоа, верните помазаници добро ја искористија својата духовно оживеана состојба и лојално го поддржуваа месијанскиот Цар. На крајот, нивната верност ги води, како што вели пророштвото, во „живот вечен“. Денес, нивната духовна виталност наспроти противењата ни помага да ги препознаеме.

,СЈААТ КАКО ЅВЕЗДИТЕ‘

11. Кои се тие „што имаат увид“ денес, и во која смисла сјаат како ѕвезди?

11 Следните два стиха од Даниел, 12. поглавје, уште повеќе ни помагаат да ги препознаеме „светиите на Севишниот“. Во 3 стих, ангелот му вели на Даниел: „Разумните [оние кои имаат увид, NW] ќе сјаат како светилата на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда — како ѕвездите, во веки, засекогаш“. Кои се тие „кои имаат увид“ денес? Повторно, доказот укажува на истите ‚светии на Севишниот‘. Впрочем, кој освен верниот помазан остаток го имал увидот да проникне дека Михаел, Големиот Кнез, застанал да стои како Цар во 1914? Со проповедање на вистини како оваа — како и со задржување на христијанско однесување — тие ‚светеле како светила‘ во овој духовно помрачен свет (Филипјаните 2:15; Јован 8:12). Во врска со нив, Исус пророкувал: „Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец“ (Матеј 13:43).

12. а) Како помазаниците се вклучени ‚во враќањето на мнозина кон правда‘ во времето на крајот? б) Како ќе вратат помазаниците мнозина кон правда и ‚ќе сјаат како ѕвездите‘ во текот на Илјадагодишното владеење на Христос?

12 Даниел 12:3 дури ни кажува со какво дело ќе бидат зафатени овие помазани христијани во времето на крајот: ‚Мнозина ќе повратат кон правда‘. Помазаниот остаток почна да го собира преостанатиот дел од 144.000 совладетели на Христос (Римјаните 8:16, 17; Откровение 7:3, 4). Кога заврши со тоа дело — се чини до средината на 1930-тите — започна со собирањето на ‚големото мноштво‘ од „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:16). И тие практикуваат вера во откупната жртва на Исус Христос. Затоа имаат чиста положба пред Јехова. Денес ги има неколку милиони и тие длабоко ја ценат надежта за преживување на претстојното уништување на овој зол свет. Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, Исус и неговите 144.000 придружни цареви и свештеници ќе ги применат на послушното човештво на Земјата потполните користи од жртвата, и со тоа ќе им помогнат на сите што практикуваат вера да ја избришат и последната трага од гревот наследен од Адам (2. Петрово 3:13; Откровение 7:13, 14; 20:5, 6). Во најпотполна смисла, помазаните тогаш ќе ‚повратат мнозина кон правда‘ и ‚ќе сјаат како ѕвездите‘ на небото. Дали ја цениш надежта да живееш на Земјата под славната небесна влада на Христос и на неговите совладетели? Каква само предност е да се учествува со „светиите“ во проповедањето на оваа добра вест за Божјето Царство! (Матеј 24:14).

ТИЕ „ЌЕ ПРЕБАРУВААТ“

13. Во која смисла биле запечатени и држени во тајност зборовите од книгата на Даниел?

13 Ангеловата објава на Даниел, која започна во Даниел 10:20, сега завршува со овие зборови што го радуваат срцето: „А ти, Данииле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време [времето на крајот, NW]; мнозина ќе ја прочитаат [ќе пребаруваат, NW] и знаењето [вистинското спознание, NW] ќе се умножи“ (Даниел 12:4). Голем дел од она што Даниел бил инспириран да го напише навистина се држело во тајност и било запечатено за човечкото разбирање. Па и самиот Даниел подоцна напишал: „Јас го чув тоа но не го разбрав“ (Даниел 12:8). Во оваа смисла, книгата на Даниел со векови останала запечатена. А како е денес?

14. а) Кој ‚пребарувал‘ во „времето на крајот“, и каде? б) Кој доказ постои дека Јехова го благословил ова ‚пребарување‘?

14 Ние сме привилегирани да живееме во „времето на крајот“ што било претскажано во книгата на Даниел. Како што било проречено, голем број верни поединци ‚пребаруваа‘ по страниците на Божјата реч. Со каков резултат? Со Јеховин благослов, вистинското спознание стана изобилно. Верните помазани Сведоци на Јехова беа благословени со увид кој им овозможи да разберат дека Синот човечки станал Цар во 1914, да ги препознаат ѕверовите од Даниеловото пророштво, да предупредат на „одвратната работа која предизвикува опустошување“ — и ова се само неколку примери (Даниел 11:31NW). Според тоа, ова изобилство од спознание е уште еден знак на препознавање на „светиите на Севишниот“. Но, Даниел добил и друг доказ.

ТИЕ ,СЕ РАЗБИЕНИ‘

15. Кое прашање го поставува сега еден ангел, и на кого може да нѐ потсети тоа?

15 Даниел, се сеќаваме, ги добил овие ангелски пораки на брегот на „големата река“ Тигар, исто така позната како Хидекел (Даниел 10:4). Тој овде гледа три ангелски суштества и вели: „Тогаш јас, Даниил, погледав и ете пред мене стојат двајца други, еден од едната страна на реката, а друг од другата страна на реката. Едниот му рече на човекот со ленена облека кој стоеше над реката: ‚Кога ќе биде крајот на овие чудни работи?‘“ (Даниел 12:5, 6). Прашањето што ангелот го поставил тука може повторно да нѐ потсети на „светиите на Севишниот“. На почетокот од „времето на крајот“, во 1914, тие многу се интересираа за прашањето колку време ќе помине додека се исполнат Божјите ветувања. Од одговорот на ова прашање станува очигледно дека тие се во центарот на ова пророштво.

16. Кое пророштво го изрекол ангелот, и како ја нагласил сигурноста на неговото исполнување?

16 Даниеловиот извештај продолжува: „И чув, кога човекот со ленената облека, што се наоѓаше над реката, откако ја крена десната и левата рака кон небото, се заколна во вечно Живиот, дека сето тоа ќе се изврши кон крајот на времето и времињата и полувремето и по завршувањето снемување сила [штом ќе биде завршено разбивањето на силата, NW] на светиот народ“ (Даниел 12:7). Ова е сериозна работа. Ангелот ги подига двете раце во заклетва, можеби така што овој гест можат да го видат двата ангела на двете страни од широката река. Тој со тоа ја нагласува апсолутната сигурност на исполнувањето на ова пророштво. Меѓутоа, кога ќе настапат овие одредени времиња? Не е толку тешко да се најде одговорот колку што можеби си мислиш.

17. а) Кои паралели можат да се повлечат меѓу пророштвата запишани во Даниел 7:25, Даниел 12:7 и Откровение 11:3, 7, 9? б) Колку долго траат овие три и пол времиња?

17 Ова пророштво е забележително слично со две други пророштва. Едното, што го разгледавме во 9-то поглавје од оваа публикација, се наоѓа во Даниел 7:25; а другото во Откровение 11:3, 7, 9. Забележи некои паралели. Сцената на секое од нив е времето на крајот. Двете пророштва се однесуваат на светите слуги на Бог и ги покажуваат како прогонети па дури и привремено спречени да ја вршат својата јавна проповедничка активност. И двете покажуваат како Божјите слуги повторно оживуваат и како повторно се зафаќаат со своето дело, осуетувајќи ги плановите на своите прогонители. Во двете пророштва се спомнува колку трае ова време на тешкотии за светите. И двете пророштва во Даниел (7:25 и 12:7) се однесуваат „за време и за времиња и за половина време“. Изучувачите главно сметаат дека тоа значи три и пол времиња. Откровение се осврнува на истиот период како на период од 42 месеци, односно 1.260 дена (Откровение 11:2, 3). Ова потврдува дека тие три и пол времиња во Даниел се однесуваат на три и пол години од по 360 дена. Но, кога започнале тие 1.260 дена?

18. а) Според Даниел 12:7, што ќе го одбележи крајот на тие 1.260 дена? б) Кога била конечно разбиена ‚силата на светиот народ‘, и како се случило тоа? в) Кога започнале тие 1.260 дена, и како помазаниците ‚пророкувале во кострет‘ во тој период?

18 Пророштвото е многу јасно во врска со времето кога ќе завршат овие 1.260 дена — ‚штом ќе биде завршено разбивањето на силата на светиот народ‘. Во средината на 1918 година, водечките членови на Watch Tower Bible and Tract Society, вклучувајќи го и претседателот Џ. Ф. Ратерфорд, беа прогласени за виновни под лажни обвиненија, осудени на долгогодишен притвор и затворени. Божјите свети навистина видоа како делото им е ‚разбиено‘, силата им беше скршена. Ако броиме наназад три и пол години од средината на 1918 ќе дојдеме до крајот на 1914. Во тоа време, малата група помазаници се подготвуваше за силниот напад на прогонство. Изби Првата светска војна, а противењето на нивното дело се повеќе се засилуваше. Тие дури го засноваа својот годишен стих за 1915 година на следново прашање што им го поставил Христос на своите ученици: „Дали сте во состојба да пиете од мојата чаша?“ (Матеј 20:22, King James Version). Како што било предвидено во Откровение 11:3, периодот од 1.260 дена кој следеше беше тажно време за помазаниците — тоа беше како да пророкуваа во кострет. Прогонството се влоши. Некои од нив беа затворени, други беа нападнати од толпи, а трети, пак, беа мачени. Многумина беа обесхрабрени од смртта на првиот претседател на Заедницата, Ч. Т. Расел, во 1916. Сепак, што требаше да се случи откако овој мрачен период заврши со убиството на овие свети како проповедничка организација?

19. Како нѐ уверува пророштвото од Откровение, 11. поглавје, дека помазаниците не требало да бидат замолчени за долго?

19 Паралелното пророштво што се наоѓа во Откровение 11:3, 9, 11 покажува дека ‚двајцата сведоци‘, откако се убиени, лежат мртви само кратко време — три и пол дена — сѐ додека повторно не се оживеани. Слично на ова, пророштвото во Даниел, поглавје 12, покажува дека светите нема да молчат туку дека пред себе имаат уште работа.

ТИЕ СЕ ,ОЧИСТЕНИ, ИЗБЕЛЕНИ, ПРОЧИСТЕНИ‘

20. Според Даниел 12:10, кои благослови ќе се излеат над помазаниците после тешките искуства?

20 Како што беше забележано порано, Даниел ги напишал овие работи но не можел да ги разбере. Сепак, мора да се прашувал дали светите ќе бидат дословно уништени од рацете на своите прогонители, бидејќи прашал: „Што ќе биде потоа?“ Ангелот му одговорил: „Оди си Данииле, оти тие зборови се сокриени и запечатени до последното време. Многумина ќе се очистат, ќе се избелат и ќе бидат искушани [прочистени, NW]; нечестивите ќе почнат пак нечесно, и никој од нив нема тоа да го разбере, само мудрите ќе разберат“ (Даниел 12:8—10). За светите имало сигурна надеж! Наместо да бидат уништени, ќе бидат обелени, благословени со чиста положба пред Јехова Бог (Малахија 3:1—3). Нивниот увид во духовните работи ќе им овозможи да останат чисти во Божји очи. За разлика од нив, злобните ќе одбијат да ги разберат духовните работи. Но, кога ќе се случи сето ова?

21. а) Кои услови требало да се исполнат за да започне временскиот период проречен во Даниел 12:11? б) Што било „постојаната одлика“ и кога била прекратена? (Види рамка на 298. страница.)

21 На Даниел му било речено: „Од времето, кога ќе се прекрати секојдневната жртва [постојаната одлика, NW] и ќе се постави мерзоста на запустувањето [одвратната работа која предизвикува опустошување, NW], ќе минат илјада двесте и деведесет денови“. Така, овој временски период ќе започне кога ќе се исполнат извесни услови. „Постојаната одлика“ — или „непрекинатата жртва“ * — мора да биде прекратена (Даниел 12:11NW, фуснота). На каква жртва мислел ангелот? Не на животинските жртви што се принесуваат во кој и да е земен храм. Па дури и храмот кој некогаш стоел во Ерусалим бил само „образ на вистинското“ — Јеховиниот голем духовен храм, кој почнал да функционира кога Христос станал Првосвештеник во 29 н.е.! Во овој духовен храм, што го претставува Божјето уредување за чисто обожавање, нема потреба од постојани приноси за грев, бидејќи „Христос . . . еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги премавне гревовите на мнозина“ (Евреите 9:24—28). Сепак, сите вистински христијани принесуваат жртви во овој храм. Апостол Павле напишал: „Преку [Христос], пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15). Така овој прв услов на пророштвото — прекратувањето на „постојаната одлика“ — се исполни во средината на 1918 кога делото на проповедање практично беше привремено запрено.

22. а) Што е опустошувачката ‚одвратна работа‘ и кога била поставена? б) Кога започнал временскиот период претскажан во Даниел 12:11, и кога завршил?

22 Сепак, како е со вториот услов — да се „постави“ или намести „одвратната работа која предизвикува опустошување“? Како што видовме во нашата дискусија за Даниел 11:31, оваа одвратна работа најпрвин била Лигата на народите, а подоцна повторно се појавила како Обединетите нации. Двете се одвратни затоа што се прогласени за единствената надеж за мир на Земјата. Така, во срцата на многумина овие институции всушност го зазеле местото на Божјето Царство! Лигата била официјално предложена во јануари 1919. Според тоа, во тоа време беа исполнети и двата услова од Даниел 12:11. Така започнаа тие 1.290 дена рано во 1919 и траеја сѐ до есента (во северната хемисфера), 1922 година.

23. Како напредувале Божјите свети кон очистена положба во текот на тие 1.290 дена што биле проречени во Даниел, 12. поглавје?

23 Во тој период, дали светите напредувале кон тоа да станат обелени и очистени во Божји очи? Сигурно да! Во март 1919, претседателот на Watch Tower Society и неговите блиски соработници беа ослободени од затвор. Подоцна беа ослободени од лажните обвиненија. Свесни дека делото што им претстоеше ни оддалеку не беше завршено, веднаш се фатија за работа, организирајќи конгрес за септември 1919. Истата година беше за првпат издадено едно придружно списание на Стражарска кула. Првобитно наречено Златен век (сега Разбудете се!), тоа секогаш ја поддржуваше Стражарска кула бестрашно да ја разоткрива корупцијата на овој свет и да му помага на Божјиот народ да остане чист. До крајот на проречените 1.290 дена, светите беа на добар пат да дојдат до очистена и обновена положба. Во септември 1922, токму во времето кога заврши овој период, одржаа конгрес пресвртница во Седар Поинт, Охајо, САД. Тоа му даде огромен поттик на проповедничкото дело. Меѓутоа, сѐ уште имаше потреба од поголем напредок. Тоа остана за следниот специфичен период.

СРЕЌА ЗА СВЕТИТЕ

24, 25. а) Каков временски период е претскажан во Даниел 12:12 и кога изгледа дека започнал и завршил? б) Каква била духовната состојба на помазаниот остаток на почетокот од тие 1.335 дена?

24 Јеховиниот ангел го заклучува своето пророштво во врска со светите со следниве зборови: „Блажен е оној што чека [останува во исчекување, NW] и ќе дочека илјада и триста и триесет и пет дена“ (Даниел 12:12). Ангелот не дава клуч во врска со тоа кога започнува и кога завршува овој период. Историјата дозволува да се заклучи дека тој едноставно следеше веднаш по претходниот период. Во тој случај би траел од есента 1922 до доцна пролет 1926 (во северната хемисфера). Дали за светите настапи една среќна состојба на крајот на тој период? Да, на значајни духовни начини.

25 Дури и после конгресот во 1922 (покажан на 302. страница), некои Божји свети сѐ уште гледаа со копнеж на минатото. Основниот материјал за проучување за нивните состаноци сѐ уште беше Библијата и томовите од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), од Ч. Т. Расел. Во тоа време, преовладуваше гледиштето кое укажуваше на 1925 како на годината кога ќе започне воскресението и ќе биде обновен Рајот на Земјата. Така, многумина служеа имајќи на ум фиксен датум. Некои гордо одбија да учествуваат во делото на проповедање на јавноста. Ова не беше среќна ситуација.

26. Како се променила духовната состојба на помазаниците додека одминувале тие 1.335 дена?

26 Меѓутоа, како што одминуваа тие 1.335 дена, ова почна да се менува. Проповедањето истапи во преден план кога беа направени редовни подготовки за секој да учествува во службата на проповедање. За секоја седмица беа испланирани состаноци за студија на Стражарска кула. Изданието од 1 март 1925, ја содржеше историската статија „Раѓање на нацијата“ која му даде на Божјиот народ потполно разбирање за она што се случи во периодот 1914—1919. Откако помина 1925, светите повеќе не му служеа на Бог имајќи предвид непосреден, јасен краен рок. Наместо тоа, најважно беше да се посвети Јеховиното име. Оваа битна вистина беше нагласена како никогаш порано во статијата на Стражарска кула од 1 јануари 1926: „Кој ќе му оддава чест на Јехова?“ На конгресот во мај 1926, беше издадена книгата Deliverance (Избавување). (Види 302. страница.) Ова беше една од серијата нови книги во замена на Студии на Писмото. Светите повеќе не гледаа на минатото. Со доверба гледаа на иднината и на делото што стоеше пред нив. Како што беше проречено, тие 1.335 дена завршија со среќна состојба на светите.

27. Како прегледот на Даниел, 12. поглавје, ни помага заклучно да ги препознаеме Јеховините помазаници?

27 Се разбира, сите не издржаа низ оваа бурна ера. Без сомнение, токму затоа ангелот нагласил колку е важно да се ‚остане во исчекување‘. Оние кои истрајаа и останаа во исчекување, беа многу благословени. Тоа ни станува јасно од прегледот на 12. поглавје од Даниел. Како што било претскажано, помазаните беа оживеани, односно воскреснати во духовна смисла. Им беше даден извонреден увид во Божјата реч со тоа што беа ополномоштени да „пребаруваат“ по неа и, водени од светиот дух, да ги откријат вековните тајни. Јехова ги очисти и ги направи духовно да светат, сјајно како ѕвезди. Како резултат на тоа, тие доведоа многумина до праведна положба пред Јехова Бог.

28, 29. На што треба да сме решени додека привршува „времето на крајот“?

28 Со сите овие пророчки ознаки по кои се препознаваат „светиите на Севишниот“, каков изговор може да најде некој ако не успеал да ги распознае и да се поврзе со нив? Прекрасни благослови го очекуваат големото мноштво, кое ѝ се придружува на оваа сѐ помалубројна помазана класа во служењето на Јехова. Сите ние мора да останеме во исчекување на исполнувањето на Божјите ветувања (Авакум 2:3). Во наше време Михаел, Големиот Кнез, со децении стои во корист на Божјиот народ. Многу скоро тој ќе стапи во акција како божествено наименуван погубител на овој систем на ствари. Каде ќе стоиме ние кога тој ќе го стори тоа?

29 Одговорот на тоа прашање ќе зависи од тоа дали уште сега избираме да живееме живот на интегритет. За да ја зајакнеме својата решеност да го правиме тоа додека се приближува „времето на крајот“, да го разгледаме последниот стих од книгата на Даниел. Нашата дискусија за тоа во следното поглавје ќе ни помогне да видиме како стоел Даниел пред својот Бог и како ќе застане пред Него во иднина.

[Фуснота]

^ Грчката Септуагинта го преведува само со „жртва“.

ШТО ЗАБЕЛЕЖА?

Во текот на кој временски период Михаел „стои“, и како и кога „ќе се крене“?

На кој вид воскресение се осврнува Даниел 12:2?

Кои датуми го означуваат почетокот и крајот на тие

три и пол времиња спомнати во Даниел 12:7?

1.290 дена претскажани во Даниел 12:11?

1.335 дена проречени во Даниел 12:12?

Како ни помага тоа што му обрнуваме внимание на Даниел, 12. поглавје, да ги препознаеме Јеховините вистински обожаватели?

[Прашања]

[Рамка на страница 298]

УКИНУВАЊЕ НА ПОСТОЈАНАТА ОДЛИКА

Во книгата Даниел, терминот „постојана одлика“ се среќава пет пати. Тој се однесува на жртвата на фалба — ‚плодот од усните‘ — што редовно му ги принесуваат на Јехова Бог неговите слуги (Евреите 13:15). На нејзиното претскажано укинување се осврнува Даниел 8:11, 11:31 и 12:11.

Во текот на двете светски војни, Јеховиниот народ бил жестоко прогонуван на подрачјата на „северниот цар“ и на „јужниот цар“ (Даниел 11:14, 15). Укинувањето на „постојаната одлика“ се случи кон крајот на Првата светска војна кога во средината на 1918 проповедничкото дело беше привремено запрено (Даниел 12:7). Во текот на Втората светска војна, „постојаната одлика“ беше на сличен начин ‚укината‘ за 2.300 дена од страна на англо-американската светска сила (Даниел 8:11—14; види 10-то поглавје од оваа книга). Исто така беше укината и од нацистичката „војска“ за извесен период кој не е точно одреден во Писмото (Даниел 11:31; види го 15-то поглавје од оваа книга).

[Табела/слики на страница 301]

ПРОРОЧКИ ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОДИ ВО ДАНИЕЛ

Седум времиња (2.520 години): октомври 607 пр.н.е. до

Даниел 4:16, 25 октомври 1914 н.е.

(Воспоставено Месијанското царство.

Види го 6-то поглавје од оваа книга.)

Три и пол времиња декември 1914 до јуни 1918

(1.260 дена): (Помазаните христијани напаѓани.

Даниел 7:25; 12:7 Види го 9-то поглавје од оваа книга.)

2.300 вечери 1 или 15 јуни 1938, до

и утра: 8 или 22 октомври 1944

Даниел 8:14 („Големо мноштво“ се појавува, се умножува.

Види го 10-то поглавје од оваа книга.)

70 седмици (490 години): 455 пр.н.е. до 36 н.е.

Даниел 9:24—27 (Доаѓањето на Месијата и неговата

служба на Земјата. Види го

11-то поглавје од оваа книга.)

1.290 дена: јануари 1919 до

Даниел 12:11 септември 1922

(Помазаните христијани се будат

и напредуваат духовно.)

1.335 дена: септември 1922 до мај 1926

Даниел 12:12 (Помазаните христијани

постигнуваат среќна состојба.)

[Слики на страница 287]

Истакнати слуги на Јехова беа неправедно фрлени во федералниот затвор во Атланта, Џорџија, САД. Од лево кон десно: (седат) А. Х. Мекмилан, Џ. Ф. Ратерфорд, В. Е. Ван Амбург; (стојат) Џ. Х. Фишер, Р. Џ. Мартин, Џ. Дечека, Ф. Х. Робисон и К. Џ. Вудворт

[Слики на страница 299]

Конгреси-пресвртници беа одржани во Седар Поинт, Охајо, САД, во 1919 (горе) и во 1922 (долу)

[Слика на целата страница 302]