Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прими го Божјиот дух, а не духот на светот!

Прими го Божјиот дух, а не духот на светот!

Прими го Божјиот дух, а не духот на светот!

„Не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог, за да го спознаеме она што Бог ни го подарил“ (1. КОР. 2:12)

1, 2. а) Во која смисла вистинските христијани се во војна? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

 ВИСТИНСКИТЕ христијани се во војна! Нашиот непријател е силен, лукав и искусен. Тој поседува оружје со кое успеал да ги потчини повеќето луѓе. Но, не треба да се чувствуваме беспомошни и да мислиме дека сме осудени на неуспех (Иса. 41:10). Нам ни стои на располагање оружје со кое можеме да се одбраниме од секаков напад.

2 Ние не сме во дословна, туку во духовна војна. Нашиот непријател е Сатана Ѓаволот, а едно од најсилните оружја што ги користи тој е „духот на светот“ (1. Кор. 2:12). Главното оружје со кое ние се браниме од неговите напади е Божјиот дух. За да преживееме во оваа војна и да останеме духовно јаки, мора да го молиме Бог да ни го даде својот свет дух и потоа да ги покажуваме неговите плодови во својот живот (Гал. 5:22, 23). Но, што е духот на светот, и како се раширил насекаде? Од каде можеме да знаеме дали тој дух влијае и врз нас? И што може да научиме од Исус за тоа како да го добиеме Божјиот дух, и како да се спротивставиме на духот на светот?

Зошто духот на светот е толку раширен?

3. Што е духот на светот?

3 Духот на овој свет извира од Сатана, „владетелот на светот“, и дејствува сосема спротивно на Божјиот дух (Јован 12:31; 14:30; 1. Јов. 5:19). Изразот „духот на светот“ се однесува на ставовите и размислувањата кои преовладуваат во светот и влијаат врз луѓето. Оваа движечка сила ги тера да постапуваат спротивно на Божјата волја и намера.

4, 5. Како духот што потекнува од Сатана се раширил насекаде?

4 Како духот што потекнува од Сатана се раширил насекаде? Најпрвин Сатана ја измамил Ева во еденската градина. Тој успеал да ја убеди дека ќе има подобар живот ако биде независна од Бог (1. Мој. 3:13). Но, ова било чиста лага! (Јован 8:44). Потоа, преку жената, го навел и Адам да му биде непослушен на Јехова. Со таа погрешна одлука, Адам го продал човештвото во ропството на гревот. Како резултат на тоа, луѓето лесно паѓаат под влијание на Сатановиот дух на непослушност. (Прочитај Ефешаните 2:1-3.)

5 Сатана успеал да влијае и врз прилично голем број ангели, кои станале демони (Отк. 12:3, 4). Тие му свртеле грб на Бог извесно време пред да дојде Потопот во деновите на Ное. Овие ангели поверувале дека ќе им биде подобро ако ја напуштат својата првобитна положба на небото и ако се претворат во луѓе за да можат бесрамно да ги задоволуваат своите неприродни желби на Земјата (Јуда 6). Денес, со помош на истите тие демони, кои дејствуваат како невидливи духовни суштества, Сатана „го заведува целиот свет“ (Отк. 12:9). За жал, мнозина воопшто не се свесни за нивното влијание (2. Кор. 4:4).

Дали духот на светот влијае врз тебе?

6. Само во кој случај духот на светот може да влијае врз нас?

6 За разлика од повеќето луѓе, кои не се свесни за влијанието на Сатана, вистинските христијани добро ги знаат неговите намери и тактики (2. Кор. 2:11). Според тоа, духот на светот не може да влијае врз нас освен ако самите не му дозволиме. Да разгледаме четири прашања што ќе ни помогнат да видиме дали врз нас влијае Божјиот дух или духот на светот.

7. Како Сатана се обидува да нѐ отуѓи од Јехова?

7 Што открива за мене мојот избор на забава? (Прочитај Јаков 3:14-18). Сатана се обидува да нѐ отуѓи од Бог со тоа што нѐ поттикнува да го сакаме насилството. Ѓаволот знае дека Јехова ги мрази сите што го сакаат насилството (Пс. 11:5). За да ги разгори нашите телесни желби, тој се служи со книги, списанија, филмови, музика и видеоигри како, на пример, оние во кои се очекува играчите да вршат тежок неморал или насилство преку ликот со кој управуваат. На Сатана не му пречи ако во срцето го сакаме она што е добро сѐ додека барем малку го сакаме и злото што потекнува од него (Пс. 97:10).

8, 9. Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со забавата?

8 За разлика од духот на светот, Божјиот дух дејствува сосема спротивно врз оние што го примаат. Тој ги поттикнува да бидат морално чисти, мирољубиви и полни со милосрдие. Добро е да се прашаме: ‚Дали забавата што ја избирам ми помага да развивам убави особини?‘ Мудроста одозгора е „нелицемерна“. Ако врз нас влијае Божјиот дух, нема да бидеме лицемери, односно нема да им проповедаме за морална чистота и мир на другите, а потоа во својот дом со уживање да гледаме бездушно насилство и неморал на телевизија.

9 Јехова очекува да го обожаваме само него и да му бидеме верни во сѐ. За разлика од Бог, Сатана не бара такво нешто. Всушност, тој би бил задоволен кога би извршиле и само еден чин на обожавање во негова чест, како што побарал и од Исус (Лука 4:7, 8, фус.). Би можеле да се прашаме: ‚Дали мојот избор на забава ме спречува да му бидам верен на Јехова во сѐ? Дали ми отежнува или ми помага да му се спротивставам на духот на светот? Дали во иднина ќе треба да избирам поинаква забава?‘

10, 11. а) На каков став кон материјалните поседи поттикнува духот на светот? б) На каков став поттикнува Божјата Реч напишана под водство на неговиот дух?

10 Каков е мојот став кон материјалните поседи? (Прочитај Лука 18:24-30.) Духот на светот ја разгорува „желбата на очите“ поттикнувајќи ги луѓето на алчност и материјализам (1. Јов. 2:16). Поради тоа, мнозина денес се цврсто решени да се збогатат (1. Тим. 6:9, 10). Тој дух сака да нѐ натера да веруваме дека, ако си натрупаме материјални работи, ќе имаме и сигурна иднина (Изр. 18:11). Но, ако дозволиме љубовта кон парите да ја задуши нашата љубов кон Бог, Сатана нѐ победил. Затоа, треба да се прашаме: ‚Дали мојот живот се претворил во трка по материјални удобности и задоволства?‘

11 Спротивно на тоа, Божјата Реч напишана под водство на неговиот дух нѐ поттикнува да имаме урамнотежено гледиште за парите и напорно да работиме за да се издржуваме себеси и семејството (1. Тим. 5:8). Божјите слуги врз кој влијае светиот дух се трудат да бидат дарежливи како Јехова. Тие се познати по тоа што им даваат на другите. За нив луѓето се повредни од материјалните работи и, секогаш кога можат, со радост го делат она што го имаат (Изр. 3:27, 28). Освен тоа, никогаш не дозволуваат парите да им станат поважни од служењето на Бог.

12, 13. За разлика од духот на светот, како може Божјиот дух да влијае врз нас?

12 Кој дух влијае врз мојот став и однесување? (Прочитај Колошаните 3:8-10, 13.) Духот на светот ги тера луѓето да ги вршат делата на телото (Гал. 5:19-21). Најдобро може да се види кој дух влијае врз нас кога нешто не оди како што треба, а не кога сѐ е во ред. На пример, како реагираш ако некој сохристијанин те игнорира, ако те навредил или, пак, ти згрешил? Освен тоа, и од начинот на кој постапуваме дома се гледа на кој дух му дозволуваме да дејствува врз нас. Добро е да се прашаш: ‚Дали во последните шест месеци станав посличен на Христос или, пак, се вратив на некои лоши навики во мојот начин на зборување и однесување?‘

13 Божјиот дух може да ни помогне ‚да ја соблечеме старата личност и нејзините дела‘ и да ја облечеме „новата личност“. Така ќе станеме подобри и пољубезни. Ќе бидеме спремни да си простуваме еден на друг, дури и кога мислиме дека имаме право да се лутиме. Повеќе нема да реагираме со „злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор“ на она што ни се чини неправедно. Наместо тоа, ќе се трудиме да ‚имаме сомилост‘, односно да бидеме сочувствителни кон другите (Еф. 4:31, 32).

14. Како мнозина во светот гледаат на Божјата Реч?

14 Дали ги ценам библиските морални начела и дали го сакам Божјиот закон? (Прочитај Изреки 3:5, 6.) Луѓето што се под влијание на духот на светот не ја ценат Божјата Реч. Некои од нив ги сметаат за неважни оние делови од Библијата што не им одговараат и избираат да следат човечки обичаи и филозофии (2. Тим. 4:3, 4). Други, пак, ја отфрлаат целата Божја Реч. Сметајќи се себеси за многу мудри, тие негираат дека таа потекнува од Бог и дека е корисна за денешниот човек. Ги разводнуваат нејзините високи мерила за прељубата, хомосексуалноста и разводот. Поучуваат дека ‚доброто е зло, а злото добро‘ (Иса. 5:20). Дали ваквиот дух влијае и врз нас? Кога се соочуваме со проблеми, дали се потпираме на човечка мудрост и на своето лично мислење или, пак, се трудиме да ги применуваме библиските совети?

15. Наместо да се потпираме на сопствената мудрост, што треба да правиме?

15 Божјиот дух нѐ поттикнува да ја цениме Библијата. Исто како за псалмистот, и за нас таа е светилка на нашата нога и светлина за нашата патека (Пс. 119:105). Наместо да се потпираме на сопствената мудрост, имаме доверба дека Божјата пишана Реч е таа што може да ни помогне да го разликуваме доброто од злото. Учиме не само да ја цениме Библијата туку и да го сакаме Божјиот закон (Пс. 119:97).

Учи од примерот на Исус

16. Што значи да се има „Христовиот ум“?

16 Ако сакаме да го добиеме Божјиот дух, мора да го стекнеме „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:16). За ‚да размислуваме како Христос Исус‘, треба да знаеме како размислувал и како постапувал тој, но и да го следиме неговиот пример (Рим. 15:5; 1. Пет. 2:21). Да видиме како може да се угледаме на него во неколку работи.

17, 18. а) Што учиме од Исус во врска со молитвата? б) Зошто треба да истраеме во молитвата?

17 Моли се за Божјиот дух. Пред да се соочи со испити, Исус го молел Бог да му помогне со својот дух (Лука 22:40, 41). И ние треба да го молиме Бог за неговиот свет дух. Јехова го дава спремно и великодушно на сите што го бараат со вера (Лука 11:13). Исус рекол: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори. Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Мат. 7:7, 8).

18 Кога бараш свет дух и помош од Јехова, немој брзо да се откажуваш. Можеби ќе треба да се молиш почесто и подолго. Понекогаш, пред да одговори на молитвите, Јехова дозволува оние што му се обраќаат да покажат колку им е важно она за што го молат и колку е силна нивната вера. a

19. Што правел Исус секогаш, и зошто треба да го следиме неговиот пример?

19 Биди му послушен на Бог во сѐ. Исус секогаш го правел она што му било по волја на неговиот Татко. Но, најмалку во една ситуација, сакал работите да се одвиваат на поинаков начин, а не како што барал Јехова. Сепак, и тогаш со доверба му рекол на својот Татко: „Нека не биде мојата волја, туку твојата!“ (Лука 22:42). Прашај се: ‚Дали сум му послушен на Бог дури и кога тоа не е лесно?‘ Послушноста кон Бог е животоважна. Јехова со право очекува да му бидеме безусловно послушни бидејќи тој нѐ создал и нѐ одржува во живот (Пс. 95:6, 7). Ништо не може да ја замени послушноста. Без неа не можеме да ја стекнеме Божјата милост.

20. Што му било на Исус најважно во животот, и како можеме да го следиме неговиот пример?

20 Запознај се добро со Библијата. Кога се спротивставил на Сатановиот отворен напад на неговата вера, Исус цитирал од Писмото (Лука 4:1-13). Исто така, секогаш кога се соочувал со своите верски противници, тој се повикувал на Божјата Реч (Мат. 15:3-6). На Исус му било најважно од сѐ да го познава и да го исполни Божјиот закон (Мат. 5:17). И ние сакаме да го храниме својот ум со Божјата Реч која ја зајакнува нашата вера (Фил. 4:8, 9). На некои од нас можеби не им е лесно да најдат време за лично и семејно проучување. Но, наместо само да најдеме време, треба да си го откупиме од другите активности кои не се толку важни (Еф. 5:15-17).

21. Што може да ни помогне подобро да се запознаеме со Божјата Реч и да ја применуваме?

21 Со промените што беа направени за да можеме секоја седмица да ја одржуваме Семејната вечер посветена на Јехова, „верниот и разборит роб“ ни помогна да имаме повеќе време за лично и семејно проучување (Мат. 24:45). Дали мудро го користиш? За да го стекнеш Христовиот ум, би можел ли неколку седмици по ред да истражуваш што поучувал Исус за некои теми што те интересираат? Можеш да го користиш Индексот на теми кој секоја година излегува во Стражарска кула од 15 декември за да најдеш информации за она што сакаш да го проучуваш. На пример, од 2008 до 2010 год., во изданието за јавност излегоа вкупно 12 статии во рубриката „Што учиме од Исус“. Би можел да ги проучуваш тие статии. Од 2006 год., во Разбудете се! излегуваше рубриката „Како ќе одговориш?“ Таа беше наменета да го збогати и продлабочи нашето познавање на Божјата Реч. Зошто одвреме-навреме не вклучиш нешто од таквите рубрики во семејното проучување?

Можеме да го победиме светот

22, 23. Што мора да правиме за да го победиме светот?

22 За да нѐ води Божјиот дух, мора да му се спротивставиме на духот на светот. Но, тоа не е лесно. Понекогаш ќе мораме силно да се бориме за да успееме (Јуда 3). Сепак, можеме да победиме! Исус им го рекол следново на своите ученици: „Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:33).

23 И ние можеме да го победиме светот ако му се спротивставиме на неговиот дух и ако правиме сѐ што можеме за да го добиеме Божјиот дух. Навистина, „ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Рим. 8:31). Ако го имаме Божјиот дух и ако го следиме неговото водство држејќи се за библиските начела, ќе бидеме задоволни, спокојни, среќни и сигурни дека ќе живееме вечно во новиот свет кој сега е многу близу.

[Фуснота]

a Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ на страници 169-173 од книгата Што навистина учи Библијата?

Се сеќаваш ли?

• Зошто духот на светот е толку раширен?

• Кои четири прашања треба да си ги поставиме?

• Кои три работи ги учиме од Исус во врска со тоа како да го добиеме Божјиот дух?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Како некои ангели станале демони?

[Слика на страница 10]

Сатана го користи духот на светот за да ги контролира луѓето, но ние можеме да се ослободиме од неговото влијание