Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Што било необично во начинот на кој Исус постапувал со лепрозните?

Во библиски времиња постоел еден вид лепра кој кај Евреите предизвикувал ужас. Оваа страшна болест ги зафаќала нервните завршетоци на заболениот и можела да му нанесе трајни оштетувања и деформитети. Во тоа време немало лек за лепра. Затоа, болните биле ставани во карантин и биле должни да ги предупредуваат другите за својата состојба (3. Мојсеева 13:45, 46).

Во Божјиот закон постоеле одредби во врска со болните од лепра, но еврејските верски водачи измислиле многу други одредби кои непотребно им го отежнувале животот на оние што страдале од оваа болест. На пример, според рабинските правила никој не смеел да се приближи до лепрозен на растојание помало од четири лакти (речиси 2 метра). Но, ако дувало ветар, лепрозниот морал да биде оддалечен најмалку 100 лакти (речиси 45 метри). Божјиот закон наложувал лепрозните да живеат „надвор од логорот“, но според толкувањето на некои познавачи на Талмудот тоа значело дека морало да живеат надвор од градските ѕидини. Затоа, кога еден рабин ќе видел лепрозен во градот, фрлал камења по него и му велел: „Оди си таму каде што ти е местото и не валкај ги другите“.

Колку поинаков бил Исус! Тој не само што не ги бркал лепрозните туку од сочувство бил спремен да ги допре и да ги излекува (Матеј 8:3).

Од кои причини бил дозволен развод според еврејските верски водачи?

Потврда за развод која датира од 71 или 72 н.е.

Во првиот век од н.е., разводот бил тема за дебати помеѓу еврејските верски водачи. Затоа, во една прилика некои фарисеи сакале да видат што ќе одговори Исус на следново прашање: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ (Матеј 19:3).

Мојсеевиот закон дозволувал мажот да се разведе од својата жена ако „нашол на неа нешто недолично“ (5. Мојсеева 24:1). Во времето на Исус имало две рабински школи, и секоја го толкувала овој закон на свој начин. Според построгата школа, наречена Шамаи, единствена оправдана причина за развод била „брачната нечесност“, односно прељубата. Од друга страна, според школата Хилел, мажот можел законски да се разведе од својата жена поради која било причина, дури и поради најмало несогласување. На пример, можел да се разведе ако жената не го направила добро ручекот или ако си нашол жена што ја сметал за поубава од неа.

Како одговорил Исус на прашањето на фарисеите? Тој јасно рекол: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Матеј 19:6, 9).