Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Дали Библијата е во склад со науката?

Дали Библијата е во склад со науката?

Што вели Библијата:

Да. Иако Библијата не е научно дело, во неа се изнесени информации што ги потврдува и науката. Да разгледаме неколку примери кои покажуват дека Библијата е во склад со науката и дека содржи научни факти кои значително се разликуваат од верувањата на многу луѓе кои живееле во времето кога била пишувана.

  • Вселената имала почеток (1. Мојсеева 1:1). Од друга страна, според многу древни митови вселената не била создадена, туку се оформила од веќе постоечки хаос. Вавилонците верувале дека вселената ја родиле богови кои потекнувале од два океана. Други легенди велат дека вселената настанала од џиновско јајце.

  • Во вселената владеат утврдени природни закони, а не некои своеволни божества (Јов 38:33; Еремија 33:25). Според митови од разни делови на светот, луѓето се беспомошни пред непредвидливите, а понекогаш и безмилосни богови.

  • Земјата лебди во просторот (Јов 26:7). Многу древни народи верувале дека светот е рамна плоча што ја држи џин или некое животно, на пример, бизон или желка.

  • Водата што испарува од океаните и од другите водни површини повторно паѓа на земјата во облик на дожд, снег или град снабдувајќи ги на тој начин реките и изворите со вода (Јов 36:27, 28; Проповедник 1:7; Исаија 55:10; Амос 9:6). Древните Грци мислеле дека водата во реките доаѓа од подземните океани, а ова мислење се задржало сѐ до 18 век.

  • Планините се издигаат и пропаѓаат, а денешните планини некогаш биле целосно под вода (Псалм 104:6, 8). Од друга страна, има митови според кои боговите ги создале планините какви што ги знаеме денес.

  • Санитарните мерки го чуваат здравјето. Во Законот што им бил даден на Израелците имало одредби според кои секој што ќе се допрел до мртво тело требало темелно да се измие, оние што имале заразна болест требало да се стават во карантин, а при вршење нужда изметот требало да се закопа (3. Мојсеева 11:28; 13:1-5; 5. Мојсеева 23:13). Интересно е тоа што во тоа време Египќаните лекувале отворена рана со мелеми во кои имало и човечки измет.

Има ли во Библијата работи што се косат со науката?

Ако објективно го разгледаме она што го кажува Библијата, ќе видиме дека не е така. Еве неколку вообичаени заблуди за научната точност на Библијата:

Заблуда: Библијата вели дека вселената била создадена во период од шест дена од по 24 часа.

Факт: Библијата не кажува кога точно Бог ја создал вселената (1. Мојсеева 1:1). Исто така, деновите на создавањето за кои се зборува во 1. поглавје од 1. Мојсеева се периоди за кои не е кажано колку долго траеле. Всушност, и целиот период во кој биле создадени небото и Земјата е наречен „ден“ (1. Мојсеева 2:4).

Заблуда: Библијата вели дека вегетацијата била создадена пред да настане Сонцето, кое е неопходно за процесот на фотосинтеза (1. Мојсеева 1:11, 16).

Факт: Според Библијата, Сонцето, кое е една од ѕвездите кои го сочинуваат „небото“, било создадено пред вегетацијата (1. Мојсеева 1:1). Дифузна светлина од Сонцето почнала да продира до површината на Земјата во првиот „ден“, односно период на создавање. Бидејќи до третиот „ден“ атмосферата се расчистила, имало доволно светлина за да се одвива процесот на фотосинтеза (1. Мојсеева 1:3-5, 12, 13). Дури подоцна Сонцето станало јасно видливо од површината на Земјата (1. Мојсеева 1:16).

Заблуда: Библијата вели дека Сонцето се врти околу Земјата.

Факт: Во Проповедник 1:5 стои: „Сонцето изгрева, сонцето заоѓа, и пак брза кон местото од каде што изгрева“. Меѓутоа, оваа изјава само го опишува движењето на Сонцето онака како што изгледа од Земјата. Дури и денес се користат зборовите „изгрејсонце“ и „зајдисонце“ иако се знае дека Земјата се врти околу Сонцето.

Заблуда: Библијата вели дека Земјата е рамна.

Факт: Со фразата „крајот на земјата“, во Библијата се мисли на далечен дел од светот, што не значи дека Земјата е рамна или дека има раб (Дела 1:8). Слично на тоа, изразот „четирите краишта на земјата“ е стилска фигура со која се укажува на целиот свет. И денес користиме слична метафора: „четирите страни на светот“ (Исаија 11:12; Лука 13:29).

Заблуда: Според Библијата, обиколката на една кружница се добива кога нејзиниот пречник ќе се помножи со 3. Но тоа не е математички точно. Обиколката на кружница се добива кога пречникот ќе се помножи со бројот пи (π), односно 3,14.

Факт: Според 1. Царевите 7:23 и 2. Летописи 4:2, ,излеаното море‘ имало пречник од 10 лакти, а ,за да се опфати, било потребно јаже од триесет лакти‘. Можно е овие димензии да се само заокружени бројки. Друга можност е обиколката да се однесувала на внатрешниот, а пречникот на надворешниот дел од големиот сад со вода.

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Библијата — книга од Бог

Како може Библијата да ти помогне да ги решиш проблемите? Зошто можеш да имаш доверба во пророштвата што се запишани во неа?