Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ќе ми бидете сведоци“

„Ќе ми бидете сведоци“

,Исус им одговори: „Ќе ми бидете сведоци сѐ до крајот на земјата“‘ (ДЕЛА 1:7, 8)

1, 2. а) Што значи името Исус, и како Божјиот Син живеел во склад со тоа име? б) Кој е најголемиот сведок на Јехова?

„ЈАС за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината.“ (Прочитај Јован 18:33-37.) Исус Христос му ги кажал овие зборови на римскиот управител на Јудеја за време на своето судење. Со години подоцна, апостол Павле рекол дека Исус храбро дал „добро сведоштво пред Понтиј Пилат“ (1. Тим. 6:13). Навистина, понекогаш е потребна огромна храброст за да се биде ,верен и вистинит сведок‘ во светот на Сатана кој е преполн со омраза (Отк. 3:14).

2 Како Евреин, Исус уште од раѓање му бил сведок на Јехова (Иса. 43:10). Тој бил најголемиот сведок на Бог кој некогаш живеел. Пред да се роди Исус, еден ангел му се појавил на неговиот очув Јосиф и му рекол: „Дај му го името Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“ (Мат. 1:20, 21; фус.). Голем број библиски изучувачи се согласуваат дека името Исус доаѓа од едно хебрејско име, Јешуа, и го содржи Божјето име во скратена форма. Ова име буквално значи „Јехова е спасение“. Во склад со значењето на своето име, Исус ревносно сведочел за Божјето Царство и им помагал на „загубените овци на домот Израелов“ да се покаат за своите гревови и повторно да ја стекнат  Јеховината милост (Мат. 10:6; 15:24; Лука 19:10). Во своето евангелие, Марко напишал: „Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата добра вест. Тој велеше: ,Се наврши времето и се приближи Божјето царство. Покајте се и верувајте во добрата вест‘“ (Мар. 1:14, 15). Исто така, Исус бестрашно ги осудил еврејските верски водачи. Со тоа го навлекол нивниот гнев и неправедно бил убиен (Мар. 11:17, 18; 15:1-15).

„ВЕЛИЧЕСТВЕНИТЕ БОЖЈИ ДЕЛА“

3. Што се случило три дена по смртта на Исус?

3 Три дена по суровата смрт на Исус се случило чудо. Јехова го воскреснал, но не како човек, туку како бесмртно духовно суштество (1. Пет. 3:18). За да докаже дека е жив, Исус си земал човечки тела и им се појавувал на своите ученици. Истиот ден кога воскреснал, им се појавил најмалку пет пати на различни ученици (Мат. 28:8-10; Лука 24:13-16, 30-36; Јован 20:11-18).

4. Што се случило кога Исус по петти пат им се појавил на своите следбеници, и каква одговорност им дал?

4 Кога Исус се појавил петтиот пат, сите апостоли и некои други ученици биле собрани заедно. Во таа незаборавна прилика, тој им го ,отворил умот за да ги разберат Писмата‘. Тогаш тие сфатиле дека неговата смрт и воскресение биле проречени во Библијата. На крајот, Исус јасно им кажал на своите следбеници каква одговорност имаат. Тој рекол дека „во негово име ќе биде проповедано покајание за простување на гревовите меѓу сите народи — почнувајќи од Ерусалим“. Потоа, Исус додал: „А вие ќе бидете сведоци на тоа“ (Лука 24:44-48).

5, 6. а) Зошто Исус им кажал на своите следбеници дека ќе бидат негови сведоци? б) За што требало да сведочат Исусовите ученици?

5 Затоа, 40 дена подоцна, кога Исус им се појавил за последен пат, апостолите веќе можеле добро да разберат што сакал да каже со следната заповед што им ја упатил: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Зошто Исус рекол дека учениците требало да бидат негови сведоци, а не на Јехова? Затоа што оние на кои им се обратил биле Израелци и веќе му биле сведоци на Јехова.

Како следбеници на Исус, им кажуваме на другите што ќе направи Јехова во иднина (Види во пасуси 5-6)

6 Сега, учениците на Исус требало да објавуваат дека Јехова направил нешто ново за да ја исполни својата намера — нешто далеку повозвишено од избавувањето на Израелскиот народ од Египет и од ропството во Вавилон. Тие требало да сведочат дека, преку смртта и воскресението на Исус, луѓето ќе можат да се ослободат од најсуровото робување, имено од ропството на гревот и смртта. На Педесетница 33 год. од н.е., Исус ги помазал своите следбеници со свет дух. Оттогаш тие почнале да им кажуваат на луѓето за „величествените Божји дела“. Мнозина од оние што ја чуле оваа порака се покајале и покажале вера во Исусовата жртва. Воскреснатиот Исус од небото можел да види како Јехова преку него спасува илјадници луѓе на Земјата (Дела 2:5, 11, 37-41).

„ОТКУПНИНА ЗА МНОЗИНА“

7. Што покажало тоа што се случило на Педесетница 33 год. од н.е.?

7 Она што се случило на Педесетница 33 год. од н.е. покажало дека Јехова ја прифатил вредноста на Исусовата совршена жртва како откупнина за гревовите (Евр. 9:11,  12, 24). Исус објаснил дека дошол за „да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Дали во тие „мнозина“ спаѓаат само Евреите? Не. Божја волја е „најразлични луѓе да се спасат“ бидејќи откупнината „го отстранува гревот на светот!“ (1. Тим. 2:4-6; Јован 1:29).

8. Што им помогнало на учениците на Исус да сведочат за него, и што постигнале?

8 Дали првите следбеници на Исус биле доволно храбри за да сведочат за него? Секако. Но, тоа не го правеле со свои сили. Јеховиниот моќен свет дух им влевал храброст и им давал сила да продолжат да сведочат. (Прочитај Дела 5:30-32.) Околу 27 години по Педесетница 33 год. од н.е., можело да се каже дека добрата вест им се проповедала на сите суштества под небото — и на Евреи и на луѓе од другите народи (Кол. 1:5, 23).

9. Според она што било проречено, што се случило со христијанското собрание во првиот век?

9 За жал, христијанското собрание во првиот век со текот на времето се извалкало со лажни учења (Дела 20:29, 30; 2. Пет. 2:2, 3; Јуда 3, 4). Исус прорекол дека отпадништвото кое го посеал „Злобниот“, односно Сатана, требало да продолжи да расте сѐ додека не започнел „свршетокот на овој поредок“ (Мат. 13:37-43). Во октомври 1914 год., Јехова го поставил Исус за Цар на Божјето Царство. Тогаш, започнале „последните денови“ на овој Сатански свет (2. Тим. 3:1).

10. а) На кој важен датум укажувале помазаните христијани? б) Што се случило во октомври 1914 год., и како тоа било видливо за сите?

10 Помазаните христијани долго време однапред укажувале на тоа дека октомври 1914 год. е значаен датум. Тие дошле до овој заклучок на темел на пророштвото на Даниел во врска со едно големо дрво кое било пресечено и кое требало повторно да порасне за период од „седум времиња“ (Дан. 4:16). Во пророштвото за својата присутност и за „свршетокот на овој поредок“, Исус го нарекол овој период „одредените времиња на незнабошците“. Од 1914 год. наваму, знакот дека Христос е присутен како Цар станал видлив  за сите (Мат. 24:3, 7, 14; Лука 21:24). Оттогаш, „величествените Божји работи“ за кои им проповедаме на луѓето го вклучуваат и фактот дека Јехова го поставил Исус како Цар во 1914 год.

11, 12. а) Што почнал да прави Исус откако станал Цар, и што се случило кратко потоа? б) Што станало јасно во 1935 год.? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Како Цар на Божјето Царство, Исус Христос почнал да ги ослободува своите помазани следбеници од ропството на „Големиот Вавилон“ (Отк. 18:2, 4). Во 1919 год., кратко по војната, на помазаните христијани им се укажала уште поголема можност да сведочат низ целиот свет за спасението кое го овозможил Бог и за добрата вест за Царството. Како резултат на нивниот труд, илјадници други лица ја прифатиле вистината и биле помазани да служат како цареви заедно со Исус од небото.

12 Во 1935 год., станало јасно дека Христос почнал да собира милиони „други овци“, кои ќе го сочинуваат ,големото мноштво‘ од сите народи. Под водство на помазаните христијани, ова големо мноштво луѓе го следат примерот на Исус и храбро им кажуваат на другите дека своето спасение им го должат на Бог и на Христос. Ако продолжат да сведочат истрајно и да покажуваат вера во Христовата откупна жртва, ќе имаат чест да ја преживеат „големата неволја“, која ќе му стави крај на Сатановиот свет (Јован 10:16; Отк. 7:9, 10, 14).

СОБЕРИ СМЕЛОСТ ЗА ДА ЈА ПРОПОВЕДАШ ДОБРАТА ВЕСТ

13. Како Јеховини сведоци, на што сме решени, и како можеме да успееме во тоа?

13 Да продолжиме и понатаму да ја цениме честа да бидеме Сведоци на „величествените Божји дела“ кои Јехова Бог ги направил и кои ќе ги направи во иднина. Се разбира, не е секогаш лесно да се извршува едно такво дело. Многу наши браќа проповедаат на подрачја каде што луѓето се рамнодушни, се исмејуваат или отворено ни се противат. Но, и ние можеме да го направиме тоа што го направил апостол Павле. Тој рекол: „Собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2). Никогаш да не се откажеме. Наместо тоа, да си го одржиме заветот што му го дадовме на Јехова дека ќе сведочиме за него сѐ додека не му дојде крај на овој Сатански свет (Иса. 6:11). Не можеме да бидеме сведоци со наша сила. Исто како првите христијани, мора да го молиме Јехова преку светиот дух да  ни ја дава ,силата која ја надминува нормалната‘. (Прочитај 2. Коринќаните 4:1, 7; Лука 11:13.)

14, 15. а) Какво гледиште имале другите луѓе за првите христијани, и што напишал за нив апостол Петар? б) Што треба да имаме на ум кога ќе се соочиме со противење?

14 Денес, милиони луѓе тврдат дека се христијани, „но се одрекуваат од [Бог] со своите дела, бидејќи се одвратни и непослушни и неспособни за какво и да е добро дело“ (Тит 1:16). Да имаме на ум дека во првиот век вистинските христијани биле мразени од многумина свои современици. Токму затоа апостол Петар напишал: „Ако ве исмејуваат поради Христовото име, среќни сте, бидејќи... духот Божји... почива врз вас“ (1. Пет. 4:14).

15 Дали овие зборови се однесуваат и на Јеховините сведоци денес? Да. Луѓето понекогаш нѐ мразат затоа што сведочиме за Јехова. Но, бидејќи ние сведочиме и дека Исус е Цар на Божјето Царство, може да се каже дека сме исмејувани и „поради Христовото име“. Кога бил на Земјата, и Исус бил прогонуван затоа што сведочел за Јехова. На своите противници тој им рекол: „Јас дојдов во името на својот Татко, но вие не ме примате“ (Јован 5:43). Затоа, следниот пат кога ќе се соочиш со противење во службата на проповедање, не плаши се. Тоа е доказ дека ги имаш Божјата милост и светиот дух.

16, 17. а) Каков пораст има низ целиот свет? б) На што треба да бидеме решени?

16 Не заборавај дека низ целиот свет има многу лица кои ја прифаќаат вистината. Дури и на обработените подрачја сѐ уште наоѓаме луѓе кои сакаат да ја чујат пораката за спасение. Затоа, да се трудиме редовно да ги посетуваме заинтересираните и, ако е можно, да започнеме да ја проучуваме Библијата со нив. Така ќе им помогнеме духовно да напредуваат, да му го заветуваат својот живот на Јехова и да се крстат. Можеби и ти се чувствуваш како Сари од Јужноафриканската Република, која активно проповеда повеќе од 60 години. Таа вели: „Многу сум благодарна за тоа што преку Исусовата откупна жртва можам да имам близок однос со Јехова, Севишниот Владетел на целата вселена, и среќна сум што можам да го објавувам неговото величествено име“. Таа и нејзиниот сопруг, Мартинус, им помогнале на многумина, вклучувајќи ги и нивните три деца, да почнат да му служат на Јехова. Сари додава: „Ништо друго не ни носи поголемо задоволство! Преку светиот дух, Јехова ни ја дава потребната сила за да продолжиме да го извршуваме ова дело со кое се спасуваат животи“.

17 Без разлика дали сме крстени христијани или не, имаме безброј причини да бидеме благодарни што сме дел од меѓународното братство на Јеховиниот народ. Затоа, да продолжиме да даваме темелно сведоштво и да се трудиме да останеме неизвалкани од овој расипан свет на Сатана. Само така ќе му донесеме слава на нашиот грижлив небесен Татко, чие величествено име го носиме.