Дела на апостолите 20:1-38

20  А кога стивна вревата, Павле испрати по учениците. Ги охрабри и се поздрави со нив,+ а потоа тргна на пат за Македонија.+  Откако помина низ тие краишта и ги охрабри браќата со многу зборови,+ дојде во Грција.  Таму помина три месеци, а потоа сакаше да отплови за Сирија. Но, поради тоа што Евреите сковаа заговор+ против него, реши да се врати преку Македонија.  Го придружуваа Сопатер,+ синот на Пир од Верија, солуњаните Аристарх+ и Секунд, Гај од Дерва, Тимотеј,+ како и Тихик+ и Трофим+ од покраината Азија.  Тие отидоа пред нас и нѐ чекаа во Троада,+  а ние испловивме од Филипи, кога поминаа деновите на бесквасните лебови,+ и за пет дена дојдовме кај нив во Троада.+ Таму поминавме седум дена.  А во првиот ден+ од седмицата, кога се собравме на јадење, Павле почна да им држи говор на сите што беа собрани, бидејќи имаше намера утредента да си оди, и го продолжи говорот дури до полноќ.  Затоа во горната соба,+ каде што се бевме собрале, имаше многу светилки.  А едно момче, по име Ефтих, седеше на прозорецот. Поради тоа што Павле долго зборуваше, тој потона во длабок сон. Совладан од сонот, падна од вториот кат. Кога го подигнаа, беше мртов. 10  А Павле слезе, се наведна над него,+ го прегрна и рече: „Не викајте, зашто е жив!“*+ 11  Потоа се качи горе, па го раскрши лебот и почна да јаде. И уште долго разговараше со нив, сѐ до зори, а потоа отпатува. 12  А момчето го одведоа живо, неизмерно утешени. 13  А ние отидовме на бродот и отпловивме за Асос, каде што требаше да го земеме Павле на бродот. Всушност, така беше одредил тој, бидејќи имаше намера да тргне пеш. 14  Кога се најдовме со него во Асос, го зедовме на бродот и отидовме во Митилена. 15  Утредента отпловивме оттаму и стигнавме близу до Хиос, следниот ден застанавме накратко во Самос, а наредниот ден стигнавме во Милет. 16  Всушност, Павле реши да го заобиколи Ефес+ за да не се задржи во Азија, бидејќи се брзаше да стигне во Ерусалим,+ ако е можно, до денот на Педесетницата. 17  А од Милет испрати порака до собраниските старешини+ во Ефес да дојдат кај него. 18  Кога стигнаа, им рече: „Вие знаете како се однесував меѓу вас+ за сето време, од првиот ден кога стапнав во Азија.+ 19  Му робував+ на Господарот* со сета понизност,+ со солзи и со искушенија, кои ме снајдоа поради заговорите на Евреите.+ 20  И не пропуштив да ви кажам сѐ што е корисно и да ве поучувам+ јавно и одејќи од куќа до куќа.+ 21  Туку темелно им сведочев+ и на Евреите и на Грците за покајанието+ пред Бог и за верата во нашиот Господар Исус. 22  А сега, еве, духот ме поттикнува да одам во Ерусалим,+ иако не знам што ќе ми се случи таму, 23  освен што светиот дух+ во секој град ми сведочи дека ме чекаат окови и неволји.+ 24  Но, ни најмалку не се грижам за својот живот,*+ само сакам да ја довршам својата трка+ и службата+ што ја примив од Господарот Исус:+ темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта.+ 25  И сега, еве, знам дека сите вие, меѓу кои го проповедав царството, повеќе нема да го видите моето лице. 26  Затоа ве повикувам на денешниов ден да посведочите дека сум чист од крвта+ на сите, 27  бидејќи не пропуштив да ви ја објавам во потполност Божјата намера.+ 28  Внимавајте+ на себе+ и на целото стадо,+ во кое светиот дух ве постави за надгледници,+ да го пасете Божјето собрание,+ кое Бог го купи со крвта+ на својот Син. 29  Јас знам дека по моето заминување меѓу вас ќе влезат свирепи волци,+ кои ќе немаат обѕир кон стадото. 30  И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења+ за да ги повлечат по себе учениците.+ 31  Затоа, бдејте, имајќи на ум дека три години,+ ден и ноќ, не престанав да го опоменувам+ со солзи секого од вас. 32  И сега ве доверувам на Бог+ и на пораката за неговата незаслужена доброта, порака која може да ве изгради+ и да ви го даде наследството меѓу сите посветени.+ 33  Не посакав ничие сребро, ниту злато, ниту облека.+ 34  Сами знаете дека овие раце послужија за моите потреби+ и за потребите на оние што беа со мене. 35  Во сѐ ви покажав дека со таква напорна работа+ морате да им помагате на слабите+ и да ги имате на ум зборовите на Господарот Исус, кој рече: ‚Повеќе усреќува давањето+ отколку примањето‘ “. 36  И откако го рече тоа, клекна+ со сите нив и се помоли. 37  Тогаш сите силно заплакаа, па го изгушкаа+ Павле и од срце го избакнаа,+ 38  бидејќи посебно ги заболе тоа што рече дека повеќе нема да го видат неговото лице.+ Потоа го испратија+ до бродот.

Фусноти

Буквално: „зашто неговата душа е во него“.
Види го додатокот 11.
Буквално: „душа“.