Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — што ќе правите со својот живот?

Млади — што ќе правите со својот живот?

Млади — што ќе правите со својот живот?

„Не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. КОР. 9:26)

1, 2. За успешно да чекориш по патот кон зрелост, што треба да имаш?

 АКО треба да појдеш на некое патување во непознат крај, сигурно би понел карта и компас. Картата ќе ти помогне да откриеш каде се наоѓаш и да одредиш по кој пат е најдобро да одиш. Компасот ќе ти помогне да се ориентираш во просторот. Но, ниту картата ниту компасот нема многу да ти користат ако не знаеш каде си тргнал. За да не луташ бесцелно, треба да имаш јасно одредена цел.

2 Слично е и со твојот пат кон зрелост. Имаш на располагање и точна карта и компас. Библијата е карта што може да ти помогне да одредиш по кој пат ќе одиш (Изр. 3:5, 6). Ако е исправно обликувана, твојата совест може многу да ти помогне да продолжиш во исправниот правец (Рим. 2:15). Таа може да ти служи како компас. Но, за да имаш исполнет и среќен живот, треба да знаеш каде си тргнал. Треба да имаш јасно одредени цели.

3. Според зборовите на Павле од 1. Коринќаните 9:26, зошто е корисно да си поставуваме цели?

3 Апостол Павле кажал зошто е корисно да си поставуваме цели и да се трудиме да ги оствариме. Тој напишал: „Јас не трчам бесцелно и не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. Кор. 9:26). Ако имаш цел, ќе трчаш со сигурност. Наскоро, ќе мораш да донесеш некои многу важни одлуки во врска со службата за Бог, вработувањето, бракот, семејството, како и за други битни работи. Понекогаш, можеби ти се чини дека пред тебе има толку многу можности. Но, ако однапред си одредиш во кој правец сакаш да одиш, донесувајќи одлуки на темел на вистините и начелата од Божјата Реч, нема да паднеш на искушение да тргнеш во погрешен правец (2. Тим. 4:4, 5).

4, 5. а) Што може да се случи ако не си поставуваш цели? б) Зошто, кога донесуваш одлуки, треба да те води желбата да го радуваш Бог?

4 Ако не си поставуваш цели, многу голема е веројатноста дека врсниците и наставниците ќе ти влијаат да го направиш она што тие сметаат дека е добро за тебе. Се разбира, дури и ако имаш конкретни цели, некои пак ќе ти даваат предлози што да правиш. Но, додека ги слушаш нивните предлози, запрашај се: ‚Дали целите што ми ги спомнуваат ќе ми помогнат да се сеќавам на мојот Творец сега, додека сум млад или, пак, ќе ме оддалечат од него?‘ (Прочитај Проповедник 12:1.)

5 Зошто, кога донесуваш одлуки, треба да те води желбата да го радуваш Бог? Една причина е тоа што Јехова ни ги дава сите убави нешта што ги имаме (Јак. 1:17). Всушност, сите треба да му бидеме благодарни (Отк. 4:11). А има ли подобар начин да покажеш дека си благодарен од тоа што ќе го имаш Јехова на ум кога си поставуваш цели? Да разгледаме какви цели вреди да си поставиш и што мораш да правиш за да ги оствариш.

Какви цели можеш да си поставиш?

6. Која важна цел треба да си ја поставиш, и зошто?

6 Како што спомнавме во претходната статија, една многу важна цел што можеш да си ја поставиш е да се увериш дека она што е запишано во Библијата е вистина (Рим. 12:2; 2. Кор. 13:5). Можеби твоите врсници веруваат во еволуција или во разни лажни верски учења затоа што другите им рекле дека треба да веруваат во тоа. Но, не мораш и ти да бидеш како нив кога станува збор за верувањата. Не заборавај дека Јехова сака да му служиш со сиот свој ум. (Прочитај Матеј 22:36, 37.) Нашиот небесен Татко сака да ја изградиш својата вера на темел на докази (Евр. 11:1).

7, 8. а) Кои краткорочни цели ќе ти помогнат да си ја зајакнеш верата? б) Што ќе се случи откако ќе оствариш некои од своите краткорочни цели?

7 За да си ја зајакнеш верата, би можел да си поставиш краткорочни цели. Една таква цел би можело да биде да се молиш секој ден. За да бидат твоите молитви разнолики и конкретни, би можел да размислиш или да си направиш список со конкретни работи што се случиле во текот на денот и кои би сакал да ги спомнеш во молитвите. Но, немој да ги спомнуваш само тешките моменти туку и убавите работи (Фил. 4:6). Друга цел е да ја читаш Библијата секој ден. Си знаел ли дека ако читаш само околу четири страници од Библијата секој ден, ќе ја прочиташ за отприлика една година? a „Среќен е човекот што... ужива во законот на Јехова“, пишува во Псалм 1:1, 2, „и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе.“

8 Трета краткорочна цел што би можел да си ја поставиш е да се подготвуваш да коментираш на секој собраниски состанок. За почеток би можел да го прочиташ одговорот или да прочиташ стих. Со текот на времето, би можел да си поставиш цел да дадеш коментар со свои зборови. Впрочем, секој пат кога коментираш, ти му даваш дар на Јехова (Евр. 13:15). Кога ќе оствариш некои од овие цели, ќе стекнеш поголема самодоверба и поголемо ценење за Јехова, а ќе бидеш спремен и да си поставиш долгорочни цели.

9. Ако сѐ уште не си објавител на Царството, кои долгорочни цели би можел да си ги поставиш?

9 Какви долгорочни цели би можел да си поставиш? Ако сѐ уште не си почнал јавно да ја објавуваш добрата вест, една долгорочна цел би можело да биде да станеш објавител на Царството. Кога ќе ја оствариш оваа убава цел, добро е да бидеш редовен и делотворен и да не дозволиш да помине ни еден месец без да одиш во служба. Исто така, добро е да научиш да ја користиш Библијата во служба. Ако го правиш тоа, сигурно ќе почнеш повеќе да уживаш во проповедањето. Потоа би можел да почнеш да го зголемуваш времето што го минуваш во службата од куќа до куќа, па дури и да се трудиш да почнеш да проучуваш со некого. Како некрстен објавител, зарем би можел да имаш поубава цел од тоа да ги исполниш условите за крштавање и да станеш крстен Сведок на Јехова Бог?

10, 11. Кои долгорочни цели можат да си ги постават младите што се крстени?

10 Ако веќе си крстен слуга на Јехова, еве некои долгорочни цели на кои би можел да работиш. Би можел одвреме-навреме да им помагаш на собранијата да проповедаат на ретко работени подрачја. Исто така, би можел да ја користиш својата сила и доброто здравје за да служиш како помошен или општ пионер. Десетици илјади среќни пионери ќе ти кажат дека полновремената служба е убав начин да се сеќаваш на својот Творец во деновите на својата младост. Ова се цели што би можел да ги оствариш уште додека живееш дома со твоите родители. Тоа ќе му биде од голема помош и на твоето собрание.

11 Некои долгорочни цели би можеле да им бидат од корист и на други собранија, а не само на твоето. На пример, би можел да испланираш да служиш на друго место или во друга земја каде што има потреба од повеќе објавители. Би можел да помагаш во изградбата на Сали на Царството или подружници во други земји. Можеби би имал и прилика да служиш во Бетел или како мисионер. Се разбира, првата важна цел што треба да ја оствариш пред да одиш на долгорочните цели што сега ги спомнавме е да се крстиш. Ако сѐ уште не си крстен, размисли што е потребно за да го направиш овој важен чекор во твојот живот.

Што опфаќа целта да се крстиш?

12. Од кои причини се крштаваат некои, и зошто тоа не е доволно?

12 Што би рекол, која е целта на крштавањето? Некои можеби мислат дека тоа ќе им помогне да не направат грев. Други можеби сметаат дека треба да се крстат затоа што нивните пријатели се крштаваат. Трети, пак, можеби сакаат да им угодат на родителите. Меѓутоа, крштавањето не е договор што те ограничува да правиш некои работи што длабоко во себе би сакал да ги правиш, ниту, пак, треба да се крстиш затоа што другите ти вршат притисок. Треба да се крстиш само тогаш кога ќе бидеш потполно свесен што значи да се биде Јеховин сведок и кога ќе бидеш сигурен дека си спремен да ја преземеш таа одговорност (Проп. 5:4, 5).

13. Зошто треба да се крстиш?

13 Една причина за да се крстиш е тоа што Исус им заповедал на своите следбеници ‚да прават ученици, крштавајќи ги‘. И самиот тој се крстил. (Прочитај Матеј 28:19, 20; Марко 1:9.) Освен тоа, крштавањето е важен чекор за оние што сакаат да се спасат. Откако спомнал дека Ное ја градел арката во која тој и неговото семејство се спасиле за време на Потопот, апостол Петар рекол: „Она што беше предочено со тоа, сега и вас ве спасува, имено крштавањето... на темел на воскресението на Исус Христос“ (1. Пет. 3:20, 21). Но, ова не значи дека крштавањето е како полиса за осигурување што ја плаќаш за да се заштитиш во случај на несреќа. Се крштаваш затоа што го сакаш Јехова и сакаш да му служиш со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сета своја сила (Мар. 12:29, 30).

14. Зошто некои се двоумат да се крстат, но какво уверување имаш?

14 Некои се двоумат да се крстат од страв дека подоцна би можеле да бидат исклучени. Дали и ти се плашиш од тоа? Таквиот страв не е секогаш погрешен. Може да значи дека сфаќаш колку сериозна одговорност е да бидеш Јеховин сведок. Но, дали се двоумиш и од друга причина? Можеби сѐ уште не си убеден дека ќе го имаш најдобриот начин на живот ако живееш според Божјите мерила. Ако се работи за тоа, можеби ќе ти биде полесно да донесеш одлука откако ќе размислиш за последиците што ги сносат оние што ги игнорираат библиските мерила. Од друга страна, можеби ги сакаш Божјите мерила, но немаш доверба во себе дека ќе можеш да живееш според нив. Всушност, тоа може да биде добар знак, зашто покажува дека си понизен. На крајот на краиштата, Библијата вели дека срцето на несовршените луѓе е измамливо (Ерем. 17:9). Но, можеш да успееш ако ‚внимаваш на себе според Божјата реч‘. (Прочитај Псалм 119:9.) Сеедно од која причина се двоумиш да се крстиш, треба да расчистиш со таквите прашања и грижи. b

15, 16. Како можеш да знаеш дали си спремен да се крстиш?

15 Но, како ќе знаеш дали си спремен да се крстиш? Еден начин да дознаеш е да размислиш за следниве прашања: ‚Можам ли да им ги објаснам на другите основните библиски учења? Одам ли во служба дури и кога моите родители не можат? Се трудам ли да одам на сите христијански состаноци? Можам ли да наведам конкретни случаи кога сум се спротивставил на притисокот од врсниците? Би продолжил ли да му служам на Јехова дури и ако моите родители и пријатели престанат? Дали се молам за мојот однос со Бог? Дали во молитва му се заветував на Јехова дека безрезервно ќе му служам?‘

16 Крштавањето е чекор што го менува животот и затоа не треба да се сфати површно. Дали си доволно зрел сериозно да размислиш за овој чекор? Зрелоста значи многу повеќе отколку само да изнесуваш добри говори од подиумот или да даваш впечатливи коментари на состаноците. Зрелоста значи да донесуваш одлуки на темел на библиските начела. (Прочитај Евреите 5:14.) Ако можеш да го правиш тоа, тогаш пред тебе е најголемата чест што постои — да му служиш на Јехова со цело срце и да живееш на начин што покажува дека си му оддаден од дното на душата.

17. Што ќе ти помогне да ги поднесеш искушенијата на кои можеби ќе наидеш откако ќе се крстиш?

17 Веднаш откако ќе се крстиш, можеби ќе имаш голем жар за службата за Бог. Но, набрзо може да наидеш на искушенија што ќе ја стават на испит твојата вера и твојата истрајност (2. Тим. 3:12). Немој да мислиш дека ќе мораш сам да се бориш. Барај совет од родителите. Побарај помош од зрелите браќа и сестри во собранието. Остани близок со оние што ќе те поддржуваат. Никогаш не заборавај дека Јехова се грижи за тебе и дека ќе ти ја дава силата што ти е потребна за да издржиш што и да се случи (1. Пет. 5:6, 7).

Како да ги оствариш своите цели?

18, 19. Зошто е корисно да размислиш како ти се подредени работите во животот?

18 Дали ти се чини дека, и покрај твоите најдобри намери, никогаш немаш доволно време за она што би сакал и што треба да го правиш? Ако е така, тогаш добро е да размислиш како ти се подредени работите во животот. Еве еден пример: Земи една кофа и во неа стави неколку големи камења. Потоа наполни ја до врв со песок. Значи, имаш кофа полна и со камења и со песок. Сега испразни ја кофата, но зачувај ги истиот песок и камењата. Овој пат, прво стави го песокот, а потоа обиди се да ги ставиш внатре и камењата. Нема место? Нема, затоа што овојпат прво го стави песокот во кофата.

19 Истото може да се случи и кога си го распоредуваш времето. Ако на прво место ги ставиш малите работи, како што е рекреацијата, ќе ти се чини дека никогаш немаш доволно време за големите работи — духовните активности. Но, ако го следиш советот од Библијата ‚да процениш што е најважно‘, ќе видиш дека имаш место и за духовни активности и за рекреација (Фил. 1:10).

20. Што треба да правиш ако понекогаш те притиснат грижи и сомнежи додека се трудиш да ги оствариш своите цели?

20 Додека се трудиш да ги оствариш своите цели, меѓу кои е и крштавањето, одвреме-навреме може да те притиснат грижи и сомнежи. Кога ќе се случи тоа, „фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Пс. 55:22). Сега имаш можност да учествуваш во највозбудливото и најважното дело во човечката историја — делото на проповедање и поучување што се одвива низ целиот свет (Дела 1:8). Можеш да одбереш да бидеш само набљудувач и да гледаш како другите го вршат тоа дело. Или, можеш да бидеш вклучен и ти. Не колебај се да ги користиш своите таленти во службата за Бог и за неговото Царство. Никогаш нема да зажалиш што му служиш на „својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (Проп. 12:1).

[Фусноти]

Како ќе одговориш?

• Зошто треба да си поставуваш цели?

• Кои се некои цели што вреди да ги оствариш?

• Што опфаќа целта да се крстиш?

• На кој начин тоа што ќе размислиш како ти се подредени работите во животот ќе ти помогне да си ги оствариш целите?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Имаш ли за цел секој ден да ја читаш Библијата?

[Слика на страница 15]

Што ќе ти помогне да ја оствариш својата цел да се крстиш?

[Слика на страница 16]

Што учиш од овој пример?