Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — спротивставете му се на притисокот од врсниците

Млади — спротивставете му се на притисокот од врсниците

Млади — спротивставете му се на притисокот од врсниците

„Вашиот збор секогаш нека биде... зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (КОЛ. 4:6)

1, 2. Како се чувствуваат мнозина млади кога се разликуваат од другите, и зошто?

 СИГУРНО не само што си чул за „притисок од врсниците“ туку и си го осетил на своја кожа. Веројатно имало ситуации кога некој те терал да направиш нешто што знаеш дека е погрешно. Како се чувствуваш во такви моменти? „Понекогаш посакувам да ме снема“, вели Кристофер (14), „или и јас да сум ист како сите други.“

2 Дали и тебе врсниците силно ти влијаат? Зошто? Дали можеби затоа што сакаш да те прифатат? Таа желба сама по себе не е погрешна. Всушност, и возрасните сакаат да бидат прифатени од околината. Никој — ни млад ни стар — не сака да биде отфрлен. Но, реално гледано, кога цврсто се држиш за она што е исправно, нема да им бидеш мил на сите. Дури и Исус го осетил тоа. Сепак, тој секогаш го правел она што е исправно. Точно е дека некои го следеле и станале негови ученици, но други го сметале за „презрен и безвреден“ (Иса. 53:3).

Колку е силен притисокот да бидеш како другите?

3. Зошто би било грешка да се поведеш по мерилата на другите?

3 Понекогаш можеби ти доаѓа да правиш како што прават сите други само за да те остават на мир. Но, ќе згрешиш ако го направиш тоа. Христијаните не треба да бидат „мали деца кои... ги носи ваму-таму секој ветар“ (Еф. 4:14). Малите деца лесно можат да паднат под нечие влијание. Но, ти си на пат да станеш возрасен човек. Затоа, ако веруваш дека Јеховините мерила се за твое добро, зарем не вреди по секоја цена да се држиш за нив? (5. Мој. 10:12, 13). Во спротивно, повеќе ќе немаш контрола над својот живот. Факт е дека, кога ќе попуштиш на притисокот од другите, стануваш нивна марионета. (Прочитај 2. Петрово 2:19.)

4, 5. а) Како Арон попуштил на притисокот од другите, и што можеш да научиш од тоа? б) Со какви методи може да се служат врсниците за да те наведат на нешто погрешно?

4 Во една прилика, Арон, братот на Мојсеј, попуштил под притисокот од другите. Кога Израелците го терале да им направи бог, тој го сторил тоа. Арон не бил кукавица. Претходно, заедно со Мојсеј застанал пред фараонот, најмоќниот човек во Египет. Арон зборувал смело и му ја пренел на фараонот Божјата порака. Но, кога го притиснале неговите сонародници, попуштил. Гледаме дека притисокот од другите може да биде многу силен! На Арон му било полесно да се соочи со царот на Египет отколку со оние што биле рамни на него (2. Мој. 7:1, 2; 32:1-4).

5 Како што покажува примерот на Арон, со притисок од другите не се соочуваат само младите ниту, пак, таков проблем имаат само оние што ги влече лошото. На таков притисок наидуваат и оние што искрено сакаат да постапуваат исправно, вклучувајќи те и тебе. Врсниците можеби ќе се обидат да те натераат да постапиш погрешно со тоа што ќе те предизвикуваат, ќе те обвинуваат или ќе те исмејуваат. Што и да направат, не е лесно да го издржиш и да му се спротивставиш на притисокот. За да успееш, најпрво мора да бидеш цврсто убеден во она во што веруваш.

„Проверувајте се самите себе“

6, 7. а) Зошто е важно да бидеш убеден во она во што веруваш, и како можеш да го постигнеш тоа? б) Кои прашања би можеле да ти помогнат да бидеш уште поубеден во она во што веруваш?

6 За да се спротивставиш на притисокот од врсниците, најпрво мораш да бидеш убеден дека твоите верувања и мерила се исправни. (Прочитај 2. Коринќаните 13:5.) Тоа ќе ти помогне да бидеш храбар, иако можеби по природа си плашлив (2. Тим. 1:7, 8). Но, дури и кога некој е храбар, може да му биде прилично тешко да се држи цврсто за нешто во што верува само површно. Затоа, провери и увери се сам дека она за што те поучувале од Библијата навистина е така. Почни со основните работи. На пример, веруваш во Бог, а си чул и зошто другите веруваат во Бог. Затоа, прашај се: ‚Што ме уверува мене дека Бог постои?‘ Целта на ова прашање не е да разбуди кај тебе сомнежи, туку да ја зацврсти твојата вера. Или би можел да се запрашаш: ‚Зошто верувам дека Библијата навистина е вдахновена од Бог?‘ (2. Тим. 3:16). ‚Зошто сум убеден дека ова се „последните денови“?‘ (2. Тим. 3:1-5). ‚Зошто сум уверен дека Јеховините мерила се за мое добро?‘ (Иса. 48:17, 18).

7 Можеби баш и не сакаш да размислуваш за вакви прашања, од страв дека немаш одговор на нив. Но, тоа би било исто како да не сакаш да го погледнеш мерачот за гориво во автомобилот од страв дека стрелката покажува на „Празно“! Ако немаш гориво во резервоарот, треба да си свесен за тоа за да можеш да преземеш нешто. Слично на ова, треба да си свесен на кои подрачја ти недостига вера за да можеш да го поправиш тоа (Дела 17:11).

8. Објасни како би можел уште повеќе да се увериш во мудроста на Божјата заповед да бегаш од блуд.

8 Размисли за еден пример. Библијата нѐ поттикнува: „Бегајте од блуд!“ Запрашај се: ‚Зошто е паметно да ја послушам оваа заповед?‘ Размисли за сите причини од кои твоите врсници прават блуд. Сега размисли од кои причини оној што прави блуд „греши против своето сопствено тело“ (1. Кор. 6:18). Потоа проанализирај ги овие причини и прашај се: ‚Што е најпаметно да правам? Дали навистина вреди човек да направи сексуален неморал?‘ Размисли и уште подлабоко. На пример, прашај се: ‚Како ќе се чувствувам ако направам сексуален неморал?‘ Можеби отпрвин ќе ти биде мило што врсниците те прифаќаат. Но, како ќе се чувствуваш подоцна, кога ќе бидеш со своите родители или со сохристијаните во Салата на Царството? Како ќе се чувствуваш кога ќе пробаш да му се молиш на Бог? Спремен ли си да го жртвуваш твоето пријателство со Бог само за да им угодиш на врсниците?

9, 10. Како тоа што си убеден во своите верувања ќе ти помогне да бидеш посигурен кога си со врсниците?

9 Ако си тинејџер, сега ‚твојот разум‘ се развива како никогаш порано. (Прочитај Римјаните 12:1, 2.) Искористи го овој период за добро да размислиш колку ти е важно да бидеш Јеховин сведок. Тоа ќе ти помогне да бидеш цврсто убеден во своите верувања. Потоа, кога ќе се најдеш под притисок од врсниците, ќе можеш да одговориш брзо и сигурно. Ќе се чувствуваш како една млада сестра, која вели: „Кога цврсто стојам на своето, другите едноставно можат да видат дека сум тоа што сум. За мене ова не е само ‚некојаси религија‘ — мојата религија е мојот живот. Тоа се гледа во моите размислувања, цели и морални мерила“.

10 Точно, потребен е напор за цврсто да се држиш за она што знаеш дека е исправно (Лука 13:24). Можеби дури и се прашуваш дали вреди сиот тој труд. Сепак, не губи го ова од вид: Ако се однесуваш како да ти е незгодно или срам поради твоите ставови, другите ќе го осетат тоа и може да ти вршат уште поголем притисок. Но, ако зборуваш со увереност, можеби ќе се изненадиш колку брзо врсниците ќе те остават на мир. (Спореди со Лука 4:12, 13.)

‚Промисли што ќе одговориш‘

11. Зошто вреди однапред да се подготвиш за притисокот од врсниците?

11 Друг важен чекор што ќе ти помогне да се спротивставиш на притисокот од врсниците е да се подготвиш за него. (Прочитај Изреки 15:28.) Да бидеш подготвен значи однапред да размислиш во какви ситуации би можел да се најдеш. Понекогаш малку промисленост може да ти помогне да избегнеш голема непријатност. На пример, им се приближуваш на една група деца од училиштето и забележуваш дека пушат. Колкава е веројатноста и тебе да ти понудат цигара? Гледаш дека ќе има проблем, тогаш што би можел да направиш? Во Изреки 22:3 пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“. Ако заминеш по друг пат, може да ја избегнеш средбата со тие деца. Тоа не е знак на кукавичлук, туку на мудрост.

12. Што би можел да направиш кога некој те задева?

12 Но, што ако не можеш да ја избегнеш ситуацијата? Да речеме дека некој те прашува: „Зар уште си невин?“ Најдобро е да го послушаш советот од Колошаните 4:6: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“. Од овој стих гледаме дека како ќе одговориш на едно такво прашање зависи од ситуацијата. Веројатно нема да треба да им одржиш проповед на своите врсници. Еден едноставен, цврст одговор може да биде доволен. На пример, кога ќе те прашаат дали си невин, можеш едноставно да речеш: „Да“ или „Тоа си е моја работа“.

13. Зошто е важно да промислиш дали ќе одговориш кога некој те задева?

13 Исус честопати давал само краток одговор кога гледал дека нема ништо да постигне ако објаснува многу. Всушност, кога Ирод го испрашувал, тој решил да не каже ништо (Лука 23:8, 9). Обично, молчењето е добар одговор на дрските прашања (Изр. 26:4; Проп. 3:1, 7). Од друга страна, можеби ќе забележиш дека оној што те распрашува вистински е заинтересиран за твоите верувања — на пример, за моралот — дури и ако отпрвин те исмејувал (1. Пет. 4:4). Во тој случај, можеби би било добро да му го објасниш твојот став кој се темели на Библијата. Немој да се плашиш. Секогаш ‚биди спремен за одбрана‘ (1. Пет. 3:15).

14. Како би можел во некои ситуации тактично да возвратиш на притисокот?

14 Во некои ситуации, би можел да возвратиш на притисокот. Но, гледај да бидеш тактичен. На пример, ако некој соученик те тера да запалиш цигара, би можел да речеш: „Не, фала“, и потоа да додадеш: „Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“ Гледаш како притисокот добива друга насока? Наместо ти да мораш да објаснуваш зошто не пушиш, ќе го натераш твојот врсник да размисли зошто тој пуши. a

15. Кога е добро да си заминеш од врсниците кои се обидуваат да те натераат на нешто, и зошто?

15 Но, што ако и покрај сите твои напори другите продолжуваат да ти вршат притисок? Најдобро е да си заминеш. Колку подолго остануваш, толку поголеми се шансите да згрешиш. Затоа, тргни се. И немој да се чувствуваш како слабак поради тоа. Напротив, биди свесен дека ти успеа да имаш контрола над ситуацијата. Не стана марионета со која твоите врсници ќе си играат како сакаат, а го израдува и Јехова (Изр. 27:11).

Имај ‚планови што донесуваат корист‘

16. Како може се најдеш под притисок и од некој што се изјаснува како христијанин?

16 Понекогаш, под притисок да направиш нешто погрешно може да те стават и некои млади што тврдат дека се слуги на Јехова. Да речеме, доаѓаш на некоја забава што ја организира такво лице и гледаш дека нема ниеден возрасен да ја надгледува. Или некој млад што се изјаснува како христијанин доаѓа со алкохол на забава, а ти и другите што сте таму, според законот, не смеете да пиете алкохол. Има безброј ситуации во кои ќе треба да се држиш за она што ти го кажува твојата совест обликувана според Библијата. Една 16-годишна христијанка вели: „Јас и сестра ми станавме и си заминавме од еден филм во кој многу се пцуеше. Другите што беа со нас решија да го догледаат. Нашите родители нѐ пофалија за тоа што го сторивме. Но, другите ни беа лути затоа што тие се покажаа во лошо светло“.

17. Кога одиш на забава, кои практични мерки можеш да ги преземеш за да не ги прекршиш Божјите мерила?

17 Како што се гледа и од примерот кој штотуку го спомнавме, кога го правиш она што ти го кажува совеста, може да се најдеш во незгодна ситуација. Но, држи се за она што знаеш дека е исправно. Биди подготвен. Ако одиш на некоја забава, имај резервен план како да си заминеш во случај работите да не излезат онака како што си очекувал. Некои млади се договорени со родителите да бидат спремни да ги земат штом ќе им се јават на телефон (Пс. 26:4, 5). Таквите ‚планови сигурно донесуваат корист‘ (Изр. 21:5, фус.).

‚Радувај се во младоста‘

18, 19. а) Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова сака да бидеш среќен? б) Како гледа Бог на оние што се спротивставуваат на притисокот од врсниците?

18 Јехова те создал за да му се радуваш на животот и сака да бидеш среќен. (Прочитај Проповедник 11:9.) Не заборавај дека она што повеќето твои врсници го имаат се само ‚минливи грешни задоволства‘ (Евр. 11:25). Вистинскиот Бог сака да имаш нешто далеку подобро од тоа. Тој сака да бидеш среќен засекогаш. Затоа, кога ќе се најдеш на искушение да направиш нешто што знаеш дека е погрешно во Божји очи, сети се дека, на долги патеки, она што Јехова го бара од тебе секогаш е за твое добро.

19 Треба да сфатиш дека дури и ако сега си омилен меѓу своите врсници, по неколку години, повеќето од нив нема да се сеќаваат ни на твоето име. За разлика од нив, кога се спротивставуваш на притисокот од врсниците, Јехова го забележува тоа и никогаш нема да ја заборави твојата верност. Тој ќе ‚ти ги отвори небесните брани и ќе ти излее благослов додека не биде доста‘ (Мал. 3:10). Освен тоа, великодушно ти го дава својот свет дух за да надомести таму каде што имаш слабости. Да, Јехова може да ти помогне да се спротивставиш на притисокот од врсниците!

[Фуснота]

a Види ја рамката со наслов „Како против притисокот од врсниците“ во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, страници 132 и 133.

Се сеќаваш ли?

• Колку силно влијание може да има притисокот од врсниците?

• Зошто е важно да бидеш убеден во своите верувања за да се спротивставиш на притисокот од врсниците?

• Како можеш да се подготвиш за притисокот?

• Од каде знаеш дека Јехова ја цени твојата верност?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Зошто Арон се согласил да го направи златното теле?

[Слика на страница 10]

Биди подготвен — однапред одлучи што ќе речеш