Префрли се на текстот

Дали Бог користел еволуција за да ги создаде разните облици на живот?

Дали Бог користел еволуција за да ги создаде разните облици на живот?

Што вели Библијата?

 Не. Библијата јасно кажува дека Бог ги создал луѓето, како и различните видови животни и растенија a (1. Мојсеева 1:12, 21, 25, 27; Откровение 4:11). Таа ни кажува дека целиот човечки род потекнува од Адам и Ева, нашите прародители (1. Мојсеева 3:20; 4:1). Библискиот извештај за создавањето не ја поддржува таканаречената теистичка еволуција, односно теоријата дека Бог користел еволуција за да ги создаде разните облици на живот. Но факт е дека Библијата не е во судир со научните сознанија според кои во рамките на еден вид може да настанат варијации. b

 Дали Бог користел еволуција при создавањето?

 Изразот „теистичка еволуција“ опфаќа најразлични идеи. Според Encyclopædia Britannica, овој израз ја пренесува мислата дека „природната селекција е еден од начините на кои Бог управува со природата“.

 Теистичката еволуција може да ги вклучува следниве идеи:

  •   Сите живи организми настанале од еден облик на живот кој постоел во далечното минато.

  •   Еден облик на живот може да еволуира во сосема друг облик на живот. Тоа понекогаш се нарекува макроеволуција.

  •   На некој начин, Бог управува со сите овие процеси.

 Дали еволуцијата е во склад со Библијата?

 Теистичката еволуција индиректно укажува на тоа дека библискиот извештај за создавањето кој се спомнува во 1. Мојсеева не е потполно точен. Сепак, Исус се осврнал на овој извештај како на историски факт (1. Мојсеева 1:26, 27; 2:18-24; Матеј 19:4-6). Библијата ни кажува дека пред да дојде на Земјата, Исус живеел на небото заедно со Бог и му помагал во создавањето на сѐ што постои (Јован 1:3). Според тоа, идејата дека Бог користел еволуција за да ги создаде различните облици на живот не е во согласност со библиските учења.

 Дали способноста на растенијата и животните да се приспособат на средината е доказ за еволуција?

 Библијата не објаснува колку варијации можат да настанат во рамките на еден вид. Ниту пак, му противречи на фактот дека разните видови животни и растенија кои Бог ги создал може да претрпат промени додека се размножуваат или приспособуваат на нова животна средина. Иако некои сметаат дека ваквите промени се облик на еволуција, со нив не настанува нов вид животно или растение.

a Зборот „вид“ што се користи во Библијата не се користи како научен израз и има многу пошироко значење од зборот „вид“ што се користи во науката. Честопати, кога научниците тврдат дека по пат на еволуција настанал некој нов вид, едноставно станува збор за промени во рамките на еден ист вид, онака како што овој збор се користи во Библијата.

b Научниците понекогаш ова го нарекуваат микроеволуција.