Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Библијата ни ја кажува целата вистина за Исус?

Дали Библијата ни ја кажува целата вистина за Исус?

Дали Библијата ни ја кажува целата вистина за Исус?

Дали е можно Исус да не умрел на Голгота, како што вели Библијата, туку да останал жив? Можно ли е да се оженил со Марија Магдалена и да имал деца со неа? Дали можеби бил мистичен аскет што се откажал од сите земни задоволства? Можно ли е да ги поучувал луѓето за работи што се спротивни на она што го пишува во Библијата?

ВО ПОСЛЕДНИВЕ неколку години се раширија многу вакви шпекулации, кои делумно се должат на популарните филмови и романи. Освен овие дела кои се производ на бујна фантазија, и многу книги и списанија го насочуваат вниманието на апокрифните списи од вториот и третиот век од н.е., тврдејќи дека откриваат факти за Исус кои не се изнесени во евангелијата. Можно ли е ваквите тврдења да се точни? Можеме ли да бидеме сигурни дека Библијата ни ја кажува целата вистина за Исус?

За да го добиеме одговорот на овие прашања, ќе биде добро да разгледаме три основни работи. Прво, треба да знаеме некои важни информации за луѓето што ги напишале евангелијата и за тоа кога ги пишувале. Второ, треба да знаеме кој го утврдил канонот на Светото писмо и врз основа на што. И трето, треба да знаеме нешто повеќе за апокрифните списи и за тоа по што се разликуваат од канонските списи. *

Кога биле напишани Христијанските грчки списи, и кој ги напишал?

Како што откриваме од некои извори, Евангелието според Матеј било напишано осум години по смртта на Христос, односно некаде во 41 год. од н.е. Иако многу изучувачи сметаат дека тоа било напишано нешто подоцна, постои општа согласност дека сите книги на Христијанските грчки списи биле напишани во првиот век од н.е.

Во тоа време сѐ уште биле живи оние што со свои очи го виделе Исус додека бил жив, кога умрел и кога воскреснал, па затоа можеле да го потврдат она што било запишано во евангелијата. Исто така, можеле лесно да ги побијат сите неточности. Професор Ф. Ф. Брус вели: „Една од јаките страни на проповедничката активност на апостолите е тоа што со цврста увереност се повикувале на фактите што ги знаеле и самите луѓе на кои им зборувале. Тие не велеле само ‚Ние сме сведоци на овие работи‘ туку велеле ‚Како што и самите знаете‘ (Дела 2:22)“.

Кои биле писателите на Христијанските грчки списи? Меѓу нив биле и некои од 12-те апостоли на Исус. Овие и други библиски писатели, како што се Јаков, Јуда и најверојатно Марко, биле присутни на Педесетница 33 год. од н.е., кога било основано христијанското собрание. Сите писатели, вклучувајќи го и Павле, биле поврзани со водечкото тело на христијанското собрание од првиот век. Тоа водечко тело се состоело од апостолите и старешините во Ерусалим (Дела 15:2, 6, 12-14, 22; Галатите 2:7-10).

Исус им дал задача на своите следбеници да проповедаат и да поучуваат, и така да го продолжат делото што го започнал тој (Матеј 28:19, 20). Освен тоа, им рекол: „Оној што ве слуша вас, ме слуша и мене“ (Лука 10:16). Исто така, им ветил дека Божјиот свет дух ќе им ја даде потребната сила за да го извршат тоа дело. Затоа, кога ќе добиеле писма од апостолите или од нивните блиски соработници — мажи што давале јасен доказ дека се водени од Божјиот свет дух — првите христијани веднаш ги прифаќале тие книги како авторитетни.

Некои од писателите на Библијата потврдиле дека книгите и писмата што ги пишувале други писатели на Библијата навистина потекнуваат од Бог и дека се дел од Неговата Реч. На пример, апостол Петар ги спомнал писмата на Павле и ги ставил на исто рамниште со „останатите делови од Писмото“ (2. Петрово 3:15, 16). Павле, пак, потврдил дека апостолите и други христијански пророци пишувале под водство на Божјиот свет дух (Ефешаните 3:5).

Значи, извештаите во евангелијата содржат цврсти докази дека се веродостојни и автентични. Тие не се измислени легенди и приказни, туку внимателно запишана историја која се темели на сведоштвото на очевидци. Освен тоа, напишани се од луѓе кои биле водени од Божјиот свет дух.

Кој го утврдил канонот?

Некои автори тврдат дека канонот на Христијанските грчки списи бил утврден со векови подоцна од една црква која имала голема моќ и поддршка од државата на чело со императорот Константин. Меѓутоа, фактите покажуваат нешто друго.

На пример, забележи што изјавил Оскар Скарсаун, професор по црковна историја: „Ниеден црковен собор ниту човек не одредил кои списи ќе бидат вклучени во Новиот завет, а кои не... Критериумите биле многу јасни и прецизни: Како веродостојни биле прифатени само списите од првиот век од н.е. за кои се сметало дека излегле од перото на апостолите или на нивните соработници. Други списи, писма или ‚евангелија‘ што биле напишани подоцна не биле вклучени... Овој процес во основа бил завршен долго време пред Константин и долго време пред да биде основана црквата на која тој ѝ дал моќ. Новиот завет не ни го дала таа црква туку христијаните кои биле прогонувани поради својата вера“.

Кен Бердинг, вонреден професор чија специјалност се Христијанските грчки списи, го вели следново во врска со тоа како настанал канонот: „Црквата не утврдила канон по свој избор; поисправно е да се каже дека црквата ги признала книгите што христијаните отсекогаш ги сметале за веродостоен дел од Божјата Реч“.

Меѓутоа, дали канонот го утврдиле само тие скромни христијани од првиот век? Библијата ни кажува дека улога одиграло нешто многу поважно и далеку посилно.

Според Библијата, еден од чудотворните дарови на духот што биле дадени во првите децении од постоењето на христијанското собрание била ‚способноста за разликување на вдахновени објави‘ (1. Коринќаните 12:4, 10). Значи, некои од тие христијани добиле натприродна способност да препознаат кои зборови навистина биле вдахновени од Бог, а кои не биле. Затоа, христијаните денес можат да бидат уверени дека книгите што се вклучени во Библијата биле прифатени како вдахновени.

Според тоа, очигледно е дека канонот бил утврден уште во самите почетоци на христијанството, и тоа под водство на светиот дух. Почнувајќи од втората половина на вториот век од н.е., некои писатели коментирале за канонството на библиските книги. Меѓутоа, тие писатели не го утврдиле канонот, туку само посведочиле кои списи Бог веќе ги прифатил преку своите претставници, кои биле водени од светиот дух.

И древните ракописи содржат убедливи докази кои одат во прилог на канонот кој е општоприфатен во денешно време. Денес постојат повеќе од 5.000 ракописи од Христијанските грчки списи на изворен јазик, а некои од нив датираат од вториот и третиот век. Токму овие ракописи, а не некои апокрифни списи, се сметале за автентични во првите векови од н.е., и затоа биле препишувани и се ширеле меѓу луѓето.

Меѓутоа, самата Библија содржи најсилни докази дека сите книги што влегуваат во нејзиниот состав се канонски. Таквите списи се во склад со „здравите зборови“ што се наоѓаат во останатиот дел од Библијата (2. Тимотеј 1:13). Тие нѐ поттикнуваат да го сакаме и да му служиме на Јехова, а нѐ опоменуваат и да се чуваме од суеверие, демонизам и обожавање на созданијата. Тие се историски точни и содржат вистинити пророштва. Исто така, ги охрабруваат читателите да ги сакаат своите ближни. Книгите од Христијанските грчки списи ги имаат овие важни обележја. Дали истото може да се каже и за апокрифните списи?

По што се разликуваат апокрифните списи?

Апокрифните списи се сосема поинакви од канонските списи. Овие апокрифни книги датираат некаде од средината на вториот век, што значи многу подоцна од канонските списи. Сликата што ни ја даваат за Исус и за христијанството не е во склад со сликата што ни ја дава вдахновеното Свето писмо.

На пример, според апокрифното Евангелие на Тома, Исус дал некои чудни изјави, како на пример, дека ќе ја претвори Марија во машко за да може таа да влезе во небесното Царство. Евангелието според Тома за детството на Исус го опишува малиот Исус како злобно дете што намерно ја предизвикало смртта на некое друго дете. Во апокрифните Дела на апостолите што наводно ги напишал Павле, како и во Дела на апостолите што наводно ги напишал Петар, се нагласува дека христијаните треба потполно да се воздржуваат од полови односи, па дури и се вели дека апостолите ги терале жените да ги остават своите мажи. Во Евангелието според Јуда се вели дека Исус им се смеел на своите ученици затоа што му се молеле на Бог пред да јадат. Ваквите претстави се спротивни на она што се наоѓа во канонските книги (Марко 14:22; 1. Коринќаните 7:3-5; Галатите 3:28; Евреите 7:26).

Многу од апокрифните списи ги одразуваат верувањата на гностиците, според кои Творецот, Јехова, не е добар Бог. Исто така, тие веруваат дека нема дословно воскресение, дека сета материја е зла, и дека Сатана е основачот на бракот и размножувањето.

Неколку апокрифни книги им се припишуваат на библиски личности, но тие не се нивни дела. Дали со некаков злобен заговор биле отстранети од Библијата? Еден стручњак за апокрифни дела, М. Р. Џејмс, рекол: „Воопшто не станува збор за тоа дека некој ги отстранил од Новиот завет; тие самите се отстраниле“.

Библиските писатели предупредиле дека ќе има отпадништво

Во канонските списи наоѓаме многу предупредувања дека требало да се појави отпадништво кое ќе го расипело христијанското собрание. Всушност, ова отпадништво веќе се појавило во првиот век, но апостолите го забавувале неговото ширење (Дела 20:30; 2. Солуњаните 2:3, 6, 7; 1. Тимотеј 4:1-3; 2. Петрово 2:1; 1. Јованово 2:18, 19; 4:1-3). Таквите предупредувања помагаат да сфатиме зошто по смртта на апостолите почнале да се појавуваат вакви списи што им противречеле на Исусовите учења.

Точно е дека во очите на некои изучувачи и историчари ваквите документи се стари и многу вредни. Но, размисли за следново: Што ако некои изучувачи соберат еден куп сомнителни списи отпечатени во денешно време, можеби земајќи ги од жолтиот печат и од публикации на фанатични верски култови, а потоа ги запечатат тие хартии во трезор? Дали тие списи ќе станат вистинити и веродостојни откако ќе помине многу време? Дали по 1.700 години лагите и бесмислиците што се запишани на тие хартии ќе станат вистина само затоа што документите се многу стари?

Се разбира дека не! Слично е и со тврдењата дека Исус се оженил со Марија Магдалена, како и со други чудни изјави во апокрифните книги. Зошто да им се верува на такви недоверливи извори кога на располагање има доверливи списи? Сѐ што сака Бог да знаеме за неговиот Син е запишано во Библијата — извештај во кој навистина можеме да имаме доверба.

[Фуснота]

^ пас. 4 Зборот „канон“ се однесува на збирката библиски книги што содржат убедливи докази дека се вдахновени од Бог. Има 66 книги што се општо признати како канонски и влегуваат во состав на Божјата Реч.

[Графикон/слики на страница 26]

(Види во публикацијата)

ЖИВОТОТ НА ИСУС ПИШУВАЊЕ НА ГРЧКИТЕ ПИШУВАЊЕ НА

СПИСИ ОД БИБЛИЈАТА АПОКРИФНИТЕ КНИГИ

2 ПР.Н.Е. 33 ОД Н.Е. 41 98 130 300

[Извор на слика]

Kenneth Garrett/National Geographic Image Collection

[Слика на страница 28]

Апостол Павле правел чуда, дури и воскреснал едно лице, и со тоа дал силен доказ дека зад него и неговите списи бил Божјиот дух