Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се биде успешен мисионер

Како да се биде успешен мисионер

126. клас на Гилеад

Како да се биде успешен мисионер

ЕДНО восхитено мноштво народ се собра во образовниот центар Патерсон (Њујорк) за една посебна пригода. Во сабота, на 14 март 2009 год., се одржа дипломирањето на 126. клас на Мисионерската школа Гилеад. Дипломците требаше да бидат испратени во 22 земји за да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).

Студентите штотуку го завршија интензивниот, петмесечен библиски курс кој има за цел да им помогне да станат успешни христијански мисионери. Денот на дипломирањето им даде уште една можност, како клас, да чујат мудри совети како да ја остварат оваа цел.

Претседавачот на програмата, Антони Морис од Водечкото тело на Јеховините сведоци, се осврна на 1943 год., кога за првпат почнаа да се обучуваат мисионери на Школата Гилеад. Оттогаш, дипломците на оваа школа имаат важна улога во проповедањето.

Говорникот спомна дека, иако книжниците и фарисеите ги презирале Исусовите апостоли сметајќи ги за „неуки и обични“, овие противници морале да признаат дека смелоста на апостолите се должи на тоа што биле со Исус (Дела 4:13). Обуката што ја добиле ги направила смели.

„Не суди по изгледот“ беше темата што ја разработи Роберт Сиранко, помошник на Одборот за пишување на Водечкото тело. Тој истакна дека студентите наскоро ќе се сретнат со луѓе со различна култура и обичаи. Нема да им биде тешко да им проповедаат ако го усвојат Јеховиното гледиште. Дословно преведена, фразата во Дела 10:34 ја пренесува идејата дека Бог не нѐ суди по изгледот. „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:35). „Ако го усвоите Божјиот став, и за сите луѓе на вашето подрачје мислите дека можат да станат прифатливи во Божји очи, сигурно ќе успеете како мисионери“, рече брат Сиранко.

„Имаш сѐ што ти треба“

Во својот увод, брат Семјуел Херд, член на Водечкото тело, рече: „За некои луѓе камилата е грдо животно, но таа има сѐ што ѝ треба за да преживее во пустина“. И новите мисионери имаат сѐ што им треба за да успеат на своите доделени подрачја. Во тоа ќе им помогнат пет работи.

1. Љубовта кон Јехова (Матеј 22:37, 38). Студентите веќе покажаа решеност да му служат на Јехова.

2. Знаењето од Божјата реч. Во својата грпка камилата има наталожено резерви од масти. Сепак, кога има храна, таа нема да престане да се храни и да црпи само од оваа резерва. И мисионерите не треба да се потпираат само на она што го научиле во Школата Гилеад, туку треба и понатаму духовно да се хранат преку Библијата.

3. Љубовта кон луѓето (Матеј 22:39). Студентите имаат сочувство кон луѓето.

4. Спремниот дух (Псалм 110:3). Јехова им дава моќна сила на мисионерите кога ќе се почувствуваат на крај на силите (Исаија 40:29).

5. Младешката сила. Како што една камила го пренесува јавачот преку пустината, така и мисионерите ќе треба да ги „носат“ своите соверници кога ќе западнат во духовна криза. За тоа е потребен голем напор, но мисионерите ја имаат потребната младешка сила.

Други точки од програмата

Меѓу подароците што Јаков му ги пратил на еден египетски владетел имало и бадеми, спомна Мајкл Барнет, кој служи како инструктор во Гилеад (1. Мојсеева 43:11). Иако се многу мали, бадемите содржат многу хранливи материи. За време на школата, студентите изедоа многу духовни бадеми. Некои од поуките што треба да ги задржат на ум се да бидат задоволни со она што го обезбедува Јехова и да научат да ја сакаат новата средина во која ќе се преселат.

Марк Нојмар, кој исто така служи како инструктор во Гилеад, објасни дека Божјата реч е како „вреќа мудрост“ (Јов 28:18). Треба да ја отвориме оваа вреќа и да се послужиме со она што е во неа. Ако мисионерската служба не испадне онака како што студентите очекувале, би било убаво да се сетат на апостол Павле. Исусовите ученици го испратиле Павле да служи во неговиот роден град, каде што останал цели девет години. Наместо да помисли дека, како „избран сад“, треба да служи на друго место, тој вредно ја извршувал службата каде и да бил (Дела 9:15, 28-30). Може да биде тешко да се прифати Јеховината одлука. Друг добар пример во овој поглед е Јонатан. Нему му било јасно дека Давид е царот што Јехова го избрал и затоа со радост го поддржувал.

Во точката „Божјите слуги зборуваат со смелост“, студентите одглумија искуства од службата што ги доживеале за време на школата. Многумина од нив започнале да ја проучуваат Библијата со некои луѓе. Во следниот дел од програмата со наслов „Подготвени од Јеховината организација“ беа интервјуирани тројца долгогодишни мисионери. Секој од нив раскажа како добил обука да соработува со Божјата организација.

„Биди среќен мисионер“

Потоа, Герит Леш, член на Водечкото тело, ја изнесе главната точка од програмата, со наслов „Биди среќен мисионер“. Тој забележа дека многу активности кои се сметаат за „забавни“ не нѐ прават вистински среќни (Изреки 14:13; Проповедник 2:10, 11). Трајно среќни ќе бидеме ако ја вршиме Божјата волја, иако тоа не е секогаш лесно. Школата Гилеад бараше многу труд, но предизвика вистинско задоволство.

Има неколку работи поради кои вистинските христијани се среќни. Му служат на среќниот Бог (Псалм 33:12; 1. Тимотеј 1:11). Живеат во духовен рај, а Библијата ветува дека наскоро Земјата ќе биде и дословен рај. Ја нашле смислата на животот — да му служат на Јехова и да го фалат. Освен тоа, Јехова и Исус ги сакаат.

Понатаму говорникот додаде: „Ќе бидеш среќен мисионер, ако научиш да бидеш задоволен со она што го имаш“. Уште еден услов за среќа е да ги сакаш другите и тие да те сакаат тебе. Затоа, наместо да ги истакнуваш нивните грешки, преминувај преку нив. Прави им добро на другите, помагај им на слабите, разменувај добри искуства (Псалм 41:1, 2; Дела 20:35). Среќата произлегува од ревносното учество во проповедањето (Лука 11:28).

„Биди среќен мисионер“, заклучи брат Леш. „Забавата има свое место во животот, но најважно нека ти биде да го славиш среќниот Бог, Јехова, и да ги направиш среќни и другите“.

Откако ги пренесе поздравите што стигнаа од голем број земји, Антони Морис им ги додели на студентите нивните дипломи. Потоа, еден од нив прочита писмо упатено до Водечкото тело во име на целиот 126. клас на Гилеад. Во него студентите го изразија своето ценење за обуката што ја добија во школата.

Во својот заклучок, претседавачот кажа дека сето она што го прави „верниот и разборит роб“ за да му дава на Јеховиниот народ храна и водство, потсетува на ‚зглобовите и лигаментите‘ со кои е поврзано телото (Колошаните 2:18, 19, фуснота; Матеј 24:45). Ако дипломците на Гилеад целосно соработуваат со луѓето кои Бог ги избрал за свои претставници, ќе успеат потполно да ја извршат својата служба (2. Тимотеј 4:5).

[Рамка на страница 30]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ

Број на застапени земји: 6

Број на земји во кои се испратени: 22

Број на студенти: 56

Број на брачни парови: 28

Просечна возраст: 32,8

Просек на години во вистината: 17,9

Просек на години во полновремена служба: 13,5

ЗЕМЈИ ВО КОИ СЕ ДОДЕЛЕНИ

Дипломците беа испратени во Бенин, Боливија, Бугарија, Буркина Фасо, Гана, Гватемала, Јужноафриканска Република, Камерун, Кенија, Костарика, Либерија, Мадагаскар, Мозамбик, Никарагва, Панама, Парагвај, Перу, Романија, Сиера Леоне, Того, Уганда и Хондурас.

[Слика на страница 31]

126. клас што дипломира на Школата Гилеад

Во списокот долу, редовите се наведени однапред наназад, а имињата одлево надесно.

1) Кирхоф К.; Николс К.; Гузман Ј.; Коил Х.; Бекер О.; Де Симоне А. 2) Мансанарес Е.; Бувие Е.; Педл Џ.; Мејсон Х.; Брас Џ. 3) Ли Џ.; Форте А.; Буше Т.; Марш А.; Лејтон С.; Гловер М. 4) Камбак Х.; Џоунс Т.; Фереира Е.; Моралес Џ.; Чикас С.; Дејвис Б.; Дорманен Е. 5) Дорманен Б.; Николс Џ.; Пачо Т.; Титмас Л.; Бувие Е.; Кирхоф А. 6) Лејтон Г.; Пачо А.; Ван Кампен Б.; Мансанарес А.; Ривард О.; Ли Ј.; Титмас Л. 7) Буше М.; Коил К.; Марш Ч.; Гузман Џ.; Џоунс В.; Камбак Џ. 8) Гловер А.; Фереира Џ.; Мејсон Е.; Форте Д.; Дејвис Н.; Чикас О.; Ривард Ј. 9) Брас Д.; Ван Кампен Д.; Моралес Е.; Де Симоне М.; Бекер М.; Педл Д.