Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Судија што секогаш суди по правдата

Судија што секогаш суди по правдата

Приближи му се на Бог

Судија што секогаш суди по правдата

4. Мојсеева 20:2-13

ЧОВЕЧКИТЕ судии може да изречат пресуди што се неправедни или премногу строги, но тоа не е случај и со Јехова Бог, кој „ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Иако е стрплив, тој не е попустлив. Јехова секогаш суди по правдата. Размисли како постапил во еден случај во кој се работело за расправија и побуна, како што е запишано во 4. Мојсеева, 20. поглавје.

Кон крајот на нивното патување низ пустината, Израелците немале доволно вода. a Луѓето почнале да се расправаат со Мојсеј и Арон и им велеле: „Зошто ја доведовте Јеховината заедница во оваа пустина, да изумреме овде и ние и нашата стока?“ (4. стих). Луѓето се жалеле дека пустината била „лошо место“ во кое немало „ни смокви, ни лози, ни калинки“ — токму оние плодови што израелските извидувачи ги донеле од Ветената земја многу години пред тоа — а се жалеле дека немало „ни вода за пиење“ (5. стих, 4. Мојсеева 13:23). Тие, всушност, ги обвинувале Мојсеј и Арон за тоа што пустината не била како плодната земја во која не сакало да влезе претходното поколение Израелци што приговарале!

Јехова не ги отфрлил луѓето што приговарале. Наместо тоа, му рекол на Мојсеј да направи три работи: да го земе стапот, да го собере народот и ‚пред нивни очи да ѝ речат на карпата да им пушти од себе вода‘ (8. стих). Мојсеј послушал за првите две работи, но не и за третата. Наместо да ѝ зборува на карпата со вера во Јехова, тој огорчено му се обратил на народот и му рекол: „Чујте сега, бунтовници! Треба ли од оваа карпа да ви извадиме вода?“ (10. стих; Псалм 106:32, 33). Потоа двапати удрил по карпата и од неа ‚потекла многу вода‘ (11. стих).

Значи, Мојсеј и Арон направиле сериозен грев. „Се побунивте против мојата заповед“, им рекол Бог (4. Мојсеева 20:24). Со тоа што во оваа прилика постапиле спротивно на Божјата заповед, Мојсеј и Арон станале токму она за што го обвиниле народот — бунтовници. Божјата пресуда била јасна: Мојсеј и Арон нема да го одведат Израел во Ветената земја. Дали таа пресуда била премногу строга? Не, и тоа од неколку причини.

Прво, Бог не му рекол на Мојсеј да му зборува на народот, а камоли да го осуди како бунтовен. Второ, Мојсеј и Арон не го прославиле Бог. „Не ме посветивте“, им рекол Бог (12. стих). Со тоа што рекол „да ви извадиме вода“, Мојсеј зборувал како тој и Арон — а не Бог — да им даваат вода со чудо. Трето, пресудата била во склад со претходните пресуди. Бог не му дозволил на претходното поколение бунтовници да влезе во Ханаан, па истото го направил и со Мојсеј и Арон (4. Мојсеева 14:22, 23). Четврто, Мојсеј и Арон биле водачи на Израел. Оние на кои им е доверена голема одговорност, треба да поднесат и поголема сметка пред Бог (Лука 12:48).

Јехова секогаш суди по правдата. Бидејќи ја сака правдата, не е можно да донесува пресуди што се неправедни. Секако дека еден таков судија заслужува да имаме доверба во него и да го почитуваме.

[Фуснота]

a Откако излегле од Египет, Израелците стигнале на границата на Ханаан, земјата што Бог му ја ветил на Авраам. Но, кога десетте извидувачи донеле лош извештај, луѓето почнале да зборуваат против Мојсеј. Затоа, Јехова рекол дека ќе поминат 40 години во пустината — доволно време за да изумре бунтовното поколение.