Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Ноевиот потоп бил од светски размери?

Дали Ноевиот потоп бил од светски размери?

Читателите прашуваат

Дали Ноевиот потоп бил од светски размери?

Ноевиот потоп се случил пред повеќе од 4.000 години. Затоа, на Земјата нема очевидци кои ќе ни кажат нешто повеќе за него. Меѓутоа, има еден пишан извештај за таа катастрофа, во кој стои дека водата ги покрила дури и највисоките планини во тоа време.

Во тој историски документ пишува: „Водите на потопот се излеваа на земјата четириесет дена... И водите толку многу нараснаа над земјата што ги покрија сите високи планини под целото небо. Водите се подигнаа петнаесет лакти [околу 6,5 метри] над потопените планини“ (1. Мојсеева 7:17-20).

Некои можеби се прашуваат дали извештајот дека целата Земја била покриена со вода е бајка или, во најмала рака, претерување. Но, воопшто не е така! Всушност, и ден-денес Земјата е покриена со многу вода. Морињата покриваат околу 71 отсто од Земјината површина. Значи, водите од потопот сѐ уште се овде. А ако се стопат глечерите и поларните ледени капи, морското ниво ќе се подигне и ќе ги покрие градовите како што се Њујорк и Токио.

Геолозите што го изучуваат релјефот на северозападниот дел на САД сметаат дека, во далечното минато, во тие области имало над 100 катастрофални поплави. Се вели дека една таква поплава го преплавила тој регион со воден бран висок 600 метри, кој се движел со брзина од 105 километри на час — количество од 2.000 кубни километри вода со тежина од преку 2 билиони тони. Врз основа на слични откритија, и други научници дошле до заклучокот дека е прилично извесно дека имало потоп од светски размери.

Оние што веруваат дека Библијата е Божја реч се сосема сигурни дека имало таков глобален потоп. Тоа е факт. Исус му рекол на Бог: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Апостол Павле напишал дека Божјата волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Како можел Павле да им ја каже на следбениците на Исус оваа битна вистина ако Божјата реч содржи митови?

Исус не само што верувал дека имало потоп туку верувал и дека тој ја зафатил целата Земја. Во своето значајно пророштво за времето на неговата присутност и за крајот на овој поредок, ги споредил тие настани со времето на Ное (Матеј 24:37-39). И апостол Петар зборувал за водите од потопот во времето на Ное. Во своето писмо напишал: „Тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (2. Петрово 3:6).

Ако Ное е митолошка личност, а глобалниот потоп е само бајка, предупредувањата што ги дале Петар и Исус за оние што живеат во последните денови не би имале никаква смисла. Наместо да служат како опомена, таквите изјави само би нѐ збуниле и би ги намалиле шансите да преживееме една неволја многу поголема од Ноевиот потоп (2. Петрово 3:1-7).

Кога зборувал за својата огромна милост кон својот народ, Бог рекол: „Како што се заколнав дека водите на Ное нема повеќе да ја преплават земјата така се заколнав дека повеќе нема да се разгневам на тебе, ниту да те прекорувам“. Колку што е сигурно дека Ноевиот потоп ја зафатил целата Земја толку е сигурно и дека Бог ќе биде милостив кон оние што имаат доверба во него (Исаија 54:9).