Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Важно ли е на која религија припаѓаме?

Важно ли е на која религија припаѓаме?

Важно ли е на која религија припаѓаме?

„РЕЛИГИЈАТА е длабоко вкоренета во човечката природа.“ Ова го рекол професор Алистер Харди во својата книга Духовноста на човекот (The Spiritual Nature of Man). Резултатите од една неодамнешна анкета го потврдуваат овој заклучок. Утврдено е дека околу 86 отсто од светското население изјавува дека припаѓа на некоја религија.

Истата анкета покажа дека верниците припаѓаат на 19 поголеми религии и дека оние што се изјаснуваат како христијани припаѓаат на неверојатни 37.000 различни вероисповеди. Зар не се прашуваш дали Бог ги одобрува сите тие религии?

Јасно е дека, кога станува збор за ова многу битно прашање, не може да се водиме по личните чувства или гледишта. Се разбира, треба да откриеме кое е Божјето гледиште за оваа работа. За таа цел треба да ја отвориме Божјата реч, Библијата. Зошто? Затоа што лично Исус Христос го рекол следново во една молитва до Бог: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). А верниот апостол Павле потврдил: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање“ (2. Тимотеј 3:16).

Библијата покажува дека Бог не ја прифаќа секоја религија. Во историјата има примери што откриваат која религија Бог ја признава, а која не. Ако внимателно размислиме за овие примери, ќе дознаеме што треба и што не треба да правиме за Бог да ја прифати нашата религија.

Пример од минатото

Преку пророкот Мојсеј, Јехова Бог им дал на Израелците збирка закони со кои ги поучил како да Му служат на прифатлив начин. Кога луѓето ги слушале тие закони, кои обично се нарекуваат Мојсеев закон, Бог ги признавал за свој народ и ги благословувал (2. Мојсеева 19:5, 6). Меѓутоа, и покрај таквата милост што им ја покажал Јехова, Израелците не му служеле точно така како што барал тој. Постојано му го вртеле грбот и се поведувале по верските обичаи на околните народи.

Во времето на пророците Езекиел и Еремија, во 7 век пр.н.е., многу Израелци го запоставиле Божјиот закон и се зближиле со соседните народи. Почнале да ги прифаќаат нивните обичаи и да учествуваат во нивните празници, со што во голема мера ја измениле својата религија и направиле една мешана религија. Многу Израелци велеле: „Да бидеме како другите народи, како народите на другите земји, и да им служиме на дрвото и на каменот!“ (Езекиел 20:32; Еремија 2:28). Тврделе дека му служат на Јехова Бог, но во исто време се клањале и пред „одвратни идоли“, па дури и им ги жртвувале своите синови (Езекиел 23:37-39; Еремија 19:3-5).

Археолозите го нарекуваат тоа верски синкретизам — истовремено обожавање на различни богови. А имаат и уште поедноставно име: народна религија. Денес, многу луѓе мислат дека во нашево плуралистичко општество треба да бидеме со отворен ум во сѐ, вклучувајќи ја и религијата. Затоа, сметаат дека нема ништо лошо во тоа да му служат на Бог како што сакаат. Дали имаат право? Дали се работи само за толерантност и слободоумност? Да разгледаме некои карактеристики на народната религија што ја практикувале неверните Израелци и да видиме до што довела таа.

Мешаната религија во Израел

Центри на мешаната религија на Израелците биле ‚обредните височинки‘, односно локалните светилишта опремени со жртвеници, кадилници, обредни камени столбови и обредни диреци, очигледно дрвени симболи на Ашер, ханаанска божица на плодноста. Во Јуда имало многу такви места. Во 2. Царевите 23:5, 8 се спомнуваат „обредните височинки во градовите на Јуда и во околината на Ерусалим... од Гева [северната граница] до Вирсавеја [јужната граница]“.

На овие обредни височинки, Израелците ‚им гореле приноси на Ваал, на сонцето, на месечината, на соѕвездијата и на сета небесна војска‘. Им правеле живеалишта на „машките храмски блудници... во Јеховиниот дом“, и ги принесувале своите деца фрлајќи ги во „оган... во чест на Молох“ (2. Царевите 23:4-10).

Археолозите откриле стотици глинени фигури во Ерусалим и Јуда, главно во урнатините на приватните куќи. Повеќето биле фигури на голи жени со претерано големи гради. Стручњаците велат дека тие ги претставуваат божиците на плодноста Астарта и Ашер. Се смета дека фигурите биле „амајлии за полесно забременување и раѓање деца“.

Како гледале Израелците на местата каде што ја практикувале својата мешана религија? Професор Ефраим Стерн од Еврејскиот универзитет забележал дека многу од овие обредни височинки веројатни му биле „посветени на Јахве [Јехова]“. Изгледа дека натписите што се среќаваат на археолошките наоѓалишта го потврдуваат ова гледиште. На пример, еден натпис гласи: „Те благословувам во името на Јахве од Самарија и неговиот ашер“, а друг гласи: „Те благословувам во името на Јахве од Теман и неговиот ашер!“

Од овие примери се гледа дека Израелците направиле компромис со тоа што го измешале чистиот начин на обожавање на Јехова Бог со срамни пагански обичаи. Последица од тоа биле моралната деградација и духовната темнина. Како гледал Бог на ваквото мешање на чистата со паганската религија?

Како гледал Бог на мешаната религија

Преку пророкот Езекија, Бог кажал колку се лути и колку го осудува расипаниот начин на кој почнале да му служат Израелците. Тој рекол: „Каде и да живеете, вашите градови ќе бидат опустошени и вашите обредни височинки ќе опустат и ќе лежат опустошени, а вашите жртвеници ќе опустат и ќе бидат разбиени, ќе исчезнат вашите одвратни идоли и ќе се искршат вашите кадилни сталки, ќе се сотрат делата на вашите раце“ (Езекиел 6:6). Нема никакво сомневање дека за Јехова таквиот начин на обожавање бил сосема неприфатлив, па затоа го отфрлил.

Јехова Бог прорекол како ќе биде извршено тоа уништување. „Ќе го испратам... Навуходоносор, вавилонскиот цар, својот слуга, и ќе [го] доведам против оваа земја и против нејзините жители и против сите овие околни народи, и ќе го сотрам овој народ... Целата оваа земја ќе се претвори во пустош“ (Еремија 25:9-11). Како што било проречено, Вавилонците го нападнале Ерусалим во 607 год. пр.н.е. и сосема го уништиле и градот и неговиот храм.

Во врска со уништувањето на Ерусалим, професор Стерн, кого веќе го цитиравме, забележува дека археолошките остатоци „се јасен одраз на библиските извештаи (2. Царевите 25:8; 2. Летописи 36:18, 19) што го опишуваат уништувањето, палењето и уривањето на куќите и ѕидовите“. Понатаму тој вели: „Археолошките докази од овој период на историјата на Ерусалим... може да се вбројат меѓу највпечатливите во споредба со доказите од кое и да било друго библиско археолошко наоѓалиште“.

Што учиме од тоа?

Најважната поука е дека Бог не прифаќа религија што ги меша библиските учења со догми, традиции или обреди на други религии. Апостол Павле добро го сфатил ова. Тој бил воспитан како еврејски фарисеј, образован според законот на таа секта. Но, кога конечно сфатил и прифатил дека Исус е ветениот Месија, што направил? „Она што ми беше добивка, поради Христос го сметам за загуба“, рекол Павле. Расчистил со претходниот начин на живот и станал верен следбеник на Христос (Филипјаните 3:5-7).

Како патувачки мисионер, Павле добро ги познавал верските обичаи и филозофските сфаќања на различни народи. Затоа, на христијаните во Коринт им напишал: „Какво заедништво има светлината со темнината? Освен тоа, може ли да постои складност меѓу Христос и Велијар? Или што имаат заедничко верникот и неверникот? И како се сложува Божјиот храм со идолите?.. ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ‚и повеќе не допирајте ништо што е нечисто,‘ ‚и јас ќе ве примам‘“ (2. Коринќаните 6:14-17).

Откако ни стана јасно дека на Бог му е важно на кој начин му служиме, би можеле да се прашаме: ‚Која религија ја одобрува Бог? Како да му се приближам на Бог? И што треба да направам за Бог да ја прифати мојата религија?‘

Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да најдеш одговор на овие и на други прашања што ги имаш во врска со Библијата. Сведоците можеш да ги најдеш во нивната Сала на Царството или пиши до издавачите на ова списание за да побараш некој да те посети и бесплатно да ја проучува Библијата со тебе во време и на место што ти одговараат.

[Слика на страница 10]

Древен храм за обожавање идоли, Тел Арад (Израел)

[Извор на слика]

Garo Nalbandian

[Слика на страница 10]

Фигури на астарта од куќите во древна Јудеја

[Извор на слика]

Фотографија © Israel Museum, Jerusalem; со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority