Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Човечко достоинство — можно за сите

Човечко достоинство — можно за сите

Човечко достоинство — можно за сите

„Мора да изградиме еден нов свет — многу подобар свет — во кој ќе се почитува вечното достоинство на човекот“​— (ХАРИ ТРУМАН, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ, САН ФРАНЦИСКО, КАЛИФОРНИЈА, С.А.Д., 25 АПРИЛ 1945 ГОДИНА).

КАКО и мнозина други во годините по Втората светска војна, претседателот Труман верувал дека човекот може да учи од своето минато и да оствари „нов свет“ со достоинство за сите. За жал, современата реалност е сосема поинаква. „Вечното достоинство на човекот“ и понатаму се гази, бидејќи коренот на проблемот не е во човекот туку во неговиот најголем непријател.

Коренот на проблемот

Библијата ни открива дека овој непријател е Сатана Ѓаволот, едно злобно духовно суштество, кое уште од почетокот на човечката историја го оспорило правото на Бог да владее. Уште од разговорот на Сатана со Ева во градината Еден, негова цел е да ги натера луѓето да не му служат на нивниот Творец (Битие 3:1-5). Размисли колкава штета им нанело на Адам и Ева тоа што подлегнале на наговарањето на Ѓаволот! Моменталната последица од нивната непослушност на Божјиот закон во врска со забранетиот плод била што тие двајцата ‚се сокриле пред Господа Бога‘. Зошто? Адам признал: „Се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив“ (Битие 3:8-10). Се сменил односот на Адам со неговиот небесен Татко, а се сменило и неговото гледиште за себеси. Бил засрамен и повеќе не се чувствувал пријатно во присуство на Јехова.

Зошто Ѓаволот сакал да го намали самопочитувањето на Адам? Бидејќи луѓето се создадени според Божјиот лик, Сатана ужива да гледа дека тие постапуваат на начин со кој не ја одразуваат Божјата слава (Битие 1:27; Римјаните 3:23). Ова ни помага да разбереме зошто човечката историја е полна со понижувања. Како ‚бог на овој систем на работи‘, Сатана го ширел овој дух додека ‚човекот владеел над човек за негова несреќа‘ (2. Коринќаните 4:4; Проповедник 8:9; 1. Јованово 5:19). Дали ова значи дека вистинското човечко достоинство е изгубено засекогаш?

Јехова го почитува достоинството на своите творби

Размисли повторно за условите во градината Еден пред да згрешат Адам и Ева. Тие имале изобилство од храна, работа што ги исполнувала, и можност за здрав, бескраен живот за себе и за своите потомци (Битие 1:28). Секој аспект од нивното постоење ја нагласувал Божјата љубезна, достоинствена намера за човештвото.

Дали Јеховиното гледиште за човечкото достоинство се сменило кога Адам и Ева згрешиле? Не. Тој покажал разбирање за срамот што го почувствувале затоа што биле голи. Бог љубезно им дал „облеки од кожи“ за да ги заменат покривалата од смоквини лисја што тие самите си ги направиле (Битие 3:7, 21). Наместо да ги остави посрамени, Бог внимавал на нивното достоинство.

Подоцна, во своите постапки со Израелците, Јехова покажал сочувство кон сираците, вдовиците и странците — членовите на општеството што најчесто биле малтретирани (Псалм 72:13). На пример, на Израелците им било кажано да не го собираат она што ќе останело по жетвата на житото, и по бербата на маслинките и лозјата. Наместо тоа, Бог им заповедал тоа да им биде оставено „на придојденикот, на сирачето и на вдовицата“ (Второзаконие 24:19-21). Кога им биле послушни на тие закони, немало потреба никој да проси, а дури и најсиромашните имале достоинствена работа.

Исус го почитувал достоинството на другите

Додека бил на Земјата, Божјиот Син, Исус Христос, покажал почит кон достоинството на другите. На пример, во Галилеја му пристапил еден човек што бил многу болен од лепра. Според Мојсеевиот закон, за да не ги заразат другите, лепрозните требало да викаат: „Нечист! Нечист!“ (Левит 13:45). Меѓутоа, овој човек не го извикувал предупредувањето кога му пристапил на Исус. Наместо тоа, тој паднал ничкум и го преколнувал Исус: „Господи, само ако сакаш, можеш да ме исчистиш“ (Лука 5:12). Како реагирал Исус? Тој не го укорил човекот затоа што го прекршил Законот, ниту го игнорирал или го избегнувал. Наместо тоа, покажал почитување кон лепрозниот со тоа што го допрел и рекол: „Сакам. Биди чист“ (Лука 5:13).

Во други прилики, Исус покажал дека може да лекува без физички контакт — понекогаш тоа го правел оддалеку. Меѓутоа, во овој случај тој одлучил да го допре човекот (Матеј 15:21-28; Марко 10:51, 52; Лука 7:1-10). Бидејќи човекот бил „полн со лепра“, сигурно веќе со години никој не го допрел. Колку било утешно за него кога повторно почувствувал нечиј допир! Тој најмногу сакал да биде излечен од лепрата. Сепак, начинот на кој Исус го излечил сигурно му помогнал да му се обнови и нешто друго — човечкото достоинство. Дали е реално да очекуваме и денес да постои таква грижа за достоинството на другите? Ако да, како може таа да се покаже?

Влада што укажува почит

Исус рекол нешто што многумина го сметаат за најпознато упатство за меѓучовечките односи: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Ова Златно правило, како што честопати е наречено, ги поттикнува луѓето да ги почитуваат ближните, со надеж дека ќе го доживеат истото за возврат.

Како што покажува историјата, применувањето на ова правило не ни доаѓа природно  — честопати се случува токму спротивното. „Јас всушност уживав да ги понижувам другите“, вели еден човек што ќе го наречеме Харолд. „Само со неколку зборови, успевав да ги изнервирам, засрамам, а понекогаш и да ги расплачам“. Но, се случило нешто што го натерало Харолд да го смени начинот на кој се однесувал со другите. „Неколку Јеховини сведоци почнаа да ме посетуваат. Кога ќе се сетам, се срамам од некои работи што им ги кажав и од начинот како некогаш постапував со нив. Но, тие не се откажаа, и малку по малку библиската вистина го допре моето срце и ме поттикна да се променам“. Денес, Харолд служи како старешина во едно христијанско собрание.

Харолд е жив доказ дека „речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Божјата реч има моќ да го допре срцето на луѓето и да го смени нивното размислување и однесување. Во тоа лежи клучот за да го почитуваме достоинството на другите — искрената желба да помогнеме наместо да повредиме, да укажеме чест наместо да понижиме (Дела 20:35; Римјаните 12:10).

Повторно вистинско достоинство

Токму оваа желба ги тера Јеховините сведоци да зборуваат со другите за прекрасната надеж од Библијата (Дела 5:42). Најдобар начин да покажеме почитување и да ги удостоиме другите луѓе е да им пренесеме „добра вест за нешто подобро“ (Исаија 52:7NW). Тоа „нешто подобро“ го опфаќа и облекувањето на „новата личност“, која ќе ја умртви ‚штетната желба‘ да се понижуваат другите (Колошаните 3:5-10). Во тоа е вклучена и Јеховината намера наскоро да ги отстрани условите и ставовите што го лишуваат човекот од достоинство, како и подбуцнувачот, Сатана Ѓаволот (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10; Откровение 20:1, 2, 10). Дури тогаш, откако Земјата „ќе се исполни со знаење за Господа“, конечно ќе се почитува достоинството на сите (Исаија 11:9).

Те покануваме да дознаеш повеќе за оваа прекрасна надеж. Ако се дружиш со Јеховините сведоци, ќе можеш и самиот да се увериш дека, кога се применуваат библиските начела, се почитува достоинството на другите. А ќе можеш и да дознаеш како Божјето Царство наскоро ќе оствари ‚еден нов и многу подобар свет‘ во кој „вечното достоинство на човекот“ ќе биде реалност, и никогаш повторно нема да се гази.

[Рамка/слика на страница 6]

Нивната беспрекорност им го сочувала достоинството

Во текот на Втората светска војна, преку 2.000 Јеховини сведоци биле испратени во нацистичките концентрациони логори поради своите верувања. Забележувајќи на каков истакнат начин тие ја покажале својата беспрекорност, поранешната затвореничка во Равенсбрук, Гема ла Гуардија Глук пишува во својата книга Мојата приказна: „Еднаш Гестапо објави дека секој Истражувач на Библијата што ќе потпише изјава со која се откажува од своите верувања ќе биде ослободен и нема да биде прогонуван“. Во врска со оние што одбиле да ја потпишат изјавата, таа пишува: „Тие повеќе сакаа и понатаму да страдаат и стрпливо да го чекаат денот на ослободувањето“. Зошто имале таков став? Сега на околу 80 години, Магдалена, која беше спомната во почетокот од претходната статија, објаснува: „Поважно ни беше да му останеме верни на Јехова, отколку по секоја цена да останеме живи. Со нашата беспрекорност го чувавме нашето достоинство“. *

[Фуснота]

^ пас. 23 Повеќе информации во врска со семејството Кусеров, побарај во Стражарска кула од 1 септември (англиски), 1985 година, страници 10-15 или видеокасетата Пурпурни триаголници (англиски).

[Слика на страница 5]

Исус го почитувал достоинството на оние што ги лекувал

[Слика на страница 7]

Јеховините сведоци го почитуваат достоинството на другите со тоа што им пренесуваат „добра вест за нешто подобро“