Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ги сакам твоите опомени“

„Ги сакам твоите опомени“

„Ги сакам твоите опомени“

„Сѐ што беше напишано порано, напишано беше за наша поука“ (РИМЈАНИТЕ 15:4).

1. Како нѐ опоменува Јехова, и зошто ни требаат тие опомени?

 ЈЕХОВА постојано го опоменува својот народ за да му помогне да се справи со притисоците на овие тешки времиња. Некои од тие опомени ги добиваме преку личното читање на Библијата, а други во облик на информации или коментари што ги слушаме на христијанските состаноци. Голем дел од она што го читаме или слушаме во тие прилики не е ништо ново за нас. Веројатно сме разгледувале слични информации и претходно. Но, бидејќи сме склони да забораваме, постојано треба да се потсетуваме на Јеховините намери, закони и упатства. Треба да бидеме благодарни за Божјите опомени. Тие нѐ охрабруваат, помагајќи ни да не ги заборавиме причините што нѐ мотивирале да живееме во склад со Божјата волја. Затоа, псалмистот му пеел на Јехова: „Ги сакам твоите опомени“ (Псалм 119:24NW).

2, 3. а) Зошто Јехова ги зачувал до денешно време животните приказни на библиските личности? б) Кои настани од Светото писмо ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Иако била напишана пред многу векови, Божјата реч е многу силна (Евреите 4:12). Во неа се изнесени вистинити извештаи за животот на библиските личности. Иако од тоа време обичаите и гледиштата се измениле, проблемите што ги имаме честопати се слични со проблемите што ги имале и луѓето во тоа време. Многу извештаи што се зачувани за нас во Библијата се трогателни примери на луѓе што го сакале Јехова и верно му служеле иако се наоѓале во тешки околности. Од други извештаи дознаваме какви постапки мрази Бог. Сите овие извештаи, и за добри и за лоши примери, Јехова ги вклучил во Библијата за да ни послужат како опомени. Апостол Павле напишал: „Сѐ што беше напишано порано, напишано беше за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмото да имаме надеж“ (Римјаните 15:4).

3 Да разгледаме три извештаи од Светото писмо: извештајот за Давид и цар Саул, за Ананија и Сапфира, и за Јосиф и жена му на Потифар. Од секој од овие извештаи ќе научиме нешто важно.

Лојалност кон Бог и сѐ што прави тој

4, 5. а) Какви биле односите помеѓу цар Саул и Давид? б) Како реагирал Давид на непријателството на Саул?

4 Цар Саул му станал неверен на Јехова и со тоа бил недостоен да владее над Божјиот народ. Затоа, Бог го отфрлил и му наредил на пророкот Самоил да го помаза Давид за иден цар на Израел. Кога Давид се покажал како храбар воин и народот многу го фалел, Саул почнал да го смета Давид за свој соперник. Повеќепати се обидел да го убие. Давид секогаш останувал жив затоа што Јехова бил со него (1. Самоил 18:6-12, 25; 19:10, 11).

5 Со години, Давид бил присилен да живее како бегалец. Кога му се укажала можност да го убие Саул, оние што биле со Давид го наведувале да го стори тоа, велејќи дека Јехова му го дава непријателот в рака. Сепак, Давид одбил да го направи тоа. Лојалноста кон Јехова и почитта кон положбата на Саул како помазан цар на Божјиот народ го навеле да постапи така. Зар не бил Јехова тој што го поставил Саул за цар над Израел? Па, Јехова и ќе го тргнел од таа положба кога ќе сметал дека е вистински момент. Давид сметал дека не било негова работа да стори нешто околу тоа. Откако направил сѐ што можел во тие околности за да го ублажи непријателството на Саул, Давид заклучил: „Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине. Да не ми даде Господ да кренам рака на Господовиот помазаник!“ (1. Самоил 24:3-15; 26:7-20).

6. Зошто извештајот за Давид и Саул е важен за нас?

6 Овој извештај содржи една многу важна лекција. Дали некогаш си се прашал зошто во христијанското собрание се појавуваат проблеми? Можеби некој не постапува како што треба. Неговата постапка можеби нема да води до некој сериозен грев, но тебе ти смета. Како треба да реагираш? Од христијанска заинтересираност кон таквиот и од лојалност кон Јехова, добро е љубезно да разговараш со него, со цел да го придобиеш. Но, што ако не се реши проблемот? Откако си направил сѐ што си можел, остави ја работата во Јеховини раце. Тоа го направил Давид.

7. Следејќи го примерот на Давид, како треба да реагираме ако наидеме на неправди или предрасуди?

7 Можеби се соочуваш со проблеми на општествена неправда или верски предрасуди. Веројатно во моментов можеш да сториш малку или не можеш да сториш ништо во врска со тоа. Може да биде многу тешко да се истрае во една таква ситуација, но од начинот на кој Давид реагирал на неправдата учиме нешто. Псалмите што ги напишал Давид се трогателен извештај не само за неговите срдечни молитви Бог да го заштити од рацете на Саул туку и за неговата лојалност кон Јехова и неговата желба да се прослави Божјето име (Псалм 18:1-6, 25-27, 30-32, 48-50; 57:1-11). Давид му останал лојален на Јехова иако Саул со години продолжил да постапува неправедно. И ние треба да му останеме верни на Јехова и на неговата организација дури и ако доживуваме неправди и без оглед на она што го прават другите. Можеме да бидеме уверени дека Јехова е сосема свесен за ситуацијата (Псалм 86:2).

8. Како реагирале Јеховините сведоци во Мозамбик кога била ставена на испит нивната лојалност кон Јехова?

8 Во денешно време, христијаните во Мозамбик служат како пример за лојална служба на Јехова и во време на искушенија. Во 1984 година, нивните села постојано ги напаѓале вооружени членови на движењето на отпорот, кои пљачкале, палеле куќи и убивале. Изгледало дека овие вистински христијани не можат да сторат многу за да се заштитат. Биле правени обиди жителите на тоа место да се регрутираат во вооруженото движење или да се присилат да го поддржуваат на други начини. Јеховините сведоци сметале дека тоа не е во склад со нивната христијанска неутралност. Нивното одбивање предизвикало бес. Во тој бурен период биле убиени 30 Сведоци, но дури ни заканата со смрт не можела да ја скрши лојалноста на Божјиот народ. * Исто како Давид, трпеле неправди, но на крајот биле победници.

Предупредувачка опомена

9, 10. а) Што можеме да научиме од извесни библиски примери? б) Што било погрешно во постапката на Ананија и Сапфира?

9 Некои личности спомнати во Светото писмо ни служат како предупредување за тоа како не треба да постапуваме. Всушност, Библијата содржи многу извештаи за луѓе, дури и Божји слуги, што постапиле погрешно и трпеле последици од тоа (1. Коринќаните 10:11). Еден таков извештај е извештајот за Ананија и Сапфира, маж и жена од христијанското собрание во Ерусалим во првиот век.

10 По Пентекост 33 година од н.е., се јавила потреба да се згрижат материјалните потреби на новите верници што останале во Ерусалим за да бидат со апостолите. Некои од собранието продале нешто од својот имот за да може секој да биде згрижен (Дела 2:41-45). Ананија и Сапфира продале една нива и пред апостолите донеле само дел од парите, тврдејќи дека нивниот подарок е сѐ што добиле од продажбата. Точно е дека Ананија и Сапфира можеле да дадат колку што сакале, сеедно дали малку или многу, но нивниот мотив бил погрешен и постапиле нечесно. Сакале да остават добар впечаток и да изгледа дека прават повеќе од она што навистина го правеле. Апостол Петар, под инспирација од светиот дух, ја разоткрил нивната нечесност и лицемерство, и Јехова ги погубил (Дела 5:1-10).

11, 12. а) Кои се некои опомени во врска со чесноста? б) Какви благослови ќе добиеме ако сме чесни?

11 Ако некогаш се најдеме на искушение да ја извртиме вистината во обид да оставиме добар впечаток кај другите, примерот на Ананија и Сапфира нека ни послужи како отрезнувачка опомена. Можеби ќе успееме да ги излажеме другите луѓе, но не можеме да го измамиме Јехова (Евреите 4:13). Секогаш одново Светото писмо нѐ опоменува да бидеме искрени, бидејќи за лажливците нема да има место на една Земја што ќе биде исчистена од неправедноста (Пословици 14:2; Откровение 21:8; 22:15). Причината за тоа треба да ни биде сосема јасна. Оној што ја шири секоја невистина е лично Сатана Ѓаволот (Јован 8:44).

12 Ако живееме чесно, ќе добиеме бројни благослови. Ќе имаме чиста совест и ќе ни биде мило што другите ќе имаат доверба во нас. Во многу случаи, христијаните добиле вработување или го задржале работното место затоа што биле чесни. Но, најважно е тоа што, ако сме чесни, стануваме пријатели на Семоќниот Бог (Псалм 15:1, 2).

Да се остане морално чист

13. Во каква ситуација се нашол Јосиф, и како реагирал?

13 Јосиф, син на патријархот Јаков, бил продаден во ропство кога имал 17 години. По извесно време се нашол во домот на Потифар, еден египетски дворски службеник, каде што го забележала жената на неговиот господар. Таа сакала да има сексуални односи со Јосиф, кој бил многу убав млад човек, и секојдневно го терала: „Легни со мене“. Јосиф бил далеку од своето семејство, во земја каде што никој не го познавал. Лесно можел да легне со таа жена без никој да дознае за тоа. Сепак, кога жена му на Потифар еден ден го зграпчила за облеката, Јосиф побегнал (Битие 37:2, 18-28; 39:1-12).

14, 15. а) Зошто извештајот за Јосиф е важен за нас? б) Зошто една христијанка била благодарна што ги послушала Божјите опомени?

14 Јосиф пораснал во богобојазлива фамилија, и му било јасно дека не е исправно да имаат сексуални односи двајца што не се маж и жена. „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“, рекол тој. Најверојатно до тој заклучок дошол затоа што го знаел мерилото што Бог им го поставил на луѓето во Еден — дека одобрува само моногамија (Битие 2:24). За Божјиот народ денес е корисно да размислува за тоа како постапил Јосиф во таа ситуација. Во некои места се раширени толку лабави ставови кон сексуалните односи што врсниците им се смеат на младите што не сакаат да направат неморал. Меѓу возрасните е вообичаено да се има вонбрачни односи. Значи, она што му се случило на Јосиф ни служи како опомена во вистински момент. Божјето мерило и понатаму е дека прељубата и блудот се гревови (Евреите 13:4). Многумина од оние што попуштиле на притисокот да имаат вонбрачен секс се согласуваат дека има убедливи причини да не се направи тоа. Некои од лошите последици се чувството на пониженост, нечистата совест, љубомората, бременоста и сексуално преносливите болести. Токму како што нѐ потсетува Светото писмо, оној што прави блуд, „греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 5:9-12; 6:18; Пословици 6:23-29, 32).

15 Џени, * Јеховин сведок што не е во брак, е благодарна за Божјите опомени. На нејзиното работно место почнал да ѝ се додворува еден убав колега. Кога Џени не му возвратила, тој станал уште поупорен. „Водев борба да останам морално чиста“, признава таа, „затоа што ни ласка кога некој од спротивниот пол ќе ни обрне внимание.“ Сепак, сфатила дека тој човек само се обидувал да ја додаде ѝ нејзе на списокот на жени со кои имал односи. Кога почувствувала дека попушта во решеноста да се спротивставува, го молела Јехова да ѝ помогне да му остане верна. Џени сфатила дека сите работи што ги научила додека истражувала во Библијата и во христијанските публикации биле како опомени што ѝ дале сила да остане претпазлива. Една од тие опомени бил извештајот за Јосиф и жена му на Потифар. „Сѐ додека мислам на тоа колку го сакам Јехова“, заклучува таа, „не треба да се плашам дека ќе го направам тоа големо зло и ќе му згрешам на Бог.“

Послушај ги Божјите опомени!

16. Каква корист можеме да извлечеме од разгледувањето и размислувањето за животот на личностите што се спомнати во Библијата?

16 Сите можеме да го зголемиме нашето ценење за Јеховините мерила ако се потрудиме да разбереме зошто дал да се зачуваат за нас некои извештаи во Светото писмо. Што учиме од нив? Кои особини или склоности што ги дознаваме преку примерите на библиските личности треба да ги следиме или да ги избегнуваме? Во Божјата реч се спомнуваат стотици луѓе. Сите што сакаат Бог да ги поучува, треба да негуваат желба за животоважната мудрост, вклучувајќи ги и поуките што можеме да ги извлечеме од примерите што Јехова внимателно ги зачувал. Во ова списание честопати излегувале статии со извештаи за личности од кои учиме нешто. Зошто не одвоиш време да ги разгледаш?

17. Што мислиш ти за Јеховините опомени, и зошто мислиш така?

17 Колку само можеме да бидеме благодарни за нежната грижа што ја покажува Јехова кон оние што се трудат да ја вршат неговата волја! Ние не сме совршени, исто како што не биле ни мажите и жените што се спомнати во Библијата. Меѓутоа, извештајот за нивните постапки многу ни помага. Со тоа што ќе ги послушаме Јеховините опомени, можеме да избегнеме големи грешки и можеме да ги следиме убавите примери на оние што оделе по патот на праведноста. Ако го правиме тоа, и ние ќе можеме, како псалмистот, да пееме: „Среќни се оние што ги држат неговите опомени. Тие го бараат со сето срце. Мојата душа се држи за твоите опомени, многу ги сакам!“ (Псалм 119:2, 167 NW).

[Фусноти]

^ пас. 15 Името е променето.

Како би одговорил?

• Што можеме да научиме од ставот што го имал Давид кон Саул?

• Што учиме од извештајот за Ананија и Сапфира?

• Зошто животната приказна на Јосиф е особено важна за нас денес?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Зошто Давид не дозволил да биде убиен Саул?

[Слика на страница 27]

Што учиме од извештајот за Ананија и Сапфира?

[Слика на страница 28]

Што му помогнало на Јосиф да не подлегне на неморалот?