Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избрани стихови од првата книга на Псалмите

Избрани стихови од првата книга на Псалмите

Јеховината реч е жива

Избрани стихови од првата книга на Псалмите

КОЕ име би одговарало за една библиска книга која главно ја сочинуваат фалби за Творецот, Јехова Бог? Ниту едно не одговара повеќе од Псалми, или Фалби. Оваа најдолга книга од Библијата содржи прекрасни песни што ги опишуваат Божјите извонредни особини и неговите моќни дела, но содржи и бројни пророштва. Во многу од песните, писателите кажуваат како се чувствувале кога им било многу тешко. Тие пишувале во период од околу илјада години — од времето на пророкот Мојсеј до периодот по враќањето на Израелците од вавилонското ропство. Меѓу писателите биле Мојсеј, цар Давид и други. Се смета дека конечниот облик на книгата ѝ го дал свештеникот Езра.

Уште од дамни времиња, книгата Псалми била поделена на пет збирки, или делови, кои се состојат од песни: 1) Псалми 1—41, 2) Псалми 42—72, 3) Псалми 73—89, 4) Псалми 90—106 и 5) Псалми 107—150. Во оваа статија ќе ја разгледаме првата збирка. Сите псалми од оваа збирка — освен три — му се припишуваат на цар Давид од древниот Израел. Не е познато кој ги напишал Псалм 1, 10 и 33.

„БОЖЕ МОЈ, КАРПО МОЈА“

(Псалм 1:1—24:10)

Откако првиот псалм го прогласува за среќен човекот кој ужива во Божјиот закон, вториот веднаш преминува на темата за Царството. * Оваа збирка псалми главно се состои од молитви до Бог. На пример, Псалми 3—5, 7, 12, 13 и 17 се молби за избавување од непријателот. Псалм 8 истакнува колку е величествен Јехова а колку наспроти него е мал човекот.

Опишувајќи го Јехова како Заштитник на својот народ, Давид пее: „Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште“ (Псалм 18:2). Тој го слави Јехова како Творец и Законодавец во Псалм 19, како Спасител во Псалм 20 и како Спасител на својот помазан Цар во Псалм 21. Во Псалм 23 е прикажан како Голем Пастир, а во Псалм 24 како Цар на Славата.

Одговорени библиски прашања:

2:1, 2 — Какви „суети“ замислуваат народите? Изразот „суети“ се однесува на она што им е најважно на човечките влади — да си ја задржат власта за себе. Тоа е суетно затоа што е осудено на пропаст. Зарем народите можат воопшто да се надеваат дека ќе успеат кога стануваат „против Господа и против Неговиот Помазаник“?

2:7 — Што е „Господовата одлука“? Оваа одлука е сојузот за Царство, кој Јехова го склучил со својот сакан Син, Исус Христос (Лука 22:28, 29).

2:12 — Во која смисла земските цареви можат да го ‚целуваат синот‘? Во библиски времиња, бакнувањето било израз на пријателство и верност. Така им се изразувало добредојде на гостите. На земските цареви им е заповедано да го целуваат, или бакнат Синот — односно, да му изразат добредојде како на месијански Цар.

3: натпис — Со која цел на некои од псалмите им се ставени наслови? Во насловот понекогаш е дадено името на авторот и/или се дадени информации за околностите во кои е составен псалмот, како што е случај со Псалм 3. Исто така, од натписот може да се види која била целта или за што се употребувала некоја конкретна песна (Псалм 4 и 5) или, пак, служел да даде музички упатства (Псалм 6).

3:2 (NW) — Што е „Села“? Обично се смета дека овој збор укажува на пауза за размислување која треба да се направи или само во пеењето или и во пеењето и во свирењето. Паузата се користела за уште посилно да се нагласи мислата или емоцијата која штотуку била изразена. Нема потреба овој збор гласно да се чита во текот на јавното читање на псалмите.

11:3 — Кои основи се расипани? Тоа се основите на кои е поставено човечкото општество — законот, редот и правдата. Кога тие не се како што треба, општеството е во хаос и нема правда. Во такви услови, „праведникот“ мора да има потполна доверба во Бог (Псалм 11:4-7).

21:3 — Што е значајно за ‚круната од чисто злато‘? Не е кажано дали се мисли на дословна круна или на симболична, која ја означува поголемата слава што Давид ја стекнал поради многуте победи што ги извојувал. Како и да е, овој стих е пророштво што укажува на царската круна која Исус ја добил од Јехова во 1914 година. Тоа што круната е направена од злато покажува дека неговото владеење е со највисок квалитет.

22:1, 2 — Зошто Давид можеби помислил дека Јехова го оставил? Давид бил под толку силен притисок од своите непријатели што ‚срцето му станало како восок, се растопило во него‘ (Псалм 22:14). Можеби му се чинело дека Јехова го напуштил. Кога бил прикован на столбот, и Исус се почувствувал така (Матеј 27:46). Зборовите на Давид едноставно покажуваат како реагира обичен човек во една очајна ситуација. Сепак, неговата молитва запишана во Псалм 22:16-21 јасно покажува дека тој не ја изгубил својата вера во Бог.

Поуки за нас:

1:1. Не треба да се дружиме со оние што не го сакаат Јехова (1. Коринќаните 15:33).

1:2. Не смееме да дозволиме да помине ден без да размислуваме за духовни работи (Матеј 4:4).

4:4. Кога сме лути или гневни, попаметно е да си го зауздаме јазикот, отколку да кажеме нешто за кое подоцна ќе зажалиме (Ефешаните 4:26).

4:5. Нашите духовни жртви се „жртви на правда“ само ако се дадени со исправни мотиви и ако се однесуваме онака како што бара Јехова.

6:5. Зар има подобра причина да го сакаме животот? (Псалм 115:17).

9:12. Јехова си спомнува за оние чија крв била пролеана со цел да ги казни виновниците, но не го заборава ни „викањето на бедните“.

15:2, 3; 24:3-5. Вистинските обожаватели на Бог мора да ја зборуваат вистината и не смеат да се заколнуваат лажно и да клеветат.

15:4. Кога сме ветиле нешто, треба да направиме сѐ што можеме за да си го одржиме дадениот збор, дури и ако тоа е многу тешко. Ова не важи само ако сфатиме дека она што сме го ветиле се коси со библиските начела.

15:5. Како слуги на Јехова, мора да внимаваме да не ги користиме парите на погрешен начин.

17:14, 15. На „луѓето на овој свет“ им е најважно да заработат пари, да имаат семејство и да остават некакво наследство. За Давид било најважно да стекне добро име кај Јехова за ‚да го гледа неговото лице‘, односно да ја има Јеховината милост. Секогаш кога ‚ќе се разбудел‘, односно ќе почнел да размислува за Јеховините ветувања и нивното сигурно исполнување, Давид ‚се наситувал од Неговиот изглед‘, односно се радувал што Јехова е со него. Зар не треба и ние, како Давид, да го ставиме духовното богатство на прво место?

19:1-6. Ако творештвото, што не може ниту да зборува ниту да размислува, го слави Јехова, колку повеќе треба да го правиме тоа ние, кои можеме да размислуваме, да зборуваме и да го обожаваме! (Откровение 4:11).

19:7-11. Она што Јехова го бара од нас е за наше добро.

19:12, 13. Грешките и гордоста се гревови од кои мора да се пазиме.

19:14. Треба да водиме сметка не само што правиме туку и што зборуваме и за што размислуваме.

„ЌЕ МЕ ЗАПАЗИШ ВО МОЈАТА ЧЕСНОСТ“

(Псалм 25:1—41:13)

Колку длабока желба и колку цврста решеност да му остане верен на Јехова изразува Давид во првите два псалма од овој дел! „А јас одам во својата невиност, избави ме и смилувај ми се“, вели тој (Псалм 26:11). Кога се моли да му бидат простени гревовите, тој признава: „Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден“ (Псалм 32:3). Давид ги уверува оние што му остануваат лојални на Јехова: „Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик“ (Псалм 34:15).

Колкава вредност имал советот даден во Псалм 37 за Израелците, и колку е скапоцен за нас денес, кои живееме во „последните денови“ на овој поредок! (2. Тимотеј 3:1-5). Псалм 40:7, 8 дава едно пророштво за Исус Христос, и вели: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене; мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам твојот закон длабоко во срцето“. Во последниот псалм од првата збирка Давид го моли Јехова да му помогне во годините исполнети со немир по неговиот грев со Витсавеа. Тој пее: „А мене ќе ме запазиш во мојата чесност“ (Псалм 41:12).

Одговорени библиски прашања:

26:6 — Како ние, исто како Давид, на симболичен начин го обиколуваме Јеховиниот жртвеник? Жртвеникот ја претставува Јеховината волја во врска со тоа што ја прифаќа жртвата на Исус Христос како откуп за луѓето (Евреите 8:5; 10:5-10). Го обиколуваме Јеховиниот олтар така што покажуваме вера во таа жртва.

29:3-9 — Што значи тоа што гласот на Јехова е спореден со силно грмење чиј звук предизвикува страв? Едноставно кажано: Ја означува Јеховината моќ што влева страв!

31:23 — Како на гордиот му се враќа „во полна мера“(NW)? На гордиот му се враќа со казна. За ненамерните грешки, праведниот добива укор од Јехова. Бидејќи гордиот не престанува да го прави она што не треба, на крајот си добива тешка казна во полна мера (Пословици 11:31; 1. Петрово 4:18).

33:6 — Што е „здивот“ на Јеховината уста? Овој ‚здив‘ е Божјата делотворна сила, или светиот дух, кој го употребил за да ја создаде вселената (Битие 1:1, 2). Наречен е здивот на неговата уста бидејќи, како еден силен здив, може да биде испратен за да изврши некои работи на голема оддалеченост.

35:19 — Што сакал да каже Давид кога се молел да не намигнуваат со очите оние што го мразат? Намигнувањето со очите би значело дека непријателите на Давид уживале во тоа што нивните пакосни сплетки против него биле успешни. Давид барал тоа да не се случи.

Поуки за нас:

26:4. Мудро е да немаме никакви контакти со оние што кријат кои се на Интернет чет-линиите, со оние на училиште или на работа кои ни се прават пријатели а всушност имаат нечесни намери, со отпадници кои се преправаат дека се искрени, и со оние кои живеат двоен живот.

26:7, 12; 35:18; 40:9. Мораме да го славиме Јехова јавно на нашите христијански собири.

26:8; 27:4. Дали со душа чекаме да одиме на христијанските состаноци?

26:11. Иако бил решен да остане беспрекорен, Давид молел и да биде избавен. Да, можеме да останеме беспрекорни и покрај тоа што сме несовршени.

29:10. Со тоа што царува над „водните бранови“, Јехова покажува дека има целосна контрола над својата сила.

30:5. Главна особина на Јехова е љубовта, а не гневот.

32:9. Јехова не сака да сме како коњ или мазга кои се скротуваат со оглавник или узда. Напротив, тој сака самите да избереме да го слушаме затоа што сфаќаме која е неговата волја.

33:17-19. Ниту еден човечки поредок, колку и да е моќен, не може да им донесе спасение на луѓето. Нашата доверба мора да ја положиме во Јехова и во неговото Царство.

34:10. Колкаво охрабрување се овие зборови за оние што го ставаат Царството на прво место во својот живот!

39:1, 2. Кога злобните бараат информации за да им наштетат на нашите соверници, мудро е да ‚ја зауздаме својата уста‘ и да молчиме.

40:1, 2. Тоа што ќе се надеваме на Јехова ќе ни помогне да излеземе од депресија и да се извлечеме „од јамата на гибелта, од тињата и калта“.

40:5, 12. Никакво зло, ниту, пак, лични слабости, без разлика колку многу се, нема да не срушат ако не го изгубиме од вид фактот дека нашите благослови се „премногу за да можат да бидат преброени“.

„Благословен да е Господ“

Колку утешни и охрабрувачки се псалмите од првата збирка! Било да доживуваме искушенија, или да нѐ мачи нечиста совест, можеме да црпиме сила и охрабрување од овој дел на моќната Божја реч (Евреите 4:12). Овие псалми содржат информации кои ни даваат водство како да живееме. Постојано нѐ потсетуваат дека, во колку и тешка ситуација да сме, Јехова нема да нѐ остави.

Првата збирка псалми завршува со зборовите: „Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, од века до век! Така нека биде! Амин!“ (Псалм 41:13). Откако ги разгледавме, зар не сме поттикнати да го благословуваме, или фалиме Јехова?

[Фуснота]

^ пас. 3 Псалм 2 првпат се исполнил во времето на Давид.

[Истакната мисла на страница 19]

Ако неживото творештво му оддава слава на Јехова, колку повеќе треба да го правиме тоа ние!

[Слика на страница 17]

Давид ги компонирал повеќето од првите 41 псалм

[Слика на страница 18]

Дали знаеш во кој псалм Јехова е прикажан како Голем Пастир?

[Слика на страница 20]

Не дозволувај да помине ден без да размислуваш за духовни работи

[Извор на слика на страница 17]

Ѕвезди: Со љубезна дозвола на United States Naval Observatory

[Извор на слика на страница 19]

Ѕвезди, 18. и 19. страница: Со љубезна дозвола на United States Naval Observatory

[Извор на слика на страница 20]

Ѕвезди: Со љубезна дозвола на United States Naval Observatory