Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Застарена или пред своето време?

Застарена или пред своето време?

НАУКА

ИАКО НЕ Е НАУЧНА КНИГА, БИБЛИЈАТА СОДРЖИ ИЗЈАВИ КОИ НАУКАТА ГИ ПОТВРДИЛА СО ВЕКОВИ ПОДОЦНА. ЕВЕ НЕКОЛКУ ПРИМЕРИ.

Дали вселената има почеток?

Врвните научници порано беа прилично сигурни дека одговорот е „не“. Сега тие главно се согласуваат дека вселената има почеток. Библијата отсекогаш го тврдела тоа (1. Мојсеева 1:1).

Каков облик има Земјата?

Во старо време, многу луѓе мислеле дека Земјата е рамна. Во петтиот век пр.н.е., грчките научници дошле до идеја дека Земјата е сфера. Но долго пред тоа, во осмиот век пр.н.е., библискиот писател Исаија зборувал за „кругот на земјата“, при што употребил збор кој може да значи и „сфера“ (Исаија 40:22).

Дали вселената е склона кон распаѓање?

Грчкиот научник Аристотел, кој живеел во четвртиот век пр.н.е., учел дека распаѓањето е карактеристично само за Земјата, додека ѕвезденото небо не може ниту да се промени ниту да се распадне. Тоа гледиште преовладувало со векови. Но во 19 век, научниците го дефинирале концептот за ентропија, според кој сета материја — и на небото и на Земјата — е склона кон распаѓање. Баронот Келвин, еден од научниците кој придонел да се развие концептот за ентропија, забележал дека за небото и Земјата Библијата вели: „Сето тоа ќе изветви како облека“ (Псалм 102:25, 26). Како што вели и Библијата, Келвин верувал дека Бог може да спречи да се распадне она што го создал (Проповедник 1:4).

Што ја држи Земјата и другите планети?

Аристотел учел дека сите небесни тела се сместени во кристални сфери кои се поставени една во друга, и дека најдлабоко внатре е Земјата. Во 18 век од н.е., повеќето научници ја усвоиле идејата дека ѕвездите и планетите можеби лебдат во празен простор. Но во библиската книга Јов, која била напишана во 15 век пр.н.е., читаме дека Творецот „ја држи земјата обесена на ништо“ (Јов 26:7).

МЕДИЦИНА

ИАКО НЕ Е МЕДИЦИНСКА КНИГА, БИБЛИЈАТА СОДРЖИ НАЧЕЛА КОИ СЕ ВО СКЛАД СО СОВРЕМЕНАТА МЕДИЦИНА.

Карантин за болните.

Мојсеевиот закон пропишувал болните од лепра да бидат одвоени од другите луѓе. Дури по појавата на чумата во средниот век, лекарите научиле да го применуваат тоа начело, кое и ден-денес се смета за делотворно (3. Мојсеева, поглавја 13 и 14).

Миење после контакт со мртво тело.

Сѐ до крајот на 19 век, лекарите честопати допирале мртви тела и веднаш потоа пациенти — но без да си ги измијат рацете. Тоа било причина за многу смртни случаи. Меѓутоа, според Мојсеевиот закон, секој што ќе допрел мртво тело се сметал за нечист. Во таков случај Законот налагал да се користи вода за обредно чистење. Тие верски обичаи им користеле на луѓето и во поглед на здравјето (4. Мојсеева 19:11, 19).

Отстранување на изметот.

Секоја година, преку половина милион деца умираат од дијареја, во голема мера затоа што биле изложени на човечки измет кој не бил соодветно отстранет. Во Мојсеевиот закон пишувало дека човечкиот измет треба да се затрупа со земја, и тоа понастрана од населеното место (5. Мојсеева 23:13).

Времето на обрежување.

Божјиот закон пропишувал машките деца да се обрежат на осмиот ден од раѓањето (3. Мојсеева 12:3). Се смета дека кај новороденчињата крвта може нормално да се згрутчува после првата седмица. Во библиски времиња, кога медицината не била толку развиена, било многу мудро бебето да се обреже дури по првата седмица.

Поврзаност меѓу емоционалното и физичкото здравје.

Научниците и истражувачите на полето на медицината велат дека позитивните емоции, како што се радоста, надежта, благодарноста и спремноста да се прости имаат позитивно влијание врз здравјето. Библијата вели: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22).