ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Месијата
Библијата прорекла дека на Земјата ќе дојде Месија кој ќе го ослободи човештвото од болести, страдања и смрт. Дали Исус Христос е Месијата?
Како луѓето можеле да го препознаат Месијата?
Во Библијата било проречено дека Месијата, односно Христос, ќе има две улоги во два различни временски периоди. * Првата улога требало да ја има како човек на Земјата. Библиските писатели прорекле многу детали за животот и службата на Исус за луѓето да можат лесно да препознаат дека тој е Месијата. Всушност, главната цел на библиските пророштва е „да сведочат за Исус“ (Откровение 19:10).
Кога бил на Земјата, Исус покажал што ќе направи во многу поголеми размери како моќно духовно суштество
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Таа прорекла дека, во својата прва улога, Месијата...
-
ќе биде потомок на цар Давид (Исаија 9:7; Лука 3:23-31). *
-
ќе се роди во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:4-7).
-
понизно ќе ја објавува „добрата вест“ (Исаија 61:1; Лука 4:43).
-
ќе биде презрен и сметан за безвреден (Исаија 53:3; Матеј 26:67, 68).
-
ќе биде предаден за 30 сребреници (Захарија 11:12, 13; Матеј 26:14, 15).
-
ќе молчи пред оние што ќе го обвинуваат и неправедно ќе го осудат на смрт (Исаија 53:6, 7; Матеј 27:12-14).
-
ќе стане жртвено „јагне“ кое ќе ги отстрани гревовите на луѓето и ќе им помогне да имаат близок однос со Бог (Исаија 53:7; Јован 1:29, 34, 36).
-
ќе биде убиен и притоа нема да му биде скршена ниту една коска (Псалм 34:20; Јован 19:33, 36).
-
ќе биде погребан меѓу богатите (Исаија 53:9; Матеј 27:57-60).
-
ќе воскресне на третиот ден (Матеј 16:21; 28:5-7).
Исус ги исполнил сите овие пророштва како и многу други. Лекувал болни и воскреснувал мртви. Но, освен што ни дал силен доказ дека тој е Месијата, ни дал и цврста основа да веруваме дека библиските пророштва во иднина ќе се исполнат во уште поголема мера (Лука 7:21-23; Откровение 21:3, 4). Откако воскреснал, Исус седнал од ‚десната страна‘ на Бог и чекал да дојде времето да ја доврши својата улога како Месија (Псалм 110:1-6).
„Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе знаци отколку што направи овој?“ (Јован 7:31).
Како Месијата ќе ја исполни својата втора улога?
Евреите во времето на Исус очекувале Месијата да ги ослободи од римската власт и да владее како цар на обновеното царство на Израел (Дела 1:6). Следбениците на Исус кои биле Евреи дури подоцна сфатиле дека тој ќе ја исполни својата втора улога од небото како моќно духовно суштество кое ќе има голема власт (Матеј 28:18).
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Таа прорекла дека, во својата втора улога, Месијата...
-
ќе владее како Цар на една светска влада, Божјето Царство (Даниел 7:13, 14; Откровение 11:15).
-
ќе ги благослови сите луѓе кои веруваат во него (1. Мојсеева 22:17, 18; Псалм 72:7, 8).
-
ќе „вчудовиди многу народи“ и нивните владетели кога ќе ги уништи затоа што му се спротивставуваат (Исаија 52:15; Откровение 19:19, 20).
-
ќе спаси едно „големо мноштво“ праведни луѓе од сите народи и ќе ги воведе во нов и мирољубив свет (Откровение 7:9, 10, 13-17).
-
заедно со Јехова Бог ќе ги воскресне мртвите во рајот на Земјата (Лука 23:43; Јован 5:21, 28, 29).
-
ќе ги поучи своите поданици да бидат мирољубиви (Исаија 11:1, 2, 9, 10).
-
ќе го отстрани гревот, кој е главната причина за болестите и смртта (Јован 1:29; Римјаните 5:12).
-
ќе ги уништи сите дела на Ѓаволот и ќе ги обедини луѓето под власта на Јехова Бог (1. Коринќаните 15:25-28; 1. Јованово 3:8).
Како Месија, Исус ја исполнил својата прва улога, а наскоро ќе ја исполни и својата втора улога. Оние што се мудри учат за него затоа што самиот Исус рекол: „Јас сум патот и вистината и животот“ (Јован 14:6).
„Во неговите дни ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината. Ќе има поданици... до краиштата на земјата“ (Псалм 72:7, 8).
^ пас. 5 Зборот „Месија“ потекнува од хебрејскиот јазик. Изразот „Христос“ го има истото значење како и „Месија“, но доаѓа од грчкиот јазик (Јован 1:41).
^ пас. 7 Првиот библиски извештај се однесува на пророштвото, а вториот на исполнувањето.