Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ БИБЛИЈАТА Е КОРИСНА ДЕНЕС?

Начела кои важат во секое време и за секој човек — чесност

Начела кои важат во секое време и за секој човек — чесност

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Кој ќе биде гостин во [Божјиот] шатор?.. Оној што живее беспрекорно и постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце“ (Псалм 15:1, 2).

КАКО НИ КОРИСТИ: Повеќето луѓе многу ги ценат чесноста и искреноста. Но, како би постапиле ако им се укаже можност да заработат од некоја нечесна постапка, а притоа никој да не дознае за тоа? Тогаш ќе се види што има во нивното срце, односно ќе се види какви навистина се.

Ракел, која работи како набавувач, вели: „Некои агенти за продажба се обидоа да ме подмитат. Ми ветија дека, ако набавувам роба од нив, ќе ми даваат процент од попустот што ѝ следува на фирмата каде што работам. Бидејќи добро знаев што вели Библијата за чесноста, ја одбив нивната понуда. Мојата шефица дозна за тоа и стекна поголема доверба во мене“.

Ако Ракел ја прифатела оваа навидум добра понуда, можеби за пократко време ќе заработела повеќе пари. Но, што ќе се случело ако нејзината шефица дознаела за тоа? Дали Ракел ќе го задржела своето работно место? И, дали ќе можела да најде друга работа? На Ракел најважно ѝ било да има чиста совест и да ја зачува својата самопочит. Во Изреки 22:1 пишува: „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство, и наклоноста од другите е подобра од среброто и златото“.

Џеси бил познат како чесен работник

И Џеси си стекнал добро име кај својот работодавец. Бидејќи бил чесен работник, тој бил унапреден во менаџер и му била дадена поголема слобода во врска со работното време. Така, тој имал повеќе време за својата жена и за своите деца и можел повеќе да учествува во активности кои му помагаат да се зближи со Бог.

Некои работодавци бараат работници онаму каде што знаат дека има чесни луѓе. На пример, еден раководител на фирма на Филипините напишал писмо до подружницата на Јеховините сведоци во кое ги замолил Сведоците да се пријават за работа во неговата фирма. Меѓу другото, рекол дека Јеховините сведоци се „трудољубиви, чесни и посветени работници“. Но, заслугата за сето тоа му припаѓа на Јехова Бог, кој нѐ поучува да го ‚мразиме злото‘ а да го ‚сакаме доброто‘ (Амос 5:15).