Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Скапоцен бисер во куп ѓубре

Скапоцен бисер во куп ѓубре

НА ШТО помислуваш кога ќе го чуеш зборот ѓубре? Веројатно помислуваш на непријатна глетка и на лоша миризба. Сигурно не би очекувал во куп ѓубре да најдеш скапоцен бисер.

Сепак, точно пред еден век, токму во куп ѓубре бил пронајден еден скапоцен бисер. Не станува збор за дословен бисер, туку за нешто друго што има голема вредност. Што е тоа и зошто ова откритие е важно за нас денес?

НЕОЧЕКУВАНО ОТКРИТИЕ

На почетокот од 20 век, Бернард Гренфел и Артур Хант, изучувачи на универзитетот Оксфорд, отишле во Египет. Меѓу купиштата ѓубре близу долината на реката Нил тие пронашле неколку папирусни фрагменти. Подоцна, во 1920 год., додека ги каталогизирале пронајдоците, Гренфел купил уште некои фрагменти кои биле откопани во Египет. Тој сакал да ѝ ги подари овие фрагменти на библиотеката Џон Рајландс во Манчестер (Англија). Но, и Гренфел и Хант починале пред да го довршат каталогот со фрагментите.

Еден друг изучувач на универзитетот Оксфорд, Колин Робертс, успеал да го заврши каталогот. Додека ги подредувал фрагментите, забележал парче папирус со димензии 9 на 6 сантиметри. На негово изненадување, грчкиот ракопис содржел зборови кои му биле познати. На едната страна биле запишани зборовите од Јован 18:31-33, а на другата страна делови од 37. и 38. стих. Робертс сфатил дека в раце држи скапоцен бисер.

ОД КОЕ ВРЕМЕ ДАТИРА?

Робертс претпоставил дека ова парче папирус е многу старо. Но, од кој период датира? За да го открие тоа, тој го споредил ракописот со други древни ракописи — наука која се нарекува палеографија. * На овој начин, тој можел отприлика да одреди од кое време датира ракописот. Сепак, сакал да дојде до уште поточни информации. Затоа го сликал фрагментот, им испратил копии на тројца папиролози, и ги замолил да го одредат времето од кое потекнува. До каков заклучок дошле овие експерти?

Откако го проучиле начинот на кој бил напишан текстот и изгледот на буквите, сите тројца изучувачи се согласиле дека ракописот датира од првата половина на 2 век од н.е. — само неколку децении по смртта на апостол Јован. Сепак, со палеографијата не може најсигурно да се одреди староста на некој ракопис, и затоа еден друг изучувач сметал дека текстот можело да биде запишан во кој и да било период од 2 век. Како и да е, тоа мало парче папирус било, и сѐ уште е, најстариот пронајден фрагмент од Христијанските грчки списи.

ШТО НИ ОТКРИВА ПАПИРУСОТ РАЈЛАНДС?

Зошто овој фрагмент од евангелието на Јован е од голема важност за оние што ја ценат Библијата денес? Од најмалку две причини. Прво, обликот на фрагментот ни покажува колку голема вредност имало Писмото за првите христијани.

Зошто овој фрагмент од евангелието на Јован е од голема важност за оние што ја ценат Библијата денес?

Во вториот век од н.е., текстовите се испишувале на свиток или во кодекс. Свитоците биле направени од парчиња папирус или пергамент кои се лепеле или се шиеле заедно за да формираат еден долг лист. Потоа, тој долг лист можел да се свитка во ролна или да се одвитка секогаш кога било потребно. Во повеќето случаи, се пишувало само на едната страна од свитокот.

Но, фрагментот што го открил Робертс бил испишан од двете страни. Тоа значело дека не е дел од свиток, туку од кодекс. Кодексот се состоел од листови пергамент или папирус кои биле подврзани и превиткани во облик на книга.

Зошто кодексот бил подобар во однос на свитокот? Како што знаеме, првите христијани биле проповедници на добрата вест (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тие ја ширеле библиската порака секаде каде што имало луѓе — по куќите, на пазарите и на улиците (Дела 5:42; 17:17; 20:20). Затоа, сигурно им било многу попрактично да го имаат Писмото во форма на книга.

Исто така, било многу полесно да се прават преписи на Писмото од кодекс. Благодарение на тоа, евангелијата биле одново и одново препишувани. Ова несомнено придонело христијанството да доживее голем пораст.

Папирусот Рајландс однапред и одназад

Втора причина зошто папирусот Рајландс е важен за нас денес е тоа што ни открива со колкава точност се пренесувал библискиот текст. Иако на фрагментот има само неколку стихови од евангелието на Јован, содржината е речиси иста со текстот во Библиите што ги имаме денес. Папирусот Рајландс покажува дека Библијата не е изменета и покрај тоа што била препишувана безброј пати.

Се разбира, папирусот Рајландс, кој содржи дел од евангелието на Јован, е само еден доказ меѓу илјадниците фрагменти и ракописи кои потврдуваат дека изворниот библиски текст е точно пренесен. Во својата книга, авторот Вернер Келер заклучил: „Овие древни [ракописи] ги побиваат сите сомнежи во врска со автентичноста и веродостојноста на текстот што стои во нашите Библии денес“ (The Bible as History).

Точно е дека како христијани не ја темелиме нашата вера на археолошки откритија. Уверени сме дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Сепак, многу се радуваме кога скапоцените бисери од минатото ги потврдуваат следниве зборови од Библијата: „Јеховината реч останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25).

^ пас. 8 Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, палеографија е „наука за графиката и надворешниот изглед на древните ракописи“. Низ времето, начинот на пишување се менувал. Тие промени може да ја откријат староста на ракописот доколку тој се спореди со други документи за кои е утврдено од кое време датираат.