Што вели Библијата:

Библискиот писател Лука го рекол следново во врска со својот извештај за Исусовиот живот: „Внимателно испитав сѐ од почетокот“ (Лука 1:3).

Некои тврдат дека извештаите за животот на Исус кои се запишани во евангелијата — списи на неговите современици Матеј, Марко, Лука и Јован — биле изменети некаде во четвртиот век.

Меѓутоа, во почетокот на 20 век, во Египет бил пронајден еден скапоцен фрагмент од Евангелието според Јован. Познат е како Папирусот Рајландс 457 (P52) и се чува во библиотеката Џон Рајландс во Манчестер (Англија). Тој го содржи текстот што во денешните Библии се наоѓа во Јован 18:31-33, 37, 38.

Тоа е најстариот познат фрагмент од препис на Христијанските грчки списи. Многу изучувачи сметаат дека бил направен некаде околу 125 год. од н.е., отприлика само четврт век откако бил напишан оригиналот. Текстот од овој фрагмент речиси потполно се совпаѓа со текстот во подоцнежните преписи.