Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Угледајте се на нивната вера

Тој бил закрила, поткрепа и духовен столб

Тој бил закрила, поткрепа и духовен столб

ЈОСИФ префрлил уште еден товар врз грбот на магарето. Замисли си го како со погледот се збогува со гратчето Витлеем, кое е потонато во мрак, и нежно го поттапнува силното товарно животинче. Сигурно размислувал за долгиот пат што ги чекал. Египет! Непознат народ, непознат јазик, непознати обичаи. Ќе се навикне ли неговото мало семејство на толку многу промени?

Не му било лесно да ѝ ја каже лошата вест на својата сакана жена, Марија, но Јосиф собрал сили и зборувал со неа. Ѝ го раскажал сонот во кој еден ангел му ја пренел следнава порака од Бог: Цар Ирод сакал да го убие нивното синче! Морале веднаш да заминат (Матеј 2:13, 14). Марија многу се загрижила. Зошто некој би сакал да го убие нејзиното невино, беспомошно детенце? Тоа било несфатливо и за двајцата. Сепак, имале доверба во Јехова и така почнале да се подготвуваат за пат.

Потполно несвесни за драмата што се одвивала, луѓето во Витлеем спиеле додека Јосиф, Марија и Исус крадешкум излегувале од селото обвиено во темнина. Кога почнале да се појавуваат првите сончеви зраци Јосиф, одејќи со своето семејство кон југ, веројатно се прашувал што го чека понатаму. Ќе можел ли тој, еден обичен дрводелец, да го заштити семејството од сите опасности? Ќе можел ли секогаш да се грижи за нивните потреби? Ќе успеел ли да ја изврши тешката задача што му ја дал Јехова Бог — да го одгледа и воспита ова посебно детенце? Го чекале многу тешкотии. Додека разгледуваме како ги совладувал една по една, ќе видиме зошто татковците денес — а и сите ние — треба да имаат вера како Јосиф.

Јосиф бил закрила за своето семејство

Неколку месеци пред тоа, во Назарет, животот на Јосиф се сменил од корен откако се свршил со ќерката на Или. Јосиф ја знаел Марија како чесна, верна млада жена. Но, дознал дека е бремена! Затоа решил тајно да се разведе од неа за да не ја изложи на јавен срам. * Меѓутоа, на сон му дошол еден ангел кој му кажал дека Марија останала бремена од Јеховиниот свет дух. Ангелот рекол и дека синот што го носи таа „ќе го спаси својот народ од неговите гревови“. Тој го успокоил Јосиф со зборовите: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена“ (Матеј 1:18-21).

Бидејќи бил праведен и послушен човек, Јосиф постапил како што му рекол ангелот. Прифатил една од најтешките задачи: да го одгледа и да го воспита синот кој не бил негово дете, но кој бил многу скапоцен во Божји очи. Подоцна, Јосиф ја послушал наредбата од императорот и ја повел својата бремена жена во Витлеем за да се попишат. Таму им се родило бебето. *

Јосиф и неговото семејство не се вратиле во Назарет, туку останале да живеат во Витлеем, кој се наоѓал на само неколку километри од Ерусалим. Иако биле сиромашни, Јосиф правел сѐ што можел за да им го обезбеди основното на Марија и на Исус и да им го олесни животот. За кратко време имале скромен дом. А кога Исус повеќе не бил бебе туку детенце — веројатно постаро од една година — нивниот живот неочекувано повторно се сменил.

Еден ден кај нив дошле неколку мажи, астролози од исток, најверојатно од далечниот Вавилон. Следејќи една ѕвезда која ги одвела до домот на Јосиф и Марија, побарале да го видат детето кое требало да стане цар на Евреите. Тие покажале голема почит.

Свесно или не, астролозите го ставиле малиот Исус во голема опасност. Ѕвездата што ја виделе не ги одвела прво во Витлеем, туку во Ерусалим. Таму му кажале на злобниот цар Ирод дека го бараат детето што ќе стане цар на Евреите. Тоа ја разгорело неговата љубомора и гнев. (Види ја статијата „Читателите прашуваат... Кој ја испратил ‚ѕвездата‘?“ на 29. страница.)

За среќа, против некои работи Ирод не можел ништо. Како тоа? Па, посетителите донеле подароци, не барајќи ништо за возврат. Колку мора да им било чудно на Јосиф и Марија одеднаш да имаат толку вредни работи — „злато, темјан и смирна“! Астролозите имале намера да му кажат на цар Ирод каде го нашле детето што го барале. Но, Јехова ги спречил. Во сон им рекол да се вратат дома по друг пат (Матеј 2:1-12).

Набргу откако астролозите си заминале, Јехова испратил кај Јосиф ангел со порака: „Стани, земи ги детето и мајка му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам да се вратиш, зашто Ирод ќе го бара детето за да го погуби“ (Матеј 2:13). Како што спомнавме во почетокот, Јосиф веднаш послушал. Најважно му било детето да биде на безбедно, па сите заедно отишле во Египет. Со скапите подароци што ги добиле од паганските астролози, имале доволно средства што можеле да им се најдат за патот што им претстоел.

Во некои апокрифни митови и легенди, нивниот пат до Египет е идеализиран со тоа што се тврди дека малиот Исус преку чудо го скратил патувањето до Египет, ги смирил разбојниците, па дури и направил палмите да ги наведнат своите гранки за мајка му да набере урми. * Меѓутоа, се работело за долго, напорно патување во непозната земја.

Родителите можат да научат многу од Јосиф. Тој спремно прекинал со работата и се откажал од личните удобности за да го заштити семејството од опасност. Тоа јасно покажува дека на грижата за семејството гледал како на света должност од Јехова. Денес, родителите ги подигаат своите деца во еден опасен свет, исполнет со различни влијанија што можат да им наштетат, да ги расипат, па дури и да ги уништат младите. Прекрасен пример се оние мајки и татковци кои, како Јосиф, одлучно преземаат мерки за да ги заштитат своите деца!

Јосиф бил поткрепа за своето семејство

Изгледа дека не останале долго во Египет, бидејќи кратко потоа ангелот му рекол на Јосиф дека Ирод умрел. Јосиф го повел семејството назад во родната земја. Во едно древно пророштво било кажано дека Јехова ќе го повика својот Син „од Египет“ (Матеј 2:15). Јосиф помогнал да се исполни тоа пророштво. Но, каде да се населат?

Јосиф бил претпазлив. Паметно било што се плашел од наследникот на Ирод, Архелај, кој исто така бил злобен човек спремен да убие. Под Божје водство, Јосиф тргнал со семејството на север, далеку од Ерусалим и од сите опасности што ги демнеле во тој град, и пак се вратил во Назарет во Галилеја. Таму, тој и Марија ги израснале своите деца (Матеј 2:19-23).

Животот им бил едноставен, но ни малку лесен. Во Библијата пишува дека Јосиф бил дрводелец, а зборот кој се користи укажува на секаква работа со дрво — на пример, да се исечат дрвја од шумата, да се довлечкаат до работилницата и од нив да се направи дрвена граѓа за куќи, бродови, мали мостови, запрежни коли, тркала, јареми и разни земјоделски алатки (Матеј 13:55). Тоа било напорна физичка работа. Дрводелците во библиски времиња често работеле близу до влезот на својата скромна куќа или во дуќанче веднаш до неа.

Јосиф работел со најразлични алатки, а некои од нив сигурно ги наследил од татко му. Веројатно користел винкла, висок, креда, секира, пила, тесла, чекан, дрвен чекан, длето, сврдел, разни лепила, а можеби и шајки, иако биле многу скапи.

Замисли си го малиот Исус како го гледа својот очув додека работи. Со широко отворени очи го набљудувал секое негово движење и без сомнение се восхитувал на силата што доаѓала од неговите широки раменици и цврсти раце, како и на неговите вешти прсти и остро око. Можеби Јосиф почнал да му покажува на својот малечок син како да прави некои поедноставни работи, како, на пример, да ги измазни рапавите површини на дрвото со сува кожа од риба. Најверојатно му покажал и во што се состои разликата од еден до друг вид дрво што го користел — на пример, меѓу египетската смоква, дабот и маслиновото дрво.

Исус знаел и дека тие цврсти раце што гледал како сечеле дрвја, делкале греди и правеле спојки на различни делови биле истите нежни раце што го галеле и тешеле него, мајка му и неговите братчиња и сестрички. Да, семејството на Јосиф и Марија растело и на крајот, освен Исус, им се родиле уште најмалку шест деца (Матеј 13:55, 56). Јосиф морал да работи уште понапорно за да ги прехрани сите нив.

Меѓутоа, Јосиф добро знаел дека најважно било да се грижи за духовните потреби на своето семејство. Затоа, одвојувал време да ги поучува децата за Јехова Бог и за неговите закони. Со Марија редовно ги носеле во најблиската синагога, каде што гласно се читал и се толкувал Законот. Веројатно Исус поставувал многу прашања откако ќе се врателе од таму и Јосиф давал сѐ од себе за да го задоволи неговиот духовен глад. Тој редовно го носел семејството и на празниците во Ерусалим. Кога се одело на Пасхата, која се прославувала секоја година, на Јосиф можеби му биле потребни две седмици за да помине околу 110 километри за да го одбележи празникот и потоа да се врати.

И семејните поглавари денес го следат неговиот пример. Тие се жртвуваат за своите деца и нивното духовно добро го ставаат пред сѐ друго, вклучувајќи ги и материјалните удобности. Прават сѐ што можат за да ги носат на христијанските состаноци и конгреси. Исто како Јосиф, знаат дека тоа е најдоброто нешто што можат да го направат за своите деца.

‚Загрижено го барале‘

Кога Исус имал 12 години, Јосиф, како и обично, тргнал со своето семејство на пат за Ерусалим. Дошол празникот Пасха, и големи семејства заедно минувале по патиштата украсени со бујна пролетна вегетација. Додека наближувале кон поголите височинки во близина на Ерусалим, мнозина почнувале да ги пеат познатите псалми за искачување (Псалм 120—134). Кон градот се слевале реки од стотици илјади луѓе. Потоа, семејствата и натоварените животни тргнувале назад. Јосиф и Марија, веројатно од презафатеност, претпоставиле дека Исус тргнал со некој од роднините. Дури по еден ден одење сфатиле нешто што многу ги уплашило — Исус го немало! (Лука 2:41-44).

Избезумени од страв, брзо тргнале назад кон Ерусалим. Замисли си колку празни и чудни им изгледале улиците додека го барале и гласно го повикувале својот син. Каде би можело да биде нивното дете? Откако го барале три дена, можно ли е Јосиф да почнал да се прашува дали не направил огромен пропуст во начинот на кој ја извршувал светата должност што му ја дал Јехова? На крајот, отишле во храмот. Таму пребарале сѐ и дошле до просторијата во која биле собрани многу учени луѓе, кои добро го познавале Законот. Меѓу нив седел и малиот Исус! Замисли си колку им олеснило на Јосиф и Марија кога го здогледале! (Лука 2:45, 46).

Исус ги слушал овие учени луѓе и им поставувал многу прашања. Тие биле зачудени од тоа колку длабоко детето ги разбирало работите и какви одговори давало. Но, Марија и Јосиф биле стаписани. Според извештајот, Јосиф не рекол ништо. Но, зборовите на Марија јасно кажуваат што чувствувале и двајцата: „Дете, зошто ни го направи тоа? Татко ти и јас загрижено те баравме“ (Лука 2:47, 48).

Со само неколку вешти потези, Божјата Реч дава реална слика за улогата на родителите. Тие може да имаат многу стресови — дури и кога детето е совршено! Родителите во овој опасен свет може да имаат многу грижи, но татковците и мајките можат да се утешат од мислата дека и самата Библија потврдува дека не е лесно да се биде родител.

Исус, пак, останал на единственото место во светот каде што се чувствувал најблизу до својот небесен Татко, Јехова, жедно впивајќи сѐ што можел да научи. Затоа, тој едноставно и искрено им одговорил на своите родители: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ (Лука 2:46-49).

Јосиф сигурно многупати помислувал на овие зборови. Веројатно секојпат го исполнувале со чувство на гордост. Па, тој сторил сѐ што можел за да го научи своето посвоено синче да го сака Јехова Бог. Уште како дете зборот татко очигледно будел пријатни чувства кај него. Тоа во голема мера се должело на неговиот однос со Јосиф.

Ако си татко, дали сфаќаш каква чест имаш да им помогнеш на своите деца да добијат претстава што значи еден татко да ги сака и да се грижи за нив? Слично, ако имаш посвоени деца, сети се на примерот на Јосиф и цени го и сакај го секое од нив. Помогни им да се зближат со нивниот небесен Татко, Јехова Бог.

Јосиф бил духовен столб

Библијата ни спомнува само уште неколку работи за животот на Јосиф, но вреди и нив да ги разгледаме. Во неа пишува дека Исус ‚им бил послушен‘ на своите родители. Исто така, дознаваме и дека ‚Исус растел, напредувал во мудроста и уживал сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето‘ (Лука 2:51, 52). Што ни откриваат овие зборови за Јосиф? Неколку работи. На пример, тој продолжил да презема водство во својот дом, бидејќи неговиот совршен син го почитувал како татко и му бил послушен.

Исто така, дознаваме дека Исус продолжил да стекнува мудрост. Јосиф сигурно многу придонел за тоа. Во тие денови, меѓу Евреите била раширена една изрека, според која само оние што не работеле ништо можеле да бидат вистински мудри, додека занаетчиите, како што биле дрводелците, земјоделците и ковачите, „не можеле да делат правда и да судат. Затоа, не требало да бидат меѓу оние луѓе што кажувале мудрости“. Подоцна, Исус покажал колку е неточна оваа изрека. Како дете, тој често го слушал својот очув кој, иако бил само обичен дрводелец, толку убаво го поучувал за Јеховината правда и суд! Сигурно имало многу такви прилики.

Можеме да видиме докази и за влијанието на Јосиф врз физичкиот развој на Исус. Како добро згрижено момче, Исус израснал во силен и здрав маж. Освен тоа, Јосиф го научил да извршува и физички работи. Исус бил познат не само како син на дрводелецот туку и како „дрводелецот“ (Марко 6:3). Значи, Јосиф добро го воспитал Исус. И семејните поглавари денес ќе постапат мудро ако, по примерот на Јосиф, се грижат за доброто на своите деца и ако ги научат еден ден самите да се издржуваат.

Откако Исус се крстил на возраст од 30 години, Јосиф повеќе не се спомнува во Библијата. Очигледно, Марија била вдовица кога Исус ја започнал својата служба. (Види ја рамката „Кога умрел Јосиф“ на страница 27.) Сепак, Јосиф оставил прекрасен пример на татко кој бил закрила, поткрепа и духовен столб за своето семејство. Секој татко, секој семеен поглавар и секој христијанин треба да го следи примерот на вера што го оставил Јосиф.

[Фусноти]

^ пас. 7 Во тоа време, на свршувачката се гледало речиси исто како на бракот.

^ пас. 8 Види ја статијата „Угледајте се на нивната вера — Таа ‚ги чувала тие зборови во своето срце‘“ во изданието на Стражарска кула од 1 октомври 2008.

^ пас. 14 Библијата јасно покажува дека Исус го направил првото чудо дури откако се крстил (Јован 2:1-11). За да дознаеш нешто повеќе за апокрифните евангелија, види ја статијата на 18. страница: „Дали апокрифните евангелија откриваат скриени вистини за Исус?“

[Рамка на страница 27]

Кога умрел Јосиф?

Знаеме дека Јосиф бил жив кога Исус имал 12 години. На таа возраст, многу млади Евреи почнувале да го учат занаетот на својот татко, а на 15 години станувале чираци. Очигледно, Јосиф живеел доволно долго за да му го пренесе на Исус дрводелскиот занает. Дали бил жив кога Исус ја започнал својата служба на околу 30 години? Изгледа дека не. Во тој период се спомнуваат мајка му, браќата и сестрите на Исус, но не и Јосиф. Во една прилика Исус бил наречен „синот на Марија“, а не синот на Јосиф (Марко 6:3). Спомнати се неколку одлуки што Марија ги донела без да се советува со сопругот (Јован 2:1-5). Во библиски времиња тоа би било многу необично, освен ако не била вдовица. Исто така, кога умирал, грижата за својата мајка Исус му ја доверил на апостол Јован (Јован 19:26, 27). Не би имало потреба од такво нешто ако Јосиф бил жив. Очигледно, Јосиф умрел кога Исус сѐ уште бил релативно млад. Без сомнение, како најстар син, Исус почнал да работи како дрводелец и се грижел за семејството сѐ до своето крштавање.

[Слика на страница 24]

Јосиф постапил решително и несебично за да го заштити своето дете

[Слика на страница 25]

Јосиф напорно работел за да го прехрани своето семејство

[Слика на страница 26]

Јосиф редовно го носел своето семејство во храмот во Ерусалим

[Слика на страница 28]

Јосиф му го пренел на својот син дрводелскиот занает