Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Зошто христијаните се крштаваат?

Зошто христијаните се крштаваат?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Што значи да се крстиш како христијанин?

Со крштавањето покажуваме дека сакаме да бидеме блиски со Бог. Значи, еден христијанин не треба да се крсти кога е бебе, туку кога е доволно возрасен за да го запознае Бог и да стане ученик на Исус (Дела 8:12; 1. Петрово 3:21). Ќе станеме негови ученици ако дознаеме што бара од нас и ако го правиме тоа. (Прочитај Матеј 28:19, 20.)

Во времето на апостолите, многу луѓе без двоумење почнале да учат за Бог и за Исус. На пример, кога еден човек дознал дека преку смртта на Исус може да се добие спасение, веднаш станал негов ученик. И денес, голем број искрени луѓе донеле одлука да станат следбеници на Исус. (Прочитај Дела 8:26-31, 35-38.)

2. Зошто Исус се крстил?

Кога Исус имал околу 30 години, Јован Крстител го крстил во водите на реката Јордан. Со своето крштавање Исус покажал дека е спремен да ја извршува Божјата волја (Евреите 10:7). Тоа значело дека ќе треба да го даде својот живот како жртва за гревовите на сите луѓе. Уште пред да дојде од небото на Земјата, Исус го сакал својот Татко, Јехова, и му бил послушен. (Прочитај Марко 1:9-11; Јован 8:29; 17:5.)

3. Зошто христијаните треба да се крштаваат?

Ние и Исус не сме во иста положба — ние сме родени како грешници. Сепак, тоа што го дал животот како жртва ни овозможува да бидеме блиски со Бог (Римјаните 5:10, 12; 12:1, 2). Всушност, можеме да станеме дури и дел од неговото семејство (2. Коринќаните 6:18). Како? Така што во лична молитва ќе му ветиме на Јехова дека ќе ја вршиме неговата волја сѐ додека сме живи. Она што сме го ветиле јавно го покажуваме со нашето крштавање. (Прочитај Матеј 16:24; 1. Петрово 4:2.)

4. Како да се подготвиш за крштавање?

Јеховините сведоци ја проучуваат Библијата со секој што сака да се зближи со Бог. Тоа што ќе ја проучуваш Библијата и ќе присуствуваш на христијанските состаноци, ќе ти ја зајакне љубовта кон Бог и верата во него. Исто така, ќе ти помогне да стекнеш убави навики и ставови. Љубовта, верата и другите убави особини ќе ти помогнат да живееш според ветувањето што си му го дал на Јехова дека ќе му служиш засекогаш. (Прочитај Јован 17:3; Евреите 10:24, 25.)

Нешто повеќе можеш да прочиташ во 18. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.