Марко 6:1-56
6 И замина оттаму и дојде во својот роден крај, а неговите ученици го следеа.+
2 Кога дојде сабота,* почна да поучува во синагогата. Мнозина што го слушаа се восхитија и рекоа: „Од каде му е тоа на овој?+ Од каде му е таквата мудрост и како е можно неговите раце да прават такви моќни дела?*
3 Не е ли ова дрводелецот,+ синот на Марија+ и братот на Јаков,+ Јосиф, Јуда и Симон?+ И не се ли неговите сестри овде со нас?“ И не сакаа да веруваат во него.+
4 А Исус им рече: „Пророкот никаде не останува без чест, освен во својот роден крај,+ меѓу своите роднини и во својот дом“.+
5 Затоа, таму не направи никакво моќно дело, освен што ги положи рацете на неколкумина болни и ги излекува.
6 И се чудеше на нивниот недостиг на вера. И ги обиколуваше селата наоколу и ги поучуваше луѓето.+
7 Потоа ги повика дванаесеттемина и почна да ги испраќа двајца по двајца,+ давајќи им власт над нечистите духови.+
8 И им заповеда да не носат ништо за по пат, освен стап — ни леб, ни торба,+ ни пари во појасите+ —
9 туку да си обујат сандали, и да не носат по две облеки.+
10 Уште им рече: „Во која куќа и да влезете,+ останете таму сѐ додека не си заминете од тој крај.+
11 А ако некое место не ве прими и не ве послуша, кога ќе заминувате оттаму, истресете си го правот од нозете, ним за сведоштво“.+
12 Така тргнаа и проповедаа со цел луѓето да се покаат.+
13 Истеруваа многу демони+ и мачкаа со масло мнозина болни,+ и ги лекуваа.+
14 А тоа допре до ушите на цар Ирод,* бидејќи Исусовото име стана познато и се зборуваше: „Јован Крстител воскреснал од мртвите, и затоа прави моќни дела“.+
15 А други зборуваа: „Тоа е Илија“.+ Трети, пак: „Тоа е пророк како еден од пророците од минатото“.+
16 А кога Ирод го чу тоа, рече: „Тоа е Јован, кому му ја отсеков главата, тој воскреснал“.+
17 Зашто, Ирод лично испрати по Јован да го фатат и врзан да го фрлат в затвор поради Иродијада, жената на брат му Филип, со која се беше оженил.+
18 Зашто, Јован му велеше на Ирод: „Законот не ти дозволува да ја имаш жената на својот брат“.+
19 А Иродијада го мразеше+ и сакаше да го убие, но не можеше,+
20 зашто Ирод се плашеше+ од Јован, бидејќи знаеше дека е праведен и свет човек,+ па го штитеше. Секогаш кога го слушаше,+ беше во голема недоумица што да прави, но сепак со задоволство го слушаше.
21 Но, Иродијада начека поволен момент+ кога Ирод на својот роденден+ приреди гозба за своите големци, за илјаданачалниците* и за првенците од Галилеја.
22 И влезе ќерката на Иродијада и танцуваше. Им се допадна на Ирод и на неговите гости.*+ И царот ѝ рече на девојката: „Побарај од мене сѐ што сакаш, и ќе ти дадам“.
23 И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам,+ па макар и да е половина од моето царство“.+
24 Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ А таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител“.+
25 И веднаш влезе со брзање кај царот и рече: „Сакам веднаш да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстител“.
26 Царот многу се натажи, но поради заклетвата и гостите, не сакаше да ја одбие.+
27 Затоа царот веднаш испрати еден од телесната стража и му заповеда да ја донесе неговата глава. И овој отиде, му ја отсече главата во затворот+
28 и ја донесе на послужавник, па ѝ ја даде на девојката, а девојката ѝ ја даде на мајка си.+
29 Кога слушнаа за тоа, неговите ученици дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија в гроб.+
30 А апостолите се собраа кај Исус и го известија за сѐ што направиле и поучувале.+
31 Тогаш им рече: „Дојдете со мене на едно осамено место+ и одморете се малку“.+ Зашто, мнозина доаѓаа и заминуваа, па немаа време ни да јадат.+
32 Така сами заминаа со чамец на едно осамено место.+
33 Но, луѓето ги видоа како заминуваат и мнозина дознаа за тоа, и од сите градови побрзаа пеш и ги престигнаа.+
34 А кога излезе, виде многу народ, па се сожали+ на нив, зашто беа како овци без пастир.+ И почна да ги поучува за многу работи.+
35 Кога веќе беше доцна, неговите ученици му пријдоа и му рекоа: „Местово е осамено, а веќе е доцна.+
36 Отпушти ги, нека појдат по околните села и имоти за да си купат нешто за јадење“.+
37 Тогаш тој им рече: „Дајте им вие да јадат“. А тие го прашаа: „Да одиме да купиме леб за двесте денарии,* па да им дадеме да јадат?“+
38 Тој им рече: „Колку леба имате? Одете и видете“. Кога погледнаа, рекоа: „Пет, и две риби“.+
39 И им рече на сите да испоседнат* во групи+ на зелената трева.+
40 И поседнаа по групи од по сто и од по педесет.+
41 Тој ги зеде петте леба и двете риби, погледна во небото и кажа благослов,+ па ги раскрши+ лебовите, и им даваше на учениците да им ги поделат на луѓето. И двете риби им ги раздели на сите.
42 Сите јадоа и се наситија.+
43 И ги собраа парчињата, дванаесет полни кошници, и остатоците од рибите.
44 А оние што јадоа од лебовите беа пет илјади мажи.+
45 И веднаш ги натера своите ученици да влезат во чамецот и да тргнат кон спротивниот брег, накај Витсаида, додека тој да го отпушти народот.+
46 Се поздрави со нив, па отиде на гората за да се моли.+
47 Вечерта чамецот беше среде морето, а тој сам на копното.+
48 Кога ги виде како се мачат веслајќи,+ бидејќи пловеа спроти ветрот, околу четвртата ноќна стража* дојде кај нив, одејќи по морето. Но изгледаше како да сака да ги заобиколи.
49 А кога го здогледаа како оди по морето, си помислија: „Ова е привидение!“ И почнаа да викаат.+
50 Зашто, сите го видоа и се уплашија. Но тој веднаш им се обрати и им рече: „Бидете храбри, јас сум! Не плашете се!“+
51 И влезе кај нив во чамецот, и ветрот стивна. А тие многу се зачудија,+
52 бидејќи не сфатија што значеше чудото со лебовите, туку нивните срца и понатаму не можеа да го разберат тоа.+
53 И кога преминаа до копното, дојдоа во Генисарет и го закотвија чамецот во близина.+
54 А штом излегоа од чамецот, луѓето го препознаа,
55 па се растрчаа низ целиот тој крај и почнаа да ги носат болните на носилки таму каде што имаа слушнато дека се наоѓа тој.
56 И секаде каде што ќе влезеше — во села, во градови, во населби+ — на плоштадите ги ставаа болните и тие го молеа да го допрат+ барем работ+ од неговата облека. И секој што ќе го допреше, оздравуваше.+
Фусноти
^ Или: „такви чуда“.
^ Или: „хилијарсите“.