Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај непоколеблива вера во Божјето Царство

Имај непоколеблива вера во Божјето Царство

„Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (ЕВР. 11:1)

1, 2. а) Што ќе ја зацврсти нашата увереност дека Бог ќе ја исполни својата намера преку Царството? б) Според Ефешаните 2:12, на кој начин сојузите ќе ја зајакнат нашата вера? (Види ја сликата погоре.)

КАКО Јеховини сведоци, ние често велиме дека Божјето Царство е единственото решение за сите наши проблеми, и им го насочуваме вниманието на луѓето на таа важна библиска вистина. Наоѓаме голема утеха и во надежта што ни ја дава Царството. Но, колку е цврста нашата вера во Божјето Царство, и дали сме уверени дека Јехова ќе ја оствари својата намера преку него? Зошто можеме да имаме непоколеблива вера во тоа Царство? (Евр. 11:1).

2 Семоќниот Бог ќе ја исполни својата намера со човештвото преку месијанското Царство. Тоа има цврст и стабилен темел — Јеховиното апсолутно право да владее. Но, кој е Царот на ова Царство? Кои ќе бидат неговите совладетели? Над кого и над што ќе владеат тие? Преку неколку сојузи, Бог законски ги утврдил овие важни аспекти на Царството. Сојузите се правни договори кои ги склучил Јехова или неговиот Син, Исус Христос. Ако размислуваме подлабоко за нив, подобро ќе сфатиме на кој начин Бог ќе ја исполни  својата намера, и зошто може да бидеме сигурни дека неговото Царство е цврсто и непроменливо. (Прочитај Ефешаните 2:12.)

3. Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

3 Во Библијата се спомнати шест главни сојузи кои се поврзани со месијанското Царство на чело со Исус Христос. Тоа се: 1) сојузот со Авраам, 2) сојузот на Законот, 3) сојузот за Давидовото царство, 4) сојузот за свештеничка служба како на Мелхиседек, 5) новиот сојуз и 6) сојузот за Царството. Во оваа и во следната статија ќе видиме како секој од овие сојузи е поврзан со Царството и како придонесува да се исполни Божјата намера во врска со Земјата и со човештвото. (Види ја рамката „ Како Бог ќе ја исполни својата намера“.)

ЕДНО ВЕТУВАЊЕ ОТКРИВА КАКО ЌЕ СЕ ИСПОЛНИ БОЖЈАТА НАМЕРА

4. Според 1. Мојсеева, кои три одредби ги донел Јехова во поврзаност со луѓето?

4 Јехова ја подготвил нашата прекрасна планета за да можат луѓето да живеат на неа. Потоа донел три одредби во поврзаност со луѓето: 1) да бидат создадени според неговиот лик, 2) да го прошират Рајот по целата Земја и да ја наполнат со свои праведни потомци и 3) да не јадат од дрвото на спознанието на доброто и злото (1. Мој. 1:26, 28; 2:16, 17). Со овие три одредби, Бог јасно кажал која е неговата намера со човештвото и со Земјата. Но, нешто тргнало наопаку, и поради тоа Јехова морал да склучува сојузи за да ја исполни својата намера. Што се случило?

5, 6. а) Како Сатана се обидел да ја осуети Божјата намера? б) Како Јехова се справил со побуната во еденската градина?

5 Сатана Ѓаволот кренал бунт против Творецот во злобен обид да ја осуети Божјата намера. Тој ја ставил на испит послушноста на луѓето кон Бог. Како? Така што ја навел Ева да ја прекрши третата одредба и да јаде од плодот на дрвото на спознанието на доброто и злото. Со тоа го довел во прашање правото на Бог да владее над своите созданија (1. Мој. 3:1-5; Отк. 12:9). Исто така, подоцна Сатана им припишал себични мотиви на Божјите верни слуги (Јов 1:9-11; 2:4, 5).

6 Како Јехова се справил со побуната на Сатана во еденската градина? Бог можел да ги уништи бунтовниците и на тој начин да стави крај на нивната побуна. Но, ако го направел тоа, немало да се исполни неговата намера Земјата да биде населена со послушни потомци на Адам и Ева. Наместо да ги погуби бунтовниците на лице место, мудриот Творец дал едно значајно пророштво — ветувањето во еденската градина. Тоа служи како гаранција дека ќе се исполни секој детаљ од Божјата намера во врска со Земјата и со луѓето. (Прочитај 1. Мојсеева 3:15.)

7. Што открива ветувањето дадено во еденската градина во врска со „змијата“ и нејзиното потомство?

7 Со ветувањето кое го дал во еденската градина, Јехова изрекол пресуда над „змијата“ и нејзиното потомство, односно над Сатана Ѓаволот и над сите оние што застануваат на негова страна во спорното прашање поврзано со Божјето право да владее. Вистинскиот Бог го овластил потомството на својата небесна жена да го уништи Сатана. Според тоа, ветувањето во еденската градина не само што открило дека Ѓаволот и последиците од неговата побуна ќе бидат отстранети туку покажало и на кој начин ќе се случи тоа.

8. Што може да се каже за жената и за нејзиното потомство?

8 Но, кое е потомството на жената? Бидејќи требало да го уништи Сатана Ѓаволот, кој е духовно суштество, ова  потомство морало и самото да биде од духовна природа (Евр. 2:14). Затоа и жената која ќе го „родела“ требало да биде од духовното подрачје. Иако потомството на „змијата“ почнало да се множи и било јасно видливо, идентитетот на жената и на нејзиното потомство останал непознат речиси 4.000 години откако било дадено ветувањето во еденската градина. Во текот на тие милениуми, Јехова склучил неколку сојузи кои откриваат кое е потомството и покажуваат како Тој ќе ја надомести штетата која Сатана му ја нанел на човечкиот род.

СОЈУЗ ШТО ОТКРИВА КОЕ Е ПОТОМСТВОТО

9. Што, всушност, е сојузот со Авраам, и кога стапил на сила?

9 Околу две илјади години откако му изрекол пресуда на Сатана, Јехова му заповедал на семејниот поглавар Авраам да го напушти својот дом во градот Ур во Месопотамија, и да замине за Ханаан (Дела 7:2, 3). Бог му рекол: „Оди си од својата земја, откај својот род и од домот на својот татко, па појди во земјата што ќе ти ја покажам. А јас од тебе ќе направам голем народ, ќе те благословам и твоето име ќе го направам големо, а ти самиот биди благослов за другите. Ќе ги благословам оние што тебе те благословуваат, а ќе го проколнам оној што тебе те проколнува, и преку тебе ќе се благословат сите народи на земјата“ (1. Мој. 12:1-3). Ветувањето кое Бог му го дал на овој свој слуга е наречено сојузот со Авраам. Иако не знаеме кога точно бил склучен, знаеме дека стапил на сила во 1943 год. пр.н.е., кога 75-годишниот Авраам заминал од Харан и ја преминал реката Еуфрат.

10. а) Како Авраам покажал дека има непоколеблива вера во Божјите ветувања? б) Кои поединости за потомството на жената постепено ги откривал Јехова?

10 Јехова Бог му го повторил ова  ветување на Авраам повеќе пати, и секогаш му откривал уште некои детали (1. Мој. 13:15-17; 17:1-8, 16). А кога Авраам покажал непоколеблива вера во Божјите ветувања со тоа што бил спремен да го жртвува сопствениот син, Јехова го потврдил сојузот давајќи заклетва, односно безусловно ветување. (Прочитај 1. Мојсеева 22:15-18; Евреите 11:17, 18.) Откако овој сојуз стапил на сила, Јехова почнал постепено да открива важни поединости за потомството на жената. Открил дека тоа ќе потекнува од лозата на Авраам, дека ќе биде бројно, дека ќе има царска власт, дека ќе ги уништи сите непријатели и дека преку него ќе бидат благословени многу луѓе.

Авраам покажал дека има непоколеблива вера во Божјите ветувања (Види во пасус 10)

11, 12. Како Библијата покажува дека сојузот со Авраам има поголемо исполнување, и што значи тоа за нас?

11 Ветувањата кои Бог ги дал преку сојузот што го склучил со Авраам најпрво се исполниле кога потомците на овој човек ја наследиле Ветената земја. Но, Библијата покажува дека овој сојуз требало да има и друго, поголемо исполнување (Гал. 4:22-25). Под водство на светиот дух, апостол Павле објаснил дека, всушност, главниот дел од потомството на Авраам е Христос, а во споредниот дел спаѓаат 144.000 помазани христијани (Гал. 3:16, 29; Отк. 5:9, 10; 14:1, 4). Жената спомната во ветувањето кое Бог го дал во еденската градина го претставува небесниот дел од Јеховината организација. Таа е наречена и „горниот Ерусалим“, а ја сочинуваат верните духовни суштества (Гал. 4:26, 31). Во склад со ветувањето кое Јехова го дал преку сојузот што го склучил со Авраам, потомството на жената треба да му донесе вечни благослови на човештвото.

12 Сојузот со Авраам е законска гаранција дека небесното Царство навистина ќе владее, и дека Христос и неговите совладетели се наследници на тоа Царство (Евр. 6:13-18). Колку долго ќе биде на сила овој сојуз? Во 1. Мојсеева 17:7 се вели дека тоа е „траен сојуз“. Тој ќе биде на сила сѐ додека месијанското Царство не ги уништи Божјите непријатели и не бидат благословени сите семејства на Земјата (1. Кор. 15:23-26). Но, користите од него ќе траат вечно. Сојузот со Авраам е доказ дека Јехова е решен да ја оствари својата намера и да ја ‚наполни земјата‘ со праведни луѓе (1. Мој. 1:28).

СОЈУЗ КОЈ ГАРАНТИРА ДЕКА ЦАРСТВОТО ЌЕ ‚ТРАЕ ДОВЕКА‘

13, 14. Во што нѐ уверува сојузот за Давидовото царство во поглед на месијанското владеење?

13 Ветувањето дадено во еденската градина и сојузот со Авраам покажуваат дека Јеховиното владеење секогаш се темели на праведни мерила. Тие мерила лежат и во основата на месијанското Царство (Пс. 89:14). Дали таа влада некогаш ќе се расипе и поради тоа ќе мора да биде отстранета? Еден друг сојуз нѐ уверува дека вакво нешто никогаш нема да се случи.

14 Јехова му дал едно ветување на цар Давид кој владеел со древниот Израел. Ова ветување е наречено сојуз за Давидовото царство. (Прочитај 2. Самоилова 7:12, 16.) Преку овој сојуз, Јехова му ветил на Давид дека Месијата ќе биде негов потомок (Лука 1:30-33). На тој начин, Бог открил поконкретни детали за семејната лоза на Месијата, и кажал дека овој наследник на Давид ќе има ‚законско право‘ да седне на престолот како месијански Цар (Езек. 21:25-27). Царската власт на Давид „ќе стои  цврсто довека“ затоа што „неговото потомство [Исус] ќе биде вечно и неговиот престол — [ќе продолжи да постои] како сонцето“ (Пс. 89:34-37). Да, месијанската влада никогаш нема да се расипе, и благословите од неа ќе траат засекогаш!

СОЈУЗ ЗА СВЕШТЕНИЧКА СЛУЖБА

15-17. Според сојузот за свештеничка служба како на Мелхиседек, каква додатна улога требало да има потомството на жената, и зошто?

15 Сојузот со Авраам и сојузот за Давидовото царство гарантираат дека потомството на жената ќе има царска власт. Но, ова не е доволно за луѓето да бидат благословени во потполност. За да извлечат целосна корист, тие мора да бидат ослободени од гревот и да станат дел од Јеховиното семејство на верни слуги на небото и на Земјата. Од таа причина, потомството мора да извршува и свештеничка служба. Затоа нашиот мудар Творец склучил уште еден правен договор кој е наречен сојуз за свештеничка служба како на Мелхиседек.

16 Преку цар Давид, Јехова открил дека ќе склучи личен сојуз со Исус. Овој сојуз вклучувал две работи: 1) Исус требало да ‚седи од Божјата десна страна‘ додека не дојде времето да ги покори своите непријатели, и 2) тој требало ‚довека да биде свештеник сличен на Мелхиседек‘. (Прочитај Псалм 110:1, 2, 4.) Во која смисла Исус требало да биде ‚сличен на Мелхиседек‘? Долго пред потомците на Авраам да ја наследат Ветената земја, Мелхиседек, царот на Салим, служел како „свештеник на Севишниот Бог“ (Евр. 7:1-3). Лично Јехова го поставил во таа служба. Тој е единствениот човек спомнат во Хебрејските списи кој служел и како цар и како свештеник. Освен тоа, бидејќи нема запис дека некој пред или после него имал таква улога, во некоја смисла може да се каже дека бил ‚свештеник довека‘.

17 Преку овој сојуз, лично Бог го поставил својот Син во свештеничка служба. Исус ќе биде „довека свештеник сличен на Мелхиседек“ (Евр. 5:4-6). Овој сојуз јасно покажува дека Јехова законски се обврзал да го употреби месијанското Царство за да ја исполни својата првобитна намера со луѓето и со Земјата.

СОЈУЗИТЕ — ЗАКОНСКА ОСНОВА ЗА ЦАРСТВОТО

18, 19. а) Што покажуваат сојузите за Царството што ги разгледавме досега? б) Што ќе биде обработено во следната статија?

18 Видовме дека секој од сојузите што ги спомнавме досега е поврзан со месијанското Царство, и дека тоа има законско право да владее затоа што се темели на правни договори. Со ветувањето кое го дал во еденската градина, Јехова дал гаранција дека ќе ја исполни својата намера со Земјата и со луѓето преку потомството на жената. Од сојузот со Авраам, пак, дознавме кое е потомството и која ќе биде неговата улога.

19 Сојузот за Давидовото царство открива повеќе детали за семејната лоза на Месијата — главниот дел на потомството. Освен тоа, овој сојуз му дава право на Исус да владее со Земјата за вечен благослов на човештвото. А преку сојузот за свештеничка служба како на Мелхиседек, потомството на жената има право да извршува свештеничка улога. Но, Исус нема сам да им помогне на луѓето да станат совршени. И други се помазани да служат како цареви и свештеници. Во следната статија ќе видиме кои се тие и од каде доаѓаат.