Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховините опомени се веродостојни

Јеховините опомени се веродостојни

„Опомената од Јехова е веродостојна, му дава мудрост на неискусниот“ (ПС. 19:7)

1. Кои теми често ги обработуваме на состаноците, и како ни користи тоа?

ДАЛИ некогаш, кога си се подготвувал за Проучувањето на Стражарска кула, си помислил: „Зарем не сме ја имале оваа тема и порано?“ Ако веќе некое време си дел од христијанското собрание, сигурно си забележал дека некои теми се обработуваат многу често. На пример, редовно имаме статии за Божјето Царство, за откупнината, за проповедањето и за особини како што се љубовта и верата. Проучувањето на овие теми ни помага да ја зајакнеме својата вера и ‚да ја извршуваме речта, а не само да ја слушаме‘ (Јак. 1:22).

2. а) На што честопати се однесува зборот „опомена“ во Библијата? б) Во кој поглед Божјите закони се разликуваат од човечките?

2 Хебрејската именка која е преведена со „опомена“ честопати се однесува на потсетувања или на поуки кои се повторуваат, како и на закони, заповеди и одредби што Бог му ги дава на својот народ. За разлика од човечките закони, кои често се менуваат и дополнуваат, Јеховините закони и одредби секогаш се веродостојни. Точно е дека Бог дал некои закони во минатото кои неговиот народ денес не мора да ги држи. Но, тоа не значи дека биле погрешни. Псалмистот рекол: „Вечна е праведноста на твоите опомени“ (Пс. 119:144).

3, 4. а) На кој начин Јехова честопати му давал опомени на својот народ? б) Каква корист ќе имале Израелците ако ги слушале Божјите потсетувања?

3 Јехова му давал опомени на израелскиот народ. Тој редовно ги испраќал своите пророци да им пренесуваат предупредувања на Израелците. На пример, кратко пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј ги предупредил: „Чувајте се да не ве измами вашето срце, да не застраните и да почнете да обожавате други богови и да им се клањате, за да не се разгневи Јехова против вас“ (5. Мој. 11:16, 17). Библијата покажува дека Бог му дал на својот народ и многу други корисни опомени.

4 Јехова честопати ги поттикнувал Израелците да се бојат од него, да го слушаат неговиот глас и да го светат неговото име (5. Мој. 4:29-31; 5:28, 29). Тој им ветил дека ќе им даде многу благослови ако ги слушаат неговите потсетувања (3. Мој. 26:3-6; 5. Мој. 28:1-4).

КАКО РЕАГИРАЛЕ ИЗРАЕЛЦИТЕ НА БОЖЈИТЕ ОПОМЕНИ

5. Зошто Јехова се борел за цар Езекија?

5 Во текот на бурната историја на израелскиот народ, Бог си го одржал ветувањето. На пример, кога асирскиот цар Сенахирим навлегол во Јуда и се заканил дека ќе го нападне цар Езекија, Јехова испратил ангел за да му помогне на својот народ. За само една ноќ, Божјиот ангел ги погубил „сите храбри јунаци“ во асирската војска, и Сенахирим посрамен се вратил во својата земја (2. Лет. 32:21; 2. Цар. 19:35). Зошто Бог се борел за цар Езекија? Затоа што Езекија ‚цврсто се држел за Јехова и не отстапил од него, туку ги држел заповедите кои ги дал Јехова‘ (2. Цар. 18:1, 5, 6).

6. Како цар Јосија покажал доверба во Јехова?

6 И цар Јосија им бил послушен на Јеховините заповеди. Уште кога имал само осум години, ‚тој го правел она што е исправно во Јеховини очи, не скршнувајќи ни надесно ни налево‘ (2. Лет. 34:1, 2). Јосија ја покажал својата доверба во Бог со тоа што ја исчистил земјата од идоли и го обновил обожавањето на вистинскиот Бог. Затоа Јехова го благословил не само него туку и целиот народ. (Прочитај 2. Летописи 34:31-33.)

7. Што се случувало кога Израелците не ги слушале Јеховините опомени?

7 За жал, Израелците немале секогаш доверба во Јехова. Низ вековите, тие многупати не биле послушни на неговите опомени. Кога нивната вера била слаба, биле ‚носени ваму-таму од секој ветар на учењето‘ (Еф. 4:13, 14). И, како што било проречено, кога не ги слушале Божјите опомени, тие жнееле горки последици (3. Мој. 26:23-25; Ерем. 5:23-25).

8. Во кој поглед ние сме во слична ситуација како Израелците?

8 Во кој поглед денешните Божји слуги се во слична ситуација како Израелците? И ние добиваме совети и опомени од Јехова (2. Пет. 1:12). Всушност, се потсетуваме на неговите заповеди секогаш кога ја читаме Библијата. Бидејќи имаме слободна волја, можеме сами да одлучиме дали ќе ги слушаме Јеховините совети или, пак, ќе го правиме она што ние сметаме дека е исправно (Изр. 14:12). Да разгледаме зошто треба да им обрнуваме внимание на Јеховините опомени, и каква корист имаме кога сме им послушни.

БИДИ МУ ПОСЛУШЕН НА БОГ И ЖИВЕЈ!

9. Како Јехова ги уверил Израелците дека е со нив додека патувале низ пустината?

9 Кога Израелците го започнале своето 40-годишно патување низ ‚застрашувачката пустина‘, Јехова не им објаснил во детали како ќе ги води, како ќе ги штити и како ќе се грижи за нив. Сепак, постојано им покажувал дека можат да имаат доверба во него и во неговото водство. Преку столбот од облак дење и столбот од оган ноќе, Јехова ги потсетувал Израелците дека тој е со нив и дека ги води (5. Мој. 1:19; 2. Мој. 40:36-38). Исто така, се грижел да бидат задоволени и нивните основни потреби. ‚Облеката не им ветвеела и нозете не им отекувале‘. Навистина, ‚ништо не им недостасувало‘ (Неем. 9:19-21).

10. Како Јехова го води својот народ денес?

10 Денес, Божјите слуги се на прагот на праведниот нов свет. Дали имаме доверба дека Јехова ќе ни го даде сето она што е потребно за да ја преживееме претстојната „голема неволја“? (Мат. 24:21, 22; Пс. 119:40, 41). Точно, тој денес не нѐ води кон новиот свет со столб од облак или од оган. Сепак, ја користи својата организација за да ни помогне да останеме духовно будни. На пример, во последно време сѐ повеќе се нагласува колку е важно да го зајакнеме својот однос со Јехова така што лично ќе ја читаме Библијата, ќе ја одржуваме Семејната вечер и редовно ќе одиме на состаноци и во служба. Дали ги направивме потребните промени за да ги следиме овие упатства? Ако да, ќе можеме да изградиме цврста вера која ќе ни помогне да влеземе во новиот свет.

11. Како Бог покажува дека се грижи за нас?

11 Освен што ни помага да останеме духовно будни, Божјата организација ни дава совети и за нашиот секојдневен живот. На пример, охрабрени сме да имаме исправен став кон материјалните работи и да водиме едноставен живот за да немаме непотребни грижи. Освен тоа, добиваме совети кои ни помагаат да одлучиме како да се облекуваме, како да се рекреираме и колкаво образование да избереме. Исто така, потсетени сме како да преземеме безбедносни мерки во нашиот дом, автомобил и Сала на Царството, и како да се подготвиме за некоја можна опасност или катастрофа. Сите тие совети и упатства покажуваат дека Бог навистина ни го мисли најдоброто.

ОПОМЕНИТЕ ИМ ПОМОГНАЛЕ НА ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ ДА ОСТАНАТ ВЕРНИ

12. а) За која работа Исус честопати зборувал со своите ученици? б) Која понизна постапка на Исус оставила силен впечаток врз Петар, и како таа треба да влијае врз нас?

12 Во првиот век, Божјиот народ редовно добивал потсетувања. Исус секогаш одново им кажувал на своите ученици колку е важно да бидат понизни. Но, тој не останал само на зборови туку им покажал и со пример што значи да се биде понизен. Последниот ден од својот живот на Земјата, Исус ја прославил Пасхата заедно со своите апостоли. Додека тие јаделе, тој станал од вечерата и им ги измил нозете — нешто што обично го правел некој слуга (Јован 13:1-17). Оваа понизна постапка им оставила силен впечаток. Околу 30 години подоцна, Петар, кој бил заедно со Исус таа вечер, им дал совет на соверниците во врска со понизноста (1. Пет. 5:5). Примерот на Исус треба да нѐ поттикне сите нас да постапуваме понизно еден со друг (Фил. 2:5-8).

13. На која важна особина честопати ги потсетувал Исус своите ученици?

13 Исус честопати ги потсетувал своите ученици дека треба да имаат и силна вера. На пример, откако не успеале да го истераат демонот од кој било опседнато едно момче, учениците го прашале Исус: „Зошто... не можевме да го истераме?“ А тој им одговорил: „Поради вашата маловерност. Зашто, вистина, ви велам, ако вашата вера е голема само колку синапово зрно... ништо нема да ви биде невозможно“ (Мат. 17:14-20). Во текот на својата служба, тој ги поучувал своите ученици дека верата е неопходна. (Прочитај Матеј 21:18-22.) Дали одиме на сите конгреси, собири и состаноци за да слушаме поуки кои ни помагаат да ја зајакнеме нашата вера? На тој начин покажуваме дека навистина имаме доверба во Јехова и во неговото водство.

14. Зошто е важно да имаме самопожртвувана љубов?

14 Во Христијанските грчки списи на многу места сме советувани да се сакаме еден со друг. Исус рекол дека втората по важност заповед е ‚да го сакаме ближниот како себеси‘ (Мат. 22:39). Јаков, неговиот полубрат, ја нарекол љубовта ‚царски закон‘ (Јак. 2:8). Во врска со заповедта да се сакаме еден со друг, апостол Јован им напишал на своите браќа: „Сакани, не ви пишувам нова заповед, туку стара заповед, која ја имавте од почетокот... И пак ви пишувам нова заповед“ (1. Јов. 2:7, 8). Зошто тој вели дека оваа заповед е „стара“? Затоа што Исус ја дал со децении пред тоа, и тие ја знаеле уште „од почетокот“, кога станале христијани. Но, таа е и „нова заповед“ затоа што од нив се барало да покажуваат самопожртвувана љубов, и тоа во нови ситуации и на нови начини. Зарем не сме благодарни што добиваме предупредувања кои ни помагаат да се чуваме од себичноста која владее во светот и која може да ја поткопа нашата љубов кон ближните?

15. Која била главната причина зошто Исус дошол на Земјата?

15 Исус вистински ги сакал луѓето. Тој покажал дека се грижи за нив со тоа што ги лекувал болните и ги воскреснувал мртвите. Сепак, неговата главна задача не била да ги лекува луѓето. Неговото проповедање и поучување имале многу потрајно влијание врз животот на оние што го слушале. Во која смисла? Па, оние што Исус ги излечил и ги воскреснал во првиот век, со текот на времето остареле и умреле. Но, оние што ја прифатиле пораката која ја проповедал добиле можност да живеат вечно (Јован 11:25, 26).

16. Како Јеховините сведоци денес ја исполнуваат Исусовата заповед да прават ученици?

16 Исус им заповедал на своите следбеници: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:19). Христијаните во првиот век продолжиле да го извршуваат проповедничкото дело кое го започнал Исус, а ние денес проповедаме на повеќе луѓе и во повеќе места од кога и да било порано. Повеќе од седум милиони Јеховини сведоци ревносно го објавуваат Божјето Царство во над 230 земји, и редовно ја проучуваат Библијата со милиони луѓе. Ова проповедање навистина е доказ дека живееме во последните денови.

ПОКАЖУВАЈ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

17. Какви совети им дале Павле и Петар на христијаните во првиот век?

17 Опомените и потсетувањата им помогнале на првите христијани да ја зајакнат својата вера. На пример, кога бил во затвор во Рим, Павле му рекол на Тимотеј: „Како пример нека ти бидат здравите зборови што ги слушна од мене“ (2. Тим. 1:13). Откако ги охрабрил сохристијаните да бидат истрајни, да се сакаат и да покажуваат самосовладување, апостол Петар рекол: „Секогаш ќе ве потсетувам на ова, иако го знаете и утврдени сте во вистината“ (2. Пет. 1:5-8, 12).

18. Како гледале првите христијани на потсетувањата и советите?

18 Она што Павле и Петар им го напишале на собранијата било слично на ‚зборовите што ги говореле светите пророци‘ (2. Пет. 3:2). Дали нашите браќа во првиот век се навредиле кога добиле такви совети? Не. Тие биле свесни дека Бог им ги дава од љубов, и дека на тој начин сака да им помогне да му останат верни (2. Пет. 3:18).

19, 20. Зошто треба да имаме доверба во Јеховиното водство? Како ќе бидеме благословени ако ги слушаме Јеховините опомени?

19 Денес имаме многу причини да покажуваме доверба во водството што ни го дава Јехова преку својата Реч, Библијата. (Прочитај Исус Навин 23:14.) На пример, таа ни кажува како тој постапувал со несовршените луѓе во текот на илјадници години. Овие историски записи се за наша корист (Рим. 15:4; 1. Кор. 10:11). Освен тоа, го гледаме исполнувањето на библиските пророштва. Милиони луѓе веќе почнале да му служат на Јехова, токму како што било проречено за „последните денови“ (Иса. 2:2, 3). Се исполнуваат и пророштвата дека условите во светот ќе стануваат сѐ полоши. И, како што веќе спомнавме, низ целиот свет се проповеда добрата вест како што претскажал Исус (Мат. 24:14).

20 Низ вековите, нашиот Творец јасно покажал дека можеме да имаме доверба во него. Дали ги слушаме неговите опомени и потсетувања? Треба да бидеме уверени дека тие навистина се за наше добро. Една сестра по име Розелин вели: „Колку повеќе расте мојата доверба во Јехова, толку појасно гледам како тој со љубов ми помага и ме зајакнува“. И ние ќе бидеме благословени ако им обрнуваме внимание на Јеховините опомени.