Префрли се на текстот

Секогаш прифаќај го укорот од Јехова

Секогаш прифаќај го укорот од Јехова

„Не отфрлај ги Јеховините опомени и нека не ти биде одвратен неговиот укор“ (ИЗРЕКИ 3:11).

1. Зошто треба да го прифатиме укорот од Бог?

ЦАР СОЛОМОН од древниот Израел му дава секому од нас добра причина да го прифати укорот од Бог. „Сине мој, не отфрлај ги Јеховините опомени“, рекол Соломон, „и нека не ти биде одвратен неговиот укор, зашто кого Јехова го сака, него и го укорува, како што таткото го укорува синот, кого го сака“ (Изреки 3:11, 12). Да, твојот небесен Татко те укорува затоа што те сака.

2. Што значи „укорот“, и како може некој да биде укорен?

2 Зборот „укор“ се однесува на казнување, исправање, поука и воспитание. „Ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, туку жалост“, напишал апостол Павле, „но на оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност“ (Евреите 12:11). Прифаќањето и следењето на укорот од Бог ќе ти помогне да постапуваш исправно и со тоа да бидеш уште поблизок со светиот Бог, Јехова (Псалм 99:5). Исправката може да дојде преку соверниците, преку она што го учиш на христијанските состаноци, и додека ја проучуваш Божјата реч и публикациите на „верниот и разборит управител“ (Лука 12:42-44). Треба да бидеш многу благодарен кога ќе ти се обрне внимание на нешто што треба да поправиш кај себе! Но, каков укор можеби ќе биде потребен ако станува збор за некој тежок грев?

Зошто некои се исклучени

3. Во кој случај се исклучува некој од собранието?

3 Божјите слуги ја проучуваат Библијата и христијанските публикации. На нивните состаноци, собири и конгреси се  дискутира за Јеховините мерила. Затоа, христијаните знаат што бара Јехова од нив. Од собранието се исклучува само оној што непокајнички прави тежок грев.

4, 5. Кој библиски пример на исклучување е изнесен овде, и зошто собранието било поттикнато повторно да го прими тој човек?

4 Да разгледаме еден библиски пример за лице што било исклучено. Во собранието во Коринт се толерирал ‚таков блуд каков што немало ни меѓу незнабошците, дека некој од нив ја имал жената на својот татко‘. Павле ги поттикнал коринќаните ‚таквиот да го предадат на Сатана за да се отстрани телесното влијание, за да се спаси духот на собранието‘ (1. Коринќаните 5:1-5). Откако бил исклучен и со тоа му бил предаден на Сатана, грешникот повторно бил дел од светот на Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Со неговото исклучување било отстрането злобното телесно влијание од собранието и бил зачуван неговиот Божји „дух“, односно доминантен став (2. Тимотеј 4:22; 1. Коринќаните 5:11-13).

5 Не поминало долго време, а Павле ги поттикнал христијаните во Коринт повторно да го примат грешникот во собранието. Зошто? За да не ги „измами Сатана“, рекол апостолот. Грешникот очигледно се покајал и повторно почнал да води чист морален живот (2. Коринќаните 2:8-11). Ако коринќаните не сакале да го примат назад човекот што се каел, Сатана ќе ги измамел на тој начин што ќе станеле бесчувствителни и неспремни да простат, токму како што сакал Ѓаволот да бидат. Најверојатно тие наскоро ‚му простиле и го утешиле‘ човекот што се каел (2. Коринќаните 2:5-7).

6. Што се постигнува со исклучувањето?

6 Што се постигнува со исклучувањето? На тој начин Јеховиното име останува чисто од секаков срам и се задржува добриот глас на неговиот народ (1. Петрово 1:14-16). Со тоа што ќе се отстрани непокајничкиот грешник од собранието, се задржуваат Божјите мерила и собранието останува духовно чисто. Исто така, тоа му помага на грешникот да сфати колку сериозен грев направил.

Зошто апостол Павле им испратил на коринќаните упатства во врска со исклучувањето?

Важно е грешникот да се покае

7. Како се чувствувал Давид кога не ги признал своите престапи?

7 Повеќето од оние што прават тежок грев искрено се каат и не се исклучени од собранието. Се разбира, не е секогаш лесно некој искрено да се покае. Размисли за израелскиот цар Давид, кој го составил 32. Псалм. Оваа песна открива дека извесно време Давид не ги признал своите тешки гревови, веројатно во ситуацијата со Витсавеа. Затоа, немирот што го чувствувал поради своите гревови му ја исцрпил силата, исто како што силната летна горештина ја црпе влагата од дрвото. Давид страдал и физички и душевно, но кога ‚ги признал своите престапи, Јехова му простил‘ (Псалм 32:3-5). Тогаш Давид пеел: „Среќен е оној кому престапот му е простен“ (Псалм 32:1, 2). Колку било убаво да се почувствува Божјата милост!

8, 9. По што се гледа дека некој се покајал, и колку е важно каењето за да биде повторно примен некој што е исклучен?

8 Значи, јасно е дека оној што згрешил мора да се кае за да му биде покажана милост. Меѓутоа, ниту срамот ниту стравот дека ќе биде откриен не се знак дека се кае. „Да се покае“ некој значи „да го промени ставот“ во врска со својата лоша постапка, бидејќи жали поради она што го направил. Оној што се кае има „срце скршено и здробено“ и сака ‚да го исправи она што е погрешно‘, доколку е можно (Псалм 51:17; 2. Коринќаните 7:11).

9 За да биде некој повторно примен во христијанското собрание, многу е важно да се покае. Оној што е исклучен нема автоматски да биде примен назад во собранието само затоа што поминало извесно време. Пред да биде вратен, мора да настанат длабоки промени во неговото срце. Мора да сфати колку сериозен грев направил и колку ги посрамил Јехова и собранието. Грешникот мора да се покае,  горливо да го моли Бог да му прости и да се подложи на Божјите праведни барања. Кога ќе поднесе барање да биде повторно примен во собранието, од него се очекува да даде доказ дека се покајал и дека прави „дела кои одговараат на покајанието“ (Дела 26:20).

Зошто треба да се признае престапот?

10, 11. Зошто не е добро едноставно да се обидеме да скриеме дека сме направиле грев?

10 Некој што направил грев можеби си мисли: ‚Ако кажам некому за мојот грев, можеби ќе треба да одговарам на непријатни прашања и ќе ме исклучат. Но ако не кажувам, ќе го избегнам тоа и никој во собранието нема да дознае што сум направил‘. Кога некој размислува така, не зема предвид некои многу важни фактори. Кои?

11 Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“. Сепак, тој го исправа својот народ „колку што е потребно“ (2. Мојсеева 34:6, 7; Еремија 30:11). Доколку направиш тежок грев, зар ќе можеш да ја добиеш Божјата милост ако се обидеш да го скриеш гревот? Јехова знае за него, а тој не ги затвора очите пред престапот (Изреки 15:3; Авакум 1:13).

12, 13. Какви можат да бидат последиците ако се обидеш да го скриеш својот престап?

12 Ако си направил тежок грев, тоа што ќе го признаеш ќе ти помогне повторно да имаш чиста совест (1. Тимотеј 1:18-20). Но, ако не го признаеш, твојата совест ќе се изопачи, што може да те тера да грешиш и понатаму. Не заборавај дека со гревот што си го направил не си му згрешил само на некој друг човек или на собранието. Ти си му згрешил и на Бог. Псалмистот пеел: „Јехова — на небото е престолот негов. Неговите очи набљудуваат, неговиот поглед ги испитува синовите човечки. Јехова го испитува и праведниот и злиот“ (Псалм 11:4, 5).

13 Јехова нема да благослови никого што крие некој голем грев и се обидува да остане во чистото христијанско собрание (Јаков 4:6). Затоа, ако ти си направил грев и сакаш да го правиш она што е исправно, не двоуми се искрено да си признаеш. Инаку ќе имаш грижа на совеста, особено кога ќе читаш или ќе чуеш некој совет во врска со такви сериозни работи. Што ако Јехова го одземе од тебе својот дух, како што сторил со цар Саул? (1. Самоилова 16:14). Кога ќе го немаш Божјиот дух, би можел да направиш некој уште поголем грев.

Имај доверба во своите верни браќа

14. Зошто престапникот треба да го следи советот од Јаков 5:14, 15?

14 Значи, што треба да направи оној што згрешил и се кае? „Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне“ (Јаков 5:14, 15). Разговорот со старешините е еден начин на кој некој ‚носи плод кој одговара на неговото покајание‘ (Матеј 3:8). Тие верни и сочувствителни браќа ќе ‚се молат за него и ќе го намачкаат со масло во името на Јехова‘. Како мевлем од масло, нивниот библиски совет ќе го утеши секого што искрено се кае (Еремија 8:22).

15, 16. Како христијанските старешини го следат примерот што го дал Бог, а е запишан во Езекиел 34:15, 16?

15 Колку убав пример ни оставил нашиот Пастир, Јехова, кога ги ослободил Евреите од ропството во Вавилон во 537 година пр.н.е., и кога го ослободил духовниот Израел од „Големиот Вавилон“ во 1919 година! (Откровение 17:3-5; Галатите 6:16). Со тоа го исполнил своето ветување: „Јас ќе ги пасам моите овци и јас ќе ги водам на починка... Ќе ги побарам изгубените, ќе ги вратам заскитаните, ќе ги преврзам ранетите и ќе ги закрепнам болните“ (Езекиел 34:15, 16).

 16 Јехова ги хранел своите симболични овци, ги водел на починка и ги барал изгубените. Слично, и христијанските пастири се грижат Божјето стадо да биде духовно добро нахрането и на сигурно. Старешините ги бараат овците што се оддалечуваат од собранието. Исто како што Бог ‚ја преврзувал ранетата‘, старешините ги ‚преврзуваат‘ овците што се ранети од нечии зборови или од сопствените постапки. И исто како што Бог ‚ја закрепнувал болната‘, старешините им помагаат на оние што се духовно болни, можеби поради тоа што направиле некој грев.

Како помагаат старешините

17. Зошто не треба да се двоумиме да побараме духовна помош од старешините?

17 Старешините спремно го следат советот: „Бидете милосрдни, чувајќи се себе“ (Јуда 23). Со тоа што се впуштиле во неморал, некои христијани направиле тежок грев. Но, ако искрено се каат, можат да бидат уверени дека старешините милостиво и со љубов ќе постапат со нив и спремно ќе им помогнат духовно. Мислејќи и на себеси, Павле рекол за нив: „Не велам дека ние сме господари на вашата вера, туку дека сме ваши соработници за да бидете радосни“ (2. Коринќаните 1:24). Затоа, никогаш не двоуми се да побараш духовна помош од старешините.

18. Како постапуваат старешините со соверниците што направиле грев?

18 Ако си направил тежок грев, зошто можеш да имаш доверба во старешините? Затоа што тие првенствено се пастири на Божјето стадо (1. Петрово 5:1-4). Ниеден сочувствителен пастир не го тепа кроткото, разблеано јагненце затоа што се повредило. Затоа, кога старешините ја решаваат ситуацијата со соверниците што направиле грев, не им е најважно како да го казнат оној што згрешил туку како да закрепне духовно од гревот, каде што е можно (Јаков 5:13-20). Старешините мораат да судат праведно и да ‚имаат обѕир кон стадото‘ (Дела 20:29, 30; Исаија 32:1, 2). Исто како и сите други христијани, старешините треба да ‚постапуваат праведно, да ја сакаат добротата и скромно да одат со Бог‘ (Михеј 6:8). Тие особини се од пресудна важност кога се донесуваат одлуки во врска со животот и светата служба на ‚овците на Јеховиното пасиште‘ (Псалм 100:3).

Исто како пастирите во минатото, христијанските старешини ‚ги преврзуваат‘ ранетите Божји овци

19. Со каков став се обидуваат старешините да поправат некого?

19 Христијанските старешини се поставени преку светиот дух и бараат водство од него. Ако „некој ненамерно згреши [згреши, а не е свесен за тоа, фуснота]“, односно  од невнимание, духовните мажи се обидуваат ‚да го исправат таквиот во дух на благост‘ (Галатите 6:1; Дела 20:28). Благо, но цврсто држејќи се за Божјите мерила, старешините се обидуваат да го исправат размислувањето на грешникот, исто како што еден обѕирен лекар внимателно ја мести скршената коска за да не нанесе непотребна болка, а сепак да го реши проблемот (Колошаните 3:12). Бидејќи старешините се молат и се потпираат на Светото писмо за да одредат дали треба да се покаже милост или не, нивната одлука го одразува Божјето гледиште за работите (Матеј 18:18).

20. Кога ќе биде потребно да се даде известување во собранието дека некој е укорен?

20 Ако еден грев стане општо познат или сигурно ќе се дознае за него, ќе биде на место во собранието да се даде известување за да се зачува неговиот добар глас. Известување ќе се даде и ако собранието треба да биде информирано за таа работа. Во периодот додека некој што бил укорен духовно закрепнува, би можел да се спореди со некој што закрепнува од повреда, која привремено ја ограничува неговата активност. Некое време веројатно ќе биде корисно покајникот да слуша наместо да дава коментари на состаноците. Старешините можат да договорат некој да проучува со него за да се зајакне онаму каде што е слаб и да може повторно да стане ‚здрав во верата‘ (Тит 2:2). Сето тоа се прави со љубов, а не со намера да се казни грешникот.

21. Како може да се постапи во некои случаи кога е направен престап?

21 Старешините можат да помогнат духовно на најразлични начини. На пример, да речеме дека некој брат што во минатото имал проблем со пиењето испил премногу еднаш или двапати кога бил сам дома. Или можеби некој што одамна прекинал со пушењето испушил една или две цигари во момент на слабост кога бил сам. Иако се молел и верува дека Бог му простил, треба да побара помош од некој старешина за да не му стане навика да го прави тој грев. Еден или двајца старешини би можеле да се погрижат за таа работа. Но, старешината (или двајцата старешини) треба да му кажат за тоа на претседавачкиот надгледник, бидејќи можеби се вклучени и други фактори.

И понатаму прифаќај го укорот од Бог

22, 23. Зошто треба и понатаму да го прифаќаш укорот од Бог?

22 За да ја има Божјата милост, секој христијанин мора да го послуша укорот од Јехова (1. Тимотеј 5:20). Затоа, прифати ја секоја исправка што ја добиваш додека го проучуваш Светото писмо и христијанските публикации или кога ќе чуеш некој совет на состаноците, на собирите или на конгресите на Јеховиниот народ. Секогаш врши ја Јеховината волја. Така, укорот од Бог ќе ти помогне да задржиш еден духовен бедем — заштита против гревот што е цврста како ѕид.

23 Тоа што ќе го прифатиш укорот од Бог ќе ти помогне да ја задржиш Божјата љубов. Точно е дека некои биле исклучени од христијанското собрание, но тоа не мора да ти се случи и тебе ако ‚си го чуваш срцето‘ и ако ‚живееш како мудар‘ (Изреки 4:23; Ефешаните 5:15). Но, ако во моментов си исклучен, зошто не направиш сѐ што е потребно за да бидеш повторно примен во собранието? Бог сака да го обожаваат верно и со „радосно срце“ сите што му се заветувале (5. Мојсеева 28:47). Можеш вечно да го правиш тоа ако секогаш го прифаќаш укорот од Јехова (Псалм 100:2).