Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Која е вистината за Свитоците од Мртвото Море?

Која е вистината за Свитоците од Мртвото Море?

Која е вистината за Свитоците од Мртвото Море?

Пред повеќе од 50 години, каменот што го фрлил еден бедуински пастир во една пештера водел до она што некои го нарекуваат најголемо археолошко откритие на 20 век. Бедуинот слушнал како каменот паѓајќи скршил еден земјен ќуп и направил дупка во него. Откако го испитал, го пронашол првиот од она што станало познато како Свитоците од Мртвото Море.

ОВИЕ свитоци станаа центар на внимание и полемика како во изучувачките кругови така и во средствата за јавно информирање. Во јавноста владееше збрка и вриеше од дезинформации. Кружеа гласини за огромно прикривање, поттикнато од стравот дека свитоците откриваат факти кои ќе ја поткопаат верата и на христијаните и на Евреите. Но, какво е вистинското значење на овие свитоци? По повеќе од 50 години, може ли да се знаат фактите?

Што се Свитоците од Мртвото Море?

Свитоците од Мртвото Море се древни еврејски манускрипти, од кои повеќето се напишани на хебрејски, некои на арамејски, а неколку на грчки јазик. Многу од овие свитоци и фрагменти се стари повеќе од 2.000 години, и датираат од пред раѓањето на Исус. Меѓу првите свитоци добиени од Бедуините имало седум долги манускрипти во различни фази на распаѓање. Откако биле пребарани повеќе пештери, биле пронајдени други свитоци и илјадници фрагменти. Во периодот меѓу 1947 и 1956 година во близината на Кумран, крај Мртвото Море, биле откриени вкупно 11 пештери во кои имало свитоци.

Кога сите свитоци и фрагменти биле сортирани, биле добиени околу 800 манускрипти. Околу една четвртина од нив, или нешто повеќе од 200 манускрипти, се примероци од делови од хебрејскиот библиски текст. Другите манускрипти претставуваат древни небиблиски еврејски записи, Апокрифи и Псевдоепиграфи. a

Некои од свитоците кои најмногу ги возбудиле изучувачите биле претходно непознати записи. Во нив спаѓаат толкувања на работи од еврејскиот закон, конкретни правила за заедницата на сектата која живеела во Кумран, литургиски поеми и молитви, како и есхатолошки дела кои откриваат гледишта за исполнувањето на библиските пророштва и за последните денови. Исто така, постојат уникатни библиски коментари, најстарите претходници на современите коментари кои стих по стих ги објаснуваат библиски текстови.

Кој ги напишал Свитоците од Мртвото Море?

Различните методи на датирање на древните документи покажуваат дека свитоците биле напишани или составени во периодот меѓу третиот век пр.н.е. и првиот век н.е. Некои изучувачи ја предлагаат идејата дека свитоците биле скриени во пештерите од страна на Евреи од Ерусалим пред уништувањето на храмот во 70 н.е. Меѓутоа, повеќето изучувачи кои ги истражувале свитоците сметаат дека ова гледиште не е во склад со содржината на самите свитоци. Многу свитоци одразуваат гледишта и обичаи кои се спротивни на религиозните авторитети во Ерусалим. Овие свитоци откриваат една заедница која верувала дека Бог ги отфрлил свештениците и храмската служба во Ерусалим и дека на обожавањето на нивната група во пустината тој гледал како на еден вид замена за храмската служба. Изгледа неверојатно дека храмските авторитети во Ерусалим би скриле колекција во која имало такви свитоци.

Иако во Кумран по сѐ изгледа постоела школа на препишувачи, веројатно голем дел од свитоците биле собрани на други места и донесени таму од верниците. Во некоја смисла, Свитоците од Мртвото Море се една опсежна колекција од некоја библиотека. Како и секоја друга библиотека, колекцијата може да вклучува широк дијапазон на мислења, од кои сите не мора да ги одразуваат религиозните гледишта на нејзините читатели. Меѓутоа, оние текстови кои ги има во повеќе примероци веројатно ги одразуваат посебните интереси и верувања на групата.

Дали жителите на Кумран биле есени?

Ако овие свитоци биле библиотека на Кумран, тогаш кои биле неговите жители? Професор Елеазар Сукеник, кој набавил три свитоци за Еврејскиот универзитет во Ерусалим во 1947, беше првиот кој ја предложи идејата дека овие свитоци ѝ припаѓале на една заедница есени.

Есените биле еврејска секта која ја спомнуваат писателите од првиот век — Јосиф, Фило од Александрија и Плиниј Постариот. Точното потекло на есените е предмет на шпекулација, но се чини дека се појавиле во периодот на немири после Макавејското востание во вториот век пр.н.е. b Јосиф известува за нивното постоење во тој период, кога во детали објаснува како нивните религиозни гледишта се разликувале од гледиштата на фарисеите и садукеите. Плиниј ја спомнува локацијата на една заедница есени покрај Мртвото Море меѓу Ерихон и Енгеди.

Професор Џејмс Вандеркам, изучувач на Свитоците од Мртвото Море, ја предлага идејата дека „есените кои живееле во Кумран биле само мал дел од едно поголемо движење на есените“, за кои Јосиф вели дека броеле околу четири илјади. Иако не се поклопува совршено со сите описи, сликата која ја даваат кумранските текстови изгледа дека подобро одговара на есените отколку на која и да е друга позната еврејска група од тој период.

Некои тврдат дека почетоците на христијанството се во Кумран. Сепак, можат да се забележат многу јасни разлики меѓу религиозните гледишта на кумранската секта и на раните христијани. Кумранските записи откриваат претерано строги одредби за Сабат и речиси опсесивна преокупација со церемонијалната чистота (Матеј 15:1-20; Лука 6:1-11). Истото би можело да се рече и во врска со изолираноста на есените од општеството, нивното верување во судбина и бесмртност на душата, и нивниот нагласок на целибатот и мистичните идеи за учеството со ангелите во нивното обожавање. Ова покажува дека тие не биле во склад со Исусовите учења и учењата на раните христијани (Матеј 5:14-16; Јован 11:23, 24; Колошаните 2:18; 1. Тимотеј 4:1-3).

Нема прикривање, нема скриени свитоци

Во годините по откривањето на Свитоците од Мртвото Море биле издадени различни публикации кои ги направиле првите откритија достапни за изучувачите низ целиот свет. Но, илјадници фрагменти од една од пештерите, позната како Пештера 4, биле многу попроблематични. Тие се наоѓале во рацете на еден мал меѓународен тим изучувачи кој бил формиран во Источен Ерусалим (тогаш дел од Јордан) при Палестинскиот археолошки музеј. Во овој тим не бил вклучен ниту еден еврејски или израелски изучувач.

Политиката на тимот била да не се дозволи пристап до свитоците сѐ додека не ги објави официјалните резултати од своето истражување. Бројот на изучувачите од тимот бил точно одреден. Кога еден член на тимот ќе умрел, на негово место бил додаван само уште еден нов изучувач. Обемот на работата барал многу поголем тим и, во некои случаи, поголемо стручно знаење на древниот хебрејски и арамејски јазик. Џејмс Вандеркам го изразил тоа вака: „Десетици илјади фрагменти беа премногу за само осум експерти, па колку и да се вешти тие“.

Со избивањето на Шестдневната војна во 1967, Источен Ерусалим и неговите свитоци се нашле под контрола на Израел, но не била воведена никаква промена во политиката на тимот за истражување на свитоците. Бидејќи објавувањето на свитоците од Пештера 4 се одолжило од години на децении, бил искажан протест од извесен број изучувачи. Во 1977, професор Геза Вермес од Оксфордскиот универзитет го нарекол најголемиот академски скандал во 20 век. Почнале да се шират гласини дека Католичката црква намерно ги прикрива информациите од свитоците кои би биле катастрофални за христијанството.

Во 1980-тите, тимот конечно бил проширен на 20 изучувачи. Потоа, во 1990, под водство на неговиот новоназначен главен уредник, Емануел Тов, од Еврејскиот универзитет во Ерусалим, тимот бил додатно проширен на над 50 изучувачи. Бил подготвен стриктен распоред за објавување на сите научни изданија на преостанатите свитоци.

До вистински пробив дошло неочекувано во 1991. Прво, било објавено A Preliminary Edition of the Unpublished Dead Sea Scrolls [Прелиминарно издание на необјавените Свитоци од Мртвото Море]. Тоа било составено со помош на компјутер, а било темелено на еден примерок од конкорданцата на тимот. Потоа, библиотеката Хантингтон во Сан Марино (Калифорнија) соопшти дека својот комплет фотографии на свитоците ќе им го стави на располагање на сите изучувачи. Набрзо потоа, со објавувањето на A Facsimile Edition of the Dead Sea Scrolls, фотографиите на претходно необјавените свитоци станале лесно достапни.

Така последнава деценија беа ставени на располагање за испитување сите Свитоци од Мртвото Море. Истражувањето открива дека немало прикривање; немало скриени свитоци. Дури сега, со објавувањето на конечните официјални изданија на свитоците, целосната анализа може да започне. Родена е нова генерација на изучувачи на свитоците. Но, какво значење има ова истражување за оние кои ја проучуваат Библијата?

[Фусноти]

a И Апокриф (буквално, „скриено“) и Псевдоепиграф (буквално, „лажно припишани записи“) се еврејски записи од третиот век пр.н.е. до првиот век н.е. Апокрифите се прифатени од Римокатоличката црква како дел од инспирираниот библиски канон, но овие книги се отфрлени од Евреите и од протестантите. Псевдоепиграфите се честопати во облик на проширувања на библиските приказни, напишани од името на некоја позната библиска личност.

b Види ја статијата „Кои биле Макавејците?“ во Стражарска кула од 15 ноември 1998, страници 21-24.

[Слика на страница 3]

Ова се некои од пештерите во близина на Мртвото Море во кои биле пронајдени древните свитоци

[Извор на слика на страница 3]

Фрагмент од свиток: страници 3, 4 и 6: Со љубезна дозвола на Antiquities Authority од Израел

[Извор на слика на страница 5]

Со љубезна дозвола на Shrine of the Book, Israel Museum, Ерусалим