Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Барање на достојните во Кенија

Барање на достојните во Кенија

Барање на достојните во Кенија

КЕНИЈА е земја на величествен природен раскош. Бујните шуми, огромните отворени рамнини, екстремно жешките пустини и планините прекриени со снег ја разубавуваат оваа прекрасна земја. Таа е дом на повеќе од еден милион гнуа и на загрозениот носорог. Можат да се видат и големи стада жирафи како се движат низ пасиштата.

Изобилува и птичјиот свет, од моќните орли кои се извишуваат, па сѐ до миријади разнобојни птици пејачки кои го развеселуваат воздухот со своите милозвучни мелодии. А кој е тој што не би можел да ги забележи слоновите и лавовите? Глетките и звуците во Кенија се незаборавни.

Сепак, низ оваа прекрасна земја се разлева и еден друг звук. Тоа е звукот на илјадници гласови кои зборуваат за порака на надеж (Исаија 52:7). Овие гласови ги достигнуваат луѓето од над 40 племиња и јазици. Во оваа смисла, Кенија е земја и на духовен раскош.

Поголемиот дел од луѓето во Кенија се религиозно настроени и се спремни да дискутираат за духовни работи. И покрај тоа, да се најдат луѓе со кои ќе се разговара е предизвик, бидејќи во Кенија, како и во многу други земји, се случува една промена.

Тешките економски услови принудиле многумина да го преиначат својот начин на живот. Жените, кои традиционално работеле дома, сега седат во канцеларија или покрај патиштата продавајќи овошје, зеленчук, риба и плетени кошници. Мажите работат долго и напорно, обидувајќи се да ги згрижат своите семејства. Дури и децата, со своите мали раце зафатени со пакетчиња пржени кикиритки и варени јајца, шетаат низ улиците продавајќи. Резултатот од тоа е што во текот на денот малку луѓе се дома. Поради оваа ситуација станало неопходно објавителите на добрата вест за Царството да направат преиначувања.

На собранијата на Јеховините сведоци им беше препорачано повеќе да се сосредоточат на луѓето кои се надвор од своите домови, вршејќи ги своите секојдневни активности, како и на пријателите, роднините, деловните луѓе и колегите на работа. Браќата се одѕвале, така што разговараат со луѓето секаде каде што можат да ги најдат (Матеј 10:11). Дали тоа што се напрегале да се прошират им донело резултати? Да! Разгледај некои примери.

Роднините — нашите најблиски ближни

Најроби, главниот град на Кенија, има три милиони жители. На источната страна од градот живеел еден пензиониран воен мајор кој негувал една општа антипатија кон Јеховините сведоци, иако, на негово големо разочарување, неговиот сопствен син бил Сведок. Било февруари кога пензионираниот офицер тргнал на пат долг 160 километри кон домот на неговиот син во долината Рифт во градот Накуру. За време на посетата, синот му дал подарок — книгата Спознание кое води до вечен живот. a Таткото ја зел и си заминал.

Кога се вратил дома, бившиот офицер ѝ ја дал книгата на својата сопруга која почнала да ја чита, не сфаќајќи дека е издадена од Јеховините сведоци. Постепено, библиската вистина почнала да допира до нејзиното срце, и таа ги споделила информациите со својот сопруг. Од љубопитност, и тој почнал да ја чита книгата. Кога увиделе кој е издавачот, заклучиле дека не им била кажана вистината за Јеховините сведоци. Стапиле во контакт со локалните Сведоци, и била започната библиска студија. Читајќи ја книгата сфатиле дека е нехристијански да се користи или да се продава тутун (Матеј 22:39; 2. Коринќаните 7:1). Без да се двоумат, ги уништиле сите цигари од својата продавница. По неколку месеци се квалификувале за некрстени објавители, и наскоро се крстиле на еден обласен конгрес.

Ѓубре донесува богатство

Во некои делови во областа на главниот град, се начичкани села во кои живеат стотици илјади луѓе. Овде можат да се видат редици куќи изградени од кал, дрво, метални остатоци или брановидни челични плочи. Кога нема доволно работа во индустријата и во фабриките, луѓето се снаоѓаат како умеат. Работниците јуа кали (на свахили: „свирепо сонце“) се мачат под жешкото сонце, правејќи сандали од стари автомобилски гуми или керозински ламби од исфрлени конзерви. Други ги просејуваат купиштата ѓубре и контејнерите барајќи хартија, лименки и шишиња за рециклирање.

Може ли ѓубре да донесе богатство? Да! Еден брат се присетува: „Еден јак, неуреден човек со груб изглед кој носеше голема ќеса полна со фрлени весници и списанија помина низ градината на нашата Собирна сала. Откако ми кажа дека се вика Вилијам, праша: ‚Ги имате ли најновите изданија на Стражарска кула?‘ Јас се загрижив, прашувајќи се што ли наумил. Кога му покажав пет примероци од списанието, ги разгледа еден по еден и рече: ‚Ќе ги земам сите‘. Изненаден, отидов во мојата соба и се вратив со книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата. b Му ја покажав сликата од Рајот и му објаснив дека ние бесплатно ја проучуваме Библијата со луѓето. Потоа му предложив: ‚Вилијам, зошто не дојдеш утре па да почнеме да проучуваме?‘ Така и направи!

Една недела дојде на својот прв состанок. Тој ден јас држев јавно предавање. Кога влезе, Вилијам набрзина фрли поглед врз присутните, ме виде на подиумот и побегна од салата. Подоцна го прашав зошто го стори тоа. Срамежливо одговори: ‚Луѓето беа премногу чисти. Ме фати трема‘.

Како што Вилијам напредуваше во својата студија, библиската вистина почна да го преобразува неговиот живот. Тој се искапи, ја скрати косата, облече чисти и уредни алишта, и наскоро почна редовно да доаѓа на состаноците. Кога излезе книгата Спознание кое води до вечен живот, почнавме да ја проучуваме неа. Во меѓувреме, тој одржа два говора во Теократската школа за служба и стана некрстен објавител. Беше возбудливо да му изразам добредојде како на мој духовен брат кога се крсти на денот на специјален собир“.

Каде Вилијам првпат ја увидел вредноста на списанието Стражарска кула? „Најдов неколку изданија меѓу фрлените хартии во ѓубрето.“ Да, нашол богатство на еден таков неверојатен начин!

Сведочење на работно место

Дали сме секогаш будни за приликите неформално да сведочиме на работното место? Џејмс, старешина во едно собрание во Најроби, ја запознал библиската вистина на таков начин. Тој пак, од своја страна, станал вешт во користењето на оваа метода за да ги достигне другите. На пример, во една прилика Џејмс видел како еден колега влегува во неговата канцеларија носејќи беџ со зборовите „Исус спасува“. Имитирајќи го евангелизаторот Филип, Џејмс го прашал колегата: „Дали всушност го разбираш значењето на тие зборови?“ (Дела 8:30). Тоа прашање отворило прекрасна дискусија. Била започната библиска студија, и подоцна човекот се крстил. Дали Џејмс имал успех и со други? Самиот нека објасни:

„Том и јас работевме во иста компанија. Честопати се возевме заедно со автобусот на компанијата. Едно утро, се погоди да седнеме заедно. Јас читав една од нашите книги, и ја држев така што и Том можеше добро да ја види. Токму како што и се надевав, го привлеков неговото внимание и радо му ја позајмив книгата. Тој беше импресиониран од она што го прочита и се сложи на библиска студија. Сега тој и неговата сопруга се крстени слуги на Јехова“.

Џејмс продолжува: „За време на паузата за ручек во компанијата честопати има многу интересни разговори. Така, всушност, во засебни прилики, ги запознав Ефраим и Волтер. Обајцата знаеја дека сум Сведок. Ефраим беше заинтересиран да разбере зошто постои толку големо непријателство кон Јеховините сведоци. Волтер имаше прашања во врска со разликата меѓу Сведоците и другите религии. Обајцата беа многу задоволни од библиските одговори што им ги дадов и се сложија да проучуваат. Ефраим брзо напредуваше. Со текот на времето, тој и неговата сопруга му го предадоа својот живот на Јехова. Сега тој служи како старешина, а неговата сопруга е општ пионер. Меѓутоа, Волтер наиде на толку силно противење што ја фрли својата книга за проучување. Но, како резултат на мојата истрајност, повторно почна да проучува. И тој сега ужива во предноста да служи како старешина“. Сѐ на сѐ, 11 лица станале вистински христијани бидејќи Џејмс ги искористил приликите неформално да сведочи на своето работно место.

Многу зачудувачки исход

Во едно селце на брегот на езерото Викторија, пријателите и роднините се собрале на погребна церемонија. Меѓу ужалените се наоѓал и еден постар Сведок. Тој ѝ пристапил на една наставничка по име Дали и ѝ објаснил за состојбата на мртвите и за Јеховината намера да ја отстрани смртта засекогаш. Забележувајќи ја нејзината поволна реакција, тој ја уверил: „Кога ќе се вратите во својот роден град, еден од нашите мисионери ќе Ве посети и ќе Ве поучи за Библијата“.

Родниот град на Дали е трет град по големина во Кенија. Во тоа време таму служеле само четворица мисионери Сведоци. Постариот брат всушност не информирал ниеден од мисионерите да ја посети Дали. Само имал целосна доверба дека ќе испадне така. И навистина испадна така! За кратко време, една мисионерка ја запознала Дали и почнала да проучува со неа. Сега Дали е крстена, нејзината мала ќерка е запишана во Теократската школа за служба, а нејзините два сина се исто така крстени. Дури ја имала и радоста да присуствува на Школата за пионерска служба.

Грижа за порастот

Нагласокот на неформалното сведочење овозможил уште илјадници да ја чујат добрата вест во Кенија. Сега повеќе од 15.000 објавители се зафатени во ова многу важно дело, а минатата година на Меморијалот на Христовата смрт присуствуваа повеќе од 41.000 лица. Во Кенија, присутноста на состаноците честопати е двојно поголема од бројот на објавители на Царството. Ова создаде потреба од повеќе Сали на Царството.

Сали на Царството се градат и во главните градови и во оддалечените подрачја. Една од нив се наоѓа во еден изолиран град во Самбуру, 320 километри североисточно од Најроби. Во 1934 градот бил наречен „Маралал“, што на јазикот самбуру значи „блесок“, бидејќи првиот брановиден челичен покрив кој бил употребен таму блескал на сонцето. По шеесет и две години во Маралал била изградена уште една зграда со брановиден челичен покрив. И таа „блеска“ и „сјае“ бидејќи е локалното место за вистинското обожавање.

Петнаесетте објавители вложиле восхитувачки напори да ја изградат првата Сала на Царството во овој оддалечен дел на Кенија. Паричните средства биле ограничени, па затоа морало браќата да зависат од локалниот материјал. Ѕидовите ги направиле од црвена земја, навлажнета со вода и набиена меѓу исправените столбови. Ги зајакнале и измалтерисале со смеса од измет од крави и пепел, што послужило како тврд слој кој може да трае со години.

За да ги обезбедат столбовите за зградата, браќата добиле дозвола да сечат дрвја. Но, најблиската шума била оддалечена околу 10 километри. Браќата и сестрите морале да пешачат до шумата, да ги исечат дрвјата, да ги поткастрат и да ги вратат столбовите на градилиштето. Еднаш, по патот од шумата, браќата биле запрени од полицајци кои тврделе дека дозволата не им важи. Полицајците му рекле на еден специјален пионер дека е уапсен заради тоа што сече дрвја. Една локална сестра, која добро ја знаеле во заедницата и во полицијата, проговорила: „Ако го уапсите нашиот брат, ќе мора да нѐ уапсите сите нас, бидејќи сите сечевме дрвја!“ Тогаш службеникот ги пуштил сите да си одат.

Во шумата имало диви животни, па затоа пешачењето дотаму не било баш безопасно. Еднаш една сестра сечела дрво. Кога тоа паднало на земјата, видела како скока и бега некое животно. Поради жолтокафеавата боја си помислила дека е само некоја антилопа, но подоцна по стапките видела дека бил лав! И покрај таквите опасности, браќата ја довршиле салата, и таа стои како „блескав“ извор за фалба на Јехова.

Први февруари 1963 бил значаен ден во теократската историја на Кенија. Тој ден била отворена првата канцеларија на подружницата, само една соба со 7,4 квадратни метри. Еден друг меѓник во теократската историја на Кенија бил 25 октомври 1997 — денот на свечено отворање на новиот бетелски комплекс од 7.800 квадратни метри! Завршениот проект бил величествена кулминација на три години оддадена работа. Доброволци од 25 различни нации преобразија едно калливо, полно со коров поле големо 3,2 хектара во прекрасна рајска околина за новиот објект на подружницата, во кој се сместени 80 членови на бетелската фамилија.

Ја имаме секоја причина да се радуваме на она што Јехова го прави за својот народ. Му благодариме нему што ги подбудува срцата на своите слуги да се рашират и да го засилат барањето на достојните во Кенија, правејќи од неа земја на духовен раскош.

[Фуснота]

a Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

b Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.