Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27

Зошто треба да имаме страв од Јехова?

Зошто треба да имаме страв од Јехова?

Јехова е близок со оние што се бојат од него (ПС. 25:14)

ПЕСНА 8 Јехова ни е заклон

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Според Псалм 25:14, што мора да правиме ако сакаме да бидеме блиски пријатели со Јехова?

 ШТО мислиш, кои особини се неопходни за да останеш близок пријател со некого? Најверојатно ќе одговориш дека добрите пријатели треба да се сакаат и да се поддржуваат еден со друг. Веројатно нема да помислиш дека стравот е важна особина за едно добро пријателство. Но, како што гласи и стихот на кој се темели оваа статија, оние што сакаат да бидат блиски пријатели со Јехова мора да се бојат од него. (Прочитај Псалм 25:14.)

2 Без разлика колку долго му служиме на Јехова, секој од нас треба и понатаму да има стравопочит кон него. Но, што значи да имаме страв од Бог? Како може да стекнеме страв од Јехова? И, што може да научиме во врска со таквиот страв од управителот Авдија, од првосвештеникот Јодај и од царот Јоас?

ШТО ЗНАЧИ ДА ИМАМЕ СТРАВ ОД БОГ?

3. Објасни во кои ситуации стравот може да ни користи.

3 Може да чувствуваме страв кога мислиме дека нешто може да ни наштети. Ваквиот страв може да биде корисен и може да нѐ поттикне да постапиме мудро. Стравот да не паднеме ќе ни помогне да не се приближиме премногу до работ на една карпа. Стравот од повреда може да нѐ поттикне да избегаме од некоја опасна ситуација. Стравот да не си го нарушиме пријателството со некого што го сакаме ќе нѐ спречи да кажеме или да направиме нешто нељубезно.

4. Каков страв сака Сатана да имаме од Јехова?

4 Сатана сака луѓето да имаат морбиден страв од Јехова. Тој сака да веруваме дека Јехова е одмаздољубив, дека секогаш се гневи и дека не е возможно да му угодиме (Јов 4:18, 19). Сатана сака толку многу да почнеме да се плашиме од Јехова што ќе престанеме да му служиме. За да не паднеме во оваа стапица треба да развиеме исправен страв од Бог.

5. Што значи да имаме страв од Бог?

5 Оној што има исправен страв од Бог има љубов кон него и не сака да направи ништо што би го нарушило нивното пријателство. Исус имал таков страв, односно богобојазливост (Евр. 5:7). Тој немал морбиден страв од Јехова (Иса. 11:2, 3). Наместо тоа, имал силна љубов кон него и сакал да му биде послушен (Јован 14:21, 31). Исто како Исус, ние имаме длабока почит кон Јехова и му се восхитуваме затоа што е мудар, праведен, моќен и полн со љубов. Освен тоа, знаеме дека Јехова многу нѐ сака и дека начинот на кој реагираме на неговите поуки влијае врз него. Ние можеме или да му нанесеме болка или да го израдуваме неговото срце (Пс. 78:41; Изр. 27:11).

КАКО МОЖЕ ДА СТЕКНЕМЕ СТРАВ ОД БОГ

6. Кој е еден начин на кој може да стекнеме страв од Бог? (Псалм 34:11).

6 Ние не се раѓаме со страв од Јехова — мора да го развиеме. (Прочитај Псалм 34:11.) Еден начин на кој можеме да го постигнеме тоа е така што ќе го набљудуваме творештвото. Колку повеќе ги гледаме мудроста, моќта и љубовта на Бог во работите што ги создал, толку повеќе ќе растат нашата почит и нашата љубов кон него (Рим. 1:20). Една сестра по име Ејдриен вели: „Кога ја гледам мудроста на Јехова во работите што ги создал, тоа ме восхитува и ми помага да сфатам дека тој знае што е најдобро за мене“. Бидејќи редовно размислувала за ова, таа дошла до следниов заклучок: „Зошто да направам нешто со што би си го нарушила своето пријателство со Јехова, оној што ми го дал животот?“ Дали и ти би можел да одвоиш време оваа седмица за да размислуваш за некоја од работите што Јехова ги создал? Тоа ќе ти помогне да ги продлабочиш љубовта и почитта кон него (Пс. 111:2, 3).

7. Како молитвата може да ни помогне да стекнеме исправен страв од Јехова?

7 Друг начин на кој може да стекнеме страв од Бог е така што редовно ќе се молиме. Колку повеќе му се молиме на Јехова, толку пореален ни станува. Секојпат кога го молиме да ни даде сила за да истраеме во некоја неволја, се потсетуваме колку голема моќ има. Секогаш кога му благодариме на Јехова за тоа што го дал неговиот Син како жртва за нас, се потсетуваме колку многу нѐ сака. А кога сесрдно го молиме да ни помогне да се справиме со некој проблем, одново се потсетуваме колку мудар е тој. Ваквите молитви уште повеќе ја продлабочуваат нашата почит кон Јехова. Освен тоа, тие ја зголемуваат нашата решеност да избегнуваме сѐ што би можело да му наштети на нашето пријателство со него.

8. Што може да ни помогне да задржиме страв од Бог?

8 Ние може да го зачуваме стравот од Бог така што ќе ја проучуваме Библијата со цел да учиме и од добрите и од лошите примери кои се запишани во неа. Прво, ќе го разгледаме примерот на двајца верни слуги на Јехова — Авдија, кој бил управител во дворецот на цар Ахав, и првосвештеникот Јодај. Потоа, ќе видиме што може да научиме од јудејскиот цар Јоас кој од почеток му служел на Јехова, но подоцна престанал.

БИДИ ХРАБАР КАКО АВДИЈА

9. Како влијаел врз Авдија стравот од Јехова? (1. Царевите 18:3, 12).

9 Првиот пат кога во Библијата се спомнува Авдија, b за него го пишува следново: „Авдија се боеше многу од Јехова“. (Прочитај 1. Царевите 18:3, 12.) Како овој исправен страв влијаел врз Авдија? Како прво, тоа му помогнало да биде чесен и достоен за доверба. Затоа царот го поставил да биде управител на царскиот дворец. (Спореди со Неемија 7:2.) Исто така, стравот од Бог му помогнал на Авдија да покаже извонредна храброст — особина која сигурно му била многу потребна. Тој живеел за време на владеењето на злобниот цар Ахав, кој правел „уште поголеми зла во Јеховини очи отколку сите негови претходници“ (1. Цар. 16:30). Исто така, неговата жена Језавела, која го обожавала Ваал, толку многу го мразела Јехова што се обидела да го искорени обожавањето на вистинскиот Бог од северното царство Израел. Таа дури убила многу од Божјите пророци (1. Цар. 18:4). Без сомнение, Авдија му служел на Јехова во еден многу тежок период.

10. Како Авдија покажал извонредна храброст?

10 Како Авдија покажал извонредна храброст? Кога Језавела почнала да ги бара Божјите пророци за да ги погуби, Авдија скрил 100 од нив — по 50 во една пештера — и им носел леб и вода (1. Цар. 18:13, 14). Ако бил откриен, храбриот Авдија сигурно ќе бил убиен. Се разбира, Авдија бил само човек и не сакал да умре. Но, тој ги сакал Јехова и оние што му служат повеќе од својот сопствен живот.

И покрај тоа што делото е под забрана, еден брат храбро им носи библиски публикации на своите браќа и сестри (види во пасус 11) d

11. Како слугите на Јехова денес го следат примерот на Авдија? (Види ја и сликата.)

11 Денес многу слуги на Јехова живеат во земји каде што нашето дело е под забрана. Исто како Авдија, овие драги браќа и сестри покажуваат почит кон световните власти, но и покрај забраната, продолжуваат да му служат на Јехова (Мат. 22:21). Тие покажуваат дека имаат страв од Бог така што му се послушни нему наместо на луѓето (Дела 5:29). Тоа го прават така што продолжуваат да ја објавуваат добрата вест и тајно да ги одржуваат состаноците (Мат. 10:16, 28). Тие даваат сѐ од себе за нивните браќа и сестри да ја добијат духовната храна која им е толку многу потребна. Размисли за примерот на Хенри кој живее во една африканска земја каде што нашето дело некое време било под забрана. За време на забраната, Хенри доброволно се пријавил да им носи библиски публикации на своите соверници. Тој напишал: „По природа, јас сум срамежлив. Затоа, уверен сум дека длабоката почит што ја чувствувам кон Јехова ми ја даде потребната храброст“. Што мислиш, дали можеш и ти да бидеш храбар исто како Хенри? Можеш, ако стекнеш исправен страв од Бог.

БИДИ ВЕРЕН КАКО ПРВОСВЕШТЕНИКОТ ЈОДАЈ

12. Како првосвештеникот Јодај и неговата жена покажале исклучителна верност кон Јехова?

12 Првосвештеникот Јодај имал страв од Јехова. Таквиот страв му помогнал да биде верен и да ги поттикнува другите да му служат на Јехова. Ова станало очигледно кога Готолија, ќерката на Језавела, незаконски го презела царскиот престол во Јуда. Луѓето со право се плашеле од Готолија. Таа била толку сурова и алчна за власт што се обидела да ја погуби целата царска лоза — своите сопствени внуци! (2. Лет. 22:10, 11). Едно од тие деца — Јоас, преживеал затоа што Јосавета, жената на Јодај, го спасила. Таа и нејзиниот сопруг го скриле детето и се грижеле за него. На тој начин, Јодај и Јосавета помогнале да се сочува царската лоза на Давид. Јодај му бил верен на Јехова и не се плашел од Готолија (Изр. 29:25).

13. Кога Јоас имал седум години, како Јодај повторно докажал дека му е верен на Јехова?

13 Кога Јоас имал седум години, Јодај повторно докажал дека му е верен на Јехова. Тој смислил план. Доколку планот успеел, Јоас, законскиот наследник на Давид, ќе станел цар. Но, доколку планот пропаднел, Јодај најверојатно ќе го изгубел животот. Со Јеховина помош, планот успеал. Јодај, со поддршка од стотниците и левитите, го прогласил Јоас за цар и ја погубил Готолија (2. Лет. 23:1-5, 11, 12, 15; 24:1). Потоа Јодај склучил сојуз „меѓу Јехова, царот и народот, дека народот ќе биде Јеховин народ“ (2. Цар. 11:17). Исто така, на портите од Јеховиниот дом Јодај поставил вратари „за да не може да влезе никој што е нечист од која и да било причина“ (2. Лет. 23:19).

14. На кои начини му била укажана на Јодај чест затоа што тој му укажувал чест на Јехова?

14 Јехова претходно имал кажано: „Јас им укажувам чест на оние што мене ми укажуваат чест“ (1. Сам. 2:30). И тој навистина го наградил Јодај! На пример, Јехова одлучил добрите дела што ги направил Јодај да бидат запишани во Библијата за наша поука (Рим. 15:4). А кога Јодај умрел, му била укажана посебна чест. Во Божјата Реч пишува: „Го погребаа со царевите во Давидовиот град, зашто правеше добро во Израел, добро му служеше на вистинскиот Бог и добро служеше во неговиот дом“ (2. Лет. 24:15, 16).

Исто како што било случај со првосвештеникот Јодај, нашата стравопочит кон Бог нека нѐ поттикне верно да им помагаме на нашите браќа и сестри (види во пасус 15) e

15. Што учиме од извештајот за Јодај? (Види ја и сликата.)

15 Извештајот за Јодај може да ни помогне на сите нас да стекнеме страв од Бог. Старешините можат да го следат примерот на Јодај со тоа што будно ќе внимаваат на Божјето стадо и ќе прават сѐ што е потребно за да го заштитат (Дела 20:28). Постарите браќа и сестри можат да научат една важна поука од Јодај — кога имаат страв од Јехова и кога му остануваат верни, тој може да ги користи за да ја исполни својата намера. Тој не ги отфрла. Помладите можат да учат од тоа како Јехова постапувал со Јодај и потоа да го следат неговиот пример така што ќе постапуваат со постарите достоинствено и со почит, особено со оние што долги години верно му служат на Јехова (Изр. 16:31). А сите ние може да учиме од стотниците и од левитите кои го поддржувале Јодај. Да го следиме нивниот пример така што верно ќе ги поддржуваме оние што го предводат Божјиот народ и ќе им бидеме послушни (Евр. 13:17).

НЕМОЈ ДА БИДЕШ КАКО ЦАР ЈОАС

16. Што покажува дека цар Јоас бил слаб во духовен поглед?

16 Јодај извршил позитивно влијание врз цар Јоас (2. Цар. 12:2). Како резултат на тоа, додека бил млад, царот сакал да му угоди на Јехова. Но, откако Јодај умрел, Јоас почнал да ги слуша отпадничките кнезови. До што довело тоа? Тој и неговите поданици почнале „да им служат на обредните диреци и на идолите“ (2. Лет. 24:4, 17, 18). Длабоко повреден, Јехова им ги праќал своите пророци за да се обратат кон него, но тие не сакале да слушаат. Не го слушале ниту Захарија, c синот на Јодај, кој не само што бил Јеховин пророк и свештеник туку бил и близок роднина на Јоас. Всушност, цар Јоас не само што не покажал никаква благодарност кон семејството кое направило толку многу за него туку дури и го убил Захарија (2. Лет. 22:11; 24:19-22).

17. Како завршил Јоас?

17 Јоас не задржал исправен страв кон Јехова и затоа завршил лошо. Јехова го кажал следново: „Оние што ме презираат, ќе бидат презрени“ (1. Сам. 2:30). Подоцна, една мала сириска војска ја поразила бројната војска на Јоас и го оставиле „да страда со тешки рани“ (2. Лет. 24:25, Превод на Санде Тодоровски). Откако Сиријците си заминале, Јоас бил убиен од своите сопствени слуги затоа што го убил Захарија. Народот сметал дека овој цар бил толку злобен што не е достоен ниту да биде погребан во царската гробница (2. Лет. 24:23-25).

18. Според Еремија 17:7, 8, што ќе ни помогне да не бидеме како Јоас?

18 Што може да научиме од примерот на Јоас? Тој бил како дрво со кратки корења кое за да стои исправено морало да се потпре на нешто. Откако повеќе го немало Јодај — личноста врз која Јоас се потпирал — и откако почнал да ги слуша отпадниците, Јоас паднал во духовен поглед. Од овој пример јасно се гледа дека нашата послушност кон Бог не треба да зависи само од добриот пример на соверниците и членовите на семејството. За да останеме духовно јаки, мора да си ги зајакнеме љубовта и стравопочитта кон Јехова така што редовно ќе проучуваме, длабоко ќе размислуваме и ќе се молиме. (Прочитај Еремија 17:7, 8; Кол. 2:6, 7.)

19. Што бара Јехова од нас?

19 Јехова не бара многу од нас. Сѐ што бара е запишано во Проповедник 12:13 каде што пишува: „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“. Ако имаме страв од Бог, исто како Авдија и Јодај, ќе можеме да му останеме верни на Јехова без разлика со какви испити ќе се соочиме во иднина. Ништо нема да го уништи нашето пријателство со Јехова.

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

a Библијата нѐ поттикнува да имаме страв од Бог. Оваа статија ќе ни помогне да разбереме што значи да имаме страв од Бог и како може да развиеме таков страв. Исто така, ќе разгледаме како таквиот страв ќе ни помогне да бидеме храбри и верни додека му служиме на нашиот небесен Татко.

b Авдија за кој зборуваме сега не е пророкот Авдија кој живеел со векови подоцна и кој ја напишал библиската книга што го носи неговото име.

c Во Матеј 23:35 пишува дека Захарија бил син на Варахија. Се претпоставува дека Јодај можеби имал две имиња како што е случај и со други личности од Библијата (спореди го Матеј 9:9 со Марко 2:14), или дека Варахија му бил дедо на Захарија или некој уште подалечен предок.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Во оваа одглумена сцена, еден брат им носи библиски публикации на своите браќа и сестри додека делото во таа земја е под забрана.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Една помлада сестра учи од една постара сестра како да сведочи преку телефон. Еден постар брат дава добар пример со тоа што храбро сведочи на јавно место. Еден искусен брат обучува други браќа како да ја одржуваат салата за состаноци.