Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да им одолеам на искушенијата?

Како да им одолеам на искушенијата?

Младите прашуваат

Како да им одолеам на искушенијата?

◼ Кети е на забава. Но, само десет минути подоцна влегуваат двајца дечки со неколку големи ќеси во рацете. Јасно ѝ е што има во нив. Ден-два пред тоа, таа случајно ги слушна како коментираат дека на забавата ќе има „многу пијачка“. Се разбира, Кети не им го спомна тоа на своите родители. Повеќе сакаше да си мисли дека дечките не беа сериозни. На крајот на краиштата, во куќата требаше да има и возрасни — само каде се сега?

Одеднаш зад себе слуша познат глас. „Што си се здрвила, ма? Сакаш да ја расипеш забавата!?“ Се свртува и ја гледа својата другарка Јулија со две отворени шишиња пиво во рацете. Јулија ѝ го подава едното пиво и ѝ вели: „Немој да ми кажеш дека уште си мала за да пиеш“.

Кети не би сакала да го земе пивото, но притисокот што го чувствува е многу посилен отколку што мислеше. Тешко ѝ е да ја одбие — не затоа што е некој голем љубител на алкохол, туку затоа што Јулија ѝ е добра другарка, и не сака „да ја расипе забавата“. Освен тоа, Јулија важи за примерна девојка. Па, ако таа може да пие, зошто да не ѝ се придружи. ‚Тоа е само пиво‘, си вели Кети. ‚Не е дрога или неморал.‘

КОГА си млад, ти се чини дека имаш сто и едно искушение. Многу од нив се поврзани со спротивниот пол. „Девојките на училиште се нападни“, вели Роберт (17). * „Сакаат да те допираат и да видат до каде ќе им дозволиш да стигнат. Твоето ‚не‘ ништо не им значи!“ И Дејана (17) има слично искуство. „Еден дечко ми се приближи и ме прегрна“, вели таа. „Веднаш го плеснав по раката и му реков: ‚Што сум ти јас тебе? Кој ти дал за право да ме гушкаш?‘“

Можеби и тебе искушенијата ти се редат едноподруго. Еден христијанин вели: „Искушението е како некој што постојано ти чука на врата, иако на неа виси знакот: Не вознемирувај!“ Дали и тебе искушенијата ти чукаат на врата почесто отколку што би сакал? На пример, дали некоја од следниве работи е искушение за тебе?

□ Пушење

□ Алкохол

□ Дрога

□ Порнографија

□ Сексуален неморал

□ Друго ․․․․․

Ако си штиклирал нешто, немој да заклучиш дека од тебе не бидува христијанин. Ти можеш да научиш да ги контролираш погрешните желби и да им одолееш на искушенијата. Како? Добро е да сфатиш зошто некои работи се искушение за тебе. Ќе разгледаме три причини.

1. Несовршеност. Сите луѓе се несовршени и склони да грешат. Дури и апостол Павле, кој бил зрел христијанин, отворено признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21). Значи, дури и најпримерниот човек понекогаш станува свесен за „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јованово 2:16). Но, ако продолжи да размислува за нив, може само да си наштети, зашто Библијата вели: „Желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:15).

2. Надворешни влијанија. Искушенија има на секој чекор. Тамара вели: „Сите разговори се вртат околу сексот — и на училиште и на работа. Телевизијата и филмовите го прикажуваат во позитивно светло. Ретко се истакнати последиците!“ Тамара знае од лично искуство колку силно може да влијае тоа. „Кога имав 16 години, мислев дека го најдов вистинскиот“, се сеќава таа. „Мајка ми ме седна и ми рече дека, ако продолжам така, на крајот ќе останам бремена. Бев потресена што мајка ми помислила такво нешто за мене! Но, навистина забременив — и тоа за два месеци!“

3. „Желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Оваа фраза може да се однесува на секоја желба што е типична за младите како, на пример, големата потреба да бидат прифатени од врсниците или да бидат третирани како возрасни. Тие желби не се погрешни сами по себе, но ако не се контролираат, би можеле да ни отежнат да им одолееме на искушенијата. На пример, тоа што сакаш поголема слобода може да те наведе да ги отфрлиш добрите поуки од родителите. Токму тоа му се случило на Стефан кога имал 17 години. Тој вели: „Се бунтував против моите родители и, како за инает, го правев токму она што тие ми велеа да не го правам — и тоа кратко откако се крстив“.

Мора да признаеме дека сите овие влијанија се силни. Сепак, ти можеш да им одолееш на искушенијата. Како?

◼ Прво, откриј што е најголемо искушение за тебе. (Можеби веќе го стори тоа со помош на тестот на почетокот.)

◼ Потоа, прашај се: ‚Кога постои најголема веројатност да се најдам на вакво искушение?‘ Штиклирај една од овие можности:

□ На училиште

□ На работа

□ Кога сум сам

□ Во друга прилика

Ако знаеш кога постои веројатност да дојдеш во некакво искушение, би можел дури и сосема да го избегнеш. Земи ја за пример измислената ситуација спомната на почетокот од оваа статија. По што можеше Кети да заклучи дека на забавата на која појде нема да тече сѐ како што треба? Како можеше да избегне воопшто да се најде на искушение?

◼ Откако утврди 1) што е искушение за тебе и 2) кога постои најголема веројатност да се најдеш на такво искушение, време е за акција. Прво и основно е да испланираш како да ги намалиш шансите да се најдеш на искушение или сосема да го избегнеш. Идеите можеш да си ги запишеш на празните линии.

․․․․․

․․․․․

(Примери: Ако по часови редовно ги сретнуваш школските другари што упорно ти нудат да запалиш цигара, би можел да тргнеш по друг пат за да не ги сретнеш. Ако често ти се случува да налеташ на порнографија на Интернет, можеби ќе треба да инсталираш програми што ги блокираат таквите пораки и сите слични веб-страници. Исто така, кога пребаруваш, внесувај поконкретни зборови.)

Се разбира, не можеш да ги избегнеш сите искушенија. Можно е да налеташ на некое многу силно искушение, и тоа токму тогаш кога најмалку очекуваш. Што да сториш во такви моменти?

Биди подготвен. Кога ‚Сатана го искушувал‘, Исус отсечно го одбил искушението без да се мисли многу (Марко 1:13). Зошто? Бидејќи бил на чисто како ќе реагира кога ќе се најде на искушение. Размисли за тоа. Исус не бил робот. Тој можел да му се препушти на искушението. Но, веќе бил решен да му остане послушен на својот Татко во сѐ (Јован 8:28, 29). Кога рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“, Исус навистина го мислел тоа (Јован 6:38).

На празните линии напиши две причини зошто да му одолееш на искушението на кое најчесто наидуваш, и на кои два начина си решен да го сториш тоа.

1. ․․․․․

2. ․․․․․

Запомни — кога ќе му попуштиш на искушението, стануваш роб на своите желби (Тит 3:3). Зошто да им дозволиш на твоите нагони да те контролираат? Биди доволно зрел и контролирај ги ти нив, наместо тие тебе! (Колошаните 3:5).

[Фуснота]

^ Имињата во оваа статија се сменети.

РАЗМИСЛИ

◼ Дали совршените суштества можат да паднат во искушение? (1. Мојсеева 6:1-3; Јован 8:44).

◼ Каков ефект ќе има твојата верност врз другите ако решително му одолееш на искушението? (Изреки 27:11; 1. Тимотеј 4:12).

[Рамка на страница 27]

ЕКСПЕРИМЕНТ

Земи компас и намести го така што иглата ќе покажува кон север. А сега, земи магнет и стави го покрај компасот. Што се случува? Иглата повеќе не покажува кон север. Наместо тоа, свртена е кон магнетот.

Твојата совест е како тој компас. Ако ја научиш исправно да реагира, таа секогаш ќе покажува „кон север“ и ќе ти помага да донесуваш мудри одлуки. Но, исто како еден магнет, лошото друштво може толку силно да влијае врз тебе што повеќе не ќе можеш да точно да процениш што е добро, а што лошо. Која е поуката од овој пример? Обиди се да ги избегнуваш луѓето и ситуациите кои би можеле да ти го искриват чувството за исправно и погрешно (Изреки 13:20).

[Рамка на страница 27]

ПРЕДЛОГ

Размисли што ќе кажеш ако некој те тера да направиш нешто погрешно. Не грижи се. Не мора да се докажуваш дека си попаметен од другите. Честопати е доволно само кратко и јасно да ја одбиеш понудата. На пример, ако некој соученик ти понуди цигара, би можел да му кажеш: „Џабе ми нудиш. Јас не пушам!“

[Слика на страница 28]

Ако му се препуштиш на искушението, им стануваш роб на своите желби