Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Солзите на малата горила

Солзите на малата горила

Солзите на малата горила

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАМЕРУН

Питчу е горила родена во шумите на централна Африка. Кога имала околу една година, ловците ги убиле мајка ѝ и останатите горили во групата за да го продадат нивното месо. Бидејќи Питчу била премногу малечка, ја оставиле за да ја продадат како милениче. Во меѓувреме таа се разболела и постојано плачела.

ПИТЧУ е само една од илјадниците примати што останале без своите родители. Ваквата тажна ситуација настанала од неколку причини. Една причина е нелегалната трговија со месо од дивеч. Бидејќи побарувачката на ваков несекојдневен вид месо од страна на некои ресторани и приватни лица што уживаат да го јадат им носи заработувачка, ловците на примати дење-ноќе талкаат низ шумите во потрага по овие животни. Во исто време препродавачите ја координираат профитабилната, но илегална трговска мрежа и ги продаваат животните и месото не само на домашниот туку и на странскиот пазар.

Втората причина е прекумерната сеча. Кога се уништуваат шумите, животните остануваат без своето живеалиште, легло, скривалиште и извор на храна. Исто така, сечата и ловењето честопати меѓусебно си користат. Како? Еден фактор е тоа што патиштата кои се пробиваат при сечата им овозможуваат на ловците лесен пристап до жителите на шумата, кои, збунети од она што се случува и често без живеалиште, им стануваат лесен плен. Освен ловењето и прекумерната сеча, некои други причини се и порастот на населението, побарувачката на месо, ширењето на градовите и сѐ поефикасните методи на ловење, како и војните заради кои многу лесно се доаѓа до огнено оружје. Како последица на сето ова, на приматите и на некои други видови животни сѐ повеќе им се заканува опасноста од истребување, што би довело до таканаречениот синдром на празни шуми. Но, тоа не е единствениот проблем до кој би можело да дојде. Зошто? На пример, со тоа што го расејуваат семето, животните играат своја улога во одржувањето на здравјето и разноликоста на екосистемот на шумите. Затоа, ако се упропасти фауната (животинскиот свет), тоа може да се одрази и на флората (растителниот свет).

И покрај тоа, убивањето и понатаму продолжува. Во одредени делови на западна Африка, за само десет години, некои популации на примати станаа десетпати помали. „Ако продолжи ловот на забранети видови, наскоро во дивината ќе нема повеќе горили“, велат стручњаците во Камерун. *

Заштита на сирачињата

Во обид да ја ублажат оваа жална ситуација, организациите за заштита на природата, како што е Центарот за диви животни Лимби, сместен во подножјето на планината Камерун во супсахарска западна Африка, им помагаат на загрозените видови. Посетителите во овој Центар можат да набљудуваат горили, шимпанза, мандрили и тринаесет други видови примати, како и различни други животни. Во последниве години, Центарот им помогнал на речиси 200 животни што ги изгубиле родителите и останале без место за живеење, храна и ветеринарни услуги. Освен тоа, овој центар им помага на посетителите од Камерун, соседните земји и пошироко, чиј вкупен број во една од последниве години ја надмина бројката од 28.300, да сфатат колку е важно да ја чуваме природата.

Сето ова повторно нѐ враќа кај Питчу. Нажалени од плачот на малата горила, некои луѓе што ја виделе се загрижиле па ја купиле од ловците и ја однеле во Центарот. Веднаш била детално прегледана во амбулантата. Освен што преживеало траума, мајмунчето кашлало, било дехидрирано, неисхрането, имало дијареја и рани по кожата. Поради проблемите со кожата, му го дале името Питчу, што на тамошниот јазик значи „дамчест“. За среќа, Питчу добро реагираше на третманот па не беше потребна хируршка интервенција, која во Центарот се извршува ако има потреба.

Како што е вообичаено за животните што доаѓаат во Центарот, Питчу ги мина првите 90 дена во карантин. Потоа им се придружи на останатите 11 горили сместени во еден ограден простор под ведро небо, сличен на нивната природна животна средина. За персоналот беше многу мила глетката кога постарите горили го прифатија своето ново пријателче. Ова е чест случај и, како резултат на тоа, Питчу брзо се вклопи меѓу нив.

Блиските, пријателски контакти на животните со луѓето што се грижат за нив, градат блиски врски меѓу двете страни. Кога посетителот ќе види што сѐ се прави за животните во Центарот, сфаќа колкава морална одговорност ставил Бог пред човештвото кога им дал на првите луѓе да владеат над земјата и над животните (1. Мојсеева 1:28).

Што ги чека сирачињата?

Крајната цел на оваа програма за помош е згрижените животни повторно да бидат пуштени на слобода во дивината. Но, воопшто не е лесно да се дојде до овој чекор. Животните за кои се грижеле луѓето најчесто тешко успеваат да се снајдат препуштени сами на себе. Затоа голема е веројатноста дека ќе завршат на нечија трпеза. Неколку африкански земји се согласија да создадат прекугранични заштитени зони и да го подобрат раководењето со оние што веќе постојат. Многумина се надеваат дека тоа ќе овозможи да бидат ослободени животните што останале сирачиња и ќе обезбеди заштита, не само за приматите, туку и за останатите диви животни во регионот.

Во меѓувреме, по сѐ изгледа дека силите на спротивната страна — алчноста, сиромаштијата, брзиот пораст на бројот на населението и уништувањето на шумите — ќе продолжат да си земаат скап данок од приматите и од другите животни. Ако за кратко време не се зголеми заштитата, „бројот на дивите животни најверојатно драстично ќе опадне“, вели Феликс Ланкестер, раководител на еден проект во Центарот за диви животни Лимби. „На крај,.. животните на кои се трудиме да им помогнеме би можеле да изумрат во дивината.“

Колку жално! Но уште пожално е тоа што има и луѓе кои страдаат од неисхранетост и болести, а можеме да видиме и дечиња со подуени стомачиња и насолзени очи кои умираат од глад. Проблемот со мајмунчето Питчу е уште еден доказ за бедната состојба на денешниов свет — особено кога ќе се земе предвид колкава нееднаквост и неправда владее во него.

За среќа, нашиот Творец не е рамнодушен на она што се случува на Земјата. Многу скоро тој ќе ги искорени причините што водат до суровост, страдање и истребување и ќе воспостави трајна хармонија меѓу сите живи созданија (Исаија 11:6-9).

[Фуснота]

^ Стручњаците од полето на здравството предупредуваат дека ако луѓето се хранат со месо од дивеч, па дури и ако само го фаќаат, би можеле да се заразат од смртоносни болести како што се антраксот и еболата, а и со некои видови вируси слични на ХИВ.

[Слики на страници 22 и 23]

Питчу пред да оздрави и потоа

[Слика на страница 23]

Cercopithecus erythrotis

[Слика на страница 23]

Вид мандрил што се грижи за своето бебе

[Слика на страница 24]

Влезот во Центарот Лимби

[Слика на страница 24]

Грижа за Боло, горила што останал сираче

[Извор на слика на страница 23]

Сите фотографии на страница 22 и 23: Limbe Wildlife Centre, Камерун

[Извор на слика на страница 24]

Двете фотографии: Limbe Wildlife Centre, Камерун