Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Човек што одлучил да му биде послушен на Бог

Човек што одлучил да му биде послушен на Бог

Човек што одлучил да му биде послушен на Бог

ВО МРАЧНИТЕ денови на 1937, кога различните идеологии довеле до затегнатост во многу европски земји, вистинските христијани се соочувале со тешки одлуки. Дали да му бидат послушни на Бог или на луѓето? (Дела 5:29). Младите мажи што биле на возраст за регрутација знаеле дека за својата послушност кон Бог би можеле да платат со живот.

Антонио Гаргаљо бил 19-годишен Шпанец што стоел пред таков избор. Граѓанската војна во Шпанија траела веќе околу една година кога бил повикан за воена служба во националистичките сили на генерал Франко. Претходната година, Антонио се крстил како Јеховин сведок и го имал прочитано библискиот совет Божјите слуги да останат неутрални, па дури и да не се учат на војна (Исаија 2:4; Јован 17:16). Бидејќи не сакал да стане војник и да ги убива своите сонародници, Антонио се обидел да пребега во Франција. Но, бил фатен и одведен во касарната во Хака (Хуеска), во близина на француската граница.

Воениот суд го ставил пред јасен избор: Да земе оружје или да биде погубен. Антонио одлучил да му биде послушен на Бог. Кратко пред да го погубат, на мајка му и на сестра му, кои не биле Јеховини сведоци, им го напишал следново писмо:

„Ме уапсија, и без да ме сослушаат, ме осудија на смрт. Вечерва, мојот живот на земјата ќе заврши. Не вознемирувајте се и не плачете . . . бидејќи му останав послушен на Бог. Како и да е, мојата загуба не е голема затоа што, ако е Божја волја, ќе имам нов и подобар живот . . . Многу сум спокоен додека ми наближува последниот час. За последен пат ве прегрнува овој ваш син и брат кој многу ве сака“. a

Тројца војници известиле дека, додека чекорел кон губилиштето, Антонио пеел песни на фалба на Јехова. Таквите жртви не се незабележани од Бог или од неговиот Син. Можеме да бидеме уверени дека верните христијани, како што бил Антонио, ќе ја добијат својата награда преку воскресение (Јован 5:28, 29).

[Фуснота]

a Мајка му на Антонио никогаш не го добила неговото писмо, кое со децении било чувано во шпанската воена архива.