Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врховниот суд го прифаќа случајот

Врховниот суд го прифаќа случајот

Врховниот суд го прифаќа случајот

ВО ИЗМИНАТИВЕ ГОДИНИ, од повеќе од 7.000 барања, Врховниот суд прифатил само околу 80 до 90 случаи за формално писмено мнение — нешто повеќе од 1 процент!

Во мај 2001, Јеховините сведоци поднесоа до Врховниот суд молба за преиспитување на правосилната одлука, прашувајќи: „Дали според уставот религиозните министри што учествуваат во со векови старата библиска пракса да ги пренесуваат своите религиозни верувања од врата до врата се исто што и продавачите на трговска стока, и дали се обврзани да го почитуваат ограничувањето да набават дозвола од општината пред да можат да разговараат за Библијата или бесплатно да нудат библиска литература?“

На 15 октомври 2001, правното одделение на Watchtower беше известено дека Врховниот суд на САД прифатил повторно да го разгледа случајот Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc. и другите против селото Стратон и другите.

Судот го ограничи разгледувањето на случајот на едно конкретно прашање во врска со слободата на говорот, т.е. дали слободата на говорот загарантирана со првиот амандман го вклучува и правото луѓето да разговараат со другите за нешто без прво да треба да се легитимираат кај државните власти.

Сега за овој случај требаше усно да се расправа пред девет судии на Врховниот суд на САД. Сведоците беа застапувани од свои адвокати; а селото Стратон од сопернички тим адвокати. Како се одвиваа работите на судот?

[Рамка на страница 5]

ШТО Е ПРВИОТ АМАНДМАН?

„ПРВ АМАНДМАН (ОСНОВАЊЕ НА РЕЛИГИЈА; СЛОБОДА НА РЕЛИГИЈА, ГОВОР, ПЕЧАТ, СОБИРАЊЕ, ПОДНЕСУВАЊЕ МОЛБА). Конгресот нема да донесува закони во врска со основањето на некоја религија, ниту ќе забрани таа слободно да се практикува; нема да ја ускрати слободата на говорот или печатот; ниту правото на луѓето мирољубиво да се собираат, и да поднесуваат молби до владата за поволно решавање на жалби“ (Устав на САД).

„Првиот амандман е темелот на демократскиот процес во Соединетите Држави. Со првиот амандман му се забранува на Конгресот да донесува закони што би ја ограничиле слободата на говор, печат, на мирољубиво собирање или поднесување молби. Многу луѓе ја сметаат слободата на говорот за најважна слобода и темел на сите други слободи. Првиот амандман исто така му забранува на Конгресот да донесува закони кои би воделе до основање на државна религија или со кои би се ограничила верската слобода“ (The World Book Encyclopedia). Интересно, во случајот Кантвел против Конектикат, 310 U.S. 296 (1940), кој претставува една историска пресуда во која беа вклучени и Јеховините сведоци, Врховниот суд на САД одреди дека гаранциите што ги дава првиот амандман не само што му забрануваат на „Конгресот“ (федералната влада) туку и на локалните власти (државните и општинските) да донесуваат закони што неуставно ги повредуваат правата изнесени во првиот амандман.

[Слики на страница 5]

Овој судски спор влијае на различни облици на контактирање од врата до врата

[Извор на слика на страница 4]

Фотографија на Франц Јанцен, Collection of the Supreme Court of the United States