Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Осамената „дама“ на Босфорот

Осамената „дама“ на Босфорот

Осамената „дама“ на Босфорот

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ТУРЦИЈА

КАКО мајка што стои на прагот и ги чека своите сакани да се вратат, таа стотици години стои осамена и тажна на местото каде што Босфоровиот Проток се среќава со Мраморното Море (види ја картата). Поради брзите струи, брановите што удираат на карпестиот брег изгледаат како чипка на нејзиното здолниште. Од својата поволна положба, оваа „дама“ — Моминската кула — немо гледала како пред нејзините очи се одигрува историјата.

Низ вековите, таа видела бродови што тонат, војски што опустошуваат во крвави судири и разиграни веселби што се приредувале во палатата. Навистина, кога ќе се спомне Истанбул, првото нешто што на многумина им паѓа на ум е токму оваа кула, вистинско обележје на стариот град.

Тешко е да се објасни зошто оваа кула им е привлечна на толку голем број луѓе. Секоја вечер, додека сонцето полека заоѓа, на азискиот брег секогаш ќе се најде некој што стои со погледот вперен во Моминската кула зад која се оцртуваат контурите на Истанбул. Можеби е некој старец што се навраќа на своите спомени или некој млад човек — полн со надеж — што сонува за иднината. Или, пак, можеби некоја жена што ги изгубила своите сакани, си мисли дека и кулата ја чувствува нејзината осаменост. Турскиот поет Сунај Акин, кој честопати ја спомнува кулата во своите дела, еднаш рекол: „Најнеубавата глетка на Истанбул се пружа од Моминската кула зашто тогаш не можете да ѝ се восхитувате на нејзината убавина“.

Не е лесно да се открие историјата на кулата. Всушност, колку подлабоко копате во минатото на оваа „дама“ на Босфорот, се чини дека сѐ повеќе ја обвива превезот на традициите и легендите.

Раната историја на островот

Најраните податоци не се однесуваат на кулата туку на карпите на кои е изградена. Во 411 пр.н.е., за време на војните меѓу Атина и Спарта, Визант (денешен Истанбул) застанал на страната на Спартанците. Така, европскиот дел на Босфорот ѝ припаднал на Спарта, а азискиот на Атина. На крајот, Атина ја поразила Спарта, но извесно време не презела понатамошни чекори против Визант, задоволувајќи се со тоа што ја имала контролата над Босфоровиот Проток и со користа од таксите што ги плаќале бродовите кои минувале низ Протокот. Се смета дека атинскиот генерал и политичар Алкибијад изградил царинарница на карпите. Меѓутоа, никаде не се спомнува дека во тоа време таму имало кула.

Неколку години подоцна и Визант паднал под власта на Атина. Стравувајќи од заканите на цар Филип II од Македонија, Атина испратила 40 воени галии за да ја зајакне својата позиција во Визант. Заповедникот на флотата, адмирал Харес, ја повел со себе и својата сопруга, но подоцна таа се разболела и умрела во Крисополис (Искидар). Адмирал Харес ѝ подигнал олтар на својата сопруга и, како што вели легендата, го поставил на карпестото островче каде што подоцна била изградена Моминската кула.

Како опстанала кулата?

Според The Book of the Maiden’s Tower (Книга за Моминската кула) нешто што личело на кула за првпат било изградено на карпите за време на владеењето на Мануел I Комнен (1143—1180), кога била подигната една мала тврдина во која имало топови.

Откако во 1453 Истанбул бил освоен, малата тврдина останала и продолжила да се користи за воени цели. Подоцна ѝ бил додаден дрвен светилник, кој бил свртен кон Мраморното Море. По освојувањето на Истанбул, кулата гледала како со крв се испишуваат нови страници на човечката историја — бродови што се судирале во битки на Босфорот и војници што мавтале со своите мечеви биејќи се гради в гради. Товарните бродови што пренесувале барут и секакви други запалливи материи се нафрлале едни на други.

Низ годините, кулата се додржала и покрај разорните земјотреси и пожари сѐ додека, во 1720, не изгорела речиси до темел. Потоа Дамат Ибраим Паша повторно ја изградил од камен, додавајќи една мала округла кула која била обложена со олово и имала многу прозорци. Кога во 1829 избила епидемија на колера, кулата се користела како болница за карантин. Набрзо потоа, во 1832, за време на владеењето на Махмуд II, биле извршени последните поправки. Во 1857, Одборот за светилници ја презел кулата, а една француска компанија била задолжена да ја претвори во функционален светилник, кој целосно бил автоматизиран во 1920. Кулата продолжила да се користи како светилник уште речиси сто години.

За време на османлиите, кулата главно служела како светилник за да го покажува патот ноќе; меѓутоа, се користела и денски кога имало магла. Кога имало бура малите чамци наоѓале засолниште таму, врзувајќи ги своите јажиња за кулата за да не ги однесат брановите. За време на официјалните прослави, се пукало од топовите на кулата.

Одвреме навреме, османлискиот двор ја користел кулата и за други цели. Државните службеници што биле осудени на прогонство или смрт биле чувани во кулата која служела како попатна станица пред да бидат испратени на својот долг пат или во смрт.

Нејзината улога и понатаму се менува

По 1923 кулата престанала да се користи за службени цели и служела само како светилник. Во текот на тешките години на Втората светска војна, кулата била поправена, а внатрешната конструкција била зајакната со бетон. По 1965, кога кулата ѝ била предадена на морнарицата, извесно време служела како центар за воени комуникации. Потоа, во текот на втората половина на 20 век, се зголемил меѓународниот поморски сообраќај низ Босфорот, па сѐ повеќе и поголеми бродови минувале низ Протокот. Со доаѓањето на големите бродови завршило времето на тивка самотија за Моминската кула. По 1983, турската поморска управа ја користела кулата како средишен контролен пункт за регулирање на текот на сообраќајот низ Протокот.

На самиот почеток на 1989, една необична вест уште еднаш го свртела вниманието кон „дамата“ на Босфорот. „Моминската кула отруена“, гласел насловот на извештајот во кој се тврдело дека во кулата бил складиран цијанид, кој на бродоградилиштата се користи за уништување на штетници. Смртоносниот отров, кој претходно бил чуван во еден објект на пристаништето што неодамна бил срушен, бил складиран во кулата „зашто немало каде да се стави на друго место“. Така, осамената „дама“ на Босфорот била отруена. Што е уште полошо, забележал извештајот, да дошло до експлозија на цијанидот, тоа ќе било катастрофално за Истанбул. По осум месеци голем публицитет во печатот и на телевизија, ситуацијата конечно била решена кога контејнерите со цијанид биле преместени на друго место.

Не изненадило многу тоа што во мај 1992 една група поети отишле во Моминската кула и изјавиле дека со поддршка од градоначалникот сакаат да ја претворат речиси напуштената кула во културен центар. На крајот на краиштата, кулата веќе стотици години била инспирација за безброј поети и писатели. Наскоро потоа, кулата живнала со изложби на слики и фотографии, а биле одржани и голем број концерти. Во тој краток период, кулата била прогласена за „република на поезијата“.

Моминската кула денес

Со цел кулата да се отвори за посетители, во 1999 беа извршени големи поправки. Потоа беше дадено известување дека следната година, како дел од еден туристички проект, кулата ќе биде отворена како ресторан и културен центар. Денес за посетителите и туристите има кафетерија, бар, тераса за набљудување и продавница за сувенири. До кулата може да се дојде со мали бротчиња што тргнуваат од различни места во Истанбул.

Мора да се признае дека оваа реставрација во комерцијални цели не наиде на добар прием кај многумина. Сепак, Моминската кула не изгуби ни малку од својот шарм. Ако некогаш патот ве одведе во Истанбул, не пропуштајте да ја посетите Моминската кула. Ќе можете да уживате во градината на некоја од многуте чајџилници на азиската страна на Истанбул каде што, додека си потпивнувате од чајот, ќе можете да се насладувате во незаборавната глетка на Босфорот и Моминската кула. Тогаш, барем за момент, можеби ќе се присетите на долгата историја на оваа шармантна „дама“ на Босфорот.

[Карти на страница 25]

(Види во публикацијата)

ТУРЦИЈА

ИСТАНБУЛ

МРАМОРНО МОРЕ

Босфоров Проток

ЦРНО МОРЕ

[Слика на страница 25]

Литографија, 19 век

[Слика на страница 26]

Ресторан

[Слика на страница 26]

Дурбин за набљудување