Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каква е иднината на религијата?

Каква е иднината на религијата?

Каква е иднината на религијата?

ОЖИВУВАЊЕТО на религијата во земјите на поранешниот Советски Сојуз беше драматично. Само во Русија, 50 проценти од населението сега се декларираат како православни, а милиони се следбеници на други религии. Исламот, јудаизмот и будизмот спаѓаат во одамна втемелените религии, а и Јеховините сведоци таму имаат долга историја.

Уште во 1891, во Кишинев (Русија, сега Молдавија), имало претставници на Библиските студенти, како што беа познати Јеховините сведоци пред 1931. Таму одржувале состаноци со соверниците. Во 1928, Џорџ Јанг, специјален претставник на Библиските студенти, имал средба со советските службеници во Москва (Русија) со цел да побара дозвола да издава библиска литература во Советскиот Сојуз. Подоцна, Сведоците станаа добро познати како резултат на советските обиди да ги елиминираат.

Пред десетина години, кога Советскиот Сојуз ненадејно се распадна, луѓето почнаа да се прашуваат: ‚Зошто Советите се обидоа да ја елиминираат религијата?‘ Мнозина од оние што со децении беа индоктринирани со атеизам, станаа љубопитни во поглед на тоа што може да понуди религијата. Би можела ли Библијата, која беше потиснувана како забранета литература, навистина да содржи одговор за проблемите со кои се соочува човештвото? Русите почнаа самите да го истражуваат тоа.

Еден поинаков религиозен проблем

Интересот за Библијата што го покажаа толку многу луѓе создаде еден поинаков религиозен проблем во поранешниот Советски Сојуз. Весникот Guardian од Лондон (Англија), минатата година забележа: „,Војната против Бог‘ можеби заврши, но само една деценија по понижувачкиот пораз на првата закоравена атеистичка држава во светот, во Русија можеби само започнува една нова верска студена војна“. Каква е оваа таканаречена верска студена војна за која зборува овој весник?

Како што беше забележано во нашата претходна статија, руската православна црква работеше рака под рака со советските лидери за да опстане и за да добие некои привилегии. The Guardian го опишува продолжувањето на таквиот однос, објаснувајќи: „Исто така, во текот на изминатите 10 години црквата создаде еден непријатно близок однос со нереформираната држава од која некогаш беше потиснувана, редовно поддржувајќи ја руската влада (како тогаш кога патријархот ја поддржуваше војната во Чеченија) и стекнувајќи за возврат значително политичко влијание“.

Los Angeles Times од 10 февруари 1999 го насочи вниманието на спроведувањето на политичкото влијание на црквата кога коментираше за Законот за слободата на совеста и религиозните заедници. Los Angeles Times рече дека овој закон, потпишан од тогашниот претседател Борис Јелцин во септември 1997, беше „промовиран од руската православна црква“. Овој закон ѝ го даде на црквата посакуваниот статус на „традиционална“ религија, паралелно со исламот, јудаизмот и будизмот. Меѓу другото, со него се бараше религиозните организации во Русија да бидат одново регистрирани.

The New York Times од 11 февруари 1999 извести дека по усвојувањето на овој закон „православната црква го задржа притисокот врз своите ривали“. Times додаде: „Минатиот август, Алексеј II, патријархот на руската православна црква, побара да се забранат верите што прозелитизираат, особено оние што се обидуваат да ги одвратат луѓето од ‚религиите на нивните татковци‘“. Оттогаш продолжија обидите да се забранат таканаречените вери што прозелитизираат, а тоа доведе до она што е наречено „верска студена војна“.

Една од целите

Јеховините сведоци беа една од главните цели на нападот што го предводеше руската православна црква. На 20 јуни 1996, канцеларијата на московскиот обвинител почна да разгледува една парница покрената од антикултниот Комитет за заштита на младите од лажните религии. Иако случајот беше постојано прекинуван заради недостиг на докази за криминално однесување од страна на Сведоците, секогаш беше повторно отворан.

Во меѓувреме, Сведоците станаа предмет на бран од пропаганда. Komsomolskaya Pravda, руски весник со тираж од 1.200.000 примероци, во своето издание од 21 ноември 1998 забележа: „Во период од само две години, руската православна црква издаде повеќе од десет книги, брошури и книги ‚посветени‘ на јеховистичката заедница“. Зошто црквата се фокусираше на обидот да ги озлогласи Сведоците?

„Веројатно“, продолжи Komsomolskaya Pravda, „тоа е првенствено затоа што само во текот на изминатите седум години бројот на членови на оваа организација се зголеми десетпати, а руската православна црква, како и секоја хиерархиска организација, не сака конкуренти.“

Во почетокот на 1999, кога судскиот случај против Сведоците повторно беше отворен, кон него беше свртено вниманието на светот. Еден ударен наслов на New York Times од 11 февруари гласеше: „Московскиот суд ја одмерува забраната на Јеховините сведоци“. Статијата забележа: „Случајот што сега е пред московскиот граѓански суд, кој се води во една мала судница, внимателно го набљудуваат групи за верски и човекови права како прв значаен обид да се употреби [Законот на слободата на совеста и религиозните заедници] за да се ограничи обожавањето“.

Људмила Алексеева, претседател на Меѓународната хелсиншка федерација, објасни зошто судењето на Сведоците беше внимателно набљудувано. Таа рече дека, ако оние што се обидуваат да ги потиснат Јеховините сведоци „се успешни во овој случај“, тогаш „ќе се чувствуваат слободни да ги нападнат другите групи“ кои исто така се означени како нетрадиционални религии. Меѓутоа, судењето повторно беше прекинато на 12 март 1999. Но, следниот месец, на 29 април, руското министерство за правда издаде потврда за регистрација на „Административниот центар на Јеховините сведоци во Русија“.

И покрај ваквото признание од владата, нападите против Сведоците и против другите верски малцинства продолжија и во Русија и во другите бивши советски републики. Лоренс Узел, директор на институтот Кестон во Оксфорд (Англија), забележа дека „секогаш се исплати да се набљудуваат Јеховините сведоци“ бидејќи она што им се случува служи „како ран предупредувачки сигнал“. Впрочем, станува збор за виталните верски слободи на десетици милиони луѓе!

Нападот е неоправдан

Во првиот век, главните свештеници и другите верски водачи ги прогонувале Исусовите следбеници (Јован 19:15; Дела 5:27—33). Како резултат на тоа, за христијанството било речено: „За оваа секта навистина знаеме дека насекаде се зборува против неа“ (Дела 28:22). Затоа, не треба да се изненадиме што вистинските христијани денес исто така се обвинувани, како што е случај со Јеховините сведоци.

Сепак, откако ги истражил доказите против раните христијани, Гамалиил, прочуен фарисеј и учител на Законот, советувал: „Не чепкајте ги овие луѓе, туку оставете ги; (зашто, ако оваа замисла или ова дело е од луѓе, ќе пропадне; но ако е од Бог, не ќе можете да ги уништите;) инаку би можеле да се најдете како борци против самиот Бог“ (Дела 5:38, 39).

И денешните критичари вршат внимателни истражувања во врска со Јеховините сведоци. Со какви резултати? Сергеј Благодаров, кој и самиот се исповеда како православен, забележал во Komsomolskaya Pravda: „Подолго од сто години, ниту една земја во светот не можеше да ги докаже ниту криминалните дела од страна на членовите на оваа заедница ниту, пак, илегалноста на нејзиното постоење“.

Каква е иднината на религијата?

Библијата зборува за „чиста религија“, односно ‚обожавање кое е чисто и неизвалкано‘ (Јаков 1:27а; видете и King James Version). Како што е забележано во претходната статија, Библијата го опишува светското царство на лажната религија како „големата блудница . . . со која царевите на земјата извршија блуд“. За оваа симболична религиозна блудница — „Големиот Вавилон“ — се вели дека е „пијана од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци“ (Откровение 17:1—6).

Колку соодветно овој опис одговара на религијата што тесно соработувала со политичките лидери во светот за да ја зачува својата привилегирана положба! Сепак, иднината на оваа голема симболична блудница е запечатена. „Во еден ден“, вели Библијата, „ќе дојдат нејзините неволји, смрт и тага и глад, и ќе биде потполно изгорена со оган, зашто е силен Јехова Бог кој ја осуди.“ Не е чудно што ангелското предупредување е итно: „Излезете од неа . . . ако не сакате да примите дел од нејзините неволји“! (Откровение 18:4, 7, 8).

Кога ученикот Јаков ја опишал ‚чистата религија‘, тој открил дека таа е „без дамка од светот“ (Јаков 1:27б). Освен тоа, Исус Христос рекол за своите вистински следбеници: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Според тоа, можете ли да видите зошто Јеховините сведоци се чуваат од корумпираните влијанија на политичките работи на овој свет? Тоа го прават заради својата целосна доверба во библиското ветување: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).

[Слики на страница 15]

Судењето што се одржа во Москва во февруари 1999. Одбраната (лево), судијата (во средина) и обвинителите (десно)

[Слика на страница 15]

Во Библијата е опишана иднината на сите религии