Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Иако сум глува и слепа, најдов сигурност

Иако сум глува и слепа, најдов сигурност

Иако сум глува и слепа, најдов сигурност

РАСКАЖАЛА ЏЕНИС АДАМС

Уште од раѓање сум речиси глува, но сепак научив да се снаоѓам со луѓето што слушаат. Потоа, додека бев на колеџ, бев шокирана кога дознав дека ќе ослепам. Мојот добронамерен советник на колеџот ми даде една статија за тоа како да се живее без вид и слух. Моите очи веднаш застанаа на реченицата дека оние што се глуви и слепи се најосамените луѓе во светот. Се расплакав.

РОДЕНА сум во Де Мојн (Ајова, САД), на 11 јули 1954, единственото дете на Дејл и Филис Ден Хартог. Моите родители не знаеја дека се носители на едно генетичко заболување познато како Ашеров синдром, кое се карактеризира со вродена глувост и прогресивно губење на видот.

Во почетокот, моите родители не ни помислуваа дека кај мене има некој проблем. Можеби ова беше така затоа што сѐ уште можев да слушам ниски фреквенции и понекогаш реагирав на звуци. Меѓутоа, бидејќи не почнав да зборувам, знаеја дека нешто сериозно не е во ред. Лекарот конечно дијагностицираше дека сум глува кога имав отприлика три години.

Оваа вест ги сруши моите родители. Сепак, тие беа одлучни да го добијам најдоброто можно образование. Ме запишаа во една одлична предучилишна установа за деца со оштетен слух. Но, бидејќи бев речиси глува, поминав со многу лош успех. Понекогаш фрустрацијата ја искажував удирајќи ја главата од ѕид.

Ме испраќаат во специјално училиште

Моите родители одлучија да ме запишат во Централниот институт за глуви во Сент Луис (Мисури). И покрај големите финансиски трошоци и длабоката болка затоа што заминував од дома на возраст од пет години, тие мислеа дека тоа ми беше најголемата надеж за успешен, среќен живот. Во тоа време моите родители и јас навистина не можевме да комуницираме.

Гледав како мајка ми ги пакува моите алишта во куфер. Патувањето со автомобил ми се чинеше бескрајно. Се сеќавам дека во Институтот видов и други девојчиња без своите мајки и си помислив: ‚Ох, јас нема да треба да останам овде затоа што имам мајка и татко‘. Кога дојде време моите родители да си заминат, се обидоа да ми објаснат дека ќе се вратат по неколку месеци. Не можев да престанам да плачам и грчевито се држев за нив, но воспитачката ме оттргна за да можат да си заминат.

Се чувствував напуштена. Оставена сама со другите девојчиња првата ноќ во училиштето, се обидов да утешам едно уплакано девојче преправајќи се дека ѝ зборувам, иако тогаш воопшто не можев да зборувам. Воспитачката ме искара и стави преграда меѓу нас за да не се обидуваме да комуницираме. Оттогаш тој ѕид остана. Изолацијата ме убиваше.

Постепено сфатив дека сите сме таму затоа што не можевме да слушаме. Можеби моите родители сепак ме сакаа, но си мислев дека јас сум виновна затоа што не успеав во забавиште. Одлучив овој пат да успеам и еден ден да му се вратам на моето семејство.

Образованието во Институтот беше одлично. Иако не ни беше дозволено да користиме знаковен јазик, секој од нас поединечно беше добро поучен да чита од усни и да зборува. Ги имавме сите предмети што се учеа во редовно училиште. Иако мислам дека оралниот пристап, како што се нарекува, не е многу успешен кај голем број деца што се глуви, кај мене беше делотворен и тоа ми влеа чувство на успех. Со моите помагала за слушање научив да „читам“ од усните и од пригушените звуци на говорот на другите луѓе. Повеќето луѓе со нормален слух почнаа да го разбираат мојот подобрен, иако несовршен говор. Моите родители и училиштето беа многу задоволни од мојот успех. Сепак, сѐ уште копнеев да се вратам дома.

Секој летен распуст ги молев родителите да ме остават дома и да одам на училиште во Ајова, но таму сѐ уште немаше локални програми. Откако ќе се вратев на училиште, мајка ми секој ден ми праќаше писма и внатре ставаше по една гума за џвакање. Колку само ми значеше таа гума заради љубовта што стоеше зад неа! Наместо да ја џвакам, ја чував и особено ми значеше кога бев потиштена.

Повторно дома, но се појавуваат проблеми

Конечно, кога имав десет години, моите родители ме вратија дома. Многу бев среќна и се чувствував многу сигурна покрај моето семејство! Се запишав во едно локално училиште во Де Мојн, специјализирано за деца со оштетен слух. Конечно ме префрлија во редовните одделенија затоа што доста добро читав од усни и веќе можев разбирливо да зборувам. Сепак, во мојата нова ситуација се соочив со многу предизвици.

Во домот на Институтот, се чувствував прифатена од моите глуви врсници. Но сега, кога требаше да комуницирам со повеќе од едно лице истовремено, моите вештини на читање од усни не беа доволни да бидам во чекор со брзото комуницирање. Затоа ме отфрлаа. Очајно сакав да бидам прифатена!

Како резултат на тоа, настојував да бидам одобрена од момчињата на тинејџерска возраст, поради што западнав во компромитирачки ситуации. Не знаев како да речам не. Кога имав 14 години ме силуваа; но не кажав никому за тоа. Иако моите родители секогаш беа грижливи и полни со љубов, се чувствував изолирана и изгубена.

Со моите помагала за слушање, донекаде можев да уживам во музиката, но мојот избор на музика беше сомнителен. Слушав гласен рок со наркомански текстови. Почнав редовно да земам марихуана и сѐ повеќе се повлекував во себе. Сѐ уште многу жалам кога ќе се сетам на она што го правев тие бурни години и за болката што си ја нанесов себеси и на моето семејство.

Обиди да си го подобрам животот

Во тој период чувствував постојана жед за учење и желба да бидам креативна. Постојано читав, сликав, шиев и везев. Сакав нешто повеќе од животот, а не само она што им го носеше иднината на моите пријатели, кои беа зависни од дрога. Затоа се запишав на редовен колеџ во близина на мојот дом за да се школувам за тоа што ме интересираше — уметноста. Некаде во тоа време одлучив да научам знаковен јазик затоа што бев фрустрирана што без запоставена во друштвото.

Со текот на времето се префрлив на Државниот технички институт за глуви во Рочестер (Њујорк) за да специјализирам керамика. Иако видот постојано ми слабееше — факт што некако одбивав да си го признаам — чувствував дека мојот живот оди во исправна насока. Но, тогаш мојот советник од колеџот ме соочи со реалноста кажувајќи ми дека наскоро ќе ослепам.

Таа установа не беше добро подготвена за да ги задоволи моите потреби и затоа морав да ја напуштам. Што да правам сега? Иако бев тажна поради тоа што наскоро ми претстоеше слепило, бев одлучна да најдам начин да живеам без да зависам од другите и да не завршам како ‚една од најосамените луѓе во светот‘, како што стоеше во статијата што ми ја даде советникот. Се вратив дома во Ајова за да научам да читам Брајово писмо и да користам бастун за да се движам.

Преселба во Вашингтон

Универзитетот Галодет во Вашингтон, кој во светот беше единствениот колеџ за слободни уметности специјализиран за глуви, имаше посебни служби за глувослепи студенти. Се преселив таму и почесно дипломирав во 1979. Повторно се чувствував добро што успеав во академски поглед.

Сепак, сѐ уште се чувствував друштвено изолирана од моите врсници. Лишена од многу работи заради изгубениот вид, научив знаковен јазик токму навреме за да се почувствувам дека припаѓам на една група, Друштвото на глувите. Знаковниот јазик што го користам јас е истиот што го користат и другите глуви. Меѓутоа, бидејќи мора да ги допирам нивните раце за да ги разберам, некои глуви луѓе ме избегнуваа затоа што се чувствуваа непријатно. Почнав да се прашувам дали некогаш некоја група луѓе вистински ќе ме прифати.

Потрага по вистинската религија

Религијата не ми даде никаква утеха додека растев. На колеџ, иако одев на часови по веронаука, никогаш не добив одговор на моите многубројни прашања. Откако дипломирав на колеџ, продолжив да ги барам одговорите. Во тоа време не бев среќна во моите меѓучовечки односи и затоа почнав да го молам Бог за водство.

Во 1981 се вратив на Универзитетот Галодет за да магистрирам во областа на рехабилитационото советување. Продолжив да се молам за помош да ја најдам вистинската црква. Неколку луѓе се понудија да ме одведат во нивните цркви, но од една или од друга причина, не го сторија тоа. Тогаш го запознав Бил, кој можеше да слуша нормално и исто така дипломираше. Сосема случајно открив дека и двајцата сме заинтересирани за Библијата и ми рече дека од Јеховините сведоци дознава чудесни работи.

Мојот прв впечаток беше дека Јеховините сведоци се некаков еврејски култ, мислење што открив дека е вообичаено за голем број глуви луѓе. Бил ме увери дека тие не се култ и рече дека најдобар начин да дознаам нешто за нив е да појдам на некој од нивните состаноци. Навистина не сакав да одам, но се сетив на мојата молитва. Колебливо се согласив, под услов да седиме на последниот ред за да можеме да избегаме ако ни вршат некаков притисок.

Се чувствував како дома

Многу бев нервозна додека се возевме за да појдеме на состанокот. Двајцата носевме фармерки и памучни маички. Се радував што задоцнивме малку бидејќи не моравме да се помешаме со другите пред состанокот. Бил детално ми интерпретираше сѐ што не можев да видам ниту да чујам. Иако не разбирав сосема што се случува, бев импресионирана од две работи: говорникот често ја користеше Библијата, и децата, кои седеа со своите родители, активно учествуваа на состаноците. По состанокот, далеку од тоа да бидеме ставени под притисок, срдечно нѐ поздравуваа и покрај нашата облека и поинаква раса.

Ние бевме единствените двајца белци во Салата на Царството. Иако не бев свесна дека имам предрасуди кон црнците, на почетокот не се чувствував пријатно што сум таму. Меѓутоа, пораката на библиската вистина беше премногу силна за да дозволам неудобноста да ме запре. Почнавме редовно да одиме на состаноците. За мене беше уште поголем предизвик тоа што немаше глуви луѓе во тоа собрание. Затоа, кога чувме дека и во едно друго собрание одат глуви лица, почнавме да одиме таму. И во ова ново собрание ние бевме единствените белци. Сепак, се чувствувавме како дома.

Прифативме кога ни понудија библиска студија. Конечно, добивав одговор на моите прашања. Не ги разбирав секогаш веднаш одговорите, но тие беа библиски. Со повеќе истражување и длабоко размислување, на крајот ги сфатив библиските вистини. Првпат во мојот живот, го почувствував близок Јехова како вистински Бог. Во исто време, Бил и јас станавме блиски пријатели. Знаев дека му се допаѓам, но се изненадив кога ме побара за жена. Среќна сум што се согласив. Бил се крсти кратко по нашата венчавка, а јас се крстив неколку месеци подоцна, на 26 февруари 1983.

Ја пронајдов сигурноста што ја барав

На почетокот се плашев дека ќе бидам изолирана затоа што во нашето собрание имаше само уште двајца глуви и тие не знаеја да комуницираат со некого што е и глув и слеп. Знаев дека нашето собрание беше полно со љубов и срдечно, но сепак на почетокот не можев директно да комуницирам со нив. Ова ме растажи. Многу пати се чувствував обесхрабрена и осамена. Меѓутоа, љубезната постапка на некој духовен брат или сестра ме трогнуваше во срцето и ме подигаше во духот. Бил исто така ме охрабруваше да истраам во службата и да го молам Јехова за повеќе глуви лица да се поврзат со собранието.

Одлучив да си набавам куче водич за да можам да бидам посамостојна. Исто така, кучето ми помогна да ги отстранам чувствата на изолираност. Кога Бил беше на работа, можев да појдам пеш до Салата на Царството за да се состанам со групата што одржуваше состанок за христијанска служба. Низ годините имав четири кучиња водичи и секое беше како член на семејството.

Иако кучето водич ми беше од помош, јас копнеев по повеќе контакти со луѓе. Со текот на времето, Јехова ги благослови нашите напори да подбудиме интерес за библиска студија кај глувите. Интересот толку се зголеми што се оформи едно собрание на знаковен јазик во Вашингтон. Конечно, можев да комуницирам со секој член на собранието!

Бил се квалификуваше да служи како старешина и беше наименуван за претседавачки надгледник на собранието на знаковен јазик. Ми причинуваше големо задоволство да водам библиски студии со други глуви или глувослепи луѓе, а многу од нив сега верно му служат на Јехова. Исто така, ги поучував знаковен јазик сестрите што слушаат за да можат да бидат поделотворни во службата кај глуви луѓе.

Време на испит

Во 1992, западнав во тешка депресија поврзана со злоупотребата што ја доживеав кога бев млада. Неколку години едвај можев да функционирам. Се чувствував хендикепирана — не заради мојата глувост или слепило — туку заради силниот емоционален метеж. Честопати мислев дека нема да можам да поднесам да одам на состанок или во служба и го молев Јехова да ми дале сила да го задржам интегритетот. Како резултат на тоа, ретко пропуштав состанок и останав редовна во службата во текот на тие мрачни години (Матеј 6:33).

Во 1994 се преселивме во Ванкувер (Британска Колумбија, Канада) за да помогнеме во формирањето на уште едно собрание на знаковен јазик. Не ни беше лесно да се преселиме. Зад себе оставив познат град со многу драги пријатели. Иако сѐ уште не ја имав надминато депресијата и тегобната грижа, радоста што видов дека се оформи ново собрание во Ванкувер направи да се исплатат сите жртви. Во новото собрание стекнав драги пријатели, така што почнав да се чувствувам како дома.

Благословени од нашиот татко полн со љубов

Во 1999, мојот сопруг, јас и уште двајца други Сведоци поминавме шест седмици на Хаити за да помогнеме во службата меѓу глувите. Во соработка со канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци таму, им дававме часови по знаковен јазик на членовите на собранието и проповедавме со нив на релативно необработеното подрачје со глуви лица. За неколку седмици, беа започнати повеќе од 30 библиски студии со заинтересираните глуви! Се вратив дома со обновен духовен елан и почнав со полновремена служба како пионер во септември 1999. Со помош на Јехова, мојот драг сопруг и собранието што ме поддржува, нападите на депресија не ми ја одзедоа радоста.

Низ годините искусив колкава нежна наклоност има Јехова (Јаков 5:11). Тој се грижи за целиот свој народ — но особено за оние со посебни потреби. Преку неговата организација, добив Превод Нов свет на Светото писмо и многу други публикации за проучување на Библијата на Брајово писмо. Уживам на конгреси и собири на знаковен јазик. Собранието со љубов ме поддржува во интерпретацијата преку допир така што сум целосно вклучена на сите состаноци. И покрај двојниот хендикеп, најдов сигурност меѓу Јеховиниот народ. Не само што примам од другите туку можам и да дадам, и тоа ми причинува огромна радост (Дела 20:35).

Едвај чекам во Јеховиниот нов свет да ми се вратат слухот и видот. Во меѓувреме, јас не сум една од најосамените луѓе во светот, туку во целиот свет имам семејство од милиони духовни браќа и сестри. Сето тоа е благодарение на Јехова, кој ветил дека никако нема да ме остави и воопшто нема да ме напушти. Да, и покрај сите предизвици, можам да речам: „Јехова е мој помошник; нема да се плашам“ (Евреите 13:5, 6).

[Слика на страница 23]

Знаковен јазик со допирање на рацете

[Слика на страница 23]

Со мојот сопруг, Бил, денес