Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живите мозаици во Монтреал

Живите мозаици во Монтреал

Живите мозаици во Монтреал

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА

ОД 19 јуни до 9 октомври 2000, прекрасниот град Монтреал (Канада) беше домаќин на првата меѓународна изложба на цветни скулптури, Интернационална мозаикултура Монтреал 2000 (ИММ 2000). На темата „Планетата е мозаик“, беа поканети уметници од 14 земји да осмислат и да направат стотина цветни експонати.

Дводимензионални цветни мозаици — во кои се користат растенија за да се создаде слика — со векови ги краселе јавните паркови. Меѓутоа, во текот на изминатите 50 години, хортолози од Кина, Европа и од други места создадоа тродимензионални скулптури обложувајќи метални рамки со внимателно избрани растенија. Комбинирајќи ги обата вида мозаици во една изложба, организаторите на ИММ 2000 го оживеаја терминот „мозаикултура“ — кој првобитно се користел за да се опишат цветните леи во Франција — и го применија на дводимензионалните и на тродимензионалните цветни скулптури. Сѐ на сѐ, околу три милиони посебно избрани растенија се употребија за ИММ 2000. За да се полеваат и да се одржуваат живите мозаикултури, беше потребен талентот на 68 хортолози и градинари.

Кинеските мозаици беа особено интересни, бидејќи нивните креатори испреплетоа мешавина од глина, коњско ѓубриво и оризова слама околу металната рамка на тродимензионалната скулптура. Тие користеа и ситни растенија со мали коренчиња, за кои е потребно многу малку почва.

Секој уметник што учествуваше на ИММ 2000 се надеваше дека ќе победи на натпреварот. Но, повеќето посетители беа задоволни едноставно да се восхитуваат на иновативниот дизајн и спектакуларната убавина на секој мозаик. „Ова навистина е уметничко дело“, коментираше Лин Дурансо, директор на меѓународниот натпревар. „Како да е некој мал музеј. Многу се гордееме со исходот.“

[Слики на страници 24 и 25]

Горе: Скулптура на панда (Кина)

Средина: Древна палата (Тајланд) и една пеперуга (Кина)

Долу: Диви патки (Квебек, Канада)

[Слики на страница 25]

Горе: Цветна скулптура на едно дело на Винсент Ван Гог (Канада); паун (Франција)