Дела на апостолите 28:1-31
28 Кога стигнавме на безбедно, дознавме дека островот се вика Малта.+
2 Жителите на островот, кои зборуваа на свој јазик,* ни покажаа несекојдневна љубезност.+ Запалија оган и, бидејќи врнеше дожд и беше студено, ни излегоа во пресрет со тоа што нѐ примија сите нас.+
3 А Павле собра нарамник гранки и ги стави во огнот. Наеднаш, поради топлината, излезе отровница, го касна за раката и остана така да виси.
4 А жителите на островот,* кога видоа дека змија му виси на раката, почнаа да велат меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се избави од морето, но правдата не му допушта да живее“.
5 Но тој ја истресе змијата во огнот и ништо не му се случи.+
6 А тие очекуваа да отече или одеднаш да падне мртов. Кога по долго чекање видоа дека ништо лошо не му се случува, го сменија мислењето и почнаа да велат дека тој е бог.+
7 Недалеку од тоа место се наоѓаше имотот на управителот на островот, кој се викаше Публиј. Тој гостољубиво нѐ прими и три дена пријателски се грижеше за нас.
8 А таткото на Публиј го мачеше треска и дизентерија, па лежеше. И Павле влезе кај него, се помоли, ги положи рацете врз него+ и го излекува.+
9 Откако се случи тоа, почнаа да доаѓаат кај него и други болни луѓе од островот, и тие беа излекувани.+
10 И ни укажаа многу почести, а кога заминувавме, нѐ обезбедија со сѐ што ни беше потребно.
11 По три месеци отпловивме со александриски брод,+ кој беше презимил на островот и на клунот го имаше знакот на Диоскур.*
12 Допловивме во Сиракуза и останавме таму три дена.
13 Оттаму испловивме и стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветар, па на вториот ден стигнавме во Путеоли.
14 Таму најдовме браќа кои нѐ молеа да останеме со нив седум дена. И така стигнавме близу до Рим.
15 Кога тамошните браќа ги слушнаа вестите за нас, ни дојдоа во пресрет до Апиевиот плоштад и до Трите гостилници. Кога ги здогледа, Павле му заблагодари на Бог и се охрабри.+
16 А кога влеговме во Рим, на Павле му беше дозволено+ да живее посебно, со војникот што го чуваше.
17 По три дена ги повика водечките Евреи. Кога се собраа, им рече: „Луѓе, браќа, не сум направил ништо против народот, ниту против обичаите на нашите прататковци,+ а сепак ме фатија во Ерусалим и ме предадоа во рацете на Римјаните.+
18 По испрашувањето+ тие сакаа да ме пуштат,+ бидејќи на мене немаше ништо со кое би заслужил смрт.+
19 Но, бидејќи Евреите се противеа на тоа, бев принуден да се жалам пред цезарот,+ но не затоа што сакав да го тужам за нешто својот народ.
20 Токму поради тоа и молев да ве видам вас и да разговарам со вас, бидејќи поради надежта+ на Израел го имам овој синџир на себе“.+
21 А тие му рекоа: „Ние за тебе не сме примиле никакви писма од Јудеја, ниту некој од браќата што стигнаа ни јавил или ни рекол нешто лошо за тебе.
22 Но би сакале од тебе да чуеме што мислиш, бидејќи ни е познато дека насекаде се зборува против+ оваа секта“.+
23 И договорија со него ден, и дојдоа во уште поголем број во неговата куќа. И тој им зборуваше и темелно им сведочеше за Божјето царство+ и им изнесуваше уверливи докази за Исус од Мојсеевиот закон+ и од Пророците,+ од утро до вечер.
24 И некои поверуваа+ во неговите зборови, а други не веруваа.+
25 А бидејќи не беа сложни меѓу себе, почнаа да се разотидуваат, но Павле им го напомена уште и ова:
„Добро им зборуваше светиот дух на вашите прататковци преку пророкот Исаија:
26 ‚Оди кај тој народ и речи: „Со ушите ќе слушате, но нема да разберете, и со очите ќе гледате, но нема да видите.+
27 Зашто, срцето на овој народ е неприемливо, и со ушите слушаат, но не се оѕиваат, и ги затвораат очите, за да не видат со очите и да не слушнат со ушите и да не разберат со срцето и да не се обратат и да не ги излекувам“ ‘.+
28 Затоа, знајте дека веста за оној преку кого Бог донесува спасение им се испраќа на незнабошците,+ и тие ќе ја послушаат“.+
29 * ——
30 Така остана полни две години во куќата што ја изнајми,+ каде што со задоволство ги примаше сите што доаѓаа кај него
31 и им го проповедаше Божјето царство и поучуваше за Господарот Исус Христос со сета слобода+ и без никакви пречки.
Фусноти
^ „Жителите на островот, кои зборуваа на свој јазик“ — буквално: „Варварите“.
^ Или: „Оние што зборуваа на странски јазик“. Буквално: „Варварите“.
^ Односно на Зевсовите синови близнаци Кастор и Полукс.